МАКФАКС

Загадувањето на воздухот предизвикува 18 отсто од предвремените породувања во светот

Загадувањето на воздухот предизвикува 18 отсто од предвремените породувања во светот
21.02.2017, 16:02

Загадувањето на воздухот со лебдечки честички предизвикува 18 отсто од предвремените породувања во светот, што е еднакво на факторот на ризик како возраста на трудницата, нејзината општа здравствена состојба или општествено-економските околности, покажаа резултатите од големата меѓународна студија објавена во магазинот Environmental Journal.

Во 2010 година во светот заради изложеноста на мајките на честичките на таканаречената фина прашина, предвреме се родени 2,7 милиони новороденчиња, односно 18 отсто, покажа истражувањето на англискиот Универзитет Јорк, спроведено во 183 земји.

Најситните честички, со радиус од 2,5 микрометри и помалите се нарекуваат „фини“. Толку се мали, што може да се детектираат само со електронски микроскоп. Главни извори на тие честички се моторните возила, термоелектраните, горењето дрва и јаглен во индивидуалните домови, шумските пожари, палењето на земјоделски отпад, некои индустриски процеси и сите останати процеси на согорување.

Научниците истакнуваат дека загадувањето на воздухот сериозно може да го загрози фетусот во мајчината утроба, што значи дека се загрозени и оние што индиректно вдишуваат загаден воздух.

Најзагрозени се бремените жени во земјите од југоисточна и источна Азија, во кои пред терминот се раѓаат дури 75 отсто од децата.

Само во Индија се евидентирани околу милион од 2,7 милиони предвремени породувања, а во Кина 500.000.

Голем број предвремени породи се забележани на подрачјето на субсахарска Африка, во северниот дел на тој континент и на подрачјето на Блискиот исток, а се поврзани со загадувањето за кое е одговорен пустинскиот песок.

Можно е и загадување на воздухот во затворени простори заради согорување(греење и готвење) на фосилни горива.

За 50 отсто од загадувањето на градовите се одговорни самите градови, нивната индустрија, возилата…, а останатите 50 отсто ги носи ветерот од соседните земји или пограничните реони, заради што исклучително е важна регионалната соработка, велат научниците.

Процентот на предвремени породувања во некои европски земји изнесува четири до пет отсто, во однос на 15 до 18 отсто во земјите од југоисточна Азија и некои африкански држави. /крај/хн/ст

Поврзани написи

Макфакс е-билтен

Email *