Daily news
Бранко Наумоски: Изборот на Талат Џафери беше легитимен и легален
„Како секој совесен граѓанин, но и поранешен извршител на високи јавни функции, како прв народен правобранител и претседател на Уставниот суд на Република Македонија, со ова мое обраќање сакам да се придружам кон сите оние кои најостро го осудија насилничкиот упад во Собранието на Република Македонија. Се надевам дека насилниците брзо ќе бидат откриени и изведени пред суд.
Не можам да премолчам, а јавно да не му одговорам на поранешниот претседател на Собранието, Трајко Вељаноски, кој изјави дека, не го признава Талат Џафери за претседател на Собранието со образложение дека е прекршен членот 9 од Деловникот на Собранието и член 36 од Уставот на РМ. При тоа, повикувајќи се дека немало јавност при неговиот избор, затоа што Собранискиот телевизиски канал не вршел пренос и дека, за јавност не се смета снимање со телефон, како и дека, свечената изјава претседателот требло да ја даде пред претседавачот (пред него) и дека сето тоа било заобиколено.
Господа од ДПМНЕ, сум сигурен дека, вие многу добро знаете и сте свесни дека, со поставувавњето на Трајко Вељаноски за претседавач на конститутивната седница, грубо го прекршивте Уставот на РМ. Имено, Уставот е многу јасен и дециден, претседателот на Собранието од претходниот состав само формално го свикува Собранието, а со Собранието според Уставот и Деловникот претседава најстариот пратеник.
Без оглед на сето ова, иако нелегитимно и нелегално поставен за претседавач, Трајко Вељаноски, продолжи да го крши Уставот, Законот и Деловникот на Собранието, со тоа што им дозволи на пратениците за се да дискутираат и дебатираат освен за точката на дневниот ред.
Тој молчеше, наместо да им го одземе зборот на сите дискутатнти кои дискутираа надвор од точката на дневен ред. Наместо свечена седница вие направивте циркус од Собранието и направивте револт кај граѓаните и кај оние кои вас ве подржуваат и кај останатите граѓани.
Оттаму, господа од ДПМНЕ, ви укажувам дека, конечно со избор на претседател на Собранието на РМ, постапката за конституирање на Собранието е ставена во правен колосек.
Граѓаните можеа јавно да видат дека е направен тој бај пас кој беше очекуван, со гласање на мнозинството на пратениците, конечно на легитимен и легален начин во многу отежнати услови создадени од вас од ДПМНЕ, граѓаните го видоа изборот на претседател на Собранието.
Затоа, вие пратениците од ДПМНЕ, надминете ги вашите партиски интереси, не долевајте масло во огнот, не го држете во заложништво сопствениот народ и признајте го мнозинството и претседателот на Собранието, не го предизвикувајте гневот на останатите граѓани кои мирно, но со горчина во душата чекаат мирна разврска на состојбата.
Во оваа прилика, би сакал да му упатам совет и да му порачам на претседателот на РМ (овој пат ќе се воздржам од квалификациите што цела држава му ги упати во овој период од политичката криза за неговото досегашно постапување, пред и се, заради досегашните функции што сум ги вршел). Да престане да го крши Уставот на РМ и да му укажам дека, неговата улога во конституирањето на новото Собрание и Влада, според Уставот е јасна, тој е должен сега кога постапката за избор на претседател на Собрание и нова Влада тргна по правната процедура, без одлагање да го додели мандатот кој ќе биде определен од мнозинството во Собранието.
Сакам да напомена дека, доколку претседателот не се одважи и конечно почне да го применува Уставот т.е не го додели мандатот на мнозинството, тогаш според мое мислење кое се темели врз основа на Уставот, легитимно и легално ќе биде, доколку претседателот на Владата и целата Влада биде избрана на седница на Собранието што секако треба да ја свика новиот претседател на Собранието“ се вели во ставот на Бранко Наумоски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Daily news
Прва правна конференција Tres Partes
На 26 декември година во хотелот „Континентал“, со почеток во 10 часот, ќе се одржи првата правна конференција Tres partes, во организација на „Јанаки знае“, а ќе биде поделена во три дела.
Првиот дел е со работен наслов „Дали е потребно укинување на извршителите?”, на кој ќе учествуваат Зоран Василевски, кој ќе ја застапува тезата ПРО укинување на извршителите, извршител Снежана Андреевска, која ќе ја застапува тезата КОНТРА укинување на извршителите и извршител и поранешен судија за извршување, Христо Јованов, кој ќе предава во делот на извршувањето пред да се укинат судиите извршители.
Вториот дел е со работен наслов „Дали се шаблонизира институтот надомест на нематеријална штета“, на која предавачи ќе бидат адвокатката Маруша Митровска, судијката Љубица Колиќ од Основен суд Скопје 2 и судијата Ѓорѓи Радојков од Апелациониот суд Скопје.
Третиот т.н. кривичен дел е со работен наслов „Неприменување на кривично-правните институти“, во кој предавачи ќе бидат адвокатот Јанаки Митровски, Никола Тупанчевски, редовен професор по казнено право при „Јустинијан Први“, Александра Деаноска, вонредна професорка по казнено право при „Јустинијан Први“, и Оља Ристова, судијка при Основниот суд Скопје 1.
Предвиден е и интерактивен дел со публиката преку поставување прашања и коментари од учесниците.
Daily news
Груевски оди во затвор – Апелација му ја потврди казната
Апелациониот суд Скопје, постапувајќи по кривичниот предмет познат во јавноста под името „Тенк“ по одржана јавна седница, донесе пресуда со која му ја потврди двегодишната затворска казна на премиерот Никола Груевски. „Жалбите на обвинетиот Никола Груевски изјавени лично и преку неговите бранители ги одби како неосновани, а првостепената пресуда ја потврди во целост, со што му ги потврди двете години затворска казна“, пишува во соопштението од судот.
Второстепениот суд делумно му ја уважи жалбата на Ѓоко Поповски и му ја намали казната на 4 години и 6 месеци, а во останатиот дел првостепената одлука ја потврди.
За Гордана Јанкулоска за „Тенк“ е издвоена во друга постапка и пресудата за неа, под обвинение дека ја злоупотребила службената положба и го натерала Поповски да го намести тендерот за „мерцедесот“ што го посакал Груевски, ќе биде изречена на 8 октомври.
Daily news
Бизнисменот Минчо Јорданов треба да сведочи дали бил уценет со пари во шпионската афера
Бизнисменот Минчо Јорданов утрово во кривичниот суд е повикан да сведочи во предметот што го презеде специјалното јавно обвинителство под кодно име „Шпион“.
Обвинетите Миќо Наскоски, Зоран Божиновски и Марјан Маџовски, како што рече на минатото рочиште обвинителката Елизабета Јосифовска, со цел да се стекнат со противправна имотна корист, му се заканиле на бизнисменот Минчо Јорданов дека ќе објават податоци за наводна криминална приватизација и откуп на акциите во АД „Бетон“ и на други негови фирми. Во намерата не успеале, а Јорданов не ги исплатил парите.
„Обвинетиот Александар Диневски прибавувал податоци со степен на државна тајна, а потоа ги доставувал или директно на странските разузнавачки служби или му ги давал на обвинетиот Марјан Ефремов, кој ја формирал групата за уцени, изнуди и шпионажа и ја координирал од 2009 до 2013 година, регрутирајќи нови членови во мрежата. Со обвинетиот Мирослав Зафировски од УБК прибирале податоци за луѓе од ЦИА присутни во Македонија и за штаб на ЦИА во Ирак. Тие прибирале и податоци за организациската поставеност на УБК“, рече Јосифовска за „Шпион“, кое СЈО врз база на нови прислушувани разговори го презеде од Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција.
Ефремов, според обвинението, групата за изнуда и тргување со тајни информации од безбедносните служби на Македонија ја направил во 2009 година и, како што тврди обвинителството, тој е мозокот на целата операција. Информациите им ги продавале на Кост Н. од грчката разузнавачка служба, Петар Н. и Јуриј Н. од унгарската и на други лица од странски разузнавачки служби.
Секој од обвинетите, зависно од тоа во која институција работел, снимал службени документи, кои потоа им ги продавал на грчката, руската, унгарската и српската разузнавачка служба. Обвинети во овој случај се и тогашниот шеф на Кабинетот на претседателот на Собранието, Трајко Вељаноски, генералот Горан Стојков, Миќо Насковски, Ѓорѓи Хаџимицев, Цветан Дамјановски (заедно со други нивни колеги од МВР, УБК, АР и Военото разузнавање, кои дел се веќе осудени) и Зоран Божиновски, кој во групата имал улога ако уценуваните не дадат пари, тој да ги објавува, како што вели обвинителката, во порталот „Буревесник“ или во други медиуми во кои работел. Божиновски е обвинет за злосторничко здружување, шпионажа и уцена.
Обвинетите не се чувствуваат виновни, а тврдат и дека целиот процес е монтиран. Во предметот првично беа опфатени 19 лица, од кои неколкумина ја одлежаа затворската казна. Предметот го суди судијата Владимир Туфегџиќ. На конференциска врска треба да сведочи и Драган Даравелски, кој, според обвинението, исто така бил уценуван од обвинетите.