Забава
Караден се обесил при автоеротска игра?
Пријателите на холивудскиот актер Карадин, сметаат дека тој не извршил самоубиство. Во четвртокот глумецот кој играше во филмовите на Тарантино, Скорцезе и Бергман, беше најден обесен во шифоњерот на хотелскиот апартман
Тајландската полиција соопштила дека 72-годишниот актер Дејвид Карадин, кој во петокот беше најден обесен во хотелски апартман во Бангок, умрел од задушување или од инфаркт при оргазам во текот на еротска игра. Ѕвездата на продолженијата на филмот „Кил Бил“ на Квентин Тарантино и на серијата „Кунг Фу“, во апартманот на хотелот „Свисотел Наи Лерт Парк“ била најдена од собарката со врзано јаже околу вратот, други делови од телото и пенисот, иако во првичното соопштение стоеше дека Карадин бил пронајден полугол. Во времето кога бил пронајден тој бил мртов веќе 12 часа, а и заради околностите во кои починал, тајландската полиција случајот се’ уште не го третира како самоубиство. Исто така, полицијата во Бангкок го очекува и токсиколошкиот наод од обдукцијата.Од тамошната полиција соопштиле дека тој бил врзан со две јажиња, околу вратот и околу пенисот кои биле меѓусебно испреплетени и така висел во шифоњерот. Некои медиуми во САД изнесуваат сомневања дека станува збор за автоеротски несреќен случај, сличен на оној во кој во 1997 г. страдеше фронтменот на австралискиот бенд „Инексес“, Мајкл Хачинс, кој беше најден во хотелска соба во Сиднеј гол и обесен со кожен ремен. Меѓутоа, колегите од снимањето на филмот „Стреч“ за што и Карадин престојуваше на Тајланд, сметаат дека тој не можел да изврши самоубиство затоа што во последно време зрачел со животна енергија. И неговите менаџери и семејството тврдат за американските медиуми дека Карадин не бил суициден тип.Наспроти тоа, глумецот во својата автобиографска книга има запишано дека уште како петгодишно дете имал самоубиствени мисли, и дека подоцна еднаш со денови размислувал дали да си пука во главата. Во интервју дадено во 2004 г., тој се исповедал дека во 2004 г. додека бил под дејство на кокаин и ЛСД размислувал да скокне од хотелски прозорец. Освен по серијалот на Квентин Тарантино „Кил Бил“, Караден со слава се стекна и со телевизиската драма „Кунг Фу“, а во неговата кариера работеше со големи реѓисерски имиња, како што се Мартин Скорцезе и Ингмар Бергман.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Забава
Хороскопски знак кој има најмногу среќа во животот
Астролозите тврдат дека еден знак од Зодијакот има повеќе среќа во текот на животот од сите други. Благодарение на својата природа, но и на среќниот пат на судбината, тие често успеваат да се најдат на вистинското место во вистинско време, а голема е веројатноста дека околностите во животот ќе бидат такви што сè ќе им се случи на најповолен можен начин.
Овој среќен знак се Близнаците. Нивниот хороскоп е поволен и често во текот на животот ќе забележат дека работите одеднаш тргнале на подобро и дека одеднаш биле опкружени со изненадувачки добри околности.
Кај Близнаците коегзистираат две личности и двете се водат од логиката, но секоја од нив има своја посебна логика, а како што наведуваат астролозите, токму тој „поларитет во ставовите и погледите на светот“ резултира со неверојатна среќа.
Исто така, среќата ги следи Близнаците поради нивниот оптимизам. Ниту еден друг знак не покажува таква самодоверба.
Понекогаш Близнаците се окарактеризирани и како „дволични“, бидејќи знаат совршено да балансираат меѓу двата огна, притоа секогаш следејќи ги сопствените интереси. Како и да е, слободно може да се каже дека Близнаците се тие кои ќе победат во секоја борба.
Припадниците на овој знак речиси секогаш имаат среќа во изборот на брачен партнер, делумно поради фактот што нивната вистинска љубов е искрена и трае вечно. Дури и кога се чини дека нивниот брак виси на конец, Близнаците успеваат да ги надминат проблемите, а врската се продлабочува.
Забава
Синхронизираната авантура за деца „Смрдушковци“ од денеска во повеќе од 10 кина низ републиката
Германскиот детски филм синхронизиран на маедонски и албански јазик „Смрдушковци“, во режија на Јенс Мулер и Тоби Генкел, од денеска почнува да се прикажува во повеќе од 10 кина низ земјава. Во Скопје се прикажува во Кинотека, кината „Синеплекс“, „Милениум“ и „Киноверзум“, во Битола во Центарот за култура и киното „Манаки, во НУЦК „Ацо Ѓорчев“ – Неготино, Центар за култура „Браќа Миладиновци“ Струга, Дом на култура „Крсте Петков Мисирков“ Свети Николе, кината „Киноверзум“ во Велес и Штип и НУЦК „Бели Мугри“ Кочани, НУЦК „Кочо Рацин“ Кичево.
Филмот се фокусира на проблемите на семејството Смрдушковци, мали зелени суштества кои живеат на депонија и јадат ѓубре, и има пораки погодни за децата за рециклирање, емпатија и инклузија.
Во потрага по својот нов дом, Смрдушковци се наделуваат во Смрдвил, едно прекрасно и весело селце. На жалост, во Смрдвил има еден гаден проблем: локалната депонија ја згадува целата околина. Нешто мора да се превземе! Макс, синот на градоначалникот, е млад талент кој тајно мечтае да го реши смрдливиот проблем со една луда машина, која ја изработува заедно со професорот Пенливски и неговата внука Лота. Кога Макс се сретнува со Смрдушковци на депонијата, веднаш станува јасно дека тие се решението за проблемот, затоа што јадат ѓубре! А за Смрдушковци, депонијата значи дека конечно нашле вистински дом. Сè би било во ред ако не беа плановите на сопругата на градоначалникот и бескрупулозниот градежен изведувач Чекановски кои сакаат на депонијата да градат велнес центар! Смрдушковци сега треба да го спасат својот нов дом заедно со пријателите Макс и Лота.
Филмот беше прикажан на најголемите фестивали за детски и фамилијарни филмови како Џифони Италија, Интернационалниот фестивал за деца и млади во Бусан, Интернационалниот филмски фестивал во Сан Себастијан, Германскиот медиа фестивал за деца „Голденер Шпац“ и други.
Дистрибутер на филмот е „Катавеј“ од Скопје, а дистрибуцијата е помогната од German Films, како и од МЕДИА Креативна Европа преку меѓународниот проект KidSquare (Детско катче). Од крајот на месецов филмот ќе биде достапен онлајн на платформата cinesquare.net.
Забава
(Видео) „Его“ – нова песна, но и спот на Тамара Тодевска и Young Dadi
„Его“ е новиот музички проект на Тамара Тодевска и младиот артист Young Dadi. Музиката и аранжманот се на Роберт Билбилов, текстот е напишан од Дади, а спотот е во продукција на TAKAT STUDIOS.
Станува збор за динамична поп-мелодија, која е надополнета со интересен спот, во кој доминираат двајцата аристи. Спотот е во режија на Генц Халими.
„Среќна сум што навистина по повеќе години објавувам песна, која е дует – соработка со друг артист. Дади е дел од помладата музичка сцена. Го следам подолго време, ми се допаѓа неговата работа и секогаш сакам да дадам поддршка на наши домашни млади артисти. Снимањето на спотот го завршивме за еден ден. Снимавме цел ден и навистина уживав во креирањето на целиот проект“, вели Тамара за создавањето на „Его“.
Текстописец на „Его“ е самиот Дади, кој истакна дека секогаш пишува за моменти во кои учествувал. Преку зборовите сака да пренесе свои лични искуства и тоа е причина повеќе за да верува во песната.
„Ова е прва моја соработка со музичар како Тамара Тодевска, која е една од нашите најдобри и најпродуктивни пејачки – активна десетици години на македонската и регионалната музичка сцена. Можам да кажам дека е навистина убаво и поинакво искуство за мене. Како во процесот на снимање на песната во студио така и во продукцијата на самиот спот. Верувам дека песната ќе биде хит и ќе го одбележи овој период пред летото“, изјави Дади.
Песната ќе биде достапна и на сите музички платформи.