Контакт

Анализи

Стратфор: Војнa во Либија

Објавено пред

Западните сили, особено САД, се исклучително подготвени за првичните фази од воената интервенција. Проблемите доаѓаат потоа: дали ќе биде потребна и копнена инвазија и окупација и кој би ги спровел и двете?

dobivaj vesti na viber

Западните сили, особено САД, се исклучително подготвени за првичните фази од воената интервенција. Проблемите доаѓаат потоа: дали ќе биде потребна и копнена инвазија и окупација и кој би ги спровел и двете, а згора на се, дали во Либија постои политичка сила која ќе може да го преземе товарот на реконструкција на пост-гадафиевска Либија?Либиската војна започна. Во неа учествуваат коалиција од европски сили, плус САД, една шака арапски држави и бунтовниците во Либија, наспроти либиската влада. Долгорочната цел – неискажана, но добро позната – е смена на режимот: замена на владата на либискиот лидер Моамeр Гадафи, со нов режим, во чија основа би биле сегашните бунтовници. Мисијата е многу појасна од стратегијата, а и таа не може да се осознае според првичните потези. Стратегијата може да биде наметнување на зона на забранети летови и напад врз либиските центри за команда и контрола, или и двете, плус директни копнени напади врз силите на Гадафи. Сите тие може да се комбинираат со инвазија и окупација на Либија. Оттаму, прашањето не е која е мисијата на коалицијата, туку која стратегија ќе се примени? Колку далеку е подготвена да оди коалицијата или некои нејзини делови, за да го смени режимот и да се соочи со последиците од промената на режимот? Колку ресурси се подготвени да обезбедат и колку долга војна се подготвени да водат? Треба да се потсетиме дека во Ирак и во Авганистан окупацијата се претвори во срцевина на војната, а смената на режимот беше обичен вовед. Можно е и коалициските партнери се уште да не одлучиле за која стратегија ќе се определат или, пак, не можат да се усогласат околу тоа. Војните започнуваат со два вида на напади. Првите се напади за обезглавување, осмислени да ја уништат или изолираат командната структура на една држава. Тука може да се вклучат и удари со цел да се убијат лидерите, како што е и Гадафи и неговите синови, како и други високи функционери. Овие напади зависат од многу специфично разузнавање за постројките на непријателот, вклучувајќи ги тука комуникациите, планирањето и слично, заедно со детални информации за точната положба на раководството. Нападите врз згради се изведуваат од воздух, но не мора со крстосувачки проектили, бидејќи тие се особено прецизни за цели кои се движат бавно, а зградите не одат никаде. Истовремено, воените воздухоплови орбитираат надвор од досегот на противвоздушната одбрана и чекаат информации за нови подвижни цели и ако ги добијат, се враќаат во опсегот и употребуваат соодветна муниција. Видот на воздухоплови кои се користат зависи од робустноста на противвоздушната одбрана, времето кое го имаат на располагање до нападот и потребната муниција. Тие варираат од конвенционални ловци или „стелт“ стратешки бомбардери, како „Б-2“ на САД. На копно може да се распоредат специјални единици кои би ја посочиле целта за ласерски наведуваната муниција, која е многу прецизна, но бара илуминација на целта. Парадоксот на воените интервенции За овој дел западните сили, а особено САД, се исклучително подготвени. Но, тоа е само почетокот на војната. Примарните одлики на силите на Гадафи се конвенционалните оклопни единици, а особено артилеријата. Уништувањето на неговите воздушни сили и изолирањето на неговите копнени единици нема самото по себе да ја добие војната. Војната се води на копно. Прашање е само мотивираноста на неговите трупи: ако предавањето за нив е неприфатлива опција или претставува лична катастрофа, тогаш ќе продолжат да се борат. Во таков момент, коалицијата ќе мора да донесе одлука дали ќе се ангажира во уништување на неговите копнени трупи од воздух. Ова може да се направи, но не постои гаранција дека ќе функционира. Згора на тоа, во оваа фаза почнуваат да се трупаат и цивилните жртви. Тоа е парадоксот на војувањето чија цел е да се стави крај на човечкото страдање, додека средствата со кои тоа се постигнува понекогаш и самите предизвикуваат значително човечко страдање. Ова не е теоретски концепт. Во ваков момент поддржувачите на војната се вртат кон политичките лидери со обвинувања дека крајот на страдањето имал превисока цена. Треба да се запомни дека Садам Хусеин беше цел на глобални критики, но поголемиот дел од оние кои го критикуваа не беа подготвени да ја платат цената на неговото отстранување од власта. Европјаните се особено чувствителни на ова прашање. Потоа следи прашањето на тоа до која мерка ова ќе остане воздушна операција, како што беше Косово, или ќе се премине и на копнена операција. Косово е идеално решение, но Гадафи не е Слободан Милошевиќ и можеби нема, како него, да помисли дека има каде да оди и ако се предаде. За Гадафи борењето е од егзистенцијално значење, додека за Милошевиќ не беше. Тој и неговите следбеници, најверојатно, ќе пружат отпор. Ова е голема непознаница. Тука коалицијата се соочува со едноставен избор: или да продолжи со воздушните операции на неопределен период и без јасни резултати или да нападне на копно. Во тој момент, пак, ќе се наметне прашањето за тоа чии трупи ќе го извршат нападот? Египет, се чини, дека е подготвен, но двете меѓу двете земји постои повеќегодишно непријателство, поради што дејствијата на Египет во таа насока можеби нема да бидат сфатени како ослободување. И Европјаните би можеле да нападнат. Малку е тешко да се замисли дека Обама ќе прифати и трета војна со една муслиманска држава. Ова ќе биде вистинскиот тест за коалицијата. Ако дојде до инвазија, таа најверојатно ќе биде успешна. Но, потоа ќе се наметне прашањето за тоа дали силите на Гадафи ќе преминат во опозиција и ќе започнат востание? И ова зависи од моралот, но и од однесувањето. Американците исфорсираа востание во Ирак со тоа што ги ставија Баатистите (партијата на Хусеин која повеќе децении владееше со Ирак) во неодржлива позиција. Во Авганистан, Талибанците ја предадоа формалната власт без притоа да претрпат одлучувачки пораз. Потоа се прегрупираа, се реформираа и се вратија. За сега не е познато што можее, а што не може да стори Гадафи. Единствено што е јасно е дека тоа е главната непозната. Проблемот во Ирак не беа единиците за специјални намени. Не беше проблемот ни кај нападите за обезглавување или, пак, за уништување на противвоздушната одбрана. Не беше ниту во тоа што ирачката армија беше поразена на копно. Проблемот беше во окупацијата, кога непријателот се реформираше и покрена востание, кое за САД се покажа како многу тешко за справување. Оттаму, успехот на иницијативната фаза на војната не значи ништо. Дури да се предаде Гадафи или да биде убиен, дури и ако не е потребна никаква инвазија, освен мала окупациска сила која би им помагала на бунтовниците, можноста за востание останува. Не можеме да знаеме дали ќе има востание се додека не започне. Значи, единствено нешто што може да изненади во оваа фаза на операцијата е таа да не успее. Одлуката дека мисијата на целата оваа операција е смена на режимот е донесена. Првичната стратегија е рутинско „билдање“ на јавноста. Како што беше сторено во сите војни од 1991 година наваму, овојпат со поголема европска поддршка.  Првите денови минаа добро, но тоа не одредува дали војната ќе биде успешна или не. Вистинскиот тест ќе дојде ако војната осмислена да се стави крај на човечкото страдање почне и самата да предизвикува исто такво страдање. Во тој момент ќе треба да се донесат тешки политички одлуки и тоа ќе биде моментот кога ќе дознаеме дали стратегијата, мисијата и политичката волја целосно се вклопиле. Влогот на Египет Воениот режим на Египет уште од самиот почеток на немирите тивко ја поддржуваше опозицијата, затоа што има силни стратешки интереси. Египет е земја со 80 милиони жители, споредено со 6,4 милиони на Либија и повеќе децении се обидува да се наметне како регионална сила без која ништо нема да може да се преземе. Но, земјата ги нема петродоларите кои ги движат повеќето арапски земји, додека Либија има значителни природни ресурси, што ја прави уште попривлечна цел.  Исто така, Египет има огромен проблем со невработеноста, што донекаде се ублажуваше со печалбарите кои заминуваа на работа во Либија. Според некои оценки, на печалба во Либија пред немирите се наоѓале околу 250.000 Египќани, кои годишно дома во Египет испраќаа околу 300 милиони долари. Според изворите на СТРАТФОР, египетската армија и специјалните единици одиграле клучна улога, со тоа што тивко ги снабдувале со оружје и ги обучувале востаниците во Либија, истовремено обидувајќи се да создадат политичка команда на истокот. Еден висок функционер, чии тврдења не можат независно да се потврдат, тврди дека туниската армија им дозволува на вооружени доброволци, заедно со припадниците на египетските специјални единици, да влезат во Либија од западната страна преку границата со Тунис, која е многу поблиску до Триполи отколку Бенгази. Овој наводен наплив на борци подоцна би бил употребен за да се заобиколат силите на Гадафи од западната страна, додека другите опозициски сили напредуваат од исток кон конечната битка за Триполи. Сепак, по успешната офанзива на силите лојални на Гадафи, која ги разби бунтовниците и ги протера се до последното упориште во Бенгази, овие опции се чинат многу малку веројатни. Египет, како и да е, во тековниот хаос виде можност повторно да го наметне своето влијание во Либија. Сепак, како и САД, Италија, Франција, Русија и другите кои имаат интерес за тоа што ќе се случи со Либија по кризата, Каиро не може разумно да претпостави дека ќе се создаде алтернативна сила способна да ја сочува земјата заедно. Гадафи го осмисли својот режим токму за ваква ситуација: попречи создавање на каква и да е алтернативна база на моќ која би можела да му се спротивстави на неговото владеење и речиси целосно ја изолираше Либија од надворешниот свет. Оттаму, не зачудува фактот дека надворешниот свет, вклучувајќи го и Египет, очајно трага по смисла при одредувањето на клучните играчи во земјата, од кои би можеле да ги одвојат идните лидери и да ги оцени нивните способности и доверливост во пост-гадафиевска Либија. Се чини како Египет да ја презема водечката улога во оваа иницијатива, но стравот од непознатото и натаму останува еден од најцврстите столбови на разнишаниот режим на Гадафи. Кој ја сочинува либиската опозиција?Еден од најголемите проблеми со кој се соочија западните влади во текот на либиската криза е идентификацијата на тоа кои се, навистина, „источните бунтовници“. Пред да избие востанието во февруари, се мислеше дека во земјата не постои вистинска опозиција и затоа и не беа направени никакви контакти. Неколку пребегнати соработници на Гадафи на почетокот на револуциите се, всушност, оние кои Западот се обидува да ги ангажира како можна нова лидерска генерација во Либија, ако се исполни претпоставената цел за рушење на режимот на Гадафи. Структурата преку која е претставена либиската опозиција е Националниот преоден совет, составен од 31 член. Првиот човек кој го најави формирањето на Советот беше поранешниот либиски министер за правда, Мустафа Абдел-Џалил, кој пребегна од владата на страната на бунтовниците на 21 февруари, а веќе на 26 февруари го најави и формирањето. Еден ден по неговата најава, адвокатот од Бенгази, Абдел-Хафид Гога, на прес-конференција ги отфрли тврдењата на Џалил и се прогласи себеси за вистински застапник на бунтовниците. Ривалитет помеѓу двајцата траеше цела седмица, што на светот му даде добар увид во видот на интерни ривалитети кои се карактеристични за источна Либија, историски позната како Сиренајка. Националниот преоден совет формално почна да функционира на 6 март и, барем за момент, ги реши личните и регионалните ривалитети. Самиот Совет, пак, тврди дека својата легитимност ја црпи од повеќето градски совети, кои беа оформени при самото востание и кои сите имаат барем делумно свои сопствени агенди.Слична е состојбата и со вооружените сили на бунтовниците. Тие, првично, беа предводени од Омар Ел-Харири, но подоцна главната команда му беше препуштена на поранешниот близок соработник на Гадафи и министер за внатрешни работи на Либија, генерал Абдел Фатах  Јунис. Неговото име се појави уште на почетокот на востанието, како човек со кого контактирала британската влада во обидот да сфати што се случува на територијата под контрола на бунтовниците. Иако за него се говореше дека ужива голема поддршка кај бунтовниците на истокот, тој не беше вклучен во првичниот состав на Советот, што, покрај спорот помеѓу Абдел-Џалил и Гога, е уште една индикација за ривалитетот на источните Либијци и ја доофрмува сликата за разединетоста помеѓу бунтовниците. И покрај драматичната поделеност, сите членови на либиската опозиција отсекогаш биле  обединети во неколку цели. Сите сакаат да извршат офанзива врз областите под контрола на владата на западот на земјата, сакаат да го срушат Гадафи, сакаат да ја обединат Либија со Триполи како нејзина престолнина и никој од нив не сака странски војници на либиско тло. Накратко, единствената обединетост на бунтовниците е во нивната желба да го тргнат човекот кој 42 години владее со нив. /крај/стратфор/



©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Анализи

Силјановска vs Пендаровски: Кој добива, а кој губи во битката на социјалните мрежи и медиумите?

Објавено пред

Претседателските кандидати Стево Пендаровски и Гордана Силјановска-Давкова најмногу се спомнуваат во медиумите, а најмалку се популарни меѓу твитерџиите. Во негативен контекст почесто е споменувана Силјановска на социјалните мрежи „Феjсбук“ и „Твитер“, но и во медиумите.

dobivaj vesti na viber

Ова го покажа првата сентимент-анализа на истражувачкиот центар на „Макфакс“, која се изработуваше во периодот од 1 до 9 април годинава. Процесот на изработка на анализата е базиран на компјутерски алгоритми и има задача да одреди во каков контекст (многу негативен, негативен, неутрален, позитивен или многу позитивен) е напишан одреден текст или дел од текстот.

Преку системот беа анализирани 220 медиуми, како и објавите и коментарите на над еден милион корисници на „Фејсбук“ и твитовите од 300 илјади профили. Тестирањата на платформата покажaа дека користените технологии даваат резултат со точност поголема од 80 проценти.

Според анализата, имињата на Силјановска-Давкова и на Пендаровски почесто се споменуваат во медиумите отколку на социјалните мрежи „Твитер“ и „Фејсбук“. Во првите девет дена од месецот тие биле споменати вкупно 3.515 пати. На „Фејсбук“ биле споменати речиси двојно помалку, а најмалку биле споменувани на „Твитер“.

Силјановска, според оваа анализа, најмногу била спомената на веб-порталите „Република“, „Курир“, „Инфомакс“ и на „Прес 24“, а Пендаровски на „Прес 24“, „Макпрес“, „24 инфо“ и на „Вечер“. Од инфографикот може да се види комплетната слика за тоа во кој медиум биле најмногу застапени двајцата претседателски кандидати.

Во однос на контекстот на споменување во медиумите може да се заклучи дека постои тесна разлика меѓу Силјановска и Пендаровски, иако кандидатката зад која стои опозициската ВМРО-ДПМНЕ предничи со негативните коментари.

Па, така, во многу негативен контекст Силјановска била спомената 201 пат, а Пендаровски 136 пати. Ако таа била спомната 914 пати во негативен контекст, Пендаровски во истиот контекст бил спомнат 778 пати. Тој предничи и во однос на неутралните спомнувања во медиумите, а Силјановска предничи во однос на позитивните споменувања. Тесна е разликата меѓу многу позитивните конотации, во кои биле ставени двајцата претседателски кандидати на кои се однесува анализата, во која за 8 споменувања предност има Пендаровски.

Според податоците од аналитичкиот центар на „Макфакс“, претседателскиот кандидат Пендаровски е попопуларен од Силјановска во однос на бројот на споменувања. Во многу позитивен или позитивен контекст меѓу твитерџиите тој е споменат 231 пат, а Силјановска 201. Во однос на тоа дали кандидатите се споменати во негативен или многу негативен контекст за нијанса води Силјановска, која е спомената 401 пат, а Пендаровски 389.

Слична ситуација може да се види и на „Фејсбук“, каде што Пендаровски има предност во однос на бројот на споменувања. Ако Силјановска била спомената 481 пат во многу негативен или во негативен контекст, Пендаровски е споменат 429 пати. Кај претседателскиот кандидат зад кој стои СДСМ поголем е бројот на позитивни или многу позитивни споменувања на социјалната мрежа „Фејсбук“.

Според сето ова, Силјановска има поголема вредност на вкупниот сентимент во негативен контекст на социјалните мрежи и во медиумите од Пендаровски. Важно е да се потенцира дека не станува збор за анкета што ги мери гласовите за кандидатите, туку за начинот на кој тие се прикажани и коментирани во интернет-просторот. Истражувачкиот центар на „Макфакс“ на почетокот на кампањата за претседателските кандидати спроведе анкета.

Целосната методологија за начинот на изработката на сентимент-анализите на истражувачкиот центар на „Макфакс“ е достапна на следниот линк.

Прикажи повеќе...

Анализи

СЈО со детали: Како Камчев и Мијалков ги переле парите градејќи империја

Објавено пред

Злосторничко здружение, кое функционирало повеќе од 8 години, од 2009 година, кога биле отворани и затворани фирми, перени милиони и милиони евра, биле менувани сопственици, бил купуван огромен имот, отворани фирми на офшор-дестинации за еднократна употреба, префрлувани пари преку кипарски банки, а потоа овие испрани пари влегуваат како основачки влогови за да формираат македонски фирми.

dobivaj vesti na viber

Вака накусо може да се опише случајот „Империја“ на специјалното јавно обвинителство (СЈО), каде што, меѓу другите, осомничени се едни од највлијателните луѓе во земјата, бизнисменот Орце Камчев и поранешниот директор на УБК, Сашо Мијалков.

Три месеци по почнувањето на истрагата, обвинителството излезе со детали за еден од најобемните предмети за кој засега е утврдено дека се испрани речиси 11 милиони евра.

Истрагата е проширена за „Графички центар“ и за „Медија принт Македонија“ (МПМ), извршени се претреси во фирмите, осомничените се испрашани и собрани се докази.

Соработката меѓу Македонија и Кипар е воспоставена, па сега, конечно, на виделина излегуваат и имињата на оние што се криеле зад офшор-фирмите преку кои се переле пари.

Од крајот на јуни до крајот на октомври 2018 година некои од осомничените од „Империја“ биле под посебни истражни мерки.

„Мијалков не беше под посебни истражни мерки, Камчев многу внимателно зборуваше по телефон, но не и другите осомничени“, велат од СЈО.

Без разлика како ќе се одвива понатаму истрагата за „Империја“, со оглед на тоа што статусот и истрагите на СЈО сè уште се неизвесни, оттаму велат дека собрани се речиси 90 отсто од доказите за случајот да може да продолжи понатаму.

Злосторничкото здружение се распаѓа кон крајот на 2017 и почетокот на 2018 година кога осомничените почнуваат да земаат кредити за да се раздолжат, но тоа не значи дека тука завршуваат и нивните поединечни активности.

Под лупа на СЈО е и фирмата поврзана со семејството Мијалкови, „Бест веј инвестмент“, формирана веднаш по обеледонувањето на таканаречените бомби во 2015 година, чиј сопственик е синот на Сашо Мијалков, Јордан. СЈО истражува како се ширел бизнисот и како оваа фирма успева да заработи огромни суми и да стекне голем имот само за три години работа. „Бест веј инвестмент“, ако во 2016 година имала приходи од 816 илјади евра, во 2017 година веќе приходите ѝ растат на 9,6 милиони евра, што само покажува дека независно кој е на власт, бизнисите на Мијалков работат со полна пареа.

Краен сопственик на мистериозната „Ексико“ бил Камчев

Натписот на поштенското сандаче на улицата Иван Милутиновиќ во Скопје сведочи за постоењето на „Ексико“, чие сопствеништво е скриено

Центарот на истрагата за „Империја“ се познатата офшор-фирма „Ексико“ и бизнисменот Орце Камчев.

Истрагата утврдила дека зад првата фирма-мајка на „Ексико“, „Делта инвестмент“ од Белизе, всушност се крие таткото на Орце Камчев, Илија. Од оваа фирма, која поседуваше акции во големи акционерски друштва, а се јавуваше и како еден од сопствениците на атрактивните плацови на Водно, досега сите креваа раце и демантираа дека стојат зад неа.

Истрагата на СЈО утврдила дека по Илија Камчев, набргу како краен сопственик фигурирал и поранешниот директор на македонски „Телеком“, Жарко Луковски, а кога сопствеништвото на фирмата се сели во Америка, односно сопственик станува извесна „Калвус ЛЛЦ“ (Calvus LLC) од САД, крајниот сопственик е всушност Орце Камчев.

Од оваа американска фирма кон „Ексико“ се влеваат 1,6 милион евра како прилив, а дел од овие пари завршува на личната сметка на Камчев, додека со дел се купувани имот и земјиште во Гевгелија, на кое понатаму е предвидено да се градат казина.

Подоцна, а и до ден-денеска, сопственик на „Ексико“ е фирмата со швајцарски капитал „Т&МЈ инвестмент“ од Лугано, Швајцарија, фирма зад која оперативните сознанија покажале дека краен сопственик е член на семејството Мијалкови. Од швајцарската фирма кон македонската „Ексико“ немало никаков прилив или одлив на пари.

„Ексико“ не е единствената фирма преку која функционирало ова злосторничко здружение. Колку за пример, во истатата 2009 година офшор-компанијата „Хоспитал менаџмент груп ЛЛЦ’ од Кипар ја основа клиничката болница „Систина“. Понатаму, оваа компанија го продава имотот на друга офшор-компанија од Панама. „Орка холдинг“ го купува уделот од панамската, па повторно ѝ го продава на „Систина“, со што фактички Камчев внесува удел од „Хоспитал менаџмент“ од Кипар во Македонија.

Сомнежи за перење пари преку кипарски банки

Преку кипарски банки парите влегуваат во земјата

Значаен дел од истрагата на СЈО за „Империја“ има и фирмата „Финзи“ – истата фирма за која во таканаречените бомби можеше да се слушне дека одела набавката за опрема за следење интернет-комуникации за МВР. Министерството, додека на чело на УБК беше Мијалков, наместо директно да ја набави изреалската опрема за прислушување, тоа го правела преку „Финзи“. Во текот на истрагата за случајот самоубиство изврши директорот на „Финзи“, Коста Крпач, во април 2016 година.

Сега истрагата за „Империја“ повторно допира до „Финзи“, фирма основана од „Финзи ЛЛЦ“ во САД. Краен сопственик на оваа компанија, според СЈО, повторно е Орце Камчев.

Во неколку наврати од „Финзи ЛЛЦ“ преку кипарска банка кон македонската „Финзи“ биле исплатувани 650.000 евра. Во тоа време, односно во 2009 година, директор на „Финзи“ во Македонија е Владислав Стајковиќ, брат на Небојша Стајковиќ, поранешен помошник-министер за информатичка технологија во МВР.

Овие пари понатаму влегуваат како основачки влог во „Систина кардиологија“, фирма што подоцна е преименувана во „Си-Фи-Кар“ („Систина“, „Финзи“, “Кара“). Во 2012 година, според СЈО, кога парите веќе се испрани, американската мајка-фирма се затвора и се отвора нова фирма, во која Крпач влегува како директор, а на истата сметка легнуваат парите од израелската донација за опрема за прислушување.

„Не купуваат компании за да работат со нив, туку за да извлечат што можат“

Орце Камчев и Сашо Мијалков, клучните играчи во „Империја“

Многу компании, офшор, стотици папки со документи и изјави од сведоци содржи еден од најобемните предмети на СЈО – „Империја“. Од она што беше претставено пред новинарските екипи, неизбежен е заклучокот дека од досегашната истрага и собраните докази станува збор за класични примери за сомнежи за перење пари пред кои надлежните институции со години молчеле или се откажувале од гонење поради немање докази.

Дел од истрагата е отстапен и на купувањето на „Бетон Штип“ од страна на ТИМ ДОО, „Орка холдинг“, „Езимит“ ДООЕЛ и „Ексико“.

„Кога тие купуваат компанија, не ја купуваат за да ја работат, туку да извлечат што може од имотот на компанијата“, велат од СЈО.

Па, така, и овој пат сознанијата говорат дека од „Бетон Штип“ се извлечени 4 милиони евра, односно газдите ги тераат акционерите со парите да купуваат имот, а понатаму како што се извлекуваат парите, така се инвестираат во други зделки за што патем говорат и последните информации дека речиси 250 работници веќе ги напуштаат работните места од „Бетон Штип“ и истовремено преку суд си ги бараат неисплатените плати за последните четири месеци.

Дел од истрагата го опфаќа и „Фершпед“, односно од моментот кога Кираца Трајковска, која беше еден од мнозинските акционери во “Фершпед“, поради долг во Еуростандард банка, преку посредник побарала кредит од Стопанска банка АД Битола. Камчев, кој е дел од Управниот одбор на банката, наместо кредит, според СЈО, на Трајковска ѝ понудил преку физички лица да ѝ бидат префрлени парите по што биле ослободени нејзините акции од „Фершпед“.

За да им ги продаде акциите на странски инвеститори, таа го ангажирала брокерот Јованче Тасковски. Но, за нејзината намера дознал Штерјо Наков, кој побарал помош од Мијалков, со цел тој да ги купи акциите. Мијалков се договора со Камчев да ја изиграат, па без нејзино знаење, според СЈО, Ненад Јосифовиќ ги продава акциите на физички и правни лица поврзани со Наков за 4 милиони евра повисока цена од реалната. Парите од зделката завршуваат во фирма чии сопственици се „Ексико“, „Орка холдинг“ и „Тимох“.

Во делот од истрагата за „Империја“ влегуваат и стари случаи, кои претходно во обвинителствата завршувале со откажување од гонење поради немање доволно докази. Таков пример е истрагата за „пропаѓањето“ на „Орка спорт“, „Орка текстил“ и други фирми во сопственост на сега покојниот Илија Камчев. Данокот се избегнувал да се плаќа преку лажни стечаи, обезвреднување на имотот и формирање офшор-компании, а потоа парите „чисти“ биле внесувани во земјата, односно целиот имот бил пренесуван на новоформирани компании.

На овој начин, впрочем, и се градела целата империја – преку лојални соработници, изигрување на законитe и формирање компании за еднократна употреба.

Како ќе заврши истрагата и дали случајот ќе добие епилог останува неизвесно. Засега Орце Камчев и Сашо Мијалков се во домашен притвор, а конечниот збор ќе го каже Врховниот суд.

Освен Камчев и Мијалков, осомничени во случајот „Империја“ се и Ратка Куноска-Камчева, мајка на Камчев и неизвршен член на Одборот на директори на „Орка ходинг“, Кристина Камчева-Стојческа, сестра на Камчев и неизвршен член на Одборот на директори на „Жито полог Тетово“, Лилјана Гајдоска, правник во фирмите на Камчев, неизвршен член на Одборот на директори на ЗК „Пелагонија“, Тодор Мирчевски, директор на „Ексико“, Владислав Стајковиќ, сопственик на НВСП, доскорешен директор на „Мобико“ и поранешен директор на „Финзи“, Ванче Мијалчев, извршен директор на „Бетон Штип“, Јованче Тасковски, брокер, и Дејан Јанев од „О.Т.Е. инвест“.

Прикажи повеќе...

Анализи

Политиката го подели СЈО на табори

Објавено пред

„Чарлиевите ангели“ ги нема. Катица Јанева, Ленче Ристоска и Фатиме Фетаи речиси една година не се појавуваат на заеднички прес-конференции. Во јавноста и на социјалните мрежи сè погласни се критиките за работата на специјалното јавно обвинителство и ослабената доверба во оваа институција.

dobivaj vesti na viber

Три и пол години по формирањето, целосен судски епилог има само за два случаја а сè погласни се шпекулациите дека во СЈО владее поделеност на обвинителите на табори, кои меѓусебно не се согласуваат за дејствувањето на ова обвинителство, па тие разлики во мислењата лесно се забележливи и во јавноста.

Трите жени, кои беа симбол за СЈО, ретко може се видат заедно во јавноста, а речиси една година Ленче Ристоска и Фатиме Фетаи не даваат заеднички изјави. Според нашите извори, со слични ставови на една страна биле обвинителките Катица Јанева и Лиле Стефанова, а на друга Ленче Ристоска и Фатиме Фетаи.

Од друга страна, сè поприсутна во јавноста е главната специјална обвинителка Катица Јанева, која, според најавите, во вторник ќе се појави на „1ТВ“, каде што заедно со обвинителите Лиле Стефанова и Трајче Пеливанов треба да одговараат и на прашања од гледачите. Токму во фирмата сопственик на „1ТВ“, „БМЈ медиа груп“, работи синот на Јанева, младиот гевгеличанец Лазар Јанев, за кого веќе беше објавено дека пред вработените бил претставен како директор на правна служба. Пред точно два месеца Јанева беше гостинка на „1ТВ“ и се фотографира со сопственикот на телевизијата, Бојан Јовановски, со назнака дека станува збор за работен состанок.

Во СЈО во последната година во целост се смени практиката на комуникација со јавноста. Последната прес-конференција СЈО ја одржа на 21 март минатата година.

Повеќе нема брифинзи со новинари, а на обвинителките Ристоска и Фетаи не им е дозволено да даваат интервјуа и изјави. Целосна затвореност владее и во однос на истрагите. Случајот „Империја“, во кој, меѓу другите, се осомничени и бизнисменот Јордан Камчев и ексдиректорот на УБК, Сашо Мијалков, беше отворен пред повеќе од 2 месеца, а од СЈО нема дополнителни информации, освен дека истрагата е сложена.

Сите обиди на „Макфакс“ да обезбедат брифинг за случајот беа залудни. Новинарите меѓу себе коментираат дека ова обвинителство, кое наметна транспарентно работење, последнава година се затворило, иако обвинителите поминале серија обуки за комуникација со јавноста. Тоа остава простор за шпекулации во постапувањето по предметите на обвинителството. Од друга страна, во редовното Обвинителство се спроведува тренинг за односи со јавноста на обвинителите.

Според нашите информации, во специјалното јавно обвинителство меѓу некои од вработените владее незадоволство од начинот на работа, особено по последните политички случувања, амнестии и повици за помирување, кои во голем дел влијаат и врз актуелните предмети што се во судска постапка, но и на оние што се во истрага и предистрага, а во кои, меѓу другите, се вклучени и Сашо Мијалков, Елизабета Канческа-Милевска, Али Ахмети, Бујар Османи.

Ексминистерката за култура, КанческаМилевска, е инволвирана во предистрагата за предметот „Скопје 2014“, кој е еден од најобемните предмети на СЈО, за Мијалков се водат повеќе судски постапки, а предметот за агенцијата за обезбедување СГС е во предистрага.

Во процесот на помирувањето наголемо се споменуваа и измените во Кривичниот законик, односно член 353, став 5, кој ја регулира злоупотребата на службената положба преку јавните набавки. Доколку дојде до промена на овој член, како што беше најавувано, помали казни или ослободување од одговорност ќе добијат голем број обвинети во случаите на СЈО, меѓу кои и Мијалков.

Уставниот суд сè уште не расправал по иницијативата на адвокатот Еленко Миланов, кој бара судиите да се произнесат за овој член од Кривичниот законик.

Сите овие политички инволвирања, кои допираат и до СЈО, според нашите извори, довеле до голем раздор во работата на институцијата, која има годишен буџет од 3,7 милиони евра. Некои од обвинителите се разочарани од фактот што нивните предмети и нивната работа зависат исклучително од тековната политичка ситуација, па токму затоа во последниот период и не се работи на нови предистраги бидејќи се чека исходот од тоа што ќе се случува со институцијата и дали евентуално одредени функционери од претходната, но и од актуелната власт, ќе избегнат одговорност.

Прикажи повеќе...

Најново

Регион11 минути

„Клучот е кај родителите, тие мора да одговорат на едно прашање“, вели поранешен шеф на белградската полиција за случајот со исчезнувањето на Данка

Родителите се тие кои имаат многу да објаснат. Прво, зошто чекаа да го пријават исчезнувањето? Колку што знам, чекаа два...

Македонија44 минути

Мицкоски: Коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ „Твоја Македонија“ застанува зад бранот промени за стабилна и силна Македонија

Денес потпишавме Повелба за стратешко коалицирање и утврдување на принципите на идна работа на Коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ наречена „Твоја...

Топ2 часа

Тешка сообраќајна несреќа во Кичево – три млади лица го загубија животот, има и тешко повредени

Утрово во 4.50 часот на улицата Магистрален пат во Кичево се случила сообраќајна несреќа помеѓу патничко возило „пежо“ со кичевски...

Македонија4 часа

Притвор од 48 часа за две лица задржани по убиството на лекарот во Железара

Со оглед на тоа што се уште се преземаат дејствија за обезбедување докази, јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје...

Регион5 часа

Почна нова детаљна потрага по Данка, пристигнаа спасувачки екипи со куче

Две специјалистички спасувачки екипи од Белград и Нови Сад, Одделот за вонредни состојби на МВР на Србија, синоќа пристигнале во...

Регион5 часа

Силен земјотрес ја погоди Бугарија

Земјотрес со јачина од 3,8 степени според Рихтеровата скала ја погоди Бугарија, јавува ЕМСЦ. Земјотресот е регистриран во 8:38 часот...

Европа5 часа

Автобус повторно се преврте на автопат во Германија, патниците биле средношколци

Автобус со околу 60 патници се преврте вчера на автопатот А44 во западната германска покраина Северна Рајна Вестфалија, јавува дпа....

Свет6 часа

Израел ја нападна Сирија: „38 лица загинаа во Алепо, меѓу кои и членови на Хезболах“

Повеќе цивили и војници загинаа откако Израел и милитантните групи започнаа напади врз северниот сириски град Алепо, соопшти утрово сириското...

Европа6 часа

Лавров: Украинскиот план е бесмислен, вклучува повлекување на нашата армија од освоените територии

Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров изјави дека мировниот план предложен од Украина е бесмислен бидејќи се заснова на...

Македонија18 часа

ВМРО-ДПМНЕ ги утврди пратеничките листи за изборите: „Се работи за луѓе со кредибилитет, искусни и енергични“

Извршниот и Централниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ одржаа седница на која беа усвоени пратеничките листи на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата за претстојните...

Македонија18 часа

Села оди во коалиција со Ахмети

На седница на Централното собрание на крилото на Алијансата за Албанците предводено од Зијадин Села, беше одлучено да коалицираат со...

Македонија20 часа

Македонија треба да и’ врати 2,2 милиони евра на Европската Комисија кои биле злоупотребени преку „Еразмус“

Европската канцеларија за борба против измами (ОЛАФ) бара Македонија да врати 2,2 милиони евра злоупотребени преку програмата „Еразмус+“. Директорот на...

Македонија22 часа

Вработените во „Еуроникел“, кои останаа без работа, ќе добијат можност да се вратат во фабриката, новите газди со производството почнуваат во јуни

Речиси 600 вработени во кавадаречката фабрика „Еуроникел индустри“ ќе добијат можност повторно да се вратат на работа во следните 90...

Македонија22 часа

Тошковски: Приведен е и трет осомничен во врска со убиството на лекарот во скопска Железара

Техничкиот министер за внатрешни работи, Панче Тошковски, денеска изјави дека е приведено уште едно лице во врска со убиството на...

Економија24 часа

Трендафилов најави неколку протести: Во вторник ќе ги охрабриме судиите да ја преиначат срамната пресуда за конфискација на Работничкиот дом

Претседателот на ССМ, Слободан Трендафилов, денеска, на прес-конференција, за 2 април најави протест, кој ќе почне пред седиштето на ССМ...

Топ1 ден

Го оградил државното земјиште зад Поликлиниката „Бит-пазар“ и наплаќал за приватен паркинг: кривична за скопјанец

Единицата за економски и компјутерски криминал при СВР Скопје поднесе кривична пријава против А. Р. (62) од Скопје и против...

Македонија1 ден

(Видео) „ДПМНЕ и Тошковски ја загрозуваат безбедноста на граѓаните“, вели Талевски

„Два месеца откако ВМРО-ДПМНЕ го презеде раководењето со Министерството за внатрешни работи, безбедносната состојба во Прилеп никогаш не била полоша....

Економија1 ден

„Растот на платите со кои се фали Битиќи е лага, платите се стопија со порастот на трошоците на живот“, велат од ВМРО-ДПМНЕ

„Уште една голема манипулација на СДСМ кои се во очај! Во отсуство на било какви економски резултати, Фатмир Битиќи на...

Македонија1 ден

Ванковска: Преспанскиот и бугарскиот договор се колонизаторски договори

Професорката Билјана Ванковска и претседателски кандидат на Левица во Фејсбук статус истакнува дека има разочарани млади луѓе кои мислат дека...

Свет1 ден

Масовен руски напад врз Харков: Бомби паѓаа цела ноќ, две лица загинаа

Во текот на ноќта руските војници гранатираа 17 населени места во областа Херсон, при што загинаа две лица, а четворица...