Костовски: Законот за јазиците може да има последици врз Уставот

Костовски: Законот за јазиците може да има последици врз Уставот

Парламентарното мнозинство предводено од СДСМ вчера донесе неуставен закон за двојазичност, со кој се деградира употребата на македонскиот јазик и тој се сведува на ниво на еден од јазиците што се говорат во Република Македонија. Ова е ставот на најголемата опозициска партија, ВМРО-ДПМНЕ. Според Дарко Костовски, овој закон е во спротивност со амандманот 5 од Уставот на Република Македонија, а со албанскиот јазик се врши фаворизирање само на една етничка заедница – албанската, а од друга страна, сите други се маргинализираат.

„Можноста судските, управните, извршните, предистражните, истражните, кривичните, прекршочните, парничните, вонпарничните, за извршување санкции и другите постапки да се водат на еден од двата јазика, ја релативизира официјалноста на македонскиот јазик. Дополнително, невозможно е закон што се носи со апсолутно мнозинство да се усогласува со одредби во закони што се носат со двотретинско мнозинство. Двојазичноста на униформите на полицијата, здравствените работници и пожарникарите ја надминува уставната рамка. Според Уставот, двојазичноста може да важи за локалните институции, а не во државните, како што тоа се прави со овој закон. Законот за двојазичност го надминува и Рамковниот договор во точка 6 од него во делот на образование и употреба на јазиците“, вели Костовски.

Имено, во едно мултиетничко општество загрозувачки за сите други заедници е да се донесе закон со кој се промовира една етничка и јазична заедница. Со израмнување на албанскиот јазик со македонскиот се промовира јазичен билингвализам, што може да предизвика последици врз Уставот.

Според него, доколку СДСМ сакал да прошири одредени јазични права, тоа можел да го направи со измена и дополнување на веќе постојниот Закон за употреба на јазикот, што го зборуваат најмалку 20 отсто од граѓаните на Република Македонија и во единиците на локалната самоуправа.

„Целата постапка беше изведена шверцерски, надвор од законските процедури со ставање европско знаменце. Најсрамно беше злоупотребена постапката за донесување закони од значење за интеграцијата на државата во ЕУ. Законот се повикува на правото на ЕУ, а притоа не наведува на кој акт на Унијата, со датум и број, се повикува. Ваквиот закон доведува до опасност да се нарушат хармонијата и кохезијата на македонското мултикултурно општество поради деградирањето на единствениот интегративен елемент – македонскиот јазик“, вели Костовски.

Според ВМРО-ДПМНЕ, овој закон не го унапредува животот на граѓаните, туку со него се трошат време и пари, кои не носат просперитет.

К. Л.