Контакт

Анализи

Анализа на Макфакс: Може ли Македонија да се одбрани од масовни сајбер напади

Објавено пред

Пишува Бојан Стојковски

dobivaj vesti na viber

Во времиња кога и најлудите сценарија за хакирања и упад во целиот банкарски и административен систем на една земја стануваат се пореални, налик на случувањата во холивудската серија Mr. Robot, на Македонија повеќе од било кога и е неопходна ефикасна стратегија за сајбер безбедност. Истражувањето на Макфакс на оваа тема покажува при градењето на ваква стратегија, клучна е соработката помеѓу приватниот и државниот сектор, како два главни компоненти на критичната инфраструктура во сајбер безбедноста.

 

Во поглед на предивизиците и потребите кои доаѓаат со развојот на ваквата стратегија, севкупно сајбер безбедноста е една од клучните области каде Македонија мора да направи повеќе, имајќи ги исто така предвид и масовните прислушувања кои се актуелни последните неколку години, и кои беа директна причина за општествената и политичка криза што ја зафати земјата. Овие наоди, кои меѓу другото го обелоденија и недостатокот од безбедност во институциите, како и несоодветното користење односно злоупотребата на овие системи за надгледување, покажаа дека Македонија е подложна на сајбер напади и постои неопходност од градење на ефикасна стратегија за соочување со овие прашања што поскоро.

 

Сајбер безбедност vs Национална безбедност

 

За приватниот сектор, којшто е еден од најважните делови од критичната инфраструктура кога станува збор за сајбер безбедноста, најголемиот предизвик со кој Македонија се соочува секојдневно доаѓа од сајбер криминалот и несоодветната употреба на социјалните мрежи.

 

„Најголемиот број предизвици со кои сме соочени во доменот на сајбер безбедноста доаѓаат од областа на сајбер криминалот и несоодветното користење на социјалните мрежи, нивната злоупотреба за лични спротиставувања, од каде што пак потенцијално произлегуваат и мноштво случаи на повреда или злоупотреба  на лични податоци на граѓаните (во прилог на констатацијата е податокот според кој најголемиот број претставки за повреди или злоупотреби на лични податоци во земјава, се однесуваат токму на повреди или злоупотреби преку социјалните мрежи). Посериозна анализа на овие дејства укажува дека до истите доаѓа како резултат на ниското ниво на информираност и свест кај поединците за влијанието и моќта кои современите технологии го имаат врз секојдневниот живот, особено во социјална и психолошка смисла. Засега сајбер безбедноста сосема незначително е земена предвид во доменот на националната безбедност. Како организација не сме сигурни дека стратегијата сеопфатно го има консидирано тоа, особено ако се знае дека сосема минорно се опфатени мерките и постапките кои вооружените сили или органите одговорни за националната безбедност се надлежни и треба да ги преземаат. Со читањето на документите наменети за оваа сфера се добива впечаток како Министерството за внатрешни работи да го има главниот збор и дека централизацијата е мошне лошо направена“, смета Љубица Пендароска, претседател на Иницијатива за сајбер и корпоративна безбедност и кризен менаџмент – Ц3И.

 

Министерството за одбрана, пак, кое е огромен дел од критичната инфраструктура во полето на сајбер безбедноста, смета дека предизвиците со кои се соочува земјата се слични како и оние во соседните земји, потенцирајќи дека подобрата билатерална, регионална и интернационална соработка е неопходна за соочувањето со овие прашања.

 

„Пред сѐ, тука во преден план би ја навеле огромната технолошка експанзија и сѐ поголемата зависност од најновите технолошки достигнувања кај кои сме повеќе од свесни дека и покрај безбедносните мерки кои се преземаат при нивното дизајнирање секогаш ќе бидат пронајдени одредени „слаби точки“, кои можат да бидат злоупотребени од страна на злонамерните корисници. Република Македонија во последниот период најчесто се соочува со напади со одбивање на услуга (DDoS – Distributed Denial of Service), активизам и обезличување на web страници, скенирање или испитување на ИТ системите со цел нелегални упади во истите и промена на податоци, фишинг напади, вклучувајќи и фишинг напади врз точно дефинирани цели и т.н. „Ransomware напади“.Укажуваме на тоа дека имајќи во предвид дека сајбер нападите тешко можат да се контролираат и во најголем број случаи истите се реализираат од системи кои се надвор од државата каде е евидентиран нападот, еден од најважните сегменти за успешно справување со нив е билатералната, регионалната и меѓународната соработка“, велат за Макфакс од Министерството за одбрана.

 

Соодветни механизми за успешна имплементација

 

Сеопфатната стратегија којашто е направена од страна на властите укажува дека постојат средства за нејзино реализирање, пред се преку владините тела и соодветните механизми. Но овие механизми, според Ц3И, се и дел од прашањата кои Македонија треба што поскоро да ги реши.

 

„Не сме убедени дека АРМ има соодветен механизам за соодветен одговор на современите предизвици или пак да не зборуваме за Центарот за управување со кризи и Дирекцијата за заштита и спасување. Ако се знае нивната инволвираност во целокупниот систем на безбедност и одбрана, ќе стане јасно на што всушност алудираме. Дополнително не знаеме колку и како овој систем е земен во контекст на некои практични аспекти, на пример во однос на банкарскиот сектор. Имено, денес во свет на интероперабилност и меѓусебна зависност, потенцијален крах на банкарскиот систем значително може да ја загрози националната безбедност“, предупредуваат од Ц3И.

 

Од Министерството за одбрана, пак, потенцираат дека главните прашања од полето на сајбер безбедноста се разгледуваат во рамките на Воената академија, а истовремено за поголема едукација од оваа област предложено е и формирање на Институт за информациски технологии, кој би функционирал во рамките Националниот институт за одбрана, со што би се зголемиле капацитетите за справување со предизвиците во сајбер просторот.

 

„Согласно плановите овој Институт ќе реализира едукација на студенти од втор циклус на студии, со можност на развивање на програми за трет циклус на студии, каде основа за едукација и истражување ќе биде сајбер безбедноста со потенцирање на интердисциплинарноста  на оваа проблематика. Исто така, плановите се во рамките на Институтот да се реализираат и обуки со вработените во јавната администрација, но и дел од приватниот сектор (посебно оној кој е сопственик на критичната инфраструктура), за препознавање и управување со разни видови закани и ризици кои доаѓаат од сајбер просторот. Крајната цел на овој Институт е да прерасне во регионален „хаб“ каде би се изведувале регионални активности поврзани со сајбер одбраната и безбедноста. Во моментов се работи на официјализирање на Национална стратегија за сајбер безбедност со која точно ќе се дефинира улогата на секоја институција во системот за одбрана од евентуални закани во сајбер просторот. Воедно, работиме на полна оперативност на воспоставениот Националниот тим за одговор на сајбер инциденти. Дополнително, Националниот тим ќе треба да воспостави тимови  во останатите институции, државни и приватни, кои ќе бидат подготвени за директен одговор на заканите и кои меѓусебно ќе се координираат  во однос на активностите поврзани со одбраната од сајбер закани“, велат од Министерството за одбрана.

 

Различни пристапи, но со заедничка цел – справување со сајбер нападите

 

Споделувањето на информации е уште еден позитивен пристап кон воспоставувањето на подобра мрежа во однос на сајбер безбедноста, и која би можела лесно и ефикасно да се справи со разни напади, согласни се и приватниот и државниот сектор.

 

„Од особено важност за сајбер безбедноста е споделување на информации помеѓу субјектите, јавниот сектор, академската заедница и приватниот сектор во чија сопственост е најголем дел од критичната инфраструктура како што се енергетскиот, телекомуникацискиот, транспортниот, банкарскиот сектор итн. Би потенцирале дека е поради тоа што е утврдена потребата за подигнување на свесноста за можните последици од сајбер напади и спроведување на специјализирана обука за препознавање одредена закана во сајбер просторот за сите вработени во институциите од јавниот и приватниот сектор, вклучувајќи го и персоналот кој ги носи клучните одлуки во овие институции, како и ИТ персоналот“, додаваат од Министерството.

 

Покренувањето на свест кај населението околу ризиците и опасностите кои произлегуваат од сајбер нападите е нешто што може да помогне во голема мера штом стратегијата е веќе поставена, и може да придонесе во развојот на различни пристапи во справувањето со овие предизвици, сметаат од Ц3И.

 

„Модерниот свет на комуникација ја видоизменува перцепцијата за реалноста, па сега всушност „Информацијата е моќ“! Оттука, целта на подигнувањето на нивото на свест кај граѓаните не е насочена кон нивно заплашување и инхибирање во однос на користењето на современите технологии, туку кон нивно запознавање со позитивностите, но и со потенцијалните ризици и опасности.Кога ќе му кажете некому дека оваа тема задолжително треба да се вгради во наставата уште во основното образование, можеби ќе ве смета за несериозен. Кај нас, за жал, сеуште на оваа тема се гледа како тема која им припаѓа само на луѓето од ИТ секторот. Факт е дека 50-60 отсто ИТ секторот го има главниот збор. Но, имајќи предвид дека ИТ технологиите се инкорпорираат во сите сфери од секојдневниот живот и се наша реалност, неопходна е далеку поголема инволвираност на експерти од останатите сфери кои имаат допирни точки“ со ова прашање. Со други зборови, потребен е т.н. “The whole-of-government approach” за оваа проблематика. Тоа значи дека за регулирање на оваа материја и секако за будење на свеста кај индивидуите, се одговорни не само оние субјекти кои во конвенционална смисла (безбедносни субјекти) би се сметале за ексклузивно одговорни, туку и други субјекти-институции кои индиректно се вклучени во националната безбедност преку контекстот на градење на социјалната стабилност и сигурност во државата.  Во склад со современите трендови, на пример, во овој дел мора да се вклучат институции како Министерство за труд и социјала политика, Министерство за образование и наука, Министерство за здравство, како и приватниот сектор, пред се банкарскиот сектор“, се дел од предлозите направени од страна на Ц3И, а кои можат да помогнат во создавањето на ефикасен пристап.

 

Со оглед на заканите со кои Македонија досега се има соочено, впечатокот е дека засега земјата има капацитети за да се соочи со овие предизвици, но според приватниот сектор, важно е да се потенцира дека се уште доминира асиметријата во различните сектори, и она што може да се каже со сигурност е дека „никој и ништо во моментов не е безбедно“.

 

„Во конвенционална смисла Македонија би можела да се справи со сериозни сајбер закани, притоа воспоставувајќи реципрочни односи со земјите од регионот, но не и во неконвенционална смисла, каде постои опасност од крах. Регионалната соработка мора да се негува, иако таа е на ниско ниво, или поточно сведена е на формална обврска, не на ниво на практична соработка. Сепак, за волја на вистината, ова е сектор во кој соработката е доста деликатна и условена од политички импликации и динамики“, заклучуваат од Ц3И.

 

Според властите, пак, земјата црпи искуства и од европските и евроатланските институции, и настојува да создаде динамика кога станува збор за меѓународната соработка при изградбата на ефикасна стратегија за сајбер безбедност. „На активностите, освен експерти од државата и регионот, голем придонес со активно учество даваат и познати експерти од областа од НАТО институциите (пред сѐ од НАТО Центарот за сајбер одбрана во Естонија и НАТО Центарот за борба против тероризмот од Турција), САД, Велика Британија, Италија, Турција, Израел, Германија, Белгија итн. Целта на овие активности е да се соберат сите регионални и меѓународни експерти од областа на сајбер одбраната и безбедноста, кои истата ја третираат од различна перспектива (ИТ, правна, менаџерска, економска, политичка и тн.), да ги разменат своите искуства во ова поле и да развијат рамка за регионална и меѓународна соработка во областа на сајбер безбедноста“, објаснуваат за Макфакс од Министерството за одбрана./крај/мф/бс

 

 

Анализи

Силјановска vs Пендаровски: Кој добива, а кој губи во битката на социјалните мрежи и медиумите?

Објавено пред

Претседателските кандидати Стево Пендаровски и Гордана Силјановска-Давкова најмногу се спомнуваат во медиумите, а најмалку се популарни меѓу твитерџиите. Во негативен контекст почесто е споменувана Силјановска на социјалните мрежи „Феjсбук“ и „Твитер“, но и во медиумите.

dobivaj vesti na viber

Ова го покажа првата сентимент-анализа на истражувачкиот центар на „Макфакс“, која се изработуваше во периодот од 1 до 9 април годинава. Процесот на изработка на анализата е базиран на компјутерски алгоритми и има задача да одреди во каков контекст (многу негативен, негативен, неутрален, позитивен или многу позитивен) е напишан одреден текст или дел од текстот.

Преку системот беа анализирани 220 медиуми, како и објавите и коментарите на над еден милион корисници на „Фејсбук“ и твитовите од 300 илјади профили. Тестирањата на платформата покажaа дека користените технологии даваат резултат со точност поголема од 80 проценти.

Според анализата, имињата на Силјановска-Давкова и на Пендаровски почесто се споменуваат во медиумите отколку на социјалните мрежи „Твитер“ и „Фејсбук“. Во првите девет дена од месецот тие биле споменати вкупно 3.515 пати. На „Фејсбук“ биле споменати речиси двојно помалку, а најмалку биле споменувани на „Твитер“.

Силјановска, според оваа анализа, најмногу била спомената на веб-порталите „Република“, „Курир“, „Инфомакс“ и на „Прес 24“, а Пендаровски на „Прес 24“, „Макпрес“, „24 инфо“ и на „Вечер“. Од инфографикот може да се види комплетната слика за тоа во кој медиум биле најмногу застапени двајцата претседателски кандидати.

Во однос на контекстот на споменување во медиумите може да се заклучи дека постои тесна разлика меѓу Силјановска и Пендаровски, иако кандидатката зад која стои опозициската ВМРО-ДПМНЕ предничи со негативните коментари.

Па, така, во многу негативен контекст Силјановска била спомената 201 пат, а Пендаровски 136 пати. Ако таа била спомната 914 пати во негативен контекст, Пендаровски во истиот контекст бил спомнат 778 пати. Тој предничи и во однос на неутралните спомнувања во медиумите, а Силјановска предничи во однос на позитивните споменувања. Тесна е разликата меѓу многу позитивните конотации, во кои биле ставени двајцата претседателски кандидати на кои се однесува анализата, во која за 8 споменувања предност има Пендаровски.

Според податоците од аналитичкиот центар на „Макфакс“, претседателскиот кандидат Пендаровски е попопуларен од Силјановска во однос на бројот на споменувања. Во многу позитивен или позитивен контекст меѓу твитерџиите тој е споменат 231 пат, а Силјановска 201. Во однос на тоа дали кандидатите се споменати во негативен или многу негативен контекст за нијанса води Силјановска, која е спомената 401 пат, а Пендаровски 389.

Слична ситуација може да се види и на „Фејсбук“, каде што Пендаровски има предност во однос на бројот на споменувања. Ако Силјановска била спомената 481 пат во многу негативен или во негативен контекст, Пендаровски е споменат 429 пати. Кај претседателскиот кандидат зад кој стои СДСМ поголем е бројот на позитивни или многу позитивни споменувања на социјалната мрежа „Фејсбук“.

Според сето ова, Силјановска има поголема вредност на вкупниот сентимент во негативен контекст на социјалните мрежи и во медиумите од Пендаровски. Важно е да се потенцира дека не станува збор за анкета што ги мери гласовите за кандидатите, туку за начинот на кој тие се прикажани и коментирани во интернет-просторот. Истражувачкиот центар на „Макфакс“ на почетокот на кампањата за претседателските кандидати спроведе анкета.

Целосната методологија за начинот на изработката на сентимент-анализите на истражувачкиот центар на „Макфакс“ е достапна на следниот линк.

Прикажи повеќе...

Анализи

СЈО со детали: Како Камчев и Мијалков ги переле парите градејќи империја

Објавено пред

Злосторничко здружение, кое функционирало повеќе од 8 години, од 2009 година, кога биле отворани и затворани фирми, перени милиони и милиони евра, биле менувани сопственици, бил купуван огромен имот, отворани фирми на офшор-дестинации за еднократна употреба, префрлувани пари преку кипарски банки, а потоа овие испрани пари влегуваат како основачки влогови за да формираат македонски фирми.

dobivaj vesti na viber

Вака накусо може да се опише случајот „Империја“ на специјалното јавно обвинителство (СЈО), каде што, меѓу другите, осомничени се едни од највлијателните луѓе во земјата, бизнисменот Орце Камчев и поранешниот директор на УБК, Сашо Мијалков.

Три месеци по почнувањето на истрагата, обвинителството излезе со детали за еден од најобемните предмети за кој засега е утврдено дека се испрани речиси 11 милиони евра.

Истрагата е проширена за „Графички центар“ и за „Медија принт Македонија“ (МПМ), извршени се претреси во фирмите, осомничените се испрашани и собрани се докази.

Соработката меѓу Македонија и Кипар е воспоставена, па сега, конечно, на виделина излегуваат и имињата на оние што се криеле зад офшор-фирмите преку кои се переле пари.

Од крајот на јуни до крајот на октомври 2018 година некои од осомничените од „Империја“ биле под посебни истражни мерки.

„Мијалков не беше под посебни истражни мерки, Камчев многу внимателно зборуваше по телефон, но не и другите осомничени“, велат од СЈО.

Без разлика како ќе се одвива понатаму истрагата за „Империја“, со оглед на тоа што статусот и истрагите на СЈО сè уште се неизвесни, оттаму велат дека собрани се речиси 90 отсто од доказите за случајот да може да продолжи понатаму.

Злосторничкото здружение се распаѓа кон крајот на 2017 и почетокот на 2018 година кога осомничените почнуваат да земаат кредити за да се раздолжат, но тоа не значи дека тука завршуваат и нивните поединечни активности.

Под лупа на СЈО е и фирмата поврзана со семејството Мијалкови, „Бест веј инвестмент“, формирана веднаш по обеледонувањето на таканаречените бомби во 2015 година, чиј сопственик е синот на Сашо Мијалков, Јордан. СЈО истражува како се ширел бизнисот и како оваа фирма успева да заработи огромни суми и да стекне голем имот само за три години работа. „Бест веј инвестмент“, ако во 2016 година имала приходи од 816 илјади евра, во 2017 година веќе приходите ѝ растат на 9,6 милиони евра, што само покажува дека независно кој е на власт, бизнисите на Мијалков работат со полна пареа.

Краен сопственик на мистериозната „Ексико“ бил Камчев

Натписот на поштенското сандаче на улицата Иван Милутиновиќ во Скопје сведочи за постоењето на „Ексико“, чие сопствеништво е скриено

Центарот на истрагата за „Империја“ се познатата офшор-фирма „Ексико“ и бизнисменот Орце Камчев.

Истрагата утврдила дека зад првата фирма-мајка на „Ексико“, „Делта инвестмент“ од Белизе, всушност се крие таткото на Орце Камчев, Илија. Од оваа фирма, која поседуваше акции во големи акционерски друштва, а се јавуваше и како еден од сопствениците на атрактивните плацови на Водно, досега сите креваа раце и демантираа дека стојат зад неа.

Истрагата на СЈО утврдила дека по Илија Камчев, набргу како краен сопственик фигурирал и поранешниот директор на македонски „Телеком“, Жарко Луковски, а кога сопствеништвото на фирмата се сели во Америка, односно сопственик станува извесна „Калвус ЛЛЦ“ (Calvus LLC) од САД, крајниот сопственик е всушност Орце Камчев.

Од оваа американска фирма кон „Ексико“ се влеваат 1,6 милион евра како прилив, а дел од овие пари завршува на личната сметка на Камчев, додека со дел се купувани имот и земјиште во Гевгелија, на кое понатаму е предвидено да се градат казина.

Подоцна, а и до ден-денеска, сопственик на „Ексико“ е фирмата со швајцарски капитал „Т&МЈ инвестмент“ од Лугано, Швајцарија, фирма зад која оперативните сознанија покажале дека краен сопственик е член на семејството Мијалкови. Од швајцарската фирма кон македонската „Ексико“ немало никаков прилив или одлив на пари.

„Ексико“ не е единствената фирма преку која функционирало ова злосторничко здружение. Колку за пример, во истатата 2009 година офшор-компанијата „Хоспитал менаџмент груп ЛЛЦ’ од Кипар ја основа клиничката болница „Систина“. Понатаму, оваа компанија го продава имотот на друга офшор-компанија од Панама. „Орка холдинг“ го купува уделот од панамската, па повторно ѝ го продава на „Систина“, со што фактички Камчев внесува удел од „Хоспитал менаџмент“ од Кипар во Македонија.

Сомнежи за перење пари преку кипарски банки

Преку кипарски банки парите влегуваат во земјата

Значаен дел од истрагата на СЈО за „Империја“ има и фирмата „Финзи“ – истата фирма за која во таканаречените бомби можеше да се слушне дека одела набавката за опрема за следење интернет-комуникации за МВР. Министерството, додека на чело на УБК беше Мијалков, наместо директно да ја набави изреалската опрема за прислушување, тоа го правела преку „Финзи“. Во текот на истрагата за случајот самоубиство изврши директорот на „Финзи“, Коста Крпач, во април 2016 година.

Сега истрагата за „Империја“ повторно допира до „Финзи“, фирма основана од „Финзи ЛЛЦ“ во САД. Краен сопственик на оваа компанија, според СЈО, повторно е Орце Камчев.

Во неколку наврати од „Финзи ЛЛЦ“ преку кипарска банка кон македонската „Финзи“ биле исплатувани 650.000 евра. Во тоа време, односно во 2009 година, директор на „Финзи“ во Македонија е Владислав Стајковиќ, брат на Небојша Стајковиќ, поранешен помошник-министер за информатичка технологија во МВР.

Овие пари понатаму влегуваат како основачки влог во „Систина кардиологија“, фирма што подоцна е преименувана во „Си-Фи-Кар“ („Систина“, „Финзи“, “Кара“). Во 2012 година, според СЈО, кога парите веќе се испрани, американската мајка-фирма се затвора и се отвора нова фирма, во која Крпач влегува како директор, а на истата сметка легнуваат парите од израелската донација за опрема за прислушување.

„Не купуваат компании за да работат со нив, туку за да извлечат што можат“

Орце Камчев и Сашо Мијалков, клучните играчи во „Империја“

Многу компании, офшор, стотици папки со документи и изјави од сведоци содржи еден од најобемните предмети на СЈО – „Империја“. Од она што беше претставено пред новинарските екипи, неизбежен е заклучокот дека од досегашната истрага и собраните докази станува збор за класични примери за сомнежи за перење пари пред кои надлежните институции со години молчеле или се откажувале од гонење поради немање докази.

Дел од истрагата е отстапен и на купувањето на „Бетон Штип“ од страна на ТИМ ДОО, „Орка холдинг“, „Езимит“ ДООЕЛ и „Ексико“.

„Кога тие купуваат компанија, не ја купуваат за да ја работат, туку да извлечат што може од имотот на компанијата“, велат од СЈО.

Па, така, и овој пат сознанијата говорат дека од „Бетон Штип“ се извлечени 4 милиони евра, односно газдите ги тераат акционерите со парите да купуваат имот, а понатаму како што се извлекуваат парите, така се инвестираат во други зделки за што патем говорат и последните информации дека речиси 250 работници веќе ги напуштаат работните места од „Бетон Штип“ и истовремено преку суд си ги бараат неисплатените плати за последните четири месеци.

Дел од истрагата го опфаќа и „Фершпед“, односно од моментот кога Кираца Трајковска, која беше еден од мнозинските акционери во “Фершпед“, поради долг во Еуростандард банка, преку посредник побарала кредит од Стопанска банка АД Битола. Камчев, кој е дел од Управниот одбор на банката, наместо кредит, според СЈО, на Трајковска ѝ понудил преку физички лица да ѝ бидат префрлени парите по што биле ослободени нејзините акции од „Фершпед“.

За да им ги продаде акциите на странски инвеститори, таа го ангажирала брокерот Јованче Тасковски. Но, за нејзината намера дознал Штерјо Наков, кој побарал помош од Мијалков, со цел тој да ги купи акциите. Мијалков се договора со Камчев да ја изиграат, па без нејзино знаење, според СЈО, Ненад Јосифовиќ ги продава акциите на физички и правни лица поврзани со Наков за 4 милиони евра повисока цена од реалната. Парите од зделката завршуваат во фирма чии сопственици се „Ексико“, „Орка холдинг“ и „Тимох“.

Во делот од истрагата за „Империја“ влегуваат и стари случаи, кои претходно во обвинителствата завршувале со откажување од гонење поради немање доволно докази. Таков пример е истрагата за „пропаѓањето“ на „Орка спорт“, „Орка текстил“ и други фирми во сопственост на сега покојниот Илија Камчев. Данокот се избегнувал да се плаќа преку лажни стечаи, обезвреднување на имотот и формирање офшор-компании, а потоа парите „чисти“ биле внесувани во земјата, односно целиот имот бил пренесуван на новоформирани компании.

На овој начин, впрочем, и се градела целата империја – преку лојални соработници, изигрување на законитe и формирање компании за еднократна употреба.

Како ќе заврши истрагата и дали случајот ќе добие епилог останува неизвесно. Засега Орце Камчев и Сашо Мијалков се во домашен притвор, а конечниот збор ќе го каже Врховниот суд.

Освен Камчев и Мијалков, осомничени во случајот „Империја“ се и Ратка Куноска-Камчева, мајка на Камчев и неизвршен член на Одборот на директори на „Орка ходинг“, Кристина Камчева-Стојческа, сестра на Камчев и неизвршен член на Одборот на директори на „Жито полог Тетово“, Лилјана Гајдоска, правник во фирмите на Камчев, неизвршен член на Одборот на директори на ЗК „Пелагонија“, Тодор Мирчевски, директор на „Ексико“, Владислав Стајковиќ, сопственик на НВСП, доскорешен директор на „Мобико“ и поранешен директор на „Финзи“, Ванче Мијалчев, извршен директор на „Бетон Штип“, Јованче Тасковски, брокер, и Дејан Јанев од „О.Т.Е. инвест“.

Прикажи повеќе...

Анализи

Политиката го подели СЈО на табори

Објавено пред

„Чарлиевите ангели“ ги нема. Катица Јанева, Ленче Ристоска и Фатиме Фетаи речиси една година не се појавуваат на заеднички прес-конференции. Во јавноста и на социјалните мрежи сè погласни се критиките за работата на специјалното јавно обвинителство и ослабената доверба во оваа институција.

dobivaj vesti na viber

Три и пол години по формирањето, целосен судски епилог има само за два случаја а сè погласни се шпекулациите дека во СЈО владее поделеност на обвинителите на табори, кои меѓусебно не се согласуваат за дејствувањето на ова обвинителство, па тие разлики во мислењата лесно се забележливи и во јавноста.

Трите жени, кои беа симбол за СЈО, ретко може се видат заедно во јавноста, а речиси една година Ленче Ристоска и Фатиме Фетаи не даваат заеднички изјави. Според нашите извори, со слични ставови на една страна биле обвинителките Катица Јанева и Лиле Стефанова, а на друга Ленче Ристоска и Фатиме Фетаи.

Од друга страна, сè поприсутна во јавноста е главната специјална обвинителка Катица Јанева, која, според најавите, во вторник ќе се појави на „1ТВ“, каде што заедно со обвинителите Лиле Стефанова и Трајче Пеливанов треба да одговараат и на прашања од гледачите. Токму во фирмата сопственик на „1ТВ“, „БМЈ медиа груп“, работи синот на Јанева, младиот гевгеличанец Лазар Јанев, за кого веќе беше објавено дека пред вработените бил претставен како директор на правна служба. Пред точно два месеца Јанева беше гостинка на „1ТВ“ и се фотографира со сопственикот на телевизијата, Бојан Јовановски, со назнака дека станува збор за работен состанок.

Во СЈО во последната година во целост се смени практиката на комуникација со јавноста. Последната прес-конференција СЈО ја одржа на 21 март минатата година.

Повеќе нема брифинзи со новинари, а на обвинителките Ристоска и Фетаи не им е дозволено да даваат интервјуа и изјави. Целосна затвореност владее и во однос на истрагите. Случајот „Империја“, во кој, меѓу другите, се осомничени и бизнисменот Јордан Камчев и ексдиректорот на УБК, Сашо Мијалков, беше отворен пред повеќе од 2 месеца, а од СЈО нема дополнителни информации, освен дека истрагата е сложена.

Сите обиди на „Макфакс“ да обезбедат брифинг за случајот беа залудни. Новинарите меѓу себе коментираат дека ова обвинителство, кое наметна транспарентно работење, последнава година се затворило, иако обвинителите поминале серија обуки за комуникација со јавноста. Тоа остава простор за шпекулации во постапувањето по предметите на обвинителството. Од друга страна, во редовното Обвинителство се спроведува тренинг за односи со јавноста на обвинителите.

Според нашите информации, во специјалното јавно обвинителство меѓу некои од вработените владее незадоволство од начинот на работа, особено по последните политички случувања, амнестии и повици за помирување, кои во голем дел влијаат и врз актуелните предмети што се во судска постапка, но и на оние што се во истрага и предистрага, а во кои, меѓу другите, се вклучени и Сашо Мијалков, Елизабета Канческа-Милевска, Али Ахмети, Бујар Османи.

Ексминистерката за култура, КанческаМилевска, е инволвирана во предистрагата за предметот „Скопје 2014“, кој е еден од најобемните предмети на СЈО, за Мијалков се водат повеќе судски постапки, а предметот за агенцијата за обезбедување СГС е во предистрага.

Во процесот на помирувањето наголемо се споменуваа и измените во Кривичниот законик, односно член 353, став 5, кој ја регулира злоупотребата на службената положба преку јавните набавки. Доколку дојде до промена на овој член, како што беше најавувано, помали казни или ослободување од одговорност ќе добијат голем број обвинети во случаите на СЈО, меѓу кои и Мијалков.

Уставниот суд сè уште не расправал по иницијативата на адвокатот Еленко Миланов, кој бара судиите да се произнесат за овој член од Кривичниот законик.

Сите овие политички инволвирања, кои допираат и до СЈО, според нашите извори, довеле до голем раздор во работата на институцијата, која има годишен буџет од 3,7 милиони евра. Некои од обвинителите се разочарани од фактот што нивните предмети и нивната работа зависат исклучително од тековната политичка ситуација, па токму затоа во последниот период и не се работи на нови предистраги бидејќи се чека исходот од тоа што ќе се случува со институцијата и дали евентуално одредени функционери од претходната, но и од актуелната власт, ќе избегнат одговорност.

Прикажи повеќе...

Најново

Македонија9 часа

(Видео) Силјановска -Давкова: На 9 мај ќе го славиме Денот на победата над фашизмот и Денот на Европа, но ќе славиме и за Македонија

„На 9-ти мај ќе го прославуваме Денот на победата над фашизмот и Денот на Европа! На 9-ти мај, ќе ја...

Македонија9 часа

Мицкоски: Повикувам на обезбедување на македонско национално единство, обзнанувам мораториум и запирање на сите напади кон партиите Левица и ЗНАМ

Нашето име е ВМРО-ДПМНЕ, ВМРО – демократска партија за македонско национално единство. Тоа е многу силно име, кое не само...

Македонија9 часа

(Видео) Ковачевски: Со Мицкоски и ДПМНЕ е можно само враќање назад во изолација и режим, далеку од Европа

Со Мицкоски и ДПМНЕ е можно само враќање назад во изолација и режим, далеку од Европа, рече претседателот на СДСМ,...

Македонија11 часа

(Видео) „Мицкоски на чист бугарски јазик му кажа на Борисов дека го поддржува договорот“, рече Пендаровски во Виница

Како дел од изборната кампања, кандидатот за претседател Стево Пендаровски попладнево беше меѓу граѓаните на општина Виница. На прашање на...

Македонија15 часа

Министерството за здравство за приватните специјализанти: Решение ќе има после изборите

„Министерството за здравство секогаш се залага за подобрување на условите за работа на здравствените работници и соработници, кои меѓу нив...

Македонија19 часа

Наместо покачена 12 отсто, вработените во културата не добија никаква плата, од утре излегуваат на протести

Доколку до крајот на денот не им биде исплатена платата за март на 3.000 вработени во културата, од утре тие...

Македонија19 часа

Сексизам, дискриминација, навреди и говор на омраза од Пендаровски и лица вклучени во неговата кампања: Силјановска-Давкова со нова претставка

Гордана Силјановска-Давкова денеска поднесе нова претставка до Државната изборна комисија, Комисијата за заштита од дискриминација, ОБСЕ – Организација за безбедност...

Македонија19 часа

ДУИ симулира седница на која Бугарите влегоа во Уставот, Села е претседател на Собранието, а Османи на државата

„Европскиот фронт“ предводен од Демократската Унија за интеграција симулираше конститутивна седница на Собранието, со тоа, сликовито прикажувајќи што би се...

Македонија22 часа

Пендаровски: Ја вративме слободата, изградивме еднакво општество, имаме силна поддршка од најмоќните демократски држави

Кандидатот за претседател, Стево Пендаровски вчерашниот ден од изборната кампања го заокружи со граѓански митинг во Гостивар. Пред присутните Пендаровски...

Свет23 часа

ЕУ воведе нови санкции за Иран

Лидерите на Европската унија вчера одлучија да ги зголемат санкциите против Техеран додека светските сили се обидуваат да спречат поширок...

Свет24 часа

Украина предупредува на трета светска војна пред клучната одлука во Америка

Украинскиот премиер изјави за Би-Би-Си дека ќе има трета светска војна доколку Украина ја загуби војната со Русија, апелирајќи до...

Македонија1 ден

Мицкоски: Пендаровски не ги критикува ДУИ и Ахмети, што значи дека е нивен привезок и втор кандидат за претседател

Народот знае дека гласот за Стево е глас за ДУИ, Али Ахмети и Артан Груби. Гласот за Стево е глас...

Топ2 дена

Обид за убиство во прилепскиот затвор: со нож избоден осуденик

Полицијата поднесе кривична пријава против С.Р.(28) и Д.К.(39), двајцата од Прилеп, поради убиство во обид. Од МВР информираа дека инцидентот...

Македонија2 дена

Арсовска: Министерката за култура успеа самата себеси да се побие и не одговори на ниедно прашање

Министерката за култура, Бисера Костадиновска-Стојчевска успеа самата да се побие и не одговори на ниту едно прашање коешто беше поставено,...

Топ2 дена

Кривична против Курто Дудуш: за директори на градинка именувал лица што не биле вработени таму

СВР Скопје – Единица за економски и компјутерски криминал поднесе кривична пријава против 49-годишниот К. Д., градоначалник на скопска општина...

Македонија2 дена

„Два месеца нема плата за вработените, а пред избори се примаат работници“ – „Национални шуми“ на протест

Триесет подружници се собраа пред Јавното претпријатие „Национални шуми“ со цел да го изразат незадоволството оти втор месец немаат добиено...

Македонија2 дена

Со Арсовска ќе се видиме на суд да објасни како јас сум знаела, а не сум пријавила пожар во Универзалната сала, најави министерката за култура

За министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска, вчерашните обвинувања од градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска, се лаги, скандалозни тврдења и обид...

Македонија2 дена

Грејната сезона продолжува поради временските услови

АД ЕСМ ги информира потрошувачите приклучени на системот за централно греење со кој управуваат компаниите формирани од АД ЕСМ, како...

Македонија2 дена

Училиштата не може да објаснат како е направен изборот на фирмите за чии услуги плаќаат родителите: набавките за униформи за учениците, за фотографирање и за ужина се нетранспарентни

Центарот за граѓански комуникации го објави истражувањето „Отсуство на процедури, транспарентност и отчетност кај набавките што се финансираат со пари...

Регион2 дена

По високите температури, Србија во снег: мештаните шокирани

Силниот дожд во утринските часови на територијата на западна Србија прерасна во лапавица и снег, а на Златибор веќе е...