МАКФАКС

Над 200 од насуканите китови на новозеландската плажа спасени со плимата

(© AP Photo/ New Zealand Herald/ Tim Cuff_

Над 200 од насуканите китови на новозеландската плажа спасени со плимата
12.02.2017, 13:40

Повеќе од 200-те китови кои останаа насукани на плажа во Нов Зеланд успеале да отпливаат назад кон отвореното море, соопшти во неделата новозеландското министерство за екологија откако неколку дена на плажата Фарвел Спит е забележано најголемото насукување во последните неколку децении.

Претходните денови беше објавено дека 600 единки од овој вид китови, кои се нарекуваа со повеќе називи како: пилоти, шареноглави, глобоцефали или црни делфини китови, се насукаа на брегот од новозеландскиот Јужен остров. Повеќето од животните угинаа, но волонтерите успеаја изминатите денови да спасат многу од несреќните животни.

„Вчера попладнето имаше уште 240 насукани китови и стравувавме дека нема да преживеат. Но тие самите се спасија, бидејќи дојде плимата па можеа да отпливаат“, изјави за Reuters во неделата Херб Кристоферс, портпарол на новозеландското министерство за екологија.

Насукувањето на плажата Фарвел Спит, околу 150 километри западно од туристичкото место Нелсон, беше второто според бројот на насукани китови кои досега е регистрирано на Нов Зеланд.

Првичните информации зборуваа дека на плажата имало насукани 400 китови, но според процени на некои експерти од Светскиот фонд за природата (WWF) за Associated Press нивната бројка се движела околу 600 животни и според нив волонтерите успеале да спасат над 100 китови.

Стотици волонтери деноноќно ги полеваа со вода за да ги ладат, очекувајќи ја плимата за китовите да можат повторно да се вратат во морето. За жал, меѓутоа, повеќето китови не успеале да се спасат.

Последните децении ова беше најголемото насукување на Нов Зеланд. Китовите редовно се насукуваат на плажата Фарвел Спит, каде последните десетина години имало најмалку девет насукувања на голем број китови.

Научниците засега не успеваат да ја објаснат причината за оваа појава, но претпоставуваат дека би можела да биде поврзана со конфигурацијата на подморјето во оваа област.

„Во Фарвел Спит постои големо количество песок и водата не е длабока. Кога китовите ќе навлезат таму, тешко го пронаоѓаат излезот“, вели Еднрју Ламасон, шеф на службата за зачувување на природната околина.

Китовите пилоти засега не се на листата загрозени животински видови, но сé уште малку се знае за нивната вкупна популација во водите околу Нов Зеланд./крај/мф/сн

No Posts Found

Поврзани написи

Макфакс е-билтен

Email *