Македонија
Панчевски обвинет дека го злоупотребил АКМИС и лично бирал судии за предметите
Основното јавно обвинителство поднело обвинителен предлог против Владимир Панчевски, поранешниот претседател на Основниот кривичен суд, за злоупотреба на информацискиот систем за управување со судски предмети АКМИС.
Според обвинителството, Панчевски во периодот од јануари 2013 година до септември 2016 година влијаел врз начинот на електронската распределба на предметите, давал наредби и насоки кој предмет кај кој судија да се распредели и со тоа ја злоупотребил службата и ги пречекорил границите на своите овластувања.
„Иако бил должен да ја следи состојбата на управувањето со движењето на предметите во судот, а особено формирањето на предметите, предавањето на предметите во работа и состојбите со функционирањето на автоматизираниот информатички систем за управување со судските предмети, обвинетиот како претседател на судот влијаел врз начинот на електронската распределба на предметите што доаѓале во судот на одлучување. Имено, обвинетиот со ставање на писмен ‘параф’ од негова страна и со усно задолжување на вработени во судската писарница кои имале пристап во АКМИС-системот, давал наредба да распределуваат конкретни предмети меѓу судиите надвор од времето на приемот на предметот во судот, како и насока на кој судија да се распредели предметот“, се вели во соопштението на Основното јавно обвинителство.
Со ова, според ОЈО, на странките им го повредил правото на еднаков пристап пред судот во заштитата на нивните права и правно заснованите интереси.
Со ваков писмен „параф“, Панчевски наредил распределба кај конкретни судии на четири предмети доставени од ОЈО Скопје, на два предмети кои во судот биле доставени на натамошна надлежност од Основните судови Неготино и Куманово, на 41 предмет доставен од Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција и на две обвиненија поднесени од СЈО.
Во предистражната постапка за случајот обвинителствотоло испита 19 сведоци – вработени во Основниот кривичен суд – Скопје, Апелациониот суд Скопје, Врховниот суд и Министерството за правда.
Двајца јавни обвинители во текот на три недели континуирано вршеле увид во предмети во Основниот кривичен суд и прегледана е обемна судска документација.
Се обезбедувале и податоци од Судскиот совет, Врховниот суд, Апелациониот суд и Основниот кривичен суд.
Беше изготвен вешт наод и мислење од доктор на технички науки во поглед на функционирањето на системот за електронско распределување на предметите, кое вештачење, побарано со наредба од Основното јавно обвинителство Скопје на 21 декември 2018 година, беше доставено до обвинителството на 24 јуни 2019 година.
Од обвинителството велат дека доколку најдат пропусти за други претседатели на судови или судии, ќе биде поведена постапка и за нив.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Скопје
Герасимовски: Конечно Работнички се враќа на шампионските патеки
Градоначалникот на Општина Центар Горан Герасимовски вчера вечер присуствуваше на тренингот на КК Работнички во салата Кале. Со кошаркарите разговараа за издигнувањето на тимот и потребите за достигнување на високи резултати и на следните натпревари.
„Сакам да се заблагодарам пред се и на тренерот на цел стручен тим но и на сите играчи за одличните резултати коишто ги имаме годинава. Успеавме со клубот од невозможно да направиме возможно. Клубот којшто го начекавме пред две години на 10то место со 4-5 неисплатени плати и долг од 600 000 евра да го вратиме на победничките патеки. Важно е што во моментов табелата трепка што сме на прво место и се надевам дека тоа така ќе остане и до крај. Јас верувам дека ќе имаме успех оваа сезона и уште поголем успех следната“, им порача Герасимовски на кошаркарите.
При средбата Герасимовски ги извести играчите дека општина Центар го има имотниот лист на салата и успеа да го исполни ветувањето дека ќе ја врати сопственоста на салата под ингеренции на општината.
Општина Центар на крајот на минатата година доби финансиски средства од Владата во вредност од 30 милиони денари наменети за реконструкција на салата, при што Герасимовски ги информираше играчите со процесот и проект планот кој е веќе во изработка за реновирање на матичната сала на Работнички. Конечно Работнички се враќа на шампионските патеки, ви благодарам за тоа, порача Герасимовски.
Македонија
Петровска: Судот донесе одлука дека Ковачки неправедно ме клеветел
Министерката за одбрана, Славјанка Петровска објави дека судот донел одлука со која се утврува дека пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Драган Ковачки, неправедно ја клеветел.
„Основниот граѓански суд во Скопје по сите прикажани докази од моја страна донесе одлука со која се утврдува дека тужениот Драган Ковачки искажал невистини и лаги односно неправедно ме клеветел во јавност со цел да ми го наруши угледот и честа во очите на јавноста, Овој е само еден од низата примери на неодговорно, нечесно и валкано однесување на политичката сцена од страна на Ковачки“, пишува Петровска.
Во продолжение таа додава дека не сака пари од нечесник и се откажува од паричниот надомест.
„Секој го прави тоа што најдобро го знае, тие со лагите, јас со труд и одговорна и чесна работа“, додава Петровска.
Македонија
Манолева: По 43 години, болницата во Отешево доби комплетно нов лик, современи услови за третман и медицинска опрема
Заменик министерката за здравство д-р Маја Манолева, вчера беше во посета на ЈЗУ Специјализирана болница за превенција лекување и рехабилитација на хронични респираторни неспецифични и алергиски заболувања ОТЕШЕВО. Оваа јавно-здравствена установа минатата година доби комплетно нов лик со реновиран болнички објект финансиски поддржан од Министерството за локална самоуправа и Владата на Швајцарија во висина од 20 милиони денари.
„Со имплементацијата на овој проект подобрени се болнички услови за третман на пациенти, поставен е нов мебел како донација од Луксембург, а собите се наместени со нов инвентар. Сите амбуланти, лабораторија, дневна соба, ехо кабинет, соба за спирометрија и алерго тестови се позиционирани во реновираниот објект. Како што можевме да видиме од посетата амбулантите веќе функционираат во реновираните простории. Специјализираната болница Отешево нуди современи услови за третман на пациенти и достоинствени услови за работа на здравствените работници“, рече Манолева.
Болницата во Отешево опстојува повеќе од 43 години и ова е прво реновирање кадешто значително се унапредени болничките услови. Во изминатиот период, установата се зајакна и со два апарати за физикална медицина и рехабилитација во склоп на проектот во вредност од 270 илјади денари.