Мезотерапија во дерматолошката козметологија

Мезотерапија во дерматолошката козметологија

Мезотерапиjaта претставува инјекционо внесување на различни фармацевски, хомеопатски или растителни екстракти, а исто така и витамини или микроелементи во мезодермот.

 

Првпат е разработена од францускиот лекар Мишел Пистор во 50-тите години на минатиот век. Мезотерапијата се користи за третирање на многу естетски проблеми како: опаѓање на коса, освежување на кожата и хидрирање на лицето, корекција на целулит, ги забавува процесите на стареење на кожата.

Успешно делува и по пластични операции за побрзо опоравување на кожата на лицето и телото, по пилинзи, ласерски ресурфејсинг со што се скратува периодот на опоравување. Одлично се комбинира и со други процедури како што се апликација на ботокс, хијалуронска киселина наменета за корекција на брчки, како и со други нехируршки манипулации. Целта на мезотерапијата е да се зголеми активноста на фибробластите за да се создаде поголема концентрација на колаген и еластин како и потполна ресорпција на активни супстанции кои помагаат полесно да се регенерира и обнови кожата.

 

Околу процедурата

Пред да се започне со процедурата, на предходно исчистена кожа може да се нанесува локален анестетик. Длабочината на убодите е 2мм, со последователно растојание од 1см помеѓу убодите. Се нанесува на целата површина на пр. лице или врат. По извршената интервенција аплицираме локално антибактериска крема, со која се прави лесна масажа. Потоа се нанесуваат ладни облоги на местото на апликацијата во време траење од 5 мин. Зависно од типот и составот на мезотерапијата, се препорачуваат 3 – 6 третмани, кои се аплицираат еднаш неделно, или на 2 недели, или еднаш месешно. По завршувањето на серијата на третмани може да се повтори после 6 месеци или 1 година.

 

Каков Ефект се постигнува

По серија на третмани со мезотерапија, кожата на лицето се измазнува, затегнува и ревитализира. Станува блескава и добива соодветна хидрираност. Се нанесува на лицето, деколтето, вратот, на рацете и телото.

Мезотерапија со витамини и микроелементи. Со мезотерапијата може да се внесуваат мултивитамини како што се Вит А, Вит. Б, Вит Е, хијалуронска к-на, есенцијални аминои к-ни итн. Се користат готови форми или припремени коктели. Неопходни се 4 до 6 процедури, кои се спроведуваат еднаш неделно. Дава одлични резултати кај млади жени и мажи, или како комбинирана терапија кај зрела кожа.

Мезотерапија со хијалуронска киселина. Се користи за превенција од натамошно опуштање на кожата, за активна хидратација, затегнување и измазнување на кожата на лицето, вратот, деколтето, рацете. Хијалуронската киселина има мошне хидрирачка активност, една молекула киселина привлекува во подкожното ткиво 1000 молекули вода. Покрај тоа помага во процесот на колагенезата и биоревитализацијата. Како продукт преставува готова инјекциона форма од 1 мл раствор во облик на гел, кој што е доволен за апликација при една процедура на лицето. За подолготраен ефект, се препорачува да се направат 3 процедури за три месеци (по една процедура месечно) или ако е неопходен брз резултат, за 3 недели (по една процедура неделно).

Колагенска мезотерапија. Колагенот се внесува во кожата по начин на мезотерапија или со апарат кој користи резонанса магнетофореза и притоа делува на колагенската мрежа и хидратацијата на кожата. Со напредувањето на возраста епидермисот се истенчува, со тоа и хидрираноста на кожата се намалува. Се намалува бројот на колагените и еластични влакна, кои што се важни за стабилната структура на кожата, за затегнатоста на кожата и појавата на брчки. Внесен во кожата по пат на инкектирање, механички го реструктуира ткивото и на тој начин ги измазнува брчките. Може да се користи кај млади жени како профилакса, додека кај зрела кожа за подобрување на структурата и затегнување на кожата. Препаратот се нанесува два пати неделно, во период од 4 до 5 недели, т.е. од 8 до 10 процедури.

„Хидрирањето на лицето вообичаено се постигнува со медицинските хидрирани креми, но кога на кожата на лицето и е потребен поинтензивен и побрз ефект или кога проблемот не може да се реши со крема најдобриот ефект се постигнува со мезотерапијата Супстанциите во нејзиниот состав се неколку десетици пати појаки од кремот и ја враќаат бојата а воедно ја подобруваат структурата на кожата“, советува д-р Анета К. Петрушевска, специјален дерматолог од „Ординација Д-р Анчевски“./крај/мф/би