Контакт

Анализи

Вашингтонската ПР офанзива не ги смири грижите на Европејците

Објавено пред

Еден месец по невообичаеното претседателствување на Доналд Трамп, највисоките функционери од неговата администрација се упатија оваа седмица во Брисел, Бон и Минхен за да ги уверат нервозните Европејци дека сé ќе биде во ред.

 

Европејците прво од министерот за одбрана на САД,Џејмс Матис слушнаа дека НАТО не „застарел“, иако неговиот претседател Доналд Трамп повеќепати го сугерираше спротивното. А пота потпретседателот Мајк Пенс рече дека Русија ќе понесе одговорност за своите акции во Украина, иако Трамп многу пријателски се однесува кон рускиот претседател Владимир Путин, анализира Reuters.

Меѓутоа, ако целта на американските функционери беше давање гаранции дека столбовите на американската надворешна политика остануваат неизместени, тоа сосема не им појде од рака, велат европските дипломати, политичари и аналитичари собрани на годишната безбедносна конференција во германски Минхен.

„Она што го слушнавме не беше уверливо. Нема никакви визии како ќе работиме заедно“, вели поранешниот претседател на комисијата за надворешна политика на германскиот Бундестаг, Рупрехт Поленц за говорот на Пенс во Минхен.

Пенс е највисоко рангираниот функционер од администрацијата на Трамп кој допатува во Европа и неговиот говор со нетрпение се очекуваше. Неговиот претходни Џозеф Бајден пред осум години на истото место ги освои насловните страници со ветувањето дека Вашингтон „ќе ги ресетира“ односите со Москва. Но излезе на полошо.

Спротивно од Бајден, Пенс во Минхен пристигна со голем хендикеп – перцепција, поттикната и од атмосферата од неодамнешната оставка на советникот на Белата куќа за безбедност Мајкл Флин за неговите контакти со Русија – дека не е дел од ткн внатрешен круг на Трамп.

„Неговата задача беше доволно тешка, дури и без сомничавоста дека има некакво влијание во Белата куќа“, вели Дерек Чолет, некогашен советник на претходниот американски претседател Барак Обама по прашањата за одбранбените политики.

Пенс се обиде да ги отстрани сомнежите веднаш на почетокот, велејќи дека зборува во името на Трамп. Но тогаш во 20-минутниот говор го спомена претседателот дури 19 пати, што еден од учесниците на собирот, аналитичарот и историчар Роберт Каган, ги поттикна ова обраќање да го нарече „поздрав на роботот до властодржецот“.

„Пенс, Матис и Тилерсон може да дојдат овде и да раскажуваат за влажноста на трансатлантските односи и НАТО, и тоа е добро… Но ние не знаеме што ќе стаса на Twitter следното утро“, изјави шефот на комисијата на Европскиот парламент за надворешна политика, Елмар Брок, алудирајќи на навиката на Трамп наутро да ги објавува политичките изјави на оваа социјална мрежа.

Оставката на Флин дополнително ја продлабочи загатката околу тоа кого Трамп слуша кога е во прашање надворешната политика. Политичкиот аналитичар Улрих Спек се присетува на славната изјава на Хенри Кисинџер во која своевремено се запраша кого треба да се повика, доколку сака „да се разговара со Европа“. „Сега Европа се прашува кого треба да повика ако сака да разговара со Америка“, вели Спек.

Освен што нагласуваше дека НАТО останува цврст, Пенс се обиде да ги убеди Европејците дека САД не се откажуваат од демократските вредности, во време кога Трамп речиси секојдневно ги напаѓа судовите и медиумите.

„Ги споделуваме истите благородни идеи, слободата, демократијата, правдата и владеењето на законите“, рече Пенс. Таа порака е добро примена, но другите и не толку добро.

Пенс предизвика набирање на веѓите кај челниците присутни во Минхен со сугестијата дека договорот меѓу шесте светски сили и Иран, кој има силна поддршка во Европа, му „ослободувала средства на Техеран за промоција на тероризмот“.

Неговите повторувани референци на „радикалниот исламски тероризам“ не се добро примени од оние кои мислат дека администрацијата на Трамп во борбата со тероризмот се насочува кон сите муслимани. Германската канцеларка Ангела Меркел предупреди на тоа во својот говор кој му претходеше на оној на Пенс.

Францускиот министер Жан-Марк Ејрол изрази незадоволство од фактот дека Пенс не испрати ниедна порака за поддршка на Европската унија, иако на тоа го повика организаторот на минхенската конференција Волфганг Ишингер. „Ме погоди тоа што воопшто не ја спомена ЕУ“, рече Ејрол.

Трамп, пак, повеќепати ја пофали одлуката на Велика Британија да ја напушти Европската унија и сугерираше дека и другите земји ќе го следат нејзиниот пример. Американската политика со децении активно ја поддржуваше интеграцијата на Европа, во прв ред како ограничување на руското влијание, а сега се чини дека ја охрабрува нејзината дезинтеграција./крај/мф/сн

Daily news

Италијанците на избори: Вечниот Берлускони, комичарот Грило или умерениот Ренци

Објавено пред

Илегалната миграција, економијата и односите со Европската унија (ЕУ) годинава се во фокусот на италијанските парламентарни избори кои ќе се одржат во недела, а на кои се очекува да гласаат повеќе од 40 милиони Италијанци.

Според последните анкети, повеќето од граѓаните на четвртата најголема европска економија се уште се неодлучни околу тоа како треба да биде изгледа новата италијанска влада.

Опции има повеќе, но она што им се нуди на италијанските граѓани во моментов не е ништо поразлично од претходните изборни циклуси години наназад, со исклучок на порастот на популизмот и се поголемата антимиграциска политика.

Анкетите покажуваат дека поддршката за поголемите партии и коалиции се сведува на или околу 30 проценти – па така коалицијата помеѓу десничарите на популарниот Силвио Берлускони, Форца Италија, и регионалната Северна лига има поддршка од 35 проценти, а веднаш зад нив се наоѓа Движењето „Пет Ѕвезди“ (М5С) со близу 30 проценти. Најслабо, пак, котира актуелната владејачка Демократска партија на поранешниот премиер Матео Ренци со 27 отсто.

Факторот Берлускони и сојузот со популистот Салвини

И покрај низата сексуални и политички скандали со кои се соочи во последните години (можеби и децении), на возраст од 81 година, Силвио Берлускони повторно станува фактор во италијанската политика – благодарение на тоа што во моментот Италијанците го перцепираат како „помалку лоша опција“ од останатите.

Силвио Берлускони (Фото: ЕПА)

Поради тоа што беше осуден за даночна измама, самиот Берлускони не може да има никаква функција до 2019 година, но од Форца Италија за Макфакс велат дека неговата личност се уште има огромно значење за иднината на земјата.

„Сите велат дека се разочарани од страна на владата на Ренци, дека не им веруваат на М5С и на Салвини, така што веројатно Берлускони е помалку лош од останатите. Сега, личноста на Силвио Берлускони е важна за Италија поради тоа што тоа влијае врз иднината на италијанската политика, и е гаранција за стабилноста на земјата, а исто така може да влијае и врз популизмот на Северната лига. Политиката на Берлускони може да претставува и решение за порастот на популарноста на Движењето М5С, кое според мене е најлошото можно сценарио за Италија.” објаснува Клаудио Бергамин, член на Форца Италија и кандидат на партијата во покраината Тревизо.

Клаудио Бергамин

Сепак, што се однесува до ставовите на Берлускони околу илегалната миграција, тука тој се наоѓа на иста линија со неговиот коалициски партнер и лидер на Северната лига, Матео Салвини. Проценките се дека во моментов во земјата има повеќе од 600 илјади илегални мигранти, а и Берлускони и Салвини сакаат истите што поскоро да ги испратат дома.

Кастелфранко е мал град во регионот Венето, на северот од земјата. Во него живеат околу 30 илјади жители, а моменталниот број на бегалци изнесува шест лица. Според градоначалникот на Кастелфранко кој доаѓа од редовите на Северната лига, Стефано Маркон, дури и оваа бројка на мигранти во негвиот град е преголема. Истовремено, тој исклучува секакво примање на нови мигранти.

Стефано Маркон

„Не сме подготвени да примиме нови мигранти поради тоа што како прво, тоа не е одлука која еден градоначалник може самостојно да ја донесе, и како второ, ова е нешто за коешто мора да одлучи владата. Градскиот совет не може да ги менаџира имиграциските политики. Исто така, треба да постои јасна разлика помеѓу бегалците и економските мигранти. Италија претрпе многу поради имиграцијата, пред се поради тоа што нема ефективно планирање и стратегија.“ потенцира за Макфакс градоначалникот на Кастелфранко.

Запрашани за ваквите ставови на нивниот коалициски партнер, членовите на Форца Италија не понудија директен одговор, туку само додадоа дека Берлускони и натаму останува гарантор на десничарската коалиција и нејзините идни политики, вклучително и оние во рамките на ЕУ.

Кастелфранко

„Тој е единствениот кандидат на овие избори кој има умерени ставови. Исто така би додал дека тој е гарантор за тоа дека десноцентристичката коалиција ќе ја води земјата кон безбедност на европско ниво. Во поглед на ЕУ, би рекол дека Форца Италија е еден од основачите на Европската народна партија (ЕПП) и ќе остане еден од главните партнери на ЕУ, верува во нејзините институции и во европската иднина на земјата. Но не можам да се однесувам дека во ЕУ не постојат проблеми, а излезноста на последните европски избори докажа дека италијанските граѓаните не ја перципираат ЕУ како решение и како можност за нив. Како одговорни политичари мораме да ја вратиме визијата за Европа како можност за луѓето, а тоа ќе го направиме преку промена на институционалниот и политичкиот систем. Мораме да бидеме сигурни дека Европската комисија ќе ги претставува граѓаните, што сега не е случај.“ вели членот на Форца Италија, Фабио Маџо.

Фабио Маџо

„Петте ѕвезди“ ја чекаат својата шанса да блеснат

Движењето „Пет Ѕвезди“ (М5С) е основано од страна на популарниот италијански комичар Бепе Грило во 2009, кој е и лидер во сенка. Лицето на партијата пак, е актуелниот 31-годишен лидер Луиџи Ди Мајо.

Главните „одлики“ на Петте ѕвезди се во неговиот евроскептичен, анти-естаблишмент и антиглобализациски карактер – нешто што во моментот му носи поддршка од околу 30 проценти. Основачот Грило често себеси се нарекува и популист, а членовите на Движењетo често потенцираат дека М5С не е политичка партија, бидејќи не припаѓа нити кон левицата, нити кон десницата.

Луиџи Ди Мајо (Фото: ЕПА)

Кон прашањето на илегалната миграција, Движењето има безмалку исти ставови како и неговите противници Форца Италија и Северната лига. Според пратеничката од редовите на М5С, Џулија Сарти, политичарите мора да изнајдат решенија за илегалната миграција кои првенствено ќе бидат соодветни за Италија.

„Илегалната миграција е криминал. Да можат нашите судови да депортираат некого, ако не знаат каде е тој? Сме имале судења на кои не присуствувал никој.

Неопходно е да најдеме решенија за имиграцијата кои ќе и одговараат на нашата земја.“ објаснува Сарти. Движењето не е против Европа, но е против „оваа Европа“, додава таа.

Џулија Сарти

„Не сме против Европа. Ние сме против „оваа“ Европа. Европа не треба се плаши од Движењето М5С. Тие треба да се плашат од тоа што ќе треба да се справуваат со кредибилни лица, кои сакаат резултати. Главниот проблем за Италија сега е Даблинскиот договор. Не можеме сами да се справиме со бегалците. На нашите комисии им требаат околу две години за да одлучат кој треба да добие азил.“ потенцира Сарти.

На европско ниво пак, Италија одамна го изгубено кредибилитетот и не е доволно силна за да се избори за себе, вели таа. „Би сакале да имаме референдумот за еврото, но ова не е референдум што може да се оддржи денес. Сакаме да разговараме со земји кои се слични ко нас – Португалија, Грција, и заедно да бидеме посилни.“ додава Сарти.

Падова

На изборите во 2013, Движењето доби најмногу гласови во изборите за долниот дом на Парламентот, но поради тоа што одби да формира коалиција , освои само 109 пратенички места од вкупно 630 и заврши на третото место. Сарти овојпат се надева на поинаков епилог, а доколку лидерот на Движењето, Ди Мајо победи на изборите, тој ќе стане и најмладиот премиер во историјата на земјата.

Стоте чекори на Демократската партија

Владејачката Демократска партија според анкетите котира најниско во однос на големите играчи на овогодинешните избори, со поддршка од околу 27 проценти. Во предизборната кампања партијата не настапи со изразит кандидат, па така многумина се уште ја поврзуваат со ликот и делото на поранешниот премиер Матео Ренци, кој по неуспехот на уставниот референдум во 2016 година поднесе оставка на функцијата.

Матео Ренци (Фото: ЕПА)

Главното мото на партијата во пресрет на изборите беше „Стоте чекори кои ги направивме, и стоте чекори кои ќе ги направиме“ – што е далеку од спектакуларна најава за тоа што би се променило во земјата доколку Демократската партија остане на власт. Во последните години, италијанската влада беше предводена од страна на три премиери кои доаѓаат од партијата: Енрико Лета (2013-2014), Матео Ренци (2014-2016) и актуелниот премиер Паоло Џентилони.

Успесите на Демократската партија за време на петгодишното владеење се сведуваат на намалување на дефицитот и јавниот долг, како и доследното спроведување на имиграциските политики, но без конкретни насоки за тоа каде и како би можела земјата да се движи во наредниот период.

„Во 2014 година овие имиграциски политики ги вклучивме во нашата политичка агенда и имаме една природна еволуција во однос на прашањето. Го имплементиравме овој дел од агендата и пристапувањето во целиот тој процес беше прашање на политичка волја. Тоа е и разликата помеѓу градоначалниците во регионот, и во овој случај претставниците на Северната лига се уште шират стравови поради примањето на бегалците.“ вели актуелниот министер за територијална кохезија од редовите на Демократската партија, Клаудио Де Винсенти.

Клаудио Де Винсенти

Според него, Демократската партија и натаму ќе става акцент на процесот на глобализацијата, и на создавањето на „низа правила преку кои овој процес не би се претворил во сила која создава несигурност“.

По последните избори во 2013 и европските избори во 2014, Демократската партија остана најголемата партија во долниот дом на Парламентот, Сенатот и Европскиот парламент, но според тоа што го нуди на овие избори, се чини дека работите за неа набргу би можеле драстично да се променат.

Младите знаат за кого нема да гласаат

За време на престојот во Кастелфранко, Макфакс имаше можност да поразговара и со неколкумина млади Италијанци, кои во недела за првпат ќе имаат можност да го искористат своето гласачко право.

За 19-годишните Алесандро, Индија и Сара, нивната иднина не лежи во Италија. Повеќе се чувствуваат како Европјани, отколку како Италијанци, и не сакаат уште долго да останат во како што велат, „конзервативната и затворена средина на Кастелфранко“.

Сите тројца велат дека ќе гласаат на претстојните избори, но дека се уште не одлучиле за кого ќе го дадат својот глас. Единственото нешто за што се сигурни, пак, е за кого нема да гласаат.

„За разлика од Балканот, каде што имам многу пријатели, тука младите не се фокусираат премногу на политиката. Се уште не знам кого ќе поддржам на изборите, но знам кого нема да поддржам“, вели Алесандро.

Околу тоа која е главната причина поради што би ја напуштиле Италија, велат дека тоа би го направиле најмногу поради нивото на образованието. Сакаат да бидат доктори, новинари и наставници, и сметаат дека во дел од останатите европски земји би добиле далеку поквалитетно образование, отколку во Италија. Политичарите треба најпрво да ги слушнат ваквите апели, а дури потоа да ги креираат своите изборни програми, порачуваат овие млади.

Бојан Стојковски

Прикажи повеќе...

Daily news

(ВИДЕО) „Макфакс“ во Сеул: Од работ на војна до надеж за обединување со Северна Кореја

Објавено пред

„Надеж за помирување, љубов и прошка“ – гласи една од речениците во описот на Статуата на браќата пред влезот во Воениот музеј во јужнокорејската престолнина Сеул.

Статуата со која е прикажана првата средба на бојното поле и прегратката помеѓу двајца браќа, јужнокорејски офицер и севернокорејски војник, на најдобар начин ја опишува трагедијата на корејскиот народ, кој од 1953 година живее поделен во Јужна и Северна Кореја.

Двете земји колку што се блиску една до друга толку се и длабоко поделени во секој сегмент од општествата во кои живеат. На статуата пред Воениот музеј поделбата на двете Кореи е претставена преку пукнатина во куполата на која стојат двајцата браќа – истовремено симболизирајќи ја и надежта на корејскиот народ за повторното обединување.

Соговорниците со кои „Макфакс“ дискутираше во поглед на обединувањето на двете Кореи беа исто така поделени – земајќи ги предвид моменталните односи помеѓу Сеул и Пјонгјанг, како и историскиот аспект на поделбата на Корејскиот Полустров.

По завршувањето на Втората светска војна и зачетокот на Студената војна помеѓу САД и Советскиот сојуз преговорите помеѓу тогашните сојузници и победници од војната не успеаја да доведат до формирање независна и обединета Кореја, дотогаш окупирана од страна на Јапонија.

Во 1948 година на југот на Корејскиот Полуостров, контролиран од страна на САД, беше воспоставена Република Кореја. На северот, пак, под контрола на тогашниот Советски сојуз, беше формирана Демократската Народна Република Кореја.

На 26 јуни 1950 година, поминувајќи ја прочуената 38. паралела, севернокорејската армија ја започна тригодишната братоубиствена војна на полуостровот, во која животите ги загубија повеќе од четири милиони луѓе. Речиси секој Кореец денес овој тригодишен период го доживува како трагедија на корејскиот народ и причина за настанувањето на „единствената поделена земја на светот“, велат нашите соговорници.

Двете страни во моментов технички се во војна, со речиси постојани тензии и меѓусебни провокации, предизвикани најчесто од страна на Пјонгјанг и севернокорејскиот лидер Ким Џонг-ун, кој поради зачестените тестови на нуклеарни проектили и балистички ракети во последниот период е трн во окото на меѓународната заедница, особено на американскиот претседател Доналд Трамп.

Но, колку е реална заканата од нова војна помеѓу двете Кореи, а со тоа и сеопфатна нуклеарна војна која би ги вклучила и големите светски сили? Според нашите соговорници во Јужна Кореја, шансите за ваков развој на настаните се доста мали, пред сè поради тоа што Северна Кореја провокациите најчесто ги користи како одбранбен механизам и начин да го привлече вниманието на светската јавност.

„Како што поминува времето чувствувам дека состојбата станува сè поопасна. Но, и покрај тоа, сметам дека не постои директна опасност од војна. Дел сум од армијата, постојано имаме вежби и сме подготвени. Сепак, не мислам дека тоа ќе се случи во наредниот период“, вели за „Макфакс“ еден јужнокорејски војник, кој посака да остане анонимен.

Во поглед на обединувањето на двете Кореи, пак, тој вели дека според него, тоа треба да биде процес кој ќе настане по мирен пат и без никакви жртви на двете страни. Сепак, потенцира дека познава и многумина кои не сакаат да дојде до обединување на Корејскиот Полуостров.

„Особено младите луѓе, на возраст од 20, 30 години, сметаат дека обединувањето не е толку важно бидејќи имаат сопствени проблеми во поглед на егзистенцијата и наоѓањето работа, така што тие и не сакаат да се жртвуваат премногу за Северна Кореја“, објаснува јужнокорејскиот војник за „Макфакс“.

Условите во кои денес поделениот корејски народ живее на двете страни од Корејскиот Полуостров се дијаметрално спротивни. Додека 50-милионска Јужна Кореја, која од почетокот на 60-тите години од минатиот век па до денес успеа од земјоделско да се трансформира во високоразвиено и индустриско општество, 23-милионска Северна Кореја доби статус на една од најизолираните и најзатворени земји во светот, позната единствено по нуклеарната програма и воените провокации кон Западот.

За 28-годишниот студент Даел Јанг токму околностите под кои двете земји се развиваа во изминатите 64 години се и најголема пречка за обединувањето на Корејскиот Полуостров, заедно со однесувањето на севернокорејскиот лидер Ким Џонг-ун.

„Јужна Кореја е развиена и напредна земја во споредба со Северна Кореја, која, пак, е сиромашна и нејзиниот народ страда поради политичките проблеми. Поради овие проблеми, тие сметаат дека обединувањето нема да донесе нови инвестиции и подобрувања во Северна Кореја. Поради тоа таму доминира негативното и агресивно размислување“, објаснува Даел за „Макфакс“.

Постојаните закани за војна, пак, се дел од одбранбениот механизам на Пјонгјанг, додава тој. „Тие само сакаат да наметнат опасна состојба и тоа е еден одбранбен механизам, како на пример преку агресивното однесување. Доколку состојбата се погледне реално, мислам дека таа сепак не е толку опасна“, вели Даел.

Според 34-годишната Џинџу Мишел Парк, нуклеарното вооружување на Северна Кореја не ги плаши луѓето во Јужна Кореја поради тоа што знаат дека сè што сака нивниот северен сосед да направи – е само да привлече внимание.

„Тие сепак се изолирани и се обидуваат преку заплашувањето со нуклеарното вооружување да привлечат некакво внимание. Но, луѓето во Јужна Кореја не се загрижени. На пример, сите странци што ги познавам ме исконтактираа за да ме прашаат дали тука сè е во ред поради нуклеарните тестови, но тука никој воопшто не е загрижен поради тоа“, вели Парк.

Решението за обединувањето на двете Кореи, пак, според неа е преку помирувањето и директните разговори помеѓу двете страни, без мешање на надворешните фактори.

„Она што е исто тажно е тоа што другата страна, бидејќи ние, сепак, сме еден народ, се обидува најсилно што може да го изрази својот гнев на разни негативни начини. Но, никој тука не се грижи поради тоа. Сметам дека треба да најдеме решение за двете земји да се обединат, но тоа да не биде направено со помош од надвор туку само помеѓу овие две страни. Главната причина за поделбата на нашите земји беше токму влијанието на надворешните сили“, објаснува Парк.

И додека светската јавност постојано е во исчекување на секој нов потег од страна на севернокорејскиот „ракетен човек“ Ким Џонг-ун, Јужнокорејците сето тоа го доживуваат сосема спокојно. Сепак, како што велат нашите соговорници, колку што се мали шансите за нова војна помеѓу двете Кореи, за жал, толкави се во моментов и шансите за нивното обединување.

Текст: Бојан Стојковски
Монтажа: Бојан Ефремов

Прикажи повеќе...

Daily news

„Стабилократија“, нов начин на владеење во земјите од западниот Балкан

Објавено пред

На 23 јуни, во присуство на повеќе странски челници колку што може да собере, Александар Вучиќ беше инаугуриран како претседател на Србија.

Поранешниот премиер, избран за претседател на 2 април, одлучи да одржи голема инаугуративна церемонија за да ја демонстрира својата величина.

За свој наследник на премиерската функција, Вучиќ ја номинираше Ана Брнабиќ, декларирана геј жена, со што заработи поени кај странските либерали.

Западните лидери можеа да здивнат. Србија е една од помоќните држави на западниот Балкан, а Вучиќ, без оглед на неговите недостатоци, може да ја одржи стабилна.

Варијации на оваа зделка може да се забележат низ регионот. Некои ги нарекуваат ваквите влади „стабилократии“

Главен опонент на Вучиќ во претседателската трка беше Вук Јеремиќ, поранешен српски министер за надворешни работи. Кампањата беше валкана. Медиумите блиски до Вучиќ излегоа со тврдења дека Јеремиќ бил таен муслиман поддржан од Исламска држава, кој бил соучесник во убиство од висок профил. Неговата сопруга наводно предводела нарко картел. Полицијата дури и го испрашуваше Јеремиќ поради наводни финансиски неправилности, но не поднесе обвиненија.

Јеремиќ вели дека сите приказни биле измислени.

Она што му се случи на Јеремиќ никого не изненади. Според Срѓа Павловиќ, црногорски академик кој е автор на терминот„стабилократија“, Западот ги игнорира сите локални автократи сè додека го чуваат мирот. Босна, на пример, останува дисфункционална повеќе од две децении, поделена по етнички клуч, но Америка и Европа го толерираат тоа под услов тамошните лидери да не дозволат кризата да стане насилна.

„Стабилократијата“ функционира различно, во зависност од државата. Во Црна Гора јасно е кој го води шоуто. Од 1989 година тоа беше Мило Ѓукановиќ, кој повремено се повлекуваше од функцијата претседател или премиер, влечејќи ги конците од зад сцената.

Црногорската влада беше наградена од Западот со придружувањето на земјата во НАТО на 5 јуни.

Обично во земјите од Балканот изборите водат до преговори за коалиции кои се фокусираат како да се подели пленот.(Избори како оние што се одржаа во Албанија на 25 јуни во кои социјалистите убедливо победија се многу ретки)

Решението за тоа кој кое министерство ќе го добие е релативно лесно. Поголем проблем е кој која државна компанија ќе ја добие. Во Македонија, ВМРО-ДПМНЕ, партија што беше на власт повеќе од деценија, конечно попушти по протекувањето на информациите за корупција и мешање во судството.

На 31 мај Социјалдемократскиот сојуз, заедно со албанските партии, ја презема власта. Но новата влада ќе продолжи по истиот пат како нивните претходници, доколку „не прекине со практиката за партиска контрола врз државата“, вели Флорија Бибер, политиколог од Универзитетот Грац. /макфакс/

Прикажи повеќе...

Најново

Македонија2 часа

(Видео) ЦК предложи Мијалков и Тодоров да бидат исклучени од ВМРО-ДПМНЕ

За ексдиректорот на УБК и поранешен висок функционер во ВМРО-ДПМНЕ, Сашо Мијалков, како и поранешниот министер за здравство, Никола Тодоров,...

Македонија5 часа

Јанчев и Богданов исклучени од функциите во ВМРО-ДПМНЕ

Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Митко Јанчев, и членот на Извршниот комитет Костадин Богданов, кој дојде од редот на реформаторите, се разрешени...

Македонија8 часа

(Видео) Палмер: Не се сретнавме со Мицкоски зашто ми ги кажа ставовите во писмото

Заменикот на помошник-државниот секретар на САД, Метју Палмер, на заедничка прес-конференција со премиерот Зоран Заев изјави дека не остварил средба...

Македонија8 часа

(Видео) Да дозволиме помирувањето од Собранието да продолжи во институциите, порача Заев

Помирувањето започна во Собранието, да дозволиме да продолжи во институциите, порача првиот човек на Владата, Зоран Заев, на заедничката прес-конференција...

Економија9 часа

Општините со три милијарди денари ќе ги покриваат долговите

Владата го усвои законското предлог-решение со кое на општините им се ставаат на располагање 3 милијарди денари за покривање на...

Македонија10 часа

Ѕанакопулос очекува договорот од Преспа да помине во грчкиот парламент

Со гласањето за почеток на уставните промени беше направен историски чекор што ќе ги однесе двете страни поблиску до стапување...

Македонија11 час

Поддршка за Мицкоски или барање за негова смена на состанокот на ЦК?

Од обвинувања за изолација на партијата и избрзани одлуки на раководството со исклучувањето на пратениците до поддршка за лидерот на...

Македонија13 часа

Кирацовски: Ќе видиме дали националното помирување ќе биде само за 27 април или пошироко

Пратеникот на СДСМ, Александар Кирацоски, ги повика пратениците на ВМРО-ДПМНЕ да се приклучат кон иницијативата за национално обединување бидејќи, како...

Македонија14 часа

Беса може да го условува спроведувањето на уставните измени во Собранието

Пратеникот Фадил Зендели, дел од крилото на Беса со кое предводи Биљал Касами, вели дека во процесот на уставните измени...

Крвав четврток16 часа

Сакаме да ги поддржиме храбрите пратеници што гласаа, рече обвинетиот Вилијам Михајловски

На почетокот од судењето за 27 април обвинетиот Вилијам Михајловски рече дека сака да им даде поддршка на храбрите пратеници...

Крвав четврток16 часа

(Видео) Пратениците што гласаа за уставните измени се појавија на судско рочиште за 27 април

Пратениците што во петокот гласаа за уставните измени во Собранието утрово се појавија на судско рочиште за настаните што се...

Свет16 часа

Екстремно опасeн ураган од петта категорија му се заканува на Мексико

Новоформираниот ураган Виља бргу прерасна во крајно опасна бура од речиси петта категорија во областа на источен Пацифик, која во...

Свет17 часа

Саудиски министер: Убиството на Кашоги е огромна грешка

Саудискиот министер за надворешни работи, Адел ал-Џубеир, изјави дека саудискиот новинар Џамал Кашоги бил убиен во неовластена операција, објави Би-би-си....

Македонија17 часа

Кривична пријава за загрозување на сигурноста и ширење на расистички и ксенофобичен материјал преку социјалната мрежа „Фејсбук“  

СВР Скопје во соработка со Секторот за компјутерски криминал и дигитална форензика при Министерството за внатрешни работи до Основно јавно...

Македонија20 часа

Метју Палмер во посета на Македонија

Заменик-помошникот државен секретар на САД, Метју Палмер, денеска ќе ја посети Македонија за да разговара за американската поддршка за преспанскиот...

Македонија1 ден

Исклучената од ВМРО-ДПМНЕ, Исмајлоска-Старова: Не се каам што гласав за уставни измени

Експратеничката од ВМРО-ДПМНЕ, Нола Исмајлоска-Старова, за „Макфакс“ вели дека не се кае што гласала за отпочнување на процесот за уставни...

Македонија1 ден

(Видео) Заев: Верувам дека заеднички изготвените амандмани ќе нѐ обединат во иднина

Премиерот Зоран Заев денеска од Валандово изрази уверување дека во рамките на 15-те дена за изготвување на нацрт-амандамните ќе се...

Регион1 ден

Додека Договорот од Преспа не дојде во нашиот Парламент ние остануваме во Владата, порача Каменос

Грчкиот министер за одбрана и коалицискиот партнер на Алексис Ципрас, Панос Каменос, лидерот на Независни Грци, денеска од Солун, каде...

Македонија2 дена

(Видео) Шекеринска: Македонија со оваа одлука станува фактор на стабилност во регионот

Пратениците презедоа одговорност и испишаа нова шанса во историјата на Македонија, сакам да им честитам на сите за заедничкиот напредок...

Македонија2 дена

Русија останува на својот став, ве признавме под името Република Македонија

Русија ја призна Република Македонија под нејзиното уставно име пред повеќе од 26 години и својот став не го менува,...

Досие