Контакт

Анализи

Стратфор: Зависноста на Јапонија од заливската нафта

Објавено пред

Додека се мачи со последиците од земјотресот, цунамито и нуклеарната криза, Јапонија внимателно ги следи настаните во Персискиот Залив, каде што случувањата минатава неделава ги зголемија можностите за прекин на испораките на нафта.

dobivaj vesti na viber

Додека се мачи со последиците од земјотресот, цунамито и нуклеарната криза, Јапонија внимателно ги следи настаните во Персискиот Залив, каде што случувањата минатава неделава ги зголемија можностите за прекин на испораките на нафта. Јапонската индустрија е целосно зависна од заливската нафта, па евентуален прекин ќе предизвика катастрофални штети врз веќе потресената економија.Неделава сé се вртеше околу енергијата. Случувањата во Персискиот Залив ја зголемија можноста за прекин на испораките на нафта за остатокот од светот, а земјотресот во Јапонија оштети нуклеарни реактори, што може да има катастрофални последици. Јапонија зависи од нуклеарната енергија и од Персискиот Залив, од каде што добива поголем дел од нафтата. Значи, измининатава неделава беше многу лоша за Јапонија, не само поради огромната штета и човечките страдања туку и поради тоа што увиде дека не може да ја избегне реалноста на географијата.Јапонија е трета најголема економија во светот. Исто така, таа е трета по големина индустриска економија, веднаш зад САД и Кина. Проблемот на Јапонија е што нејзината огромна индустрија е на територија без речиси никакви минерални ресурси. Таа мора да ги увезува речиси сите метали и енергенси што и се потребни за производство на индустриските производи. Јапонија складира ресурси, но ако се потрошат резервите, а не се увезат нови, таа повеќе нема да биде индустриска сила.Географија на нафтатаЈапонија увезува метали од повеќе места, па ако запрат испораките од едно место, земјата ќе се сврти кон друго. Географијата на нафтата е многу поограничена. Единственото место од кое Јапонија добива нафта е Персискиот Залив. Има и други места од кои Јапонија може да добие нафта, но не може да стори ништо без Персискиот Залив. Минатата недела можеше да се види оти заливот е ранливо место како извор на нафта. Безредијата што го потресоа Арапскиот Полуостров и тензиите помеѓу Саудијците и Иранците и меѓу Иранците и Американците создадоа можност за прекини во испораките на нафта. Географските карактеристики на Персискиот Залив се исклучителни. Каков било прекин од кој било извор во регионот или целосна блокада на заливот ќе предизвика тешки последици по глобалната економија.За Јапонија тоа би можело да значи многу повеќе од зголемување на цените. Јапонија тогаш нема да може да го обезбеди потребното количество нафта. Преместувањето на танкерите, ограничувањето на пристанишните капацитети и долгорочните договори што обврзуваат нафтата да се испорачува на други места може да ја направат Јапонија физички неспособна да ја обезбеди нафтата што и е потребна за функционирање на индустриските постројки. Ова може да ги намали резервите и значително да ја закочи економијата на Јапонија. Јасно е дека кога третата најголема индустриска сила значително ќе го намали капацитетот, тоа ќе има големо влијание врз глобалната економија и трговија. Во 1973 г., арапските земји воведоа нафтено ембарго врз остатокот од светот. Јапонија, која целосно зависи од увозот на нафта, беше погодена не само од високите цени туку и од фактот што не можеше да добие доволно гориво за да може да функционира. Иако ембаргото траеше само пет месеци, нафтениот шок, како што Јапонците го нарекуваа, ги потресе индустриските капацитети на Јапонија и ја овековечи нејзината ранливост. Јапонија зависеше од САД, кои требаше да и гарантираат испорака на нафта. Сознанието дека САД не можат да ги гарантираат испораките предизвика политичка криза, по која следуваше економска. Тоа е една причина поради која Јапонците се премногу чувствителни на настаните во Персискиот Залив.Без оглед на другите испораки, Јапонија секогаш ќе увезува речиси 100% од нафтата од други земји. Ако се земе предвид колку јапонската економија зависи од нафта, јасно е зошто толку зависи од состојбите во Персискиот Залив.За да ја ублажи зависноста од нафтата, Јапонија користи два алтернативни извори на енергија. Таа е најголемиот увозник на јаглен по морски пат и е трет најголем производител на струја од нуклеарни реактори, веднаш по САД и Франција. Една третина од производството на струја доаѓа од атомските централи. Нуклеарната енергија беше критична и за националната и за индустриската безбедност на Јапонија. Тоа не ја направи Јапонија самостојна, бидејќи мораше да увезува јаглен и нуклеарно гориво, но пристапот до ваквите ресурси ја направи зависна од земји како Австралија, кои немаат проблеми со потенцијални блокади како Персискиот Залив. Значи во овој контекст треба да ја разбереме изјавата на јапонскиот премиер дека Јапонија се соочува со најстрашната криза по Втората светска војна. Прво, земјотресот и оштетувањата на нуклеарните реактори предизвикаа долготраен недостиг од енергија во Јапонија, кој заедно со другата штета предизвикана од земјотресот несомнено ќе влијае врз економијата. Но настаните во Персискиот Залив го предизвикаа кошмарното сценарио од 1973 г. Во зависност од тоа како ќе се одвиваат настаните, јапонскиот нафтовод од Персискиот Залив може да се соочи со закана каква што немало од 1973 г. Кога ќе ги додадеме и дефектите на реакторите, несомнено е дека економијата на Јапонија е изложена на голем ризик.Нуклеарна безбедностЈапонија сé уште се бори со последиците од економскиот колапс во раните 1990-ти. Брзиот економски пораст и ниските стапки на поврат на вложените средства предизвикаа голема финансиска криза. Наместо да дозволат рецесијата да предизвика бран банкротирања и невработеност, Јапонците се стремеа да ја задржат традицијата на доживотна вработеност. За да го направи тоа, Јапонија мораше да ги одржи каматните стапки ниски и да прифати мал или никаков економски пораст. Таа ја постигна целта – релативно мала невработеност – но по цена на огромни долгови и долгорочна тромава економија.Јапонците се борат со прашањето што ќе се случи по периодот на економска стагнација. Тие сé уште не го дефинирале патот, иако е јасно дека економската реалност нема да може сама да се одржи. Промените со кои ќе се соочи Јапонија ќе бидат огромни и земјата политички тешко ќе се справи со нив.Сé уште не е јасно колкава штета ќе предизвикаат дефектните нуклеарните реактори, но ситуацијата се влошува. Јасно е дека потенцијална криза во Персискиот Залив, оштетените нуклеарни реактори и сé поголемите нивоа на радијација ќе ја поткопаат довербата на Јапонците. Наспроти човечките жртви, овие реактори беа јапонска одбрана против непредвидливиот свет. Тие на државата и обезбедија контрола врз значително количество енергија. Колку и да мораа Јапонците да увезуваат јаглен и нафта, барем дел од енергетската структура беше под нивна контрола. Јапонската нуклеарна енергија се чинеше несоборлива, што не беше случај со ниту еден друг дел од нејзината енергетска инфраструктура. За Јапонија, која влезе во војна со САД во 1941 година и потоа беше уништена, тоа не беше мала работа. Јапонија имаше безбедносна мрежа, која пред сé беше и силна психолошка безбедносна мрежа. Уништувањето на нуклеарните реактори не само што предизвика недостиг од енергија и страв од радијација туку и ја разоткри ранливоста, која е скриена зад целиот јапонски успех. Јапонија не ги контролира нафтените извори, не ги контролира поморските патишта преку кои се транспортираат јагленот и другите минерали и не може да биде сигурна дека нуклеарните реактори наскоро нема да бидат целосно уништени. Ова е голем удар, ако се земе психолошкиот аспект на економијата и политиката. На Јапонија и се заканува постојана опасност од природата и од геополитиката. Штетата што ја предизвика земјотресот покажува колку е опасен јапонскиот свет. Ниту една друга индустриска економија не е толку несигурна колку јапонската. Земјотресот ќе предизвика огромни проблеми за јапонската економија, кои ќе имаат големи последици врз понатамошниот развој, но најважно е прашањето за влијанието врз политичкиот систем. По Втората светска војна, Јапонија се справуваше со својата ранливост избегнувајќи меѓународни спорови и потпирајќи се на односите со САД. Таа понекогаш се прашуваше дали Америка со непредвидливите воени операции повеќе претставува опасност или сојузник, но не ја промени политиката.Уништувањето на самите реактори нема толку да ја потресе Јапонија колку што ќе ја погоди разнишаната сигурност што ја обезбедуваа тие. Прашањето е како ќе реагира политичкиот систем. Дали во справувањето со Персискиот Залив, Јапонија ќе продолжи да го следи американското водство или ќе одлучи да преземе поголема контрола и да тргне по свој пат? Веројатноста е дека разнишаната самодоверба ќе ја направи Јапонија повнимателна и поранлива. Интересно е да се погледне историјата на Јапонија и да се заклучи оти земјата понекогаш на несигурноста гледа како на поттик за самодокажување. Земјотресот не само што буквално ја потресе Јапонија туку влијаеше и врз нејзиното поглед на светот. Силата на земјотресот ја потресе и психата на Јапонците. Јапонија се обиде да се убеди себеси дека обезбедила сигурност преку нуклеарните постројки и сојузништвото со Америка. Ако се земат предвид земјотресот и ситуацијата во Персискиот Залив, Јапонија можеби ќе треба да го смени ваквиот став. Но таа долго време го избегнуваше тоа. Прашањето е дали земјотресот што ја изнесе на површина ранливоста на Јапонија ќе биде и доволно силен да ја натера внимателно да го ревидира својот политички систем. /крај/стратфор/



©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Анализи

Силјановска vs Пендаровски: Кој добива, а кој губи во битката на социјалните мрежи и медиумите?

Објавено пред

Претседателските кандидати Стево Пендаровски и Гордана Силјановска-Давкова најмногу се спомнуваат во медиумите, а најмалку се популарни меѓу твитерџиите. Во негативен контекст почесто е споменувана Силјановска на социјалните мрежи „Феjсбук“ и „Твитер“, но и во медиумите.

dobivaj vesti na viber

Ова го покажа првата сентимент-анализа на истражувачкиот центар на „Макфакс“, која се изработуваше во периодот од 1 до 9 април годинава. Процесот на изработка на анализата е базиран на компјутерски алгоритми и има задача да одреди во каков контекст (многу негативен, негативен, неутрален, позитивен или многу позитивен) е напишан одреден текст или дел од текстот.

Преку системот беа анализирани 220 медиуми, како и објавите и коментарите на над еден милион корисници на „Фејсбук“ и твитовите од 300 илјади профили. Тестирањата на платформата покажaа дека користените технологии даваат резултат со точност поголема од 80 проценти.

Според анализата, имињата на Силјановска-Давкова и на Пендаровски почесто се споменуваат во медиумите отколку на социјалните мрежи „Твитер“ и „Фејсбук“. Во првите девет дена од месецот тие биле споменати вкупно 3.515 пати. На „Фејсбук“ биле споменати речиси двојно помалку, а најмалку биле споменувани на „Твитер“.

Силјановска, според оваа анализа, најмногу била спомената на веб-порталите „Република“, „Курир“, „Инфомакс“ и на „Прес 24“, а Пендаровски на „Прес 24“, „Макпрес“, „24 инфо“ и на „Вечер“. Од инфографикот може да се види комплетната слика за тоа во кој медиум биле најмногу застапени двајцата претседателски кандидати.

Во однос на контекстот на споменување во медиумите може да се заклучи дека постои тесна разлика меѓу Силјановска и Пендаровски, иако кандидатката зад која стои опозициската ВМРО-ДПМНЕ предничи со негативните коментари.

Па, така, во многу негативен контекст Силјановска била спомената 201 пат, а Пендаровски 136 пати. Ако таа била спомната 914 пати во негативен контекст, Пендаровски во истиот контекст бил спомнат 778 пати. Тој предничи и во однос на неутралните спомнувања во медиумите, а Силјановска предничи во однос на позитивните споменувања. Тесна е разликата меѓу многу позитивните конотации, во кои биле ставени двајцата претседателски кандидати на кои се однесува анализата, во која за 8 споменувања предност има Пендаровски.

Според податоците од аналитичкиот центар на „Макфакс“, претседателскиот кандидат Пендаровски е попопуларен од Силјановска во однос на бројот на споменувања. Во многу позитивен или позитивен контекст меѓу твитерџиите тој е споменат 231 пат, а Силјановска 201. Во однос на тоа дали кандидатите се споменати во негативен или многу негативен контекст за нијанса води Силјановска, која е спомената 401 пат, а Пендаровски 389.

Слична ситуација може да се види и на „Фејсбук“, каде што Пендаровски има предност во однос на бројот на споменувања. Ако Силјановска била спомената 481 пат во многу негативен или во негативен контекст, Пендаровски е споменат 429 пати. Кај претседателскиот кандидат зад кој стои СДСМ поголем е бројот на позитивни или многу позитивни споменувања на социјалната мрежа „Фејсбук“.

Според сето ова, Силјановска има поголема вредност на вкупниот сентимент во негативен контекст на социјалните мрежи и во медиумите од Пендаровски. Важно е да се потенцира дека не станува збор за анкета што ги мери гласовите за кандидатите, туку за начинот на кој тие се прикажани и коментирани во интернет-просторот. Истражувачкиот центар на „Макфакс“ на почетокот на кампањата за претседателските кандидати спроведе анкета.

Целосната методологија за начинот на изработката на сентимент-анализите на истражувачкиот центар на „Макфакс“ е достапна на следниот линк.

Прикажи повеќе...

Анализи

СЈО со детали: Како Камчев и Мијалков ги переле парите градејќи империја

Објавено пред

Злосторничко здружение, кое функционирало повеќе од 8 години, од 2009 година, кога биле отворани и затворани фирми, перени милиони и милиони евра, биле менувани сопственици, бил купуван огромен имот, отворани фирми на офшор-дестинации за еднократна употреба, префрлувани пари преку кипарски банки, а потоа овие испрани пари влегуваат како основачки влогови за да формираат македонски фирми.

dobivaj vesti na viber

Вака накусо може да се опише случајот „Империја“ на специјалното јавно обвинителство (СЈО), каде што, меѓу другите, осомничени се едни од највлијателните луѓе во земјата, бизнисменот Орце Камчев и поранешниот директор на УБК, Сашо Мијалков.

Три месеци по почнувањето на истрагата, обвинителството излезе со детали за еден од најобемните предмети за кој засега е утврдено дека се испрани речиси 11 милиони евра.

Истрагата е проширена за „Графички центар“ и за „Медија принт Македонија“ (МПМ), извршени се претреси во фирмите, осомничените се испрашани и собрани се докази.

Соработката меѓу Македонија и Кипар е воспоставена, па сега, конечно, на виделина излегуваат и имињата на оние што се криеле зад офшор-фирмите преку кои се переле пари.

Од крајот на јуни до крајот на октомври 2018 година некои од осомничените од „Империја“ биле под посебни истражни мерки.

„Мијалков не беше под посебни истражни мерки, Камчев многу внимателно зборуваше по телефон, но не и другите осомничени“, велат од СЈО.

Без разлика како ќе се одвива понатаму истрагата за „Империја“, со оглед на тоа што статусот и истрагите на СЈО сè уште се неизвесни, оттаму велат дека собрани се речиси 90 отсто од доказите за случајот да може да продолжи понатаму.

Злосторничкото здружение се распаѓа кон крајот на 2017 и почетокот на 2018 година кога осомничените почнуваат да земаат кредити за да се раздолжат, но тоа не значи дека тука завршуваат и нивните поединечни активности.

Под лупа на СЈО е и фирмата поврзана со семејството Мијалкови, „Бест веј инвестмент“, формирана веднаш по обеледонувањето на таканаречените бомби во 2015 година, чиј сопственик е синот на Сашо Мијалков, Јордан. СЈО истражува како се ширел бизнисот и како оваа фирма успева да заработи огромни суми и да стекне голем имот само за три години работа. „Бест веј инвестмент“, ако во 2016 година имала приходи од 816 илјади евра, во 2017 година веќе приходите ѝ растат на 9,6 милиони евра, што само покажува дека независно кој е на власт, бизнисите на Мијалков работат со полна пареа.

Краен сопственик на мистериозната „Ексико“ бил Камчев

Натписот на поштенското сандаче на улицата Иван Милутиновиќ во Скопје сведочи за постоењето на „Ексико“, чие сопствеништво е скриено

Центарот на истрагата за „Империја“ се познатата офшор-фирма „Ексико“ и бизнисменот Орце Камчев.

Истрагата утврдила дека зад првата фирма-мајка на „Ексико“, „Делта инвестмент“ од Белизе, всушност се крие таткото на Орце Камчев, Илија. Од оваа фирма, која поседуваше акции во големи акционерски друштва, а се јавуваше и како еден од сопствениците на атрактивните плацови на Водно, досега сите креваа раце и демантираа дека стојат зад неа.

Истрагата на СЈО утврдила дека по Илија Камчев, набргу како краен сопственик фигурирал и поранешниот директор на македонски „Телеком“, Жарко Луковски, а кога сопствеништвото на фирмата се сели во Америка, односно сопственик станува извесна „Калвус ЛЛЦ“ (Calvus LLC) од САД, крајниот сопственик е всушност Орце Камчев.

Од оваа американска фирма кон „Ексико“ се влеваат 1,6 милион евра како прилив, а дел од овие пари завршува на личната сметка на Камчев, додека со дел се купувани имот и земјиште во Гевгелија, на кое понатаму е предвидено да се градат казина.

Подоцна, а и до ден-денеска, сопственик на „Ексико“ е фирмата со швајцарски капитал „Т&МЈ инвестмент“ од Лугано, Швајцарија, фирма зад која оперативните сознанија покажале дека краен сопственик е член на семејството Мијалкови. Од швајцарската фирма кон македонската „Ексико“ немало никаков прилив или одлив на пари.

„Ексико“ не е единствената фирма преку која функционирало ова злосторничко здружение. Колку за пример, во истатата 2009 година офшор-компанијата „Хоспитал менаџмент груп ЛЛЦ’ од Кипар ја основа клиничката болница „Систина“. Понатаму, оваа компанија го продава имотот на друга офшор-компанија од Панама. „Орка холдинг“ го купува уделот од панамската, па повторно ѝ го продава на „Систина“, со што фактички Камчев внесува удел од „Хоспитал менаџмент“ од Кипар во Македонија.

Сомнежи за перење пари преку кипарски банки

Преку кипарски банки парите влегуваат во земјата

Значаен дел од истрагата на СЈО за „Империја“ има и фирмата „Финзи“ – истата фирма за која во таканаречените бомби можеше да се слушне дека одела набавката за опрема за следење интернет-комуникации за МВР. Министерството, додека на чело на УБК беше Мијалков, наместо директно да ја набави изреалската опрема за прислушување, тоа го правела преку „Финзи“. Во текот на истрагата за случајот самоубиство изврши директорот на „Финзи“, Коста Крпач, во април 2016 година.

Сега истрагата за „Империја“ повторно допира до „Финзи“, фирма основана од „Финзи ЛЛЦ“ во САД. Краен сопственик на оваа компанија, според СЈО, повторно е Орце Камчев.

Во неколку наврати од „Финзи ЛЛЦ“ преку кипарска банка кон македонската „Финзи“ биле исплатувани 650.000 евра. Во тоа време, односно во 2009 година, директор на „Финзи“ во Македонија е Владислав Стајковиќ, брат на Небојша Стајковиќ, поранешен помошник-министер за информатичка технологија во МВР.

Овие пари понатаму влегуваат како основачки влог во „Систина кардиологија“, фирма што подоцна е преименувана во „Си-Фи-Кар“ („Систина“, „Финзи“, “Кара“). Во 2012 година, според СЈО, кога парите веќе се испрани, американската мајка-фирма се затвора и се отвора нова фирма, во која Крпач влегува како директор, а на истата сметка легнуваат парите од израелската донација за опрема за прислушување.

„Не купуваат компании за да работат со нив, туку за да извлечат што можат“

Орце Камчев и Сашо Мијалков, клучните играчи во „Империја“

Многу компании, офшор, стотици папки со документи и изјави од сведоци содржи еден од најобемните предмети на СЈО – „Империја“. Од она што беше претставено пред новинарските екипи, неизбежен е заклучокот дека од досегашната истрага и собраните докази станува збор за класични примери за сомнежи за перење пари пред кои надлежните институции со години молчеле или се откажувале од гонење поради немање докази.

Дел од истрагата е отстапен и на купувањето на „Бетон Штип“ од страна на ТИМ ДОО, „Орка холдинг“, „Езимит“ ДООЕЛ и „Ексико“.

„Кога тие купуваат компанија, не ја купуваат за да ја работат, туку да извлечат што може од имотот на компанијата“, велат од СЈО.

Па, така, и овој пат сознанијата говорат дека од „Бетон Штип“ се извлечени 4 милиони евра, односно газдите ги тераат акционерите со парите да купуваат имот, а понатаму како што се извлекуваат парите, така се инвестираат во други зделки за што патем говорат и последните информации дека речиси 250 работници веќе ги напуштаат работните места од „Бетон Штип“ и истовремено преку суд си ги бараат неисплатените плати за последните четири месеци.

Дел од истрагата го опфаќа и „Фершпед“, односно од моментот кога Кираца Трајковска, која беше еден од мнозинските акционери во “Фершпед“, поради долг во Еуростандард банка, преку посредник побарала кредит од Стопанска банка АД Битола. Камчев, кој е дел од Управниот одбор на банката, наместо кредит, според СЈО, на Трајковска ѝ понудил преку физички лица да ѝ бидат префрлени парите по што биле ослободени нејзините акции од „Фершпед“.

За да им ги продаде акциите на странски инвеститори, таа го ангажирала брокерот Јованче Тасковски. Но, за нејзината намера дознал Штерјо Наков, кој побарал помош од Мијалков, со цел тој да ги купи акциите. Мијалков се договора со Камчев да ја изиграат, па без нејзино знаење, според СЈО, Ненад Јосифовиќ ги продава акциите на физички и правни лица поврзани со Наков за 4 милиони евра повисока цена од реалната. Парите од зделката завршуваат во фирма чии сопственици се „Ексико“, „Орка холдинг“ и „Тимох“.

Во делот од истрагата за „Империја“ влегуваат и стари случаи, кои претходно во обвинителствата завршувале со откажување од гонење поради немање доволно докази. Таков пример е истрагата за „пропаѓањето“ на „Орка спорт“, „Орка текстил“ и други фирми во сопственост на сега покојниот Илија Камчев. Данокот се избегнувал да се плаќа преку лажни стечаи, обезвреднување на имотот и формирање офшор-компании, а потоа парите „чисти“ биле внесувани во земјата, односно целиот имот бил пренесуван на новоформирани компании.

На овој начин, впрочем, и се градела целата империја – преку лојални соработници, изигрување на законитe и формирање компании за еднократна употреба.

Како ќе заврши истрагата и дали случајот ќе добие епилог останува неизвесно. Засега Орце Камчев и Сашо Мијалков се во домашен притвор, а конечниот збор ќе го каже Врховниот суд.

Освен Камчев и Мијалков, осомничени во случајот „Империја“ се и Ратка Куноска-Камчева, мајка на Камчев и неизвршен член на Одборот на директори на „Орка ходинг“, Кристина Камчева-Стојческа, сестра на Камчев и неизвршен член на Одборот на директори на „Жито полог Тетово“, Лилјана Гајдоска, правник во фирмите на Камчев, неизвршен член на Одборот на директори на ЗК „Пелагонија“, Тодор Мирчевски, директор на „Ексико“, Владислав Стајковиќ, сопственик на НВСП, доскорешен директор на „Мобико“ и поранешен директор на „Финзи“, Ванче Мијалчев, извршен директор на „Бетон Штип“, Јованче Тасковски, брокер, и Дејан Јанев од „О.Т.Е. инвест“.

Прикажи повеќе...

Анализи

Политиката го подели СЈО на табори

Објавено пред

„Чарлиевите ангели“ ги нема. Катица Јанева, Ленче Ристоска и Фатиме Фетаи речиси една година не се појавуваат на заеднички прес-конференции. Во јавноста и на социјалните мрежи сè погласни се критиките за работата на специјалното јавно обвинителство и ослабената доверба во оваа институција.

dobivaj vesti na viber

Три и пол години по формирањето, целосен судски епилог има само за два случаја а сè погласни се шпекулациите дека во СЈО владее поделеност на обвинителите на табори, кои меѓусебно не се согласуваат за дејствувањето на ова обвинителство, па тие разлики во мислењата лесно се забележливи и во јавноста.

Трите жени, кои беа симбол за СЈО, ретко може се видат заедно во јавноста, а речиси една година Ленче Ристоска и Фатиме Фетаи не даваат заеднички изјави. Според нашите извори, со слични ставови на една страна биле обвинителките Катица Јанева и Лиле Стефанова, а на друга Ленче Ристоска и Фатиме Фетаи.

Од друга страна, сè поприсутна во јавноста е главната специјална обвинителка Катица Јанева, која, според најавите, во вторник ќе се појави на „1ТВ“, каде што заедно со обвинителите Лиле Стефанова и Трајче Пеливанов треба да одговараат и на прашања од гледачите. Токму во фирмата сопственик на „1ТВ“, „БМЈ медиа груп“, работи синот на Јанева, младиот гевгеличанец Лазар Јанев, за кого веќе беше објавено дека пред вработените бил претставен како директор на правна служба. Пред точно два месеца Јанева беше гостинка на „1ТВ“ и се фотографира со сопственикот на телевизијата, Бојан Јовановски, со назнака дека станува збор за работен состанок.

Во СЈО во последната година во целост се смени практиката на комуникација со јавноста. Последната прес-конференција СЈО ја одржа на 21 март минатата година.

Повеќе нема брифинзи со новинари, а на обвинителките Ристоска и Фетаи не им е дозволено да даваат интервјуа и изјави. Целосна затвореност владее и во однос на истрагите. Случајот „Империја“, во кој, меѓу другите, се осомничени и бизнисменот Јордан Камчев и ексдиректорот на УБК, Сашо Мијалков, беше отворен пред повеќе од 2 месеца, а од СЈО нема дополнителни информации, освен дека истрагата е сложена.

Сите обиди на „Макфакс“ да обезбедат брифинг за случајот беа залудни. Новинарите меѓу себе коментираат дека ова обвинителство, кое наметна транспарентно работење, последнава година се затворило, иако обвинителите поминале серија обуки за комуникација со јавноста. Тоа остава простор за шпекулации во постапувањето по предметите на обвинителството. Од друга страна, во редовното Обвинителство се спроведува тренинг за односи со јавноста на обвинителите.

Според нашите информации, во специјалното јавно обвинителство меѓу некои од вработените владее незадоволство од начинот на работа, особено по последните политички случувања, амнестии и повици за помирување, кои во голем дел влијаат и врз актуелните предмети што се во судска постапка, но и на оние што се во истрага и предистрага, а во кои, меѓу другите, се вклучени и Сашо Мијалков, Елизабета Канческа-Милевска, Али Ахмети, Бујар Османи.

Ексминистерката за култура, КанческаМилевска, е инволвирана во предистрагата за предметот „Скопје 2014“, кој е еден од најобемните предмети на СЈО, за Мијалков се водат повеќе судски постапки, а предметот за агенцијата за обезбедување СГС е во предистрага.

Во процесот на помирувањето наголемо се споменуваа и измените во Кривичниот законик, односно член 353, став 5, кој ја регулира злоупотребата на службената положба преку јавните набавки. Доколку дојде до промена на овој член, како што беше најавувано, помали казни или ослободување од одговорност ќе добијат голем број обвинети во случаите на СЈО, меѓу кои и Мијалков.

Уставниот суд сè уште не расправал по иницијативата на адвокатот Еленко Миланов, кој бара судиите да се произнесат за овој член од Кривичниот законик.

Сите овие политички инволвирања, кои допираат и до СЈО, според нашите извори, довеле до голем раздор во работата на институцијата, која има годишен буџет од 3,7 милиони евра. Некои од обвинителите се разочарани од фактот што нивните предмети и нивната работа зависат исклучително од тековната политичка ситуација, па токму затоа во последниот период и не се работи на нови предистраги бидејќи се чека исходот од тоа што ќе се случува со институцијата и дали евентуално одредени функционери од претходната, но и од актуелната власт, ќе избегнат одговорност.

Прикажи повеќе...

Најново

Македонија8 часа

Силјановска -Давкова: Ќе се залагам АРМ секогаш да ги исполнува НАТО стандардите и да вклучва повеќе жени

„Претседателот е врховен командант на вооружените сили. А вооружените сили се бранителот на територијалната независност и интегритет на Македонија. Во...

Македонија8 часа

(Видео) „Ако го интересира Мицкоски кој од неговите најблиски соработници биле кај мене, ќе му кажам“, рече Пендаровски

Вечерва претседателскиот кандидат Стево Пендаровски беше меѓу жителите на Гази Баба и одговараше на нивните прашања. Граѓаните побараа одговор дали...

Македонија15 часа

Протестите на специјализантите имаат политичка заднина, колкав притисок и да прават, решение е можно по изборите, вели Демири

Министерот за здравство ги поддржува барањата за поголеми плати и платени придонеси на приватните специјализанти, но нема мерки што би...

Македонија16 часа

Демири: Ќе предложам невакцинирани да не може да се вработат во јавното здравство

Министерот за здравство во техничката Влада, Илир Демири, ќе побара законски измени со кои ќе биде забрането во јавното здравство...

Македонија16 часа

Деветвалентната ХПВ-вакцина, која спречува 80 отсто од аналниот карцином и 70 отсто од карциномот на грлото на матката, достапна кај нас од следниот месец

За еден месец сите вакцинални пунктови ќе ја добијат деветвалентната ХПВ-вакцина, која од оваа година, покрај девојчињата на возраст од...

Македонија17 часа

Припадници на затворската полиција се сомничат дека му овозможиле на осуденикот да побегне од Идризово – може да добијат и до 10 години затвор

Седумнаесет полицајци се приведени по повеќемесечна предистражна постапка за бегството на затвореникот од Идризово, кое се случи во октомври минатата година....

Македонија18 часа

Османи со порака до Израел: Воздржете се од возвраќање, спиралата на конфликти може да се влоши

Министерот за надворешни работи Бујар Османи порача до Израел да не возраќа на нападот на Иран бидејќи состојбата може да...

Uncategorized18 часа

Укината социјалната помош на 1.134 лица оти имале возило и за 18 месеци ја оштетиле државата за над 2,5 милиона евра

Министерството за труд изготвило 1.134 решенија за прекин на гарантирана минимална помош и социјална пензија на лица што 18 месеци...

Топ18 часа

На автопатот Скопје – Велес мотоциклист излетал од патот и починал од повредите

Вчера, во 12 часот, во СВР Скопје било пријавено дека на автопатот Скопје – Велес, во близина на тунелот „Бадар“,...

Македонија19 часа

Си плаќаме приватно за да се лекуваме оти не сме здравствено осигурени, велат приватните специјализанти, кои излегоа на штрајк

Над 400 приватни специјализанти утрово излегоа на генерален штрајк барајќи покачување на платите и здравствено осигурање. Тие истакнаа дека надоместокот...

Свет20 часа

Израел: Иран почна војна, сите опции се на маса

Иран покрена војна против Израел кога лансираше беспилотни летала и проектили, мораме да ги одвратиме, изјави за „Скај њуз“ портпаролката...

Свет21 час

Израелската армија објави фотографии од штетите од иранските напади

Околу 99 отсто од ракетите, беспилотните летала и крстаречките ракети лансирани за време на одмаздничката операција на Иран биле соборени...

Свет22 часа

Иран: Ако Израел возврати, следниот напад ќе биде одлучувачки

Амбасадорот на Иран во ОН, Амир Саид Иравани, даде изјава за „Скај њуз“ по состанокот на Советот за безбедност на...

Македонија22 часа

(Видео) Пендаровски: Мицкоски е докажан извор на лажни вести, страв му е да не му се врати Груевски

На вечерашниот граѓански митинг во Куманово, кандидатот за претседател Стево Пендаровски одговарајќи на прашање од граѓани зошто ВМРО-ДПМНЕ во последните...

Свет22 часа

САД: Нема значителна штета во Израел

Висок американски воен функционер рече дека Соединетите држави проценуваат дека нема значителна штета во самиот Израел по иранското бомбардирање. Портпаролот...

Свет1 ден

(Видео) „Израел уништил балистичка ракета надвор од земјината атмосфера“ – мистериозна снимка за време на масовниот ирански напад

Израелската противвоздушна одбрана се мачеше да се спротивстави на масовниот напад на ирански беспилотни летала и ракети! На едно од...

Свет2 дена

Њујорк Тајмс тврди дека Бајден го разубедил Нетанјаху од планот за контра-напад врз Иран

Американскиот претседател Џо Бајден го одврати премиерот Бенјамин Нетанјаху да даде зелено светло за одмазднички напад врз Иран, откако минатата...

Македонија2 дена

Османи: Формиравме Кризен штаб за извлекување на нашите државјани од Израел и регионот по нападот на Иран

Што знаеме досега: 🔵Наставата е прекината во училиштата низ Израел, а компаниите ќе можат да работат „нормално“ со пристап до...

Свет2 дена

(Видео) Детално откриваме како функционира „железната купола“ на Израел која ги собори повеќето ракети како шега – никој во светот го нема ова

Што знаеме досега: 🔵Наставата е прекината во училиштата низ Израел, а компаниите ќе можат да работат „нормално“ со пристап до...

Свет2 дена

Операција „Чесно ветување“: Иран ѝ се заканува на Америка, Израел наскоро ќе носи одлука – се очекува тешка одмазда

Иранскиот напад врз Израел со над 300 беспилотни летала, крстаречки и балистички ракети заврши без сериозни последици откако огромното мнозинство...