Детектиран радиоактивен облак над Европа, научниците не знаат од каде потекнува

Детектиран радиоактивен облак над Европа, научниците не знаат од каде потекнува

Ширум Европа во јануари оваа година била забележана мало, но загрижувачко ниво на радијација, а научниците безуспешно се обидуваат да откријат од каде потекнува.

Некои се сомневаат дека виновни се Русите кои наводно извршиле нуклеарно тестирање на Арктикот, додека, пак, други, за опасното зрачење сметаат дека е виновна фармацевтската индустрија.

Францускиот нуклеарен институт IRSN соопшти дека во радиоактивниот облак детектирале радиоактивен јод-131 во атмосферата над северна Норвешка, Финска, Полска, Германија, Чешка, Франција и Шпанија. Неговото ниво денеска е во границите на нормалата, но експертите се загрижени бидејќи не знаат од каде потекнува.

Норвешката агенција за заштита од радијација NRPA ја потврди загрижувачката информација, но уверува дека во моментот нема опасност за човештвото.

Веќе извесно време се шушка дека Русија тајно тестирала нуклеарно оружје на арктичкото подрачје, наводно во областа Новаја Земља. Радиоактивниот јод-131 првпат го откриле научниците од два универзитета во Калифорнија во 1938 година, а подоцна го поврзале со радиоизотопот сличен од тестирањето на атомските бомби што во 1950 година ги спровеле Русите и Американците.

Истите опасни честички беа закана и по нуклеарната катастрофа во Чернобил, во Украина во 1986 година, како и после несреќата на нуклеарката Фукушима во Јапонија во 2011 година. Но, спорниот јод-131 се користи и во медицинската индустрија и тоа за лекување на болести и ракот поврзани со тироидната жлезда.

„Со оглед дека во атмосферата е регистриран само јод-131, а други радиоактивни состојки немаше, веруваме дека изворот е од фармацевтската индустрија бидејќи токму таа произведува радиоактивни лекови. Сепак, тешко е да се утврди локацијата на спорната фабрика заради пребрзото менување на насоката на ветровите кои ги носат опасните честички, но се сомневаме на источна Европа“, рече Астрид Лиланд од норвешката агенција NRPA.

Со неа се согласува и Британското друштво за заштита од радиологија SRP. Заради радиоактивниот облак над Европа тревога кренаа и САД, па на 17 февруари на стариот континент испратиле специјално летало што би требало да ги детектира опасните честички.

Истиот авион неодамна учествуваше во експедиција над корејскиот полуостров по шпекулациите дека Северна Кореја извршила нуклеарни тестирања. /крај/бл/ст