Контакт

Анализи

Анализа на Макфакс: Може ли Македонија да се одбрани од масовни сајбер напади

Објавено пред

Пишува Бојан Стојковски

Во времиња кога и најлудите сценарија за хакирања и упад во целиот банкарски и административен систем на една земја стануваат се пореални, налик на случувањата во холивудската серија Mr. Robot, на Македонија повеќе од било кога и е неопходна ефикасна стратегија за сајбер безбедност. Истражувањето на Макфакс на оваа тема покажува при градењето на ваква стратегија, клучна е соработката помеѓу приватниот и државниот сектор, како два главни компоненти на критичната инфраструктура во сајбер безбедноста.

 

Во поглед на предивизиците и потребите кои доаѓаат со развојот на ваквата стратегија, севкупно сајбер безбедноста е една од клучните области каде Македонија мора да направи повеќе, имајќи ги исто така предвид и масовните прислушувања кои се актуелни последните неколку години, и кои беа директна причина за општествената и политичка криза што ја зафати земјата. Овие наоди, кои меѓу другото го обелоденија и недостатокот од безбедност во институциите, како и несоодветното користење односно злоупотребата на овие системи за надгледување, покажаа дека Македонија е подложна на сајбер напади и постои неопходност од градење на ефикасна стратегија за соочување со овие прашања што поскоро.

 

Сајбер безбедност vs Национална безбедност

 

За приватниот сектор, којшто е еден од најважните делови од критичната инфраструктура кога станува збор за сајбер безбедноста, најголемиот предизвик со кој Македонија се соочува секојдневно доаѓа од сајбер криминалот и несоодветната употреба на социјалните мрежи.

 

„Најголемиот број предизвици со кои сме соочени во доменот на сајбер безбедноста доаѓаат од областа на сајбер криминалот и несоодветното користење на социјалните мрежи, нивната злоупотреба за лични спротиставувања, од каде што пак потенцијално произлегуваат и мноштво случаи на повреда или злоупотреба  на лични податоци на граѓаните (во прилог на констатацијата е податокот според кој најголемиот број претставки за повреди или злоупотреби на лични податоци во земјава, се однесуваат токму на повреди или злоупотреби преку социјалните мрежи). Посериозна анализа на овие дејства укажува дека до истите доаѓа како резултат на ниското ниво на информираност и свест кај поединците за влијанието и моќта кои современите технологии го имаат врз секојдневниот живот, особено во социјална и психолошка смисла. Засега сајбер безбедноста сосема незначително е земена предвид во доменот на националната безбедност. Како организација не сме сигурни дека стратегијата сеопфатно го има консидирано тоа, особено ако се знае дека сосема минорно се опфатени мерките и постапките кои вооружените сили или органите одговорни за националната безбедност се надлежни и треба да ги преземаат. Со читањето на документите наменети за оваа сфера се добива впечаток како Министерството за внатрешни работи да го има главниот збор и дека централизацијата е мошне лошо направена“, смета Љубица Пендароска, претседател на Иницијатива за сајбер и корпоративна безбедност и кризен менаџмент – Ц3И.

 

Министерството за одбрана, пак, кое е огромен дел од критичната инфраструктура во полето на сајбер безбедноста, смета дека предизвиците со кои се соочува земјата се слични како и оние во соседните земји, потенцирајќи дека подобрата билатерална, регионална и интернационална соработка е неопходна за соочувањето со овие прашања.

 

„Пред сѐ, тука во преден план би ја навеле огромната технолошка експанзија и сѐ поголемата зависност од најновите технолошки достигнувања кај кои сме повеќе од свесни дека и покрај безбедносните мерки кои се преземаат при нивното дизајнирање секогаш ќе бидат пронајдени одредени „слаби точки“, кои можат да бидат злоупотребени од страна на злонамерните корисници. Република Македонија во последниот период најчесто се соочува со напади со одбивање на услуга (DDoS – Distributed Denial of Service), активизам и обезличување на web страници, скенирање или испитување на ИТ системите со цел нелегални упади во истите и промена на податоци, фишинг напади, вклучувајќи и фишинг напади врз точно дефинирани цели и т.н. „Ransomware напади“.Укажуваме на тоа дека имајќи во предвид дека сајбер нападите тешко можат да се контролираат и во најголем број случаи истите се реализираат од системи кои се надвор од државата каде е евидентиран нападот, еден од најважните сегменти за успешно справување со нив е билатералната, регионалната и меѓународната соработка“, велат за Макфакс од Министерството за одбрана.

 

Соодветни механизми за успешна имплементација

 

Сеопфатната стратегија којашто е направена од страна на властите укажува дека постојат средства за нејзино реализирање, пред се преку владините тела и соодветните механизми. Но овие механизми, според Ц3И, се и дел од прашањата кои Македонија треба што поскоро да ги реши.

 

„Не сме убедени дека АРМ има соодветен механизам за соодветен одговор на современите предизвици или пак да не зборуваме за Центарот за управување со кризи и Дирекцијата за заштита и спасување. Ако се знае нивната инволвираност во целокупниот систем на безбедност и одбрана, ќе стане јасно на што всушност алудираме. Дополнително не знаеме колку и како овој систем е земен во контекст на некои практични аспекти, на пример во однос на банкарскиот сектор. Имено, денес во свет на интероперабилност и меѓусебна зависност, потенцијален крах на банкарскиот систем значително може да ја загрози националната безбедност“, предупредуваат од Ц3И.

 

Од Министерството за одбрана, пак, потенцираат дека главните прашања од полето на сајбер безбедноста се разгледуваат во рамките на Воената академија, а истовремено за поголема едукација од оваа област предложено е и формирање на Институт за информациски технологии, кој би функционирал во рамките Националниот институт за одбрана, со што би се зголемиле капацитетите за справување со предизвиците во сајбер просторот.

 

„Согласно плановите овој Институт ќе реализира едукација на студенти од втор циклус на студии, со можност на развивање на програми за трет циклус на студии, каде основа за едукација и истражување ќе биде сајбер безбедноста со потенцирање на интердисциплинарноста  на оваа проблематика. Исто така, плановите се во рамките на Институтот да се реализираат и обуки со вработените во јавната администрација, но и дел од приватниот сектор (посебно оној кој е сопственик на критичната инфраструктура), за препознавање и управување со разни видови закани и ризици кои доаѓаат од сајбер просторот. Крајната цел на овој Институт е да прерасне во регионален „хаб“ каде би се изведувале регионални активности поврзани со сајбер одбраната и безбедноста. Во моментов се работи на официјализирање на Национална стратегија за сајбер безбедност со која точно ќе се дефинира улогата на секоја институција во системот за одбрана од евентуални закани во сајбер просторот. Воедно, работиме на полна оперативност на воспоставениот Националниот тим за одговор на сајбер инциденти. Дополнително, Националниот тим ќе треба да воспостави тимови  во останатите институции, државни и приватни, кои ќе бидат подготвени за директен одговор на заканите и кои меѓусебно ќе се координираат  во однос на активностите поврзани со одбраната од сајбер закани“, велат од Министерството за одбрана.

 

Различни пристапи, но со заедничка цел – справување со сајбер нападите

 

Споделувањето на информации е уште еден позитивен пристап кон воспоставувањето на подобра мрежа во однос на сајбер безбедноста, и која би можела лесно и ефикасно да се справи со разни напади, согласни се и приватниот и државниот сектор.

 

„Од особено важност за сајбер безбедноста е споделување на информации помеѓу субјектите, јавниот сектор, академската заедница и приватниот сектор во чија сопственост е најголем дел од критичната инфраструктура како што се енергетскиот, телекомуникацискиот, транспортниот, банкарскиот сектор итн. Би потенцирале дека е поради тоа што е утврдена потребата за подигнување на свесноста за можните последици од сајбер напади и спроведување на специјализирана обука за препознавање одредена закана во сајбер просторот за сите вработени во институциите од јавниот и приватниот сектор, вклучувајќи го и персоналот кој ги носи клучните одлуки во овие институции, како и ИТ персоналот“, додаваат од Министерството.

 

Покренувањето на свест кај населението околу ризиците и опасностите кои произлегуваат од сајбер нападите е нешто што може да помогне во голема мера штом стратегијата е веќе поставена, и може да придонесе во развојот на различни пристапи во справувањето со овие предизвици, сметаат од Ц3И.

 

„Модерниот свет на комуникација ја видоизменува перцепцијата за реалноста, па сега всушност „Информацијата е моќ“! Оттука, целта на подигнувањето на нивото на свест кај граѓаните не е насочена кон нивно заплашување и инхибирање во однос на користењето на современите технологии, туку кон нивно запознавање со позитивностите, но и со потенцијалните ризици и опасности.Кога ќе му кажете некому дека оваа тема задолжително треба да се вгради во наставата уште во основното образование, можеби ќе ве смета за несериозен. Кај нас, за жал, сеуште на оваа тема се гледа како тема која им припаѓа само на луѓето од ИТ секторот. Факт е дека 50-60 отсто ИТ секторот го има главниот збор. Но, имајќи предвид дека ИТ технологиите се инкорпорираат во сите сфери од секојдневниот живот и се наша реалност, неопходна е далеку поголема инволвираност на експерти од останатите сфери кои имаат допирни точки“ со ова прашање. Со други зборови, потребен е т.н. “The whole-of-government approach” за оваа проблематика. Тоа значи дека за регулирање на оваа материја и секако за будење на свеста кај индивидуите, се одговорни не само оние субјекти кои во конвенционална смисла (безбедносни субјекти) би се сметале за ексклузивно одговорни, туку и други субјекти-институции кои индиректно се вклучени во националната безбедност преку контекстот на градење на социјалната стабилност и сигурност во државата.  Во склад со современите трендови, на пример, во овој дел мора да се вклучат институции како Министерство за труд и социјала политика, Министерство за образование и наука, Министерство за здравство, како и приватниот сектор, пред се банкарскиот сектор“, се дел од предлозите направени од страна на Ц3И, а кои можат да помогнат во создавањето на ефикасен пристап.

 

Со оглед на заканите со кои Македонија досега се има соочено, впечатокот е дека засега земјата има капацитети за да се соочи со овие предизвици, но според приватниот сектор, важно е да се потенцира дека се уште доминира асиметријата во различните сектори, и она што може да се каже со сигурност е дека „никој и ништо во моментов не е безбедно“.

 

„Во конвенционална смисла Македонија би можела да се справи со сериозни сајбер закани, притоа воспоставувајќи реципрочни односи со земјите од регионот, но не и во неконвенционална смисла, каде постои опасност од крах. Регионалната соработка мора да се негува, иако таа е на ниско ниво, или поточно сведена е на формална обврска, не на ниво на практична соработка. Сепак, за волја на вистината, ова е сектор во кој соработката е доста деликатна и условена од политички импликации и динамики“, заклучуваат од Ц3И.

 

Според властите, пак, земјата црпи искуства и од европските и евроатланските институции, и настојува да создаде динамика кога станува збор за меѓународната соработка при изградбата на ефикасна стратегија за сајбер безбедност. „На активностите, освен експерти од државата и регионот, голем придонес со активно учество даваат и познати експерти од областа од НАТО институциите (пред сѐ од НАТО Центарот за сајбер одбрана во Естонија и НАТО Центарот за борба против тероризмот од Турција), САД, Велика Британија, Италија, Турција, Израел, Германија, Белгија итн. Целта на овие активности е да се соберат сите регионални и меѓународни експерти од областа на сајбер одбраната и безбедноста, кои истата ја третираат од различна перспектива (ИТ, правна, менаџерска, економска, политичка и тн.), да ги разменат своите искуства во ова поле и да развијат рамка за регионална и меѓународна соработка во областа на сајбер безбедноста“, објаснуваат за Макфакс од Министерството за одбрана./крај/мф/бс

 

 

Daily news

Италијанците на избори: Вечниот Берлускони, комичарот Грило или умерениот Ренци

Објавено пред

Илегалната миграција, економијата и односите со Европската унија (ЕУ) годинава се во фокусот на италијанските парламентарни избори кои ќе се одржат во недела, а на кои се очекува да гласаат повеќе од 40 милиони Италијанци.

Според последните анкети, повеќето од граѓаните на четвртата најголема европска економија се уште се неодлучни околу тоа како треба да биде изгледа новата италијанска влада.

Опции има повеќе, но она што им се нуди на италијанските граѓани во моментов не е ништо поразлично од претходните изборни циклуси години наназад, со исклучок на порастот на популизмот и се поголемата антимиграциска политика.

Анкетите покажуваат дека поддршката за поголемите партии и коалиции се сведува на или околу 30 проценти – па така коалицијата помеѓу десничарите на популарниот Силвио Берлускони, Форца Италија, и регионалната Северна лига има поддршка од 35 проценти, а веднаш зад нив се наоѓа Движењето „Пет Ѕвезди“ (М5С) со близу 30 проценти. Најслабо, пак, котира актуелната владејачка Демократска партија на поранешниот премиер Матео Ренци со 27 отсто.

Факторот Берлускони и сојузот со популистот Салвини

И покрај низата сексуални и политички скандали со кои се соочи во последните години (можеби и децении), на возраст од 81 година, Силвио Берлускони повторно станува фактор во италијанската политика – благодарение на тоа што во моментот Италијанците го перцепираат како „помалку лоша опција“ од останатите.

Силвио Берлускони (Фото: ЕПА)

Поради тоа што беше осуден за даночна измама, самиот Берлускони не може да има никаква функција до 2019 година, но од Форца Италија за Макфакс велат дека неговата личност се уште има огромно значење за иднината на земјата.

„Сите велат дека се разочарани од страна на владата на Ренци, дека не им веруваат на М5С и на Салвини, така што веројатно Берлускони е помалку лош од останатите. Сега, личноста на Силвио Берлускони е важна за Италија поради тоа што тоа влијае врз иднината на италијанската политика, и е гаранција за стабилноста на земјата, а исто така може да влијае и врз популизмот на Северната лига. Политиката на Берлускони може да претставува и решение за порастот на популарноста на Движењето М5С, кое според мене е најлошото можно сценарио за Италија.” објаснува Клаудио Бергамин, член на Форца Италија и кандидат на партијата во покраината Тревизо.

Клаудио Бергамин

Сепак, што се однесува до ставовите на Берлускони околу илегалната миграција, тука тој се наоѓа на иста линија со неговиот коалициски партнер и лидер на Северната лига, Матео Салвини. Проценките се дека во моментов во земјата има повеќе од 600 илјади илегални мигранти, а и Берлускони и Салвини сакаат истите што поскоро да ги испратат дома.

Кастелфранко е мал град во регионот Венето, на северот од земјата. Во него живеат околу 30 илјади жители, а моменталниот број на бегалци изнесува шест лица. Според градоначалникот на Кастелфранко кој доаѓа од редовите на Северната лига, Стефано Маркон, дури и оваа бројка на мигранти во негвиот град е преголема. Истовремено, тој исклучува секакво примање на нови мигранти.

Стефано Маркон

„Не сме подготвени да примиме нови мигранти поради тоа што како прво, тоа не е одлука која еден градоначалник може самостојно да ја донесе, и како второ, ова е нешто за коешто мора да одлучи владата. Градскиот совет не може да ги менаџира имиграциските политики. Исто така, треба да постои јасна разлика помеѓу бегалците и економските мигранти. Италија претрпе многу поради имиграцијата, пред се поради тоа што нема ефективно планирање и стратегија.“ потенцира за Макфакс градоначалникот на Кастелфранко.

Запрашани за ваквите ставови на нивниот коалициски партнер, членовите на Форца Италија не понудија директен одговор, туку само додадоа дека Берлускони и натаму останува гарантор на десничарската коалиција и нејзините идни политики, вклучително и оние во рамките на ЕУ.

Кастелфранко

„Тој е единствениот кандидат на овие избори кој има умерени ставови. Исто така би додал дека тој е гарантор за тоа дека десноцентристичката коалиција ќе ја води земјата кон безбедност на европско ниво. Во поглед на ЕУ, би рекол дека Форца Италија е еден од основачите на Европската народна партија (ЕПП) и ќе остане еден од главните партнери на ЕУ, верува во нејзините институции и во европската иднина на земјата. Но не можам да се однесувам дека во ЕУ не постојат проблеми, а излезноста на последните европски избори докажа дека италијанските граѓаните не ја перципираат ЕУ како решение и како можност за нив. Како одговорни политичари мораме да ја вратиме визијата за Европа како можност за луѓето, а тоа ќе го направиме преку промена на институционалниот и политичкиот систем. Мораме да бидеме сигурни дека Европската комисија ќе ги претставува граѓаните, што сега не е случај.“ вели членот на Форца Италија, Фабио Маџо.

Фабио Маџо

„Петте ѕвезди“ ја чекаат својата шанса да блеснат

Движењето „Пет Ѕвезди“ (М5С) е основано од страна на популарниот италијански комичар Бепе Грило во 2009, кој е и лидер во сенка. Лицето на партијата пак, е актуелниот 31-годишен лидер Луиџи Ди Мајо.

Главните „одлики“ на Петте ѕвезди се во неговиот евроскептичен, анти-естаблишмент и антиглобализациски карактер – нешто што во моментот му носи поддршка од околу 30 проценти. Основачот Грило често себеси се нарекува и популист, а членовите на Движењетo често потенцираат дека М5С не е политичка партија, бидејќи не припаѓа нити кон левицата, нити кон десницата.

Луиџи Ди Мајо (Фото: ЕПА)

Кон прашањето на илегалната миграција, Движењето има безмалку исти ставови како и неговите противници Форца Италија и Северната лига. Според пратеничката од редовите на М5С, Џулија Сарти, политичарите мора да изнајдат решенија за илегалната миграција кои првенствено ќе бидат соодветни за Италија.

„Илегалната миграција е криминал. Да можат нашите судови да депортираат некого, ако не знаат каде е тој? Сме имале судења на кои не присуствувал никој.

Неопходно е да најдеме решенија за имиграцијата кои ќе и одговараат на нашата земја.“ објаснува Сарти. Движењето не е против Европа, но е против „оваа Европа“, додава таа.

Џулија Сарти

„Не сме против Европа. Ние сме против „оваа“ Европа. Европа не треба се плаши од Движењето М5С. Тие треба да се плашат од тоа што ќе треба да се справуваат со кредибилни лица, кои сакаат резултати. Главниот проблем за Италија сега е Даблинскиот договор. Не можеме сами да се справиме со бегалците. На нашите комисии им требаат околу две години за да одлучат кој треба да добие азил.“ потенцира Сарти.

На европско ниво пак, Италија одамна го изгубено кредибилитетот и не е доволно силна за да се избори за себе, вели таа. „Би сакале да имаме референдумот за еврото, но ова не е референдум што може да се оддржи денес. Сакаме да разговараме со земји кои се слични ко нас – Португалија, Грција, и заедно да бидеме посилни.“ додава Сарти.

Падова

На изборите во 2013, Движењето доби најмногу гласови во изборите за долниот дом на Парламентот, но поради тоа што одби да формира коалиција , освои само 109 пратенички места од вкупно 630 и заврши на третото место. Сарти овојпат се надева на поинаков епилог, а доколку лидерот на Движењето, Ди Мајо победи на изборите, тој ќе стане и најмладиот премиер во историјата на земјата.

Стоте чекори на Демократската партија

Владејачката Демократска партија според анкетите котира најниско во однос на големите играчи на овогодинешните избори, со поддршка од околу 27 проценти. Во предизборната кампања партијата не настапи со изразит кандидат, па така многумина се уште ја поврзуваат со ликот и делото на поранешниот премиер Матео Ренци, кој по неуспехот на уставниот референдум во 2016 година поднесе оставка на функцијата.

Матео Ренци (Фото: ЕПА)

Главното мото на партијата во пресрет на изборите беше „Стоте чекори кои ги направивме, и стоте чекори кои ќе ги направиме“ – што е далеку од спектакуларна најава за тоа што би се променило во земјата доколку Демократската партија остане на власт. Во последните години, италијанската влада беше предводена од страна на три премиери кои доаѓаат од партијата: Енрико Лета (2013-2014), Матео Ренци (2014-2016) и актуелниот премиер Паоло Џентилони.

Успесите на Демократската партија за време на петгодишното владеење се сведуваат на намалување на дефицитот и јавниот долг, како и доследното спроведување на имиграциските политики, но без конкретни насоки за тоа каде и како би можела земјата да се движи во наредниот период.

„Во 2014 година овие имиграциски политики ги вклучивме во нашата политичка агенда и имаме една природна еволуција во однос на прашањето. Го имплементиравме овој дел од агендата и пристапувањето во целиот тој процес беше прашање на политичка волја. Тоа е и разликата помеѓу градоначалниците во регионот, и во овој случај претставниците на Северната лига се уште шират стравови поради примањето на бегалците.“ вели актуелниот министер за територијална кохезија од редовите на Демократската партија, Клаудио Де Винсенти.

Клаудио Де Винсенти

Според него, Демократската партија и натаму ќе става акцент на процесот на глобализацијата, и на создавањето на „низа правила преку кои овој процес не би се претворил во сила која создава несигурност“.

По последните избори во 2013 и европските избори во 2014, Демократската партија остана најголемата партија во долниот дом на Парламентот, Сенатот и Европскиот парламент, но според тоа што го нуди на овие избори, се чини дека работите за неа набргу би можеле драстично да се променат.

Младите знаат за кого нема да гласаат

За време на престојот во Кастелфранко, Макфакс имаше можност да поразговара и со неколкумина млади Италијанци, кои во недела за првпат ќе имаат можност да го искористат своето гласачко право.

За 19-годишните Алесандро, Индија и Сара, нивната иднина не лежи во Италија. Повеќе се чувствуваат како Европјани, отколку како Италијанци, и не сакаат уште долго да останат во како што велат, „конзервативната и затворена средина на Кастелфранко“.

Сите тројца велат дека ќе гласаат на претстојните избори, но дека се уште не одлучиле за кого ќе го дадат својот глас. Единственото нешто за што се сигурни, пак, е за кого нема да гласаат.

„За разлика од Балканот, каде што имам многу пријатели, тука младите не се фокусираат премногу на политиката. Се уште не знам кого ќе поддржам на изборите, но знам кого нема да поддржам“, вели Алесандро.

Околу тоа која е главната причина поради што би ја напуштиле Италија, велат дека тоа би го направиле најмногу поради нивото на образованието. Сакаат да бидат доктори, новинари и наставници, и сметаат дека во дел од останатите европски земји би добиле далеку поквалитетно образование, отколку во Италија. Политичарите треба најпрво да ги слушнат ваквите апели, а дури потоа да ги креираат своите изборни програми, порачуваат овие млади.

Бојан Стојковски

Прикажи повеќе...

Daily news

(ВИДЕО) „Макфакс“ во Сеул: Од работ на војна до надеж за обединување со Северна Кореја

Објавено пред

„Надеж за помирување, љубов и прошка“ – гласи една од речениците во описот на Статуата на браќата пред влезот во Воениот музеј во јужнокорејската престолнина Сеул.

Статуата со која е прикажана првата средба на бојното поле и прегратката помеѓу двајца браќа, јужнокорејски офицер и севернокорејски војник, на најдобар начин ја опишува трагедијата на корејскиот народ, кој од 1953 година живее поделен во Јужна и Северна Кореја.

Двете земји колку што се блиску една до друга толку се и длабоко поделени во секој сегмент од општествата во кои живеат. На статуата пред Воениот музеј поделбата на двете Кореи е претставена преку пукнатина во куполата на која стојат двајцата браќа – истовремено симболизирајќи ја и надежта на корејскиот народ за повторното обединување.

Соговорниците со кои „Макфакс“ дискутираше во поглед на обединувањето на двете Кореи беа исто така поделени – земајќи ги предвид моменталните односи помеѓу Сеул и Пјонгјанг, како и историскиот аспект на поделбата на Корејскиот Полустров.

По завршувањето на Втората светска војна и зачетокот на Студената војна помеѓу САД и Советскиот сојуз преговорите помеѓу тогашните сојузници и победници од војната не успеаја да доведат до формирање независна и обединета Кореја, дотогаш окупирана од страна на Јапонија.

Во 1948 година на југот на Корејскиот Полуостров, контролиран од страна на САД, беше воспоставена Република Кореја. На северот, пак, под контрола на тогашниот Советски сојуз, беше формирана Демократската Народна Република Кореја.

На 26 јуни 1950 година, поминувајќи ја прочуената 38. паралела, севернокорејската армија ја започна тригодишната братоубиствена војна на полуостровот, во која животите ги загубија повеќе од четири милиони луѓе. Речиси секој Кореец денес овој тригодишен период го доживува како трагедија на корејскиот народ и причина за настанувањето на „единствената поделена земја на светот“, велат нашите соговорници.

Двете страни во моментов технички се во војна, со речиси постојани тензии и меѓусебни провокации, предизвикани најчесто од страна на Пјонгјанг и севернокорејскиот лидер Ким Џонг-ун, кој поради зачестените тестови на нуклеарни проектили и балистички ракети во последниот период е трн во окото на меѓународната заедница, особено на американскиот претседател Доналд Трамп.

Но, колку е реална заканата од нова војна помеѓу двете Кореи, а со тоа и сеопфатна нуклеарна војна која би ги вклучила и големите светски сили? Според нашите соговорници во Јужна Кореја, шансите за ваков развој на настаните се доста мали, пред сè поради тоа што Северна Кореја провокациите најчесто ги користи како одбранбен механизам и начин да го привлече вниманието на светската јавност.

„Како што поминува времето чувствувам дека состојбата станува сè поопасна. Но, и покрај тоа, сметам дека не постои директна опасност од војна. Дел сум од армијата, постојано имаме вежби и сме подготвени. Сепак, не мислам дека тоа ќе се случи во наредниот период“, вели за „Макфакс“ еден јужнокорејски војник, кој посака да остане анонимен.

Во поглед на обединувањето на двете Кореи, пак, тој вели дека според него, тоа треба да биде процес кој ќе настане по мирен пат и без никакви жртви на двете страни. Сепак, потенцира дека познава и многумина кои не сакаат да дојде до обединување на Корејскиот Полуостров.

„Особено младите луѓе, на возраст од 20, 30 години, сметаат дека обединувањето не е толку важно бидејќи имаат сопствени проблеми во поглед на егзистенцијата и наоѓањето работа, така што тие и не сакаат да се жртвуваат премногу за Северна Кореја“, објаснува јужнокорејскиот војник за „Макфакс“.

Условите во кои денес поделениот корејски народ живее на двете страни од Корејскиот Полуостров се дијаметрално спротивни. Додека 50-милионска Јужна Кореја, која од почетокот на 60-тите години од минатиот век па до денес успеа од земјоделско да се трансформира во високоразвиено и индустриско општество, 23-милионска Северна Кореја доби статус на една од најизолираните и најзатворени земји во светот, позната единствено по нуклеарната програма и воените провокации кон Западот.

За 28-годишниот студент Даел Јанг токму околностите под кои двете земји се развиваа во изминатите 64 години се и најголема пречка за обединувањето на Корејскиот Полуостров, заедно со однесувањето на севернокорејскиот лидер Ким Џонг-ун.

„Јужна Кореја е развиена и напредна земја во споредба со Северна Кореја, која, пак, е сиромашна и нејзиниот народ страда поради политичките проблеми. Поради овие проблеми, тие сметаат дека обединувањето нема да донесе нови инвестиции и подобрувања во Северна Кореја. Поради тоа таму доминира негативното и агресивно размислување“, објаснува Даел за „Макфакс“.

Постојаните закани за војна, пак, се дел од одбранбениот механизам на Пјонгјанг, додава тој. „Тие само сакаат да наметнат опасна состојба и тоа е еден одбранбен механизам, како на пример преку агресивното однесување. Доколку состојбата се погледне реално, мислам дека таа сепак не е толку опасна“, вели Даел.

Според 34-годишната Џинџу Мишел Парк, нуклеарното вооружување на Северна Кореја не ги плаши луѓето во Јужна Кореја поради тоа што знаат дека сè што сака нивниот северен сосед да направи – е само да привлече внимание.

„Тие сепак се изолирани и се обидуваат преку заплашувањето со нуклеарното вооружување да привлечат некакво внимание. Но, луѓето во Јужна Кореја не се загрижени. На пример, сите странци што ги познавам ме исконтактираа за да ме прашаат дали тука сè е во ред поради нуклеарните тестови, но тука никој воопшто не е загрижен поради тоа“, вели Парк.

Решението за обединувањето на двете Кореи, пак, според неа е преку помирувањето и директните разговори помеѓу двете страни, без мешање на надворешните фактори.

„Она што е исто тажно е тоа што другата страна, бидејќи ние, сепак, сме еден народ, се обидува најсилно што може да го изрази својот гнев на разни негативни начини. Но, никој тука не се грижи поради тоа. Сметам дека треба да најдеме решение за двете земји да се обединат, но тоа да не биде направено со помош од надвор туку само помеѓу овие две страни. Главната причина за поделбата на нашите земји беше токму влијанието на надворешните сили“, објаснува Парк.

И додека светската јавност постојано е во исчекување на секој нов потег од страна на севернокорејскиот „ракетен човек“ Ким Џонг-ун, Јужнокорејците сето тоа го доживуваат сосема спокојно. Сепак, како што велат нашите соговорници, колку што се мали шансите за нова војна помеѓу двете Кореи, за жал, толкави се во моментов и шансите за нивното обединување.

Текст: Бојан Стојковски
Монтажа: Бојан Ефремов

Прикажи повеќе...

Daily news

„Стабилократија“, нов начин на владеење во земјите од западниот Балкан

Објавено пред

На 23 јуни, во присуство на повеќе странски челници колку што може да собере, Александар Вучиќ беше инаугуриран како претседател на Србија.

Поранешниот премиер, избран за претседател на 2 април, одлучи да одржи голема инаугуративна церемонија за да ја демонстрира својата величина.

За свој наследник на премиерската функција, Вучиќ ја номинираше Ана Брнабиќ, декларирана геј жена, со што заработи поени кај странските либерали.

Западните лидери можеа да здивнат. Србија е една од помоќните држави на западниот Балкан, а Вучиќ, без оглед на неговите недостатоци, може да ја одржи стабилна.

Варијации на оваа зделка може да се забележат низ регионот. Некои ги нарекуваат ваквите влади „стабилократии“

Главен опонент на Вучиќ во претседателската трка беше Вук Јеремиќ, поранешен српски министер за надворешни работи. Кампањата беше валкана. Медиумите блиски до Вучиќ излегоа со тврдења дека Јеремиќ бил таен муслиман поддржан од Исламска држава, кој бил соучесник во убиство од висок профил. Неговата сопруга наводно предводела нарко картел. Полицијата дури и го испрашуваше Јеремиќ поради наводни финансиски неправилности, но не поднесе обвиненија.

Јеремиќ вели дека сите приказни биле измислени.

Она што му се случи на Јеремиќ никого не изненади. Според Срѓа Павловиќ, црногорски академик кој е автор на терминот„стабилократија“, Западот ги игнорира сите локални автократи сè додека го чуваат мирот. Босна, на пример, останува дисфункционална повеќе од две децении, поделена по етнички клуч, но Америка и Европа го толерираат тоа под услов тамошните лидери да не дозволат кризата да стане насилна.

„Стабилократијата“ функционира различно, во зависност од државата. Во Црна Гора јасно е кој го води шоуто. Од 1989 година тоа беше Мило Ѓукановиќ, кој повремено се повлекуваше од функцијата претседател или премиер, влечејќи ги конците од зад сцената.

Црногорската влада беше наградена од Западот со придружувањето на земјата во НАТО на 5 јуни.

Обично во земјите од Балканот изборите водат до преговори за коалиции кои се фокусираат како да се подели пленот.(Избори како оние што се одржаа во Албанија на 25 јуни во кои социјалистите убедливо победија се многу ретки)

Решението за тоа кој кое министерство ќе го добие е релативно лесно. Поголем проблем е кој која државна компанија ќе ја добие. Во Македонија, ВМРО-ДПМНЕ, партија што беше на власт повеќе од деценија, конечно попушти по протекувањето на информациите за корупција и мешање во судството.

На 31 мај Социјалдемократскиот сојуз, заедно со албанските партии, ја презема власта. Но новата влада ќе продолжи по истиот пат како нивните претходници, доколку „не прекине со практиката за партиска контрола врз државата“, вели Флорија Бибер, политиколог од Универзитетот Грац. /макфакс/

Прикажи повеќе...

Најново

Македонија5 минути

Димитриевски: Ако обвинувањата за тендерите и грантовите се точни, мора да ги осудиме

Доколку и еден промил од овие тешки обвинувања за тендерите, грантовите… е точен, мораме да се свртиме кон нас самите,...

плажа, одмор, Европска Унија плажа, одмор, Европска Унија
Македонија17 минути

Македонија на врвот на листата на земји во кои луѓето не можат да си дозволат годишен одмор

Според истражувањето на Евростат, една третина од популацијата на Европската Унија (32,9 отсто) не можат да си дозволат годишен одмор...

Лос Анџелес, заложници Лос Анџелес, заложници
Вести46 минути

(Видео) Заложничка драма во продавница во Лос Анџелес, убиена една жена

Вооружен напаѓач упаднал во продавница во Лос Анџелес и околу три часа како заложници држел 50-тина луѓе пред да ѝ...

Светска банка, јавен долг, Министерство за финансии Светска банка, јавен долг, Министерство за финансии
Економија2 часа

МФ: Светска банка забележа напредок во управувањето со јавниот долг во Македонија

Светската банка забележа дека Македонија за кус период има исклучителен напредок во управувањето со јавниот долг, соопшти Министерството за финансии....

Македонија15 часа

Измените на Изборниот законик в понеделник на собраниска седница

Пратениците в понеделник на седница ќе расправаат за предлог-законот за изменување на Изборниот законик, по завршување на комисиската расправа. Измените...

Македонија21 час

Лидерската продолжува в понеделник во девет наутро

Лидерската средба ќе продолжи во 9 часот в понеделник во истиот состав како и минатиот пат, потврдија извори од Владата...

bugarija-eu bugarija-eu
Регион22 часа

Бугарскиот парламент и забрани на владата реадмисија на мигрантите од ЕУ

Бугарскиот парламент синоќа, со мнозинство гласови, ја усвои резолуцијата со која на владата и забранува да потпише билатерални договори со...

Debarsko Ezero Debarsko Ezero
Топ23 часа

Рибар го пронајде телото на лице што се водеше за исчезнато во Дебар

Утрово по шест часот, било пријавено дека во водите на Дебарско Езеро од страна на рибар, пронајдено било телото на...

sad-kina sad-kina
Свет24 часа

ЦИА: Кина води тивка студена војна против САД

Главниот експерт на ЦИА за Азија, предупреди дека Кина води „товок вид на студена војна“ против САД, користејќи ги своите...

Македонија1 ден

Четири лица добија кривични за сообраќајката во која починаа двајца мигранти

МВР поднесе кривична пријава против четири лица, во врска со настанот од 25-ти минатиот месец, кога при собраќајна незгода починаа двајца...

Македонија1 ден

Полицаец пронајден мртов со прострелна рана во главата

Надлежен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Прилеп со екипа од крим-техника, изврши увид на местото во близина на локалниот...

Македонија1 ден

Демократската фракција на ВМРО-ДПМНЕ бара oд Мицкоски да поднесе оставка

ВМРО ДПМНЕ – Демократска Фракција преку соопштение го повика лидерот на опозицијата, Христијан Мицкоски итно да поднесе оставка од функцијата...

Македонија2 дена

Груби ја затвори расправата за Изборниот законик без ниту еден прифатен амандман

Претседателот на Комисијата за европски прашања, Артан Груби, ја затвори расправата за Изборниот законик, без да прифати ниту еден амандман....

artan grubi, komisija. vmro-dpmne, amandmani, dik, izborni izmeni, zakonik artan grubi, komisija. vmro-dpmne, amandmani, dik, izborni izmeni, zakonik
Македонија2 дена

Алими побара нова пауза за проверка на преводот, опозицијата вели: „Власта не сака да дебатира“

По паузата од два часа, пратеникот Ејуп Алими побара нова пауза на Комисијата за европски прашања за да го проверат...

Македонија2 дена

Кој ќе биде амнестиран со можните измени на Кривичниот законик?

ВМРО-ДПМНЕ не преговара за амнестија, туку бара подобри законски решенија, вака опозициската партија реагира на објавите дека се обидуваат да...

Косово, Рамуш Харадинај, Александар Вучиќ Косово, Рамуш Харадинај, Александар Вучиќ
Регион2 дена

Харадинај: Евентуална поделба на Косово би значело почеток на војна

Премиерот на Косово, Рамуш Харадинај, изјави дека евентуална поделба на Косово за него би претставувало почеток на војна. Харадинај го...

Gavril Bubevski SJO Gavril Bubevski SJO
Македонија2 дена

(Видео) СЈО му честиташе на судот за конфискацијата на целата сума од тендерот во пресудата за „Труст“

Обвинителот Гаврил Бубевски од специјалното јавно обвинителство по изрекувањето на пресудата за случајот „Труст“ рече дека е задоволен од пресудата,...

Тимјаник, Мила Царовска, дом Тимјаник, Мила Царовска, дом
Македонија2 дена

Отворен домот во Тимјаник, во него се сместени четири деца

Официјално почнува со работа новиот мал групен дом во Тимјаник, Неготинско. Од денеска тука ќе бидат сместени четири деца од...

Сеад Кочан Трансмет, Труст, СЈО Сеад Кочан Трансмет, Труст, СЈО
Македонија2 дена

(Видео) Сеад Кочан осуден на 6 години затвор, Авировиќ на три години

Бизнисменот Сеад Кочан е осуден на шест години затворска казна во предметот „Труст“ на СЈО, а Василије Авировиќ на три...

ilija dimovski, amandmani, komisija, DIK ilija dimovski, amandmani, komisija, DIK
Македонија2 дена

Димовски до Груби: Седнете со Џафери и гласајте сами за ДИК

Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Илија Димовски, му порача на претседателот на Комисијата за европски прашања, Артан Груби, дека Владата ставила европско...

Досие