Култура
22 уметници од земјава и странство дел од уметничкото лето на Центарот за современа ликовна уметност
Градоначалникот на Прилеп, Илија Јованоски, денеска го посети Центарот за современа ликовна уметност каде што во рамките на Прилепското уметничко лето учествуваат 22 уметници од земјава и странство. Во рамките на уметничкото лето, кое оваа година завршува на 10 јули, се одржуваат традиционалните ликовни манифестации: 62. Интернационална сликарска колонија, 56. интернационален скулпторски симпозиум „Мермер“, 48. Интернационално студио за пластика во дрво, 35. Интернационално ателје за скулптура во метал и Интернационално студио за уметничка фотографија.
Радослав Симеонов од Софија, Бугарија, е првпат дел од уметничкото лето и работи во Интернационалното студио за пластика во дрво.
„Професор сум на Академијата за ликовни уметности во Софија и скулптор. Овде има уметници од повеќе земји, сликари, скулптори кои работат во метал, јас работам во дрво, но има и такви кои работат во камен. На овој начин се создава еден творечки момент помеѓу колегите, помеѓу различните култури. Работам апстрактна композиција висока три метри која не може да се види бидејќи се работи во посебна работилница каде што има услови. Се надевам дека до крајот на колонијата ќе биде готова и изложена во галеријата“, истакна скулпторот Симеонов од Софија, Бугарија.
Посебен акцент годинава ќе биде ставен на 35-годишното опстојување на Интернационалното ателје за скулптура во метал, кое со работа почнало во 1984 година и трае до денес. Во Интернационалното ателје за скулптура во метал учествуваат прилепски скулптор Марјан Стојаноски, како и скулпторите Џорџе Арнаут и Драгољуб Здравковиќ од Белград, Србија.
„Ја прифатив поканата да присуствувам на овој симпозиум во метал , не ми е првпат да бидам дел од вакви настани и сакам да учествувам поради средбите со колегите од другите средини. Кога е металот во прашање се обидувам да изведам нешто што сум го правел и порано, но бидејќи нашиот престој и временски е ограничен, се надевам дека истото ќе им се допадни на организаторите“, истакна скулпторот Џорџе Арнаут од Белград.
Драгољуб Здравковиќ, скулптор од Белград, вели дека првпат учествува на колонијата и ова му е прва посета на Прилеп. Најмногу од сè овде е бидејќи сака да собери нови искуства и да воспостави соработка со колеги од странство.
Интернационалната сликарска колонија со дела ќе ја збогатат сликарите Алех Клос од Канада, Мишел Банасик од Полска, Џош Санчез Руиз од Шпанија, Светлана Соло од Москва, Русија, како и прилепските сликари Наде Тоскоска, Драшко Михајлоски-Пижа, Лепа Милошеска, Марта Макеска, Кристијан Јованоски, Александар Џинго, Павлина Илиеска, Васил Костов, Сања Јездиќ, Тони Трајкоски, Ферди Булут, Тања Дмитриоска и Славчо Поповски.
„Многу сум среќен што сум тука, јас сликам фигуративна уметност и ова е позитивно искуство за мене“, истакна Мишел Банасик од Полска.
Алех Клос од Канада вели дека интересно е тоа што има луѓе од различни места, кои додека работат се во ист простор каде имаат можност за размена на искуства и меслења.
„Втора година сум присутен на колонијата и ова е добра шанса бидејќи има уметници од цел свет со што се отвора можноста да погледнеме и други искуства и да ги примениме“, рече Ферди Булут од Прилеп.
Во симпозиумот во мермер оваа година ќе учествуваат Албулен Незири – Приштина, Косово и Каролина Палмеро – Кордоба, Аргентина. Во текот на своето 62-годишно постоење ЦСЛУ-Прилеп токму преку овие работилници создаде повеќе од 1200 различни уметнички дела од уметници од повеќе од 50 држави од светот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Националниот џез оркестар со програмата Џез лектира гостува во Велес
По концертот во Скопје, Националниот џез оркестар со програмата под наслов „Џез лектира“ гостува во Велес. Концертот ќе се одржи на 23 април, 2024 година, со почеток од 20 часот во театарот „Јордан Хаџи Константинов – Џинот“.
„На концертот „Џез Лектира“ се осврнуваме на дел од творештвото на Каунт Бејси биг бендот. Вилијам Џејмс, познат како Каунт Бејси е американски џез пијанист, органист, водач на бенд и композитор, познат и како „Кралот на свингот“. Во 1935 година, тој го формира оркестарот „Каунт Бејси“ и ја води оваа група скоро 50 години. Неговата работа резултира со низа иновации во музичкиот израз како употреба на два „поделени“ тенор саксофони, нагласување на ритам секцијата, рифови во биг бенд композиции, аранжери за дополнително проширување на биг бенд звукот и слично“, се наведува во соопштението на Националниот џез оркестар.
Култура
Костадиновска-Стојчевска: Саемот на книгата, во време на емотикони, е во одбрана на раскажувачите и писменоста
Министерката за култура, Бисера Костадиновска-Стојчевска, во арената „Борис Трајковски“ на отворањето на 36. издание на Саемот на книгата порача дека Министерството за култура, како покровител на овој, како што рече, „празник на книгата“, останува голем пријател и силен поддржувач на ова наше богатство.
„На годишните конкурси, од година во година, импресивен е бројот на сè повеќе пријавени квалитетни дела и од млади македонски автори. И тоа искрено нè радува. Како што нè радува и зголемениот интерес за создавање многубројни наслови и публикации за деца. Без двоумење ја добиваат нашата поддршка зашто во овие модерни времиња во кои има сè помалку зборови, а сè повеќе кратенки и емотикони, раскажувачите на приказни се чувари на писменоста“, рече министерката за култура.
Во присуство на голем број љубители на пишаниот збор, Костадиновска-Стојчевска порача дека во виртуелниот свет го нема овој опоен мирис на книгата. Само во реалниот свет, ова богатство од книги на македонски јазик од домашни и од странски автори го испишува овој простор во уште една „Приказна која се чита“.
Саемите за книги во последните години, според некои автори, кажа министерката дека прераснаа во едукативни и културни настани кои даваат можност за вмрежување преку негување на врските меѓу авторите, издавачите и читателите. Истовремено радува и сè поголемиот број посетители, што само по себе зборува многу за односот кон книгата.
Триесет и шестото издание на Саемот на книгата, што ќе трае до 24 април, во седумте саемски денови ќе понуди книги од домашни и од странски автори од над 60 издавачки куќи од земјава и од регионот.
Култура
Светска премиера на „Киука – Пред летото да заврши“ во Кан – филмот е копродукција помеѓу Грција и Македонија
„Киука – Пред летото да заврши“ (Kyuka Before Summer’s End) во режија и по сценарио на Костис Харамуданис, кој е реализиран како билатерална копродукција помеѓу Грција и Северна Македонија и е поддржан од Агецијата за филм на Република Северна Македонија, својата светска премиера ќе ја има на Канскиот филмски фестивал како дел од 32. издание на програмата ACID, што ќе се одржи од 15 до 24 мај оваа година. На „Куика“ му е доверена честа да ја отвори оваа програма.
„Лист продукција“ е македонски копродуцент на дебитантскиот филм на режисерот Харамуданис со Марија Димитрова и Игор Иванов како копродуценти, а Херетик од Грција е главен продуцент со Данае Спатхара, Јоргос Карнавас и Константинос Контовракиси како продуценти.
„Киука – Пред летото да заврши“ е приказна за едно трочлено семејство, кое како и секое лето, плови со својата едрилица до островот Порос, каде што таткото Бабис и децата Константинос и Елса, кои се веќе на прагот пред полнолетството, го минуваат годишниот одмор. Додека пливаат, се сончаат и создаваат нови пријателства на островот, децата случајно ја запознаваат Ана, жената што ги родила и ги напуштила уште во најраното детство, со што ќе почне едно горко-слатко патешествие на созревање под летното сонце, а долгогодишната огорченост на Бабис избива на површина.
Програмата на ACID (Association for the Distribution of Independent Cinema – Асоцијација за дистрибуција на независен филм) на Канскиот филмски фестивал е креирана во 1993 година и прикажува 9 долгометражни филма, фикција и документарци. Овие филмови се избираат од стотиците пристигнати филмови од цел свет од страна на петнаесетина филмаџии, членови на асоцијацијата.
Снимањето на филмот се одвиваше во октомври 2022 година во Атина и на островот Порос, а постпродукцијата се работеше на релација Атина – Скопје.
Главните улоги во филмот ги играат Симеон Цакирис, Елса Лекаку, Константинос Георгопулос, Афродита Капокаки и Елена Топалиду.
Македонската екипа во овој филм ја сочинуваат Михаил Димитров, Игор Поповски и студиата за постподукција „Аудио хаус“ и „Слобода филм“.