МАКФАКС

Пукнатините на Антарктикот се зголемуваат со запрепастувачка брзина

Пукнатините на Антарктикот се зголемуваат со запрепастувачка брзина
08.02.2017, 08:48

Процепот на Антарктикот во последните два месеци се зголеми за 27 километри.

Рапидно расте пукнатината на ледениот гребен „Ларсен Ц“, а научниците се загрижени дека наскоро потполно ќе се одвои. Пукнатината сè побрзо почна да се одвојува оваа година. Од декември секој ден растела за должина од пет фудбалски игралишта, пишува Њујорк Тајмс.

Изминатите години пукнатината постепено се ширеше, а од неодамна драматично се прошири.

„Ледениот гребен Ларсен Ц ќе остане без повеќе од 5000 квадратни километри ако раседот продолжи да се шири“, велат научниците. Сантата мраз „од темел ќе го промени изгледот на Антарктикот“ и по неа би можело да дојде до понатамошно напукнување на Ларсен Ц, сметаат научниците.

Ледените гребени се подрачја на краевите на ледниците, плутаат по морето и дебели се по неколку стотина метри. Научниците стравуваат дека нивното одвојување од смрзнатиот континент би можело да го забрза лизгањето на ледниците кон морето со оглед на глобалното затоплување, што на крајот би резултирало со пораст на нивото на светските мориња.

Изминатите години дојде до пукање на неколку ледени гребени во северниот дел на Антарктикот, вклучувајќи го и Ларсен Б, кој исчезна во 2002 година. /крај/дн/ст

Поврзани написи

Макфакс е-билтен

Email *