„Јутјуб“ ќе вработи 10.000 луѓе кои ќе ги проверуваат објавените содржини

„Јутјуб“ ќе вработи 10.000 луѓе кои ќе ги проверуваат објавените содржини

Околу 10.000 луѓе ќе ги надгледуваат содржините поставени на платформата „Јутјуб“ во 2018 година.

Компанијата „Јутјуб“ ги објави плановите за вработување на уште луѓе во текот на следната година за да може благовремено да се цензурираат несоодветните содржини објавени на платформата. Последниве неколку години „Јутјуб“ е под постојан притисок од јавноста поради екстремни, насилни и вознемирувачки содржини кои се отстрануваат од мрежата дури откако публиката ќе ги забележи и пријави.

„Јутјуб“ има развиено софтвер кој автоматски ги идентификува видеата поврзани со екстремизам, а сега се развива софтвер кој ќе може да препознае говор на омраза и несоодветни содржини за деца. Притоа оние корисници кои ќе објавуваат такви содржини нема да можат да ги наплаќаат прегледите.

„Нашата цел е да собереме тим од 10 илјади луѓе, кои би биле доволни за да ги санкционираат содржините што се во спротивност со нашата политика“, изјави извршната директорка на „Јутјуб“, Сузан Војицки.

„Мора да имаме целосен пристап за ефикасно вршење на работата и за брзо одлучување кои канали и клипови може да се рекламираат. Забелешките од корисниците се и во насока на тоа дека треба да бидеме уште попрецизни и попрегледни во однос на објавените содржини за да не цензурираме клипови по грешка“, додаде таа.