Контакт

Анализи

Во пресрет на средбата Меркел-Трамп: Taa e претпазлива, тој е импулсивен, мораат да се усогласат

Објавено пред

 

Таа е воздржана и попретпазлива, физичар по професија, родена во поранешната ГДР. Внимателно ги разгледува одлуките пред да ги донесе и никогаш не сака да ужива огромно внимание, иако во моментов е најмоќниот лидер во Европа. Тој е богат градежен магнат од Њујорк, импулсивен е и сака да е во центарот на вниманието, се посочува во анализата на БТА објавена во вторникот.

 

Тешко е да се замисли дека двајца, различни лидери по карактер и принцип на работа, канцеларот на Германија Ангела Меркел и Доналд Трамп, новиот претседател на САД, можат да се усогласат.

 

сепак денес тие мораат да разговараат очи во очи, но поради силна снежна бура која владее на источното крајбрежје на САД посетата е одложена за 17 март.

 

Тоа е средба со голем залог, која ќе биде следена од владите ширум светот и кои бараат знаци за иднината на трансатлантската унија. Партнерството игра важна улога за изгледот на повоениот поредок, но Трамп се заканува дека тоа ќе го прекине.

 

“Дали тие ќе станат добри пријатели? Најверојатно не. Тие се многу различни како личности”, вели Чарлс Купчан, кој беше член на Советот за национална безбедност на Белата куќа кај претходникот на Трамп, Барак Обама.

 

“Но, мислам дека и двајцата имаат интерес, како од политичка, така и од стратешка гледна точка, така што мора да се научат да работат заедно. Може да се каже дека тоа ќе е најважната средба со која Трамп ќе ја има со некој странски лидер„.

 

Германски службеници изјавија дека 62-годишната Меркел, која сака да ги испитува деталите до крај, сериозно се подготвува за посетата во Вашингтон. Таа ги гледала говорите на Трамп и  неговите интервјуа, вклучувајќи го поширокото интервју за списанието “Плејбој” од 1990 година, во кое тој изложува многу од спорните идеи, кои во моментов се обидува да ги примени како претседател.

 

Луѓе од опкружувањето на канцеларката ги анализираат средбите на Трамп со други лидери – меѓу кои со премиерите на Велика Британија, Јапонија и Канада – Тереза ​​Меј, Шинзо Абе и Џастин Трудо – и побарале мислење од колегите за најдобар пристап кон поранешната ѕвезда од телевизиското реално шоу, додаваат изворите.

 

“Треба да сме подготвени за фактот дека тој не сака да слуша премногу долго и дека претпочита јасни позиции односно не сака да се навраќа на еден дел во деталите”, рече висок германски функционер.

 

Во економската и надворешната политика разликите меѓу двајцата лидери се огромни. Трамп ја оцени одлуката на Меркел за влез на стотици илјади бегалци во Германија како “катастрофална грешка”.

 

Тој се закани дека ќе им наложи дополнителни даноци на германските автомобилски производители кои пласираат автомобили на американскиот пазар. Покрај тоа , тој го критикуваше Берлин дека не троши повеќе за одбрана, отколку што дава САД.

 

Друг момент на напнатост е трговскиот суфицит на Германија со САД, во вредност од 50 милијарди евра. Советникот на Трамп Питер Наваро ја обвини федералната република во прибирањето на нечесни трговски интереси преку слабото евра. Меркел и министрите велат дека Европската централна банка – а не Берлин – владее со судбината на единствената европска валута.

 

Темата за Русија исто така ќе присуствува на агендата на разговорите. Претставници на Белата куќа изјавија дека Трамп ќе побара совет од Меркел за пристапот кон рускиот претседател Владимир Путин.

 

Меркел ја критикува забраната на Трамп за влез во САД на граѓани на неколку земји со претежно муслиманско население. Во телефонски разговор во јануари таа му ја објасни на американскиот претседател Женевската конвенција која е потпишана и од САД, со која се нагласува дека треба да се прифатат бегалци од региони зафатени со војни.

 

Меркел исто така е загрижена со ставот на Трамп, кој повеќе пати ја пофали одлуката на Велика Британија да ја напушти ЕУ, кој може да  ја поткопа Унијата ако продолжи со таквата реториката и уште повеќе ја продлабочи кризаат, предизвикана од растот на евроскептицизмот и порастот на популарноста на популистичките партии.

 

“Европа е во прилично кревка и несигурна состојба и Германија се обидува да го задржи интегритетот на проектот за европска интеграција. Се сомневам дека канцеларката ќе сака тоа јасно му го даде на знаење на претседателот”, вели Ентони Гарднер, кој до јануари беше постојан претставник на САД во ЕУ.

 

“Ова е можност да се планираат области од взаемен интерес, да се утврди позитивен дневен ред”, додаде тој, “Но една средба сама по себе не е во состојба да ја промени климата (во билатералните односи).”

 

Трамп е третиот американски претседател, со кого работела Меркел. Таа е европски лидер сп најдолг стаж.

 

Меркел изгради добри односи со Џорџ Буш – помладиот, кој поради војната во Ирак имаше силна желба да ги подобри врските со Германија, затоа што беше критикуван од претходникот на Меркел, Герхард Шредер.

 

Иако односите со Обама имаа тежок почеток односно Меркел одби да му даде зелено светло да држи говор на Бранденбуршката порта за време на предизборна кампања во 2008 година, со времето двајцата се запознаа и соработуваа по прашањето за санкциите против Русија и ги почнаа преговорите за трансатлантскиот договор за слободна трговија.

 

“Разделбата е тешка за мене”, призна Меркел при посетата на Обама во ноември, недела по победата на Трамп.

 

Германскиот лидер ќе треба да се придржува кон кревката рамнотежа во Вашингтон. Во предвид треба да се имаат парламентарни избори закажани во септември, кои сами и се наметнуваат на Меркел и во секој слуај не треба да  создава впечаток кај политичките противници дека се стреми за комфорни односи со Трамп. Од друга страна, таа не може да си дозволи отворена конфронтација со него и да ризикува да им наштети на германските интереси.

 

Едно од најголемата загриженост во екипата на канцеларот пред посетата е да не се отворат изненадувања. Јапонскиот премиер Абе имаше непријатно 19-секундно ракување со Трамп, додека Меј беше критикувана од некои британските медиуми затоа што го фатила за рака американскиот претседател, со цел да се слика со него во Белата куќа.

 

Минатиот месец, пред израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху да се сретне со Трамп, тој и неговиот тим поминале цел ден во бескрајно изучувања на сценарија, прашања и влез во улоги, за да се осигура дека се подготвени за сите можности.

 

Но конечно пак се покажаа изненадени од  Трамп, кој заговора спонтана  заедничката прес-конференција по горливо прашање за еврејските населби и евентуална палестинска држава.

 

Меркел признала дека таков степен на изненадувања не сака и затоа како дете  подготвувила листата со желби за да не ја изненадат со некој неочекуван подарок. Сепак од Трамп може да се се очекува и неочекуваното./извор БТА/мф/кс

 

 

 

 

Daily news

Италијанците на избори: Вечниот Берлускони, комичарот Грило или умерениот Ренци

Објавено пред

Илегалната миграција, економијата и односите со Европската унија (ЕУ) годинава се во фокусот на италијанските парламентарни избори кои ќе се одржат во недела, а на кои се очекува да гласаат повеќе од 40 милиони Италијанци.

Според последните анкети, повеќето од граѓаните на четвртата најголема европска економија се уште се неодлучни околу тоа како треба да биде изгледа новата италијанска влада.

Опции има повеќе, но она што им се нуди на италијанските граѓани во моментов не е ништо поразлично од претходните изборни циклуси години наназад, со исклучок на порастот на популизмот и се поголемата антимиграциска политика.

Анкетите покажуваат дека поддршката за поголемите партии и коалиции се сведува на или околу 30 проценти – па така коалицијата помеѓу десничарите на популарниот Силвио Берлускони, Форца Италија, и регионалната Северна лига има поддршка од 35 проценти, а веднаш зад нив се наоѓа Движењето „Пет Ѕвезди“ (М5С) со близу 30 проценти. Најслабо, пак, котира актуелната владејачка Демократска партија на поранешниот премиер Матео Ренци со 27 отсто.

Факторот Берлускони и сојузот со популистот Салвини

И покрај низата сексуални и политички скандали со кои се соочи во последните години (можеби и децении), на возраст од 81 година, Силвио Берлускони повторно станува фактор во италијанската политика – благодарение на тоа што во моментот Италијанците го перцепираат како „помалку лоша опција“ од останатите.

Силвио Берлускони (Фото: ЕПА)

Поради тоа што беше осуден за даночна измама, самиот Берлускони не може да има никаква функција до 2019 година, но од Форца Италија за Макфакс велат дека неговата личност се уште има огромно значење за иднината на земјата.

„Сите велат дека се разочарани од страна на владата на Ренци, дека не им веруваат на М5С и на Салвини, така што веројатно Берлускони е помалку лош од останатите. Сега, личноста на Силвио Берлускони е важна за Италија поради тоа што тоа влијае врз иднината на италијанската политика, и е гаранција за стабилноста на земјата, а исто така може да влијае и врз популизмот на Северната лига. Политиката на Берлускони може да претставува и решение за порастот на популарноста на Движењето М5С, кое според мене е најлошото можно сценарио за Италија.” објаснува Клаудио Бергамин, член на Форца Италија и кандидат на партијата во покраината Тревизо.

Клаудио Бергамин

Сепак, што се однесува до ставовите на Берлускони околу илегалната миграција, тука тој се наоѓа на иста линија со неговиот коалициски партнер и лидер на Северната лига, Матео Салвини. Проценките се дека во моментов во земјата има повеќе од 600 илјади илегални мигранти, а и Берлускони и Салвини сакаат истите што поскоро да ги испратат дома.

Кастелфранко е мал град во регионот Венето, на северот од земјата. Во него живеат околу 30 илјади жители, а моменталниот број на бегалци изнесува шест лица. Според градоначалникот на Кастелфранко кој доаѓа од редовите на Северната лига, Стефано Маркон, дури и оваа бројка на мигранти во негвиот град е преголема. Истовремено, тој исклучува секакво примање на нови мигранти.

Стефано Маркон

„Не сме подготвени да примиме нови мигранти поради тоа што како прво, тоа не е одлука која еден градоначалник може самостојно да ја донесе, и како второ, ова е нешто за коешто мора да одлучи владата. Градскиот совет не може да ги менаџира имиграциските политики. Исто така, треба да постои јасна разлика помеѓу бегалците и економските мигранти. Италија претрпе многу поради имиграцијата, пред се поради тоа што нема ефективно планирање и стратегија.“ потенцира за Макфакс градоначалникот на Кастелфранко.

Запрашани за ваквите ставови на нивниот коалициски партнер, членовите на Форца Италија не понудија директен одговор, туку само додадоа дека Берлускони и натаму останува гарантор на десничарската коалиција и нејзините идни политики, вклучително и оние во рамките на ЕУ.

Кастелфранко

„Тој е единствениот кандидат на овие избори кој има умерени ставови. Исто така би додал дека тој е гарантор за тоа дека десноцентристичката коалиција ќе ја води земјата кон безбедност на европско ниво. Во поглед на ЕУ, би рекол дека Форца Италија е еден од основачите на Европската народна партија (ЕПП) и ќе остане еден од главните партнери на ЕУ, верува во нејзините институции и во европската иднина на земјата. Но не можам да се однесувам дека во ЕУ не постојат проблеми, а излезноста на последните европски избори докажа дека италијанските граѓаните не ја перципираат ЕУ како решение и како можност за нив. Како одговорни политичари мораме да ја вратиме визијата за Европа како можност за луѓето, а тоа ќе го направиме преку промена на институционалниот и политичкиот систем. Мораме да бидеме сигурни дека Европската комисија ќе ги претставува граѓаните, што сега не е случај.“ вели членот на Форца Италија, Фабио Маџо.

Фабио Маџо

„Петте ѕвезди“ ја чекаат својата шанса да блеснат

Движењето „Пет Ѕвезди“ (М5С) е основано од страна на популарниот италијански комичар Бепе Грило во 2009, кој е и лидер во сенка. Лицето на партијата пак, е актуелниот 31-годишен лидер Луиџи Ди Мајо.

Главните „одлики“ на Петте ѕвезди се во неговиот евроскептичен, анти-естаблишмент и антиглобализациски карактер – нешто што во моментот му носи поддршка од околу 30 проценти. Основачот Грило често себеси се нарекува и популист, а членовите на Движењетo често потенцираат дека М5С не е политичка партија, бидејќи не припаѓа нити кон левицата, нити кон десницата.

Луиџи Ди Мајо (Фото: ЕПА)

Кон прашањето на илегалната миграција, Движењето има безмалку исти ставови како и неговите противници Форца Италија и Северната лига. Според пратеничката од редовите на М5С, Џулија Сарти, политичарите мора да изнајдат решенија за илегалната миграција кои првенствено ќе бидат соодветни за Италија.

„Илегалната миграција е криминал. Да можат нашите судови да депортираат некого, ако не знаат каде е тој? Сме имале судења на кои не присуствувал никој.

Неопходно е да најдеме решенија за имиграцијата кои ќе и одговараат на нашата земја.“ објаснува Сарти. Движењето не е против Европа, но е против „оваа Европа“, додава таа.

Џулија Сарти

„Не сме против Европа. Ние сме против „оваа“ Европа. Европа не треба се плаши од Движењето М5С. Тие треба да се плашат од тоа што ќе треба да се справуваат со кредибилни лица, кои сакаат резултати. Главниот проблем за Италија сега е Даблинскиот договор. Не можеме сами да се справиме со бегалците. На нашите комисии им требаат околу две години за да одлучат кој треба да добие азил.“ потенцира Сарти.

На европско ниво пак, Италија одамна го изгубено кредибилитетот и не е доволно силна за да се избори за себе, вели таа. „Би сакале да имаме референдумот за еврото, но ова не е референдум што може да се оддржи денес. Сакаме да разговараме со земји кои се слични ко нас – Португалија, Грција, и заедно да бидеме посилни.“ додава Сарти.

Падова

На изборите во 2013, Движењето доби најмногу гласови во изборите за долниот дом на Парламентот, но поради тоа што одби да формира коалиција , освои само 109 пратенички места од вкупно 630 и заврши на третото место. Сарти овојпат се надева на поинаков епилог, а доколку лидерот на Движењето, Ди Мајо победи на изборите, тој ќе стане и најмладиот премиер во историјата на земјата.

Стоте чекори на Демократската партија

Владејачката Демократска партија според анкетите котира најниско во однос на големите играчи на овогодинешните избори, со поддршка од околу 27 проценти. Во предизборната кампања партијата не настапи со изразит кандидат, па така многумина се уште ја поврзуваат со ликот и делото на поранешниот премиер Матео Ренци, кој по неуспехот на уставниот референдум во 2016 година поднесе оставка на функцијата.

Матео Ренци (Фото: ЕПА)

Главното мото на партијата во пресрет на изборите беше „Стоте чекори кои ги направивме, и стоте чекори кои ќе ги направиме“ – што е далеку од спектакуларна најава за тоа што би се променило во земјата доколку Демократската партија остане на власт. Во последните години, италијанската влада беше предводена од страна на три премиери кои доаѓаат од партијата: Енрико Лета (2013-2014), Матео Ренци (2014-2016) и актуелниот премиер Паоло Џентилони.

Успесите на Демократската партија за време на петгодишното владеење се сведуваат на намалување на дефицитот и јавниот долг, како и доследното спроведување на имиграциските политики, но без конкретни насоки за тоа каде и како би можела земјата да се движи во наредниот период.

„Во 2014 година овие имиграциски политики ги вклучивме во нашата политичка агенда и имаме една природна еволуција во однос на прашањето. Го имплементиравме овој дел од агендата и пристапувањето во целиот тој процес беше прашање на политичка волја. Тоа е и разликата помеѓу градоначалниците во регионот, и во овој случај претставниците на Северната лига се уште шират стравови поради примањето на бегалците.“ вели актуелниот министер за територијална кохезија од редовите на Демократската партија, Клаудио Де Винсенти.

Клаудио Де Винсенти

Според него, Демократската партија и натаму ќе става акцент на процесот на глобализацијата, и на создавањето на „низа правила преку кои овој процес не би се претворил во сила која создава несигурност“.

По последните избори во 2013 и европските избори во 2014, Демократската партија остана најголемата партија во долниот дом на Парламентот, Сенатот и Европскиот парламент, но според тоа што го нуди на овие избори, се чини дека работите за неа набргу би можеле драстично да се променат.

Младите знаат за кого нема да гласаат

За време на престојот во Кастелфранко, Макфакс имаше можност да поразговара и со неколкумина млади Италијанци, кои во недела за првпат ќе имаат можност да го искористат своето гласачко право.

За 19-годишните Алесандро, Индија и Сара, нивната иднина не лежи во Италија. Повеќе се чувствуваат како Европјани, отколку како Италијанци, и не сакаат уште долго да останат во како што велат, „конзервативната и затворена средина на Кастелфранко“.

Сите тројца велат дека ќе гласаат на претстојните избори, но дека се уште не одлучиле за кого ќе го дадат својот глас. Единственото нешто за што се сигурни, пак, е за кого нема да гласаат.

„За разлика од Балканот, каде што имам многу пријатели, тука младите не се фокусираат премногу на политиката. Се уште не знам кого ќе поддржам на изборите, но знам кого нема да поддржам“, вели Алесандро.

Околу тоа која е главната причина поради што би ја напуштиле Италија, велат дека тоа би го направиле најмногу поради нивото на образованието. Сакаат да бидат доктори, новинари и наставници, и сметаат дека во дел од останатите европски земји би добиле далеку поквалитетно образование, отколку во Италија. Политичарите треба најпрво да ги слушнат ваквите апели, а дури потоа да ги креираат своите изборни програми, порачуваат овие млади.

Бојан Стојковски

Прикажи повеќе...

Daily news

(ВИДЕО) „Макфакс“ во Сеул: Од работ на војна до надеж за обединување со Северна Кореја

Објавено пред

„Надеж за помирување, љубов и прошка“ – гласи една од речениците во описот на Статуата на браќата пред влезот во Воениот музеј во јужнокорејската престолнина Сеул.

Статуата со која е прикажана првата средба на бојното поле и прегратката помеѓу двајца браќа, јужнокорејски офицер и севернокорејски војник, на најдобар начин ја опишува трагедијата на корејскиот народ, кој од 1953 година живее поделен во Јужна и Северна Кореја.

Двете земји колку што се блиску една до друга толку се и длабоко поделени во секој сегмент од општествата во кои живеат. На статуата пред Воениот музеј поделбата на двете Кореи е претставена преку пукнатина во куполата на која стојат двајцата браќа – истовремено симболизирајќи ја и надежта на корејскиот народ за повторното обединување.

Соговорниците со кои „Макфакс“ дискутираше во поглед на обединувањето на двете Кореи беа исто така поделени – земајќи ги предвид моменталните односи помеѓу Сеул и Пјонгјанг, како и историскиот аспект на поделбата на Корејскиот Полустров.

По завршувањето на Втората светска војна и зачетокот на Студената војна помеѓу САД и Советскиот сојуз преговорите помеѓу тогашните сојузници и победници од војната не успеаја да доведат до формирање независна и обединета Кореја, дотогаш окупирана од страна на Јапонија.

Во 1948 година на југот на Корејскиот Полуостров, контролиран од страна на САД, беше воспоставена Република Кореја. На северот, пак, под контрола на тогашниот Советски сојуз, беше формирана Демократската Народна Република Кореја.

На 26 јуни 1950 година, поминувајќи ја прочуената 38. паралела, севернокорејската армија ја започна тригодишната братоубиствена војна на полуостровот, во која животите ги загубија повеќе од четири милиони луѓе. Речиси секој Кореец денес овој тригодишен период го доживува како трагедија на корејскиот народ и причина за настанувањето на „единствената поделена земја на светот“, велат нашите соговорници.

Двете страни во моментов технички се во војна, со речиси постојани тензии и меѓусебни провокации, предизвикани најчесто од страна на Пјонгјанг и севернокорејскиот лидер Ким Џонг-ун, кој поради зачестените тестови на нуклеарни проектили и балистички ракети во последниот период е трн во окото на меѓународната заедница, особено на американскиот претседател Доналд Трамп.

Но, колку е реална заканата од нова војна помеѓу двете Кореи, а со тоа и сеопфатна нуклеарна војна која би ги вклучила и големите светски сили? Според нашите соговорници во Јужна Кореја, шансите за ваков развој на настаните се доста мали, пред сè поради тоа што Северна Кореја провокациите најчесто ги користи како одбранбен механизам и начин да го привлече вниманието на светската јавност.

„Како што поминува времето чувствувам дека состојбата станува сè поопасна. Но, и покрај тоа, сметам дека не постои директна опасност од војна. Дел сум од армијата, постојано имаме вежби и сме подготвени. Сепак, не мислам дека тоа ќе се случи во наредниот период“, вели за „Макфакс“ еден јужнокорејски војник, кој посака да остане анонимен.

Во поглед на обединувањето на двете Кореи, пак, тој вели дека според него, тоа треба да биде процес кој ќе настане по мирен пат и без никакви жртви на двете страни. Сепак, потенцира дека познава и многумина кои не сакаат да дојде до обединување на Корејскиот Полуостров.

„Особено младите луѓе, на возраст од 20, 30 години, сметаат дека обединувањето не е толку важно бидејќи имаат сопствени проблеми во поглед на егзистенцијата и наоѓањето работа, така што тие и не сакаат да се жртвуваат премногу за Северна Кореја“, објаснува јужнокорејскиот војник за „Макфакс“.

Условите во кои денес поделениот корејски народ живее на двете страни од Корејскиот Полуостров се дијаметрално спротивни. Додека 50-милионска Јужна Кореја, која од почетокот на 60-тите години од минатиот век па до денес успеа од земјоделско да се трансформира во високоразвиено и индустриско општество, 23-милионска Северна Кореја доби статус на една од најизолираните и најзатворени земји во светот, позната единствено по нуклеарната програма и воените провокации кон Западот.

За 28-годишниот студент Даел Јанг токму околностите под кои двете земји се развиваа во изминатите 64 години се и најголема пречка за обединувањето на Корејскиот Полуостров, заедно со однесувањето на севернокорејскиот лидер Ким Џонг-ун.

„Јужна Кореја е развиена и напредна земја во споредба со Северна Кореја, која, пак, е сиромашна и нејзиниот народ страда поради политичките проблеми. Поради овие проблеми, тие сметаат дека обединувањето нема да донесе нови инвестиции и подобрувања во Северна Кореја. Поради тоа таму доминира негативното и агресивно размислување“, објаснува Даел за „Макфакс“.

Постојаните закани за војна, пак, се дел од одбранбениот механизам на Пјонгјанг, додава тој. „Тие само сакаат да наметнат опасна состојба и тоа е еден одбранбен механизам, како на пример преку агресивното однесување. Доколку состојбата се погледне реално, мислам дека таа сепак не е толку опасна“, вели Даел.

Според 34-годишната Џинџу Мишел Парк, нуклеарното вооружување на Северна Кореја не ги плаши луѓето во Јужна Кореја поради тоа што знаат дека сè што сака нивниот северен сосед да направи – е само да привлече внимание.

„Тие сепак се изолирани и се обидуваат преку заплашувањето со нуклеарното вооружување да привлечат некакво внимание. Но, луѓето во Јужна Кореја не се загрижени. На пример, сите странци што ги познавам ме исконтактираа за да ме прашаат дали тука сè е во ред поради нуклеарните тестови, но тука никој воопшто не е загрижен поради тоа“, вели Парк.

Решението за обединувањето на двете Кореи, пак, според неа е преку помирувањето и директните разговори помеѓу двете страни, без мешање на надворешните фактори.

„Она што е исто тажно е тоа што другата страна, бидејќи ние, сепак, сме еден народ, се обидува најсилно што може да го изрази својот гнев на разни негативни начини. Но, никој тука не се грижи поради тоа. Сметам дека треба да најдеме решение за двете земји да се обединат, но тоа да не биде направено со помош од надвор туку само помеѓу овие две страни. Главната причина за поделбата на нашите земји беше токму влијанието на надворешните сили“, објаснува Парк.

И додека светската јавност постојано е во исчекување на секој нов потег од страна на севернокорејскиот „ракетен човек“ Ким Џонг-ун, Јужнокорејците сето тоа го доживуваат сосема спокојно. Сепак, како што велат нашите соговорници, колку што се мали шансите за нова војна помеѓу двете Кореи, за жал, толкави се во моментов и шансите за нивното обединување.

Текст: Бојан Стојковски
Монтажа: Бојан Ефремов

Прикажи повеќе...

Daily news

„Стабилократија“, нов начин на владеење во земјите од западниот Балкан

Објавено пред

На 23 јуни, во присуство на повеќе странски челници колку што може да собере, Александар Вучиќ беше инаугуриран како претседател на Србија.

Поранешниот премиер, избран за претседател на 2 април, одлучи да одржи голема инаугуративна церемонија за да ја демонстрира својата величина.

За свој наследник на премиерската функција, Вучиќ ја номинираше Ана Брнабиќ, декларирана геј жена, со што заработи поени кај странските либерали.

Западните лидери можеа да здивнат. Србија е една од помоќните држави на западниот Балкан, а Вучиќ, без оглед на неговите недостатоци, може да ја одржи стабилна.

Варијации на оваа зделка може да се забележат низ регионот. Некои ги нарекуваат ваквите влади „стабилократии“

Главен опонент на Вучиќ во претседателската трка беше Вук Јеремиќ, поранешен српски министер за надворешни работи. Кампањата беше валкана. Медиумите блиски до Вучиќ излегоа со тврдења дека Јеремиќ бил таен муслиман поддржан од Исламска држава, кој бил соучесник во убиство од висок профил. Неговата сопруга наводно предводела нарко картел. Полицијата дури и го испрашуваше Јеремиќ поради наводни финансиски неправилности, но не поднесе обвиненија.

Јеремиќ вели дека сите приказни биле измислени.

Она што му се случи на Јеремиќ никого не изненади. Според Срѓа Павловиќ, црногорски академик кој е автор на терминот„стабилократија“, Западот ги игнорира сите локални автократи сè додека го чуваат мирот. Босна, на пример, останува дисфункционална повеќе од две децении, поделена по етнички клуч, но Америка и Европа го толерираат тоа под услов тамошните лидери да не дозволат кризата да стане насилна.

„Стабилократијата“ функционира различно, во зависност од државата. Во Црна Гора јасно е кој го води шоуто. Од 1989 година тоа беше Мило Ѓукановиќ, кој повремено се повлекуваше од функцијата претседател или премиер, влечејќи ги конците од зад сцената.

Црногорската влада беше наградена од Западот со придружувањето на земјата во НАТО на 5 јуни.

Обично во земјите од Балканот изборите водат до преговори за коалиции кои се фокусираат како да се подели пленот.(Избори како оние што се одржаа во Албанија на 25 јуни во кои социјалистите убедливо победија се многу ретки)

Решението за тоа кој кое министерство ќе го добие е релативно лесно. Поголем проблем е кој која државна компанија ќе ја добие. Во Македонија, ВМРО-ДПМНЕ, партија што беше на власт повеќе од деценија, конечно попушти по протекувањето на информациите за корупција и мешање во судството.

На 31 мај Социјалдемократскиот сојуз, заедно со албанските партии, ја презема власта. Но новата влада ќе продолжи по истиот пат како нивните претходници, доколку „не прекине со практиката за партиска контрола врз државата“, вели Флорија Бибер, политиколог од Универзитетот Грац. /макфакс/

Прикажи повеќе...

Најново

Македонија12 минути

Заев се сретна со Папата: Кирил и Методиј се темел за врските меѓу Македонија и Ватикан

Светите браќа Кирил и Методиј се силни темели за историските врски меѓу Република Македонија и Ватикан. Ваков е заклучокот од...

Македонија54 минути

Каруселот од плоштад преместен во паркот кај авионот во Аеродром

Од плоштадот во центарот на Скопје, вртелешките и возот се преместени во паркот кај авионот во населбата Аеродром. Реквизитите се...

Македонија2 часа

Ципрас: За Грција ќе биде голема победа ако има одредница пред името Македонија

Премиерот на Грција, Алексис Ципрас, ги оценил денешните преговори за името во Њујорк како критични и чувствителни и рекол дека...

Македонија4 часа

Џафери: Груевски е во психолошка криза

Претседателот на Собранието , Талат Џафери, во интервју за српската Н1 телевизиjа запрашан за неговиот личен однос со експремиерот Никола...

Европа6 часа

Долгоочекуваната уредба на ЕУ за заштита на личните податоци стапи на сила

Од денеска стапи на сила општата уредба на Европската Унија за заштита на личните податоците која Европскиот Парламент ја усвои...

Вести6 часа

Објавено видео од уништувањето на полигон за нуклеарни проби во Северна Кореја

Северна Кореја, во присуство на странски новинари, уништи полигон кој тврди дека служел за нуклеарни проби. Дописникот на „Раша тудеј“...

Вести7 часа

Ким му одговори на Трамп

По одлуката на американскиот претседател, Доналд Трамп, да ја откаже историската средба со лидерот на Северна Кореја, од Пјонгјанг соопштиле...

Македонија7 часа

Продолжуваат преговорите за името во Њујорк

Министрите за надворешни работи на Македонија и на Грција, Никола Димитров и Никос Коѕијас, денеска во Њујорк треба да ги...

Македонија7 часа

Пoсебен сообраќаен режим во Скопје поради празникот Задушница

По повод верскиот празник Задушница денеска како и во деновите од викендот (25/26 и 27.05) во периодот од 06 до...

Македонија8 часа

Заев на аудиенција кај папата Франциско

Премиерот Зоран Заев и придружната владина делегација денеска ќе присуствуваат на аудиенција кај папата Франциско во апостолската палата во Ватикан....

Свет1 ден

Трамп го откажа состанокот со Ким

Претседателот на САД, Доналд Трамп ја откажа средбата со севернокорејскиот лидер Ким Џонг-ун, планирана за на 12 јуни, соопшти Белата...

Македонија1 ден

(Видео) Заев и Борисов на заедничко чествување на Свети Кирил во Рим

Премиерот Зоран Заев, во придружба на сопругата и на владината делегација  денеска, во рамките на посетата на Република Италија и...

Топ1 ден

Ракометар на „Металург“ нападнат по синоќешниот натпревар

Дваесет и двегодишниот ракометар на „Металург“, Ф.К. од Битола бил нападнат синоќа по завршувањето на ракометниот натпревар помеѓу неговиот тим и...

Свет1 ден

„Имате 48 часа да ги напуштите САД“ – Америка протера двајца венецуелски дипломати

САД наредиja протерување на двајца венецуелски дипломати, како одговор на одлуката на претседателот на Венецуела, Николас Мадуро да протера двајца...

Македонија1 ден

20 години затвор му се закануваат на Груевски со останатите 4 обвиненија

Доколку експремиерот, Никола Груевски, биде осуден за останатите 4 обвиненија кои му ги поднесе СЈО, може да добие максимална казна...

Македонија1 ден

Истрагата за убиениот словачки новинар води до Албанци од Македонија

Истрагата за убиството на словачкиот новинар Јан Кучијак и неговата свршеница ги донела истражителите до албански бизнисмени од Македонија, кои...

Македонија1 ден

Нова рунда преговори за името во Њујорк

Денеска и утре министрите за надворешни работи на Македонија и Грција, Никола Димитров и Никос Коѕијас ќе се одржат нова...

Топ1 ден

Во тешка сообраќајка во Штип загина 21-годишна девојка

Во тешка сообраќајка во Штип, утрово животот го загуби двесет и едногодишна девојка од Свети Николе. Сообраќајката се случила на...

Македонија1 ден

Денеска дожд и грмежи, од утре потопло време

Времето денеска ќе биде променливо облачно и нестабилно, на повеќе места со пороен дожд и грмежи. Локално се очекуваат пообилни...

Македонија1 ден

ЈСП со изменет возен ред поради двата празника

Денеска и утре возниот ред на автобусите од јавниот превоз ќе биде изменет поради двата празника, 24 Мај – Денот...

Досие