Македонија
Филипче: Можно е да се укине полицискиот час од 15 јуни

Министерот за здравство Венко Филипче најави дека полицискиот час ќе се укине ако до 15 јуни продолжи да опаѓа бројот на заболени.
На следниот состанок Комисијата за заразни болести е можно да го укине полицискиот час кој е на сила и движењето е забрането од полноќ до четири часот наутро. Министерот за здравство вели дека следниот состанок на Комисијата ќе биде пред 15 јуни, а ново олабавување на мерките веќе се подготвува посебно откако во изминатите 24 часа во скопските клиники не бил примен ниту еден нов заболен од Ковид-19 .
„Тоа е одлична информација што ја видовме утрово. Трендот е еднаков и во другите градови, нема притисок во болниците. Слдниот состанок на Комсијата за заразни болести ќе биде пред 15 јуни. Веќе сме во преговори со организаторите на настани, посебно за оние настани што треба да се одржат во текот на летните месеци за подготовка на протоколите. Доколку продолжат овие бројки по 15 јуни ќе има дополнителни олабавувања на мерките, тука пред сè мислам на полицискиот час, како и на препораки за другите настани“, рече тој.
И покрај паѓањето на бројките на лица на кои им треба болничко сместување, како и лица заболени од Ковид-19, министерот Филипче нагласи дека здравствениот систем ќе продолжи да се подготвува за евентуален нов бран на коронавирус. Акцент стави на законските измени со кои болничките капацитети на приватните клиники се ставаат на располагање на јавното здравство доколку има потреба за тоа.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Мицкоски на средба со шефот на ОБСЕ Вал: Владата не е реформска и не решава проблеми

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ проф. д-р Христијан Мицкоски денеска оствари средба со Шефот на мисијата на ОБСЕ во Македонија Килијан Вал.
На средбата се разговараше за актуелната политичка состојба и евроинтегративниот процес на државата.
Претседателот Мицкоски информираше за предизвиците со кои се соочува Македонија на политички и економски план, како и дека треба поголема подготвеност и енергичност во решавање на проблемите која што не се гледа кај актуелната власт.
Македонија оваа година претседава со ОБСЕ и таа треба да биде пример, а владата треба да оддаде поголема посветеност на безбедносните прашања, особено затоа што во изминатиот период видовме големо занемарување во тој поглед.
Претседателот Мицкоски истакна дека ВМРО-ДПМНЕ е активно посветена, но не гледа суштински реформи и сериозен пристап од страна на власта, па така државата е на врвот на листата на корупција, бизнис климата е нарушена, има партизација на јавната администрација и голема недоверба на судството, а не се споделуваат ниту европските вредности од страна на власта.
Соговорниците се согласија да се продолжи со натамошна соработка.
Македонија
Средба Џафери – Гир

Претседателот на Собранието, Талат Џафери, потпретседателите Горан Мисовски и Хусни Исмаили и координаторите на пратеничките групи застапени во Собранието, Јован Митрески, Никола Мицевски, Арбер Адеми и Сурија Рашиди одржаа работна средба со амбасадорот на Европската Унија во Република Северна Македонија, Дејвид Гир.
На средбата беа разменети мислења за актуелните случувања во Собранието, парламентарниот дијалог, работата на ЕУ-агендата и динамиката на усвојувањето на законите, вклучувањето на Собранието во скрининг-процесот и напредокот на дијалогот „Жан Моне“, а соговорниците се осврнаа и на уставните измени.
Заеднички беше оценето дека градењето доверба и добрата соработка меѓу партиите во Собранието не е важна само за успешна реализација на реформите врзани со евроинтеграцијата, туку дека и оваа соработка е важна бидејќи ја обликува политичката култура во земјата.
Беше договорено вакви средби да се одржуваат на редовна основа со цел да се разгледа одблиску напредокот на државата на патот кон Европската Унија.
Македонија
Муцунски на работна средба со претставници на Стејт департментот: Потврдени одличните билатерални односи помеѓу Македонија и САД

Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Тимчо Муцунски, од вчера престојува во работна посета на Соединетите Американски Држави. Во рамките на посетата тој оствари работна средба со високи претставници на Стејт департментот.
„Во рамките на средбата со Стивен Џи, директор во Директоратот за јужноцентрална Европа, и Бенсон Сивек, офицер, кој е одговорен за Македонија, ги потврдивме одличните билатерални односи помеѓу нашата држава и САД, кои неопходно е во иднина да продолжат да се надградуваат во духот на стратешкото партнерство помеѓу двете земји“, напиша Муцунски во својата фејсбук-објава.
Муцунски во својата објава потенцира дека на средбата ја нагласил заложбата на ВМРО-ДПМНЕ за итни и темелни реформи во правосудниот систем, но и забрзан економски развој како одговор на тешката економска состојба во државата и високото ниво на криминал и корупција.
Во следните неколку дена тој ќе оствари средби со членови на Конгресот, високи претставници на меѓународните организации и ќе присуствува на националниот молитвен појадок, кој ќе се одржи утре во Вашингтон.