Економија
(Видео) Анѓушев и Тевдовски на форум на Европската банка за обнова и развој во Брисел
Делегација на Владата што ја сочинуваа заменик-претседателот во Владата задолжен за координација со економските ресори, Кочо Анѓушев, и министерот за финансии, Драган Тевдовски, предводена од премиерот Заев, денеска учествуваше на форумот „Северна Македонија: Забрзување на реформите, забрзување на европската интеграција“, што во организација на Европската банка за обнова и развој и Центарот за европските политики, се одржа во Брисел.
На дебатата, на која со свои излагања учествуваа и поранешниот амбасадор на ЕУ во нашата земја, Ерван Фуере, директорот на директоратот на Европската комисија за проширување, Кристијан Даниелсон, и заменик-директорот на ЕБОР за политики и партнерство, Пјер Ејлброн, беше истакнато дека Европската банка за обнова и развој е многу значаен партнер на Владата и дека е време е за создавање подобра иднина за граѓаните преку заедничка соработка, особено на економски план.
Вицепремиерот за економски прашања, Кочо Анѓушев, на маргините на инвестицискиот форум во Брисел, во организација на Европската банка за обнова и развој и Центарот за европски политики, во изјава за медиумите потенцира дека постигнатиот политички успех на политички план е одлична база за поинтензивен економски раст и развој на Северна Македонија, што значи и подобар живот на граѓаните во земјата.
Пред претставници на повеќе финансиски институции беа претставени инфраструктурни проекти за изградба на патна, железничка и енергетска инфраструктура во насока на повисока конкурентност на земјата и за подобра регионална поврзаност, со што ќе се забрза економскиот раст и ќе се подобри стандардот на живеење на граѓаните.
„Пред респектабилен собир на лица што се занимаваат со економската политика во рамките на ЕУ имавме можност да ги претставиме економските проекти важни за интеграцијата на Северна Македонија во ЕУ, како и да ги презентираме бенефитите од тие проекти за земјата и регионот. Разговаравме за подобрување на регионалната соработка и подобро поврзување на нашата земја со другите земји во регионот, при што ги претставивме проектите од патната и железничката инфраструктура, енергетското поврзување, односно изградба на далноводи и на гасоводот кон Грција. Добро е што меѓународните финансиски институции покажуваат интерес во насока на финансирање на инфраструктурните проекти, дел преку грантовата шема за Западен Балкан, а дел од нив преку кредитирање. Презентиравме дека во нашата земја се отворени проекти за изградба на патна инфраструктура во вредност од над 1 милијарда евра, а посочивме дека е интензивирана изградбата на железницата кон Бугарија. Финансиските институции покажаа интерес во делот на финансирање на железничката делница кон Албанија на релација Кичево – Лин, во смисла на енергетика, постои интерес за финансирање на интерконективниот гасовод со Грција, повеќе финансиски институции покажаа интерес за овие проекти. Дополнително разговаравме за можност на финансирање на автопатската делница Скопје – Блаце за подобро поврзување и интензивирање на соработката помеѓу нашата земја и Република Косово“, нагласи Анѓушев.
Министерот за финансии во Владата, Драган Тевдовски, во својата изјава за новинарите веднаш по одржувањето на форумот рече дека Северна Македонија креира европски систем на јавни финансии преку спроведувањето на Стратегијата за управување со јавните финансии. Тој додаде дека јавниот долг е ставен под контрола, обезбедена е фискална транспарентност, нов европски закон за јавни набавки и за релативно кус период од две години се направени реформи во јавните финансии, кои Европската комисија ги препознава.
„Според последниот извештај на Европската комисија, Владата го подобри управувањето со јавните финансии. Во извештајот јасно се потенцирани клучните реформи, како пензиската и даночната реформа, потенцирана е и транспарентноста во јавните набавки, како и подобреното таргетирање на социјалните трансфери. Сето ова носи кон стабилен и квалитетен систем на јавни финансии“, истакна министерот за финансии, Драган Тевдовски, во својата изјава за медиумите по повод форумот „Северна Македонија: Забрзување на реформите, забрзување на европската интеграција“, кој во организација на Европската банка за обнова и развој и Центарот студии на европските политики се одржа во Брисел.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Вицегувернерката Митреска: Народната банка го поттикнува зеленото кредитирање
„Народната банка ги препозна ризиците од климатските промени на долг рок, зазеде проактивен став и како една од своите стратегиски цели ги постави зголемената свесност за климатските промени и придонесот кон зелената одржлива економија“, посочи вицегувернерката на Народната банка, Ана Митреска, во интервју за „Блумберг Адрија“, при што истакна дека „зелената агенда“ е вградена во Стратегискиот план на Народната банка. Во период од четири години нивото на „зелените кредити“ е зголемено за околу 2,5 пати.
Митреска посочи дека заради поддршка на зелените финансии и за справување со климатските ризици, Народната банка донесе среднорочен план којшто предвидува конкретни акциски планови или активности во повеќе сфери на работењето на Народната банка, како регулативата, супервизијата, финансиската стабилност, истражувањето и меѓународната соработка.
„Неодамна донесовме и конкретни насоки за банките коишто треба да претставуваат еден вид мапа за начинот на кој треба да се однесуваат банките во однос на мерењето, оценувањето и управувањето со ризиците од климатските промени. Уште пред неколку години го променивме концептот на инструментот за задолжителна резерва заради поттикнување на зеленото кредитирање. Во рамките на институцијата работиме и на политиката на одржливост на банката, што значи подобрување на нашиот корпоративен профил во однос на одржливоста како концепт“, посочи Митреска, истакнувајќи дека Народната банка применува систематизиран пристап кога станува збор за зелената економија и справувањето со ризиците од климатски промени.
„Кредитите со зелена компонента се кредити коишто се насочени кон зголемување на енергетската ефикасност, и на корпоративниот сектор, и на населението, вложување, односно инвестиции во проекти коишто се однесуваат на обновливи извори на енергија, проекти коишто подразбираат користење одржливи материјали, одржливи решенија“, објасни Митреска и посочи дека станува збор за кредитирање коешто е насочено кон инвестициите наменети за заштита на животната средина и ублажување на ефектите од климатските промени врз околината.
Економија
Од полноќ нови цени на горивата
Регулаторната комисија за енергетика донесе oдлука со која се врши намалување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 0,09 % во однос на одлуката од 15.4.2024 година.
Од 23.4.2024 година, од 00.01 часот, максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
Моторен бензин ЕВРОСУПЕР БС-95 – 87,50 (денари/литар)
Моторен бензин ЕВРОСУПЕР БС-98 – 90,00 (денари/литар)
Дизел-гориво ЕВРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) – 76,00 (денари/литар)
Масло за горење екстра-лесно 1 (ЕЛ-1) – 76,00 (денари/литар)
Мазут М-1 НС – 44,554 (денари/килограм)
Малопродажните цени на ЕВРОДИЗЕЛОТ (Д-Е V) и на екстра-лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) се намалуваат 1,50 денар/л.
Малопродажната цена на бензинот ЕВРОСУПЕР БС-95 се зголемува 1,00 денар/л, а малопродажната цена бензинот ЕВРОСУПЕР БС-98 се зголемува 1,50 денар/л.
Малопродажната цена на мазутот М-1 НС се зголемува 0,252 денари/кг и ќе изнесува 44,554 денари/кг.
Референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат зголемување во просек: кај бензините 0,608 %, кај дизелот намалувањето е 5,088 %, кај екстра-лесното масло намалувањето е 4,799 % и кај мазутот намалувањето е 1,138 %.
Курсот на денарот во однос на доларот во изминатиот период по кој беа формирани цените со претходната пресметка е повисок 1,618 %.
Економија
МЗШВ: Кон 4.033 одгледувачи на говеда исплатени 100 милиони денари дополнителни субвенции за обележани говеда
Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство ги информира сточарите, одгледувачи на говеда, дека денеска Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој ја реализираше исплатата на дополнителните директни плаќања за обележани грла говеда постари од 12 месеци.
Исплатени се 4.033 одгледувачи на говеда, со вкупна вредност на поддршка од 100 милиони денари.
Висината на директните плаќања изнесува 2.600 денари по женско грло, кое на денот на поднесувањето на барањето има наполнето 12 месеци.
Како корисници на оваа подмерка се јавуваат земјоделските стопанства корисници на основните директни плаќања за обележани грла говеда постари од 12 месеци, а кои сопственото производство на млеко го имаат предадено на регистриран откупувач на сурово млеко или продале или заклале говеда во преработувачки капацитети.