Контакт

Анализи

Состојбата на светот

Објавено пред

Еволуцијата на геополитиката е циклична. Силите се издигаат, паѓаат, се менуваат. Промените се случуваат со секоја генерација, во еден бескраен балет.

dobivaj vesti na viber

Еволуцијата на геополитиката е циклична. Силите се издигаат, паѓаат, се менуваат. Промените се случуваат со секоја генерација, во еден бескраен балет. Сепак, периодот од 1989 до 1991 година е уникатен според тоа што заврши еден циклус на човечката историја, кој се протегаше со векови наназад, а со него му дојде крајот и на еден пократок циклус. Светот се уште одекнува од настаните во тој период.

На 25 декември 1991 година заврши една епоха. На тој ден колабираше Советскиот сојуз и за првпат во речиси 500 години ниту една европска сила не беше моќна на глобално ниво. Она што започна во 1492 година, кога Европа со сила му се наметна на светот и создаде глобален империјален систем, заврши. Цели пет векови, една или друга европска сила доминираше со светот, без оглед дали тоа беше Португалија, Шпанија, Франција, Англија или Советскиот сојуз. Дури и помалите европски сили од тој период имаа некакво глобално влијание.

По 1991 година, единствената преостаната светска сила беа САД, кои секоја година произведуваа околу 25 проценти од светскиот бруто домашен производ (БДП) и доминираа со океаните. Никогаш пред тоа САД не биле доминантна светска сила. Пред Втората светска војна, американската моќ полека го надраснуваше своето место на маргините на меѓународниот систем, но нејзиниот подем беше во еден мултиполарен свет. По Втората светска војна, САД се најдоа во еден биполарен свет и се соочија со Советскиот сојуз, во борба во која американската победа ни оддалеку не беше сигурна.

САД цели 20 години беа глобална сила без конкуренција, но нивното издигање во текот на поголемиот дел од овој период ги држеше надвор од рамнотежа, а немањето рамнотежа е основната одлика на глобалниот систем на претходната генерација. Неподготвени, ни институционално, ниту психички, за оваа позиција, САД прелетаа од претеран оптимизам во 1990-те години кој почиваше врз фактот дека еден многу значаен конфликт конечно е завршен, до војните против милитантниот ислам по 11 септември 2001 година, војни кои САД неможеше да ги одбегне,, но не успеа ниту да ги вклопи во новата, повеќеслојна глобална стратегија. Кога единствена глобална сила ќе стане обземена од една единствена религија, тогаш целиот свет е исфрлен од рамнотежа. Нерамнотежата останува дефинирачка одлика на денешниот глобален систем.

Покрај тоа што колапсот на Советскиот сојуз и стави крај на европската епоха, тој исто така претставуваше и крај на една ера која започна во 1945 година, а беше проследен и од цела низа настани кои вообичаено ги следат промените на генерациите. Периодот од 1989 до 1991 година го означи крајот на јапонското економско чудо и крај на периодот во кој за првпат светот напредуваше врз база на одржливиот развој на една азиска сила, а во тој момент економскиот систем на таа сила се сруши. Крајот на јапонското економско чудо и економскиот проблем кој произлезе од интегрирањето на Источна и Западна Германија, го променија и начинот на кој функционираше глобалната економија. Договорот од Мастрихт од 1991 година ја постави основата за обидите на Европа да се интегрира и претставуваше рамка за Европа во периодот по Студената војна. Плоштадот „Тианмен“ го постави курсот на Кина за наредните 20 години и беше кинескиот одговор на колапсот на советската империја. Кина создаде структура која овозможи економски развој, но ја втемели доминацијата на Комунистичката партија. Инвазијата на Садам Хусеин врз Кувајт требаше да ја промени рамнотежата на моќта во Персискиот залив по завршувањето на иранско-ирачката војна, но и ја тестира волјата на САД да влезат во војна по завршувањето на Студената војна.

Од 1989 до 1991 година светот го промени начинот на кој функционираше, мерено и во столетија и во генерации. Тоа беше исклучителен период, чија битност дури сега излегува на површината. Периодот воспостави процес на долготрајна промена на „стражата“, при што Северна Америка ја замени Европа како центар на меѓународниот систем. Но, генерациите доаѓаат и си заминуваат, а ние сега сме среде првата генерациска промена од падот на европските сили, промена која започна во 2008 година, но дури сега почнува целосно да се разјаснува.

Она што се случи во 2008 година беше само една од финансиските паники кои периодично го потресуваат капиталистичкиот систем. Како што често се случува, ваквите паники најпрвин генерираат политички кризи внатре во државите, по што следи промена на односите помеѓу нив. Од сите овие промени, три се од особено значење, од кои, пак, две се директно поврзани со кризата од 2008 година: првата е европската финансиска криза и нејзината трансформација во политичка криза. Втората е кризата на кинескиот извоз и нејзините последици. Третата, индиректно поврзана со 2008 година, е промената во рамнотежата на моќта на Блискиот исток во корист на Иран.

Европската криза

Европската криза е најбитниот настан кој произлезе од кризата во 2008 година. Визијата за Европската унија беше дека една институција која може да ги поврза Франција и Германија, ќе ги направи невозможни војните кои беснееја на континентот уште од 1871 година. Визијата исто така претпоставуваше дека економската интеграција, не само што ќе ги спои Франција и Германија, туку ќе создаде и темел за просперитетна Европа. Во контекст на Маастрихт, европската визија претпостави дека Европската унија ќе биде начин да се демократизираат и интегрираат во една рамка поранешните комунистички земји од Источна Европа.

Како и да е, вгнездена во идејата за Европската унија беше идејата дека Европа во одреден момент ќе може да го надрасне национализмот и да се прерасне во Обединети држави на Европа, единствена политичка федерација со устав и со унифицирана надворешна и домашна политика. Европа требаше да премине од зона за слободна трговија во унифициран економски систем, па во единствена валута и на крајот, во уште поголема политичка интеграција заснована врз Европскиот парламент, што ќе и овозможеше да стане единствена држава.

Многу пред ова да се случи луѓето почнаа за Европа да зборуваат како да е веќе единствена држава. Без оглед на скромните формални предлози, постоеше моќна визија за интегрирано европско политичко уредување. За тоа постоеја два темела. Едниот беше очигледната економска и општествена корист од обединетата Европа. Вториот беше дека тоа е единствениот начин Европа да оствари силно влијание врз меѓународниот систем. Засебно ниту една европска држава не беше глобална сила, но колективно тие ќе беа способни да станат глобална сила. Во светот по Студената војна, каде што САД беше единствената и непредизвикана глобална сила, ова претставуваше атрактивна можност.

Европската унија беше згнечена од кризата во 2008 година, кога се откри фундаменталната нестабилност на европскиот експеримент. Визијата беше изградена врз примерот на германија, вториот по големина извозник на светот, но европската периферија си остана премногу слаба за да ја амортизира кризата. И не се работеше до толку само за оваа финансиска криза – Европа не беше поставена да издржи ниту една финансиска криза. Порано или подоцна ќе се случеше некоја друга криза и обединетоста на Европа ќе беше исто вака поткопана, затоа што нациите, движени од своите сопствени економски и социјални реалности, ќе почнеа да маневрираат во свој, а не во интерес на Европа.

Нема сомнеж дека Европа од 2012 година функционира многу поразлично отколку Европа од 2007 година. Во некои делови на Европа дури и се вратија oчекувањата дека Европа сега ќе си се врати на состојбата од времето на Студената војна, но тоа е малку веројатно. Прикриените контрадикторности на европскиот потфат сега се на виделина и, покрај тоа што дел од европскиот ентитет веројатно ќе преживее, Европа повеќе нема да ја отсликува ниту идејата замислена во Маастрихт, а камо ли некакви поголеми визии како што е Обединетите држави на Европа. Оттаму, потенцијалната противтежа на САД нема да се појави во оваа генерација.

Кина и азискиот модел

И Кина на сличен начин беше погодена од кризата во 2008 година. Покрај неминовно цикличната природа на сите економии, азискиот модел, како што се разви првин во јапонија, а потоа и во Источна и Југоисточна Азија, овозможува долготраен развој, проследен со темелни финансиски дислокации. Сепак, стапките на раст не се показател за здрава економија. . Исто како и во Европа, кризата од 2008 година беше иницијална каписла и за неволјите на Кина.

Суштинскиот проблем на Кина е тоа што повеќе од една милијарда луѓе живеат со помалку од шест долари дневно, а поголемиот дел од нив и со помалку од три. Настрана социјалните тензии, економската последица е тоа што кинескиот огромен индустриски комплекс надалеку ја надминува домашната потрошувачка. Како резултат на тоа, Кина мора да извезува. Но, рецесиите по 2008 година длабоко го засекоа кинескиот извоз, со што силно го оштетија растот на кинескиот БДП и и се заканија на стабилноста на политичкиот систем. Кина со проблемот се соочи така што покрена масовен наплив на банкарски заеми, со што поттикна нови инвестиции и го поддржа развојот на БДП,но исто така предизвика и здивена инфлација. Инфлацијата изврши притисок за зголемување на цената на трудот и Кина почна да ја губи нејзината главна конкурентна предност – ефтината работна сила.

Цела една генерација кинескиот раст беше движечка сила за глобалниот економски систем, исто како што беше јапонија за претходната генерација. Кина не пропадна ништо повеќе од јапонија во1990-те години. Сепак, тоа предизвика промена во нејзиното однесување, а со тоа и промена на однесувањето на меѓународниот систем.

Поглед во иднината

Ако земеме дека меѓународниот систем има три главни економски двигатели, два од нив – Европа и Кина – се менуваат и стануваат поненаметливи и поневлијателни во меѓународниот систем. Настаните од 2008 година не ги создадоа тие промени; тие само ги поттикнаа процесите кои ги извадија на виделина прикриените слабости на овие два ентитета.

Малку понастрана од главниот процес на меѓународниот систем, Блискиот исток минува низ фундаментална промена на рамнотежата на моќта. Тука двигател не беше кризата од 2008 година, туку последиците од прекинот на силното американско присуство во регионот. Со повлекувањето на САД од Ирак, Иран се наметна како главна конвенционална сила во Персискиот залив и главен играч во Ирак. Згора на тоа, со упорното опстојување на режимот на ал-Асад во Сирија со поддршка на Иран, постои потенцијал иранското влијание да се прошири од западен Авганистан, па се до Средоземното море. Дури и ако падне режимот на ал-Асад, Иран и понатаму ќе биде добро позициониран за да ги наметне своите барања за доминација во регионот на Персискиот залив.

Исто како што процесите кои започнаа од 1989 до 1991 година ги дефинираа наредните 20 години, така и процесите кои се генерираат сега ќе доминираат со следната генерација. Се уште моќна, но акутно исфрлена од рамнотежа во поглед на нејзините домашни и надворешни политики, САД се соочуваат со свет кој се менува, без при тоа да имаат јасно разбирање за тоа како да се справат со ваквиот свет или, кога сме веќе кај тоа, како промените на глобалниот систем ќе влијаат врз нив. Стратешки, се чини дека фрагментацијата на Европа, трансформацијата на глобалното производство по кинескиот економски климакс и драматично зголемената моќ на Иран, за САД се апстрактни настани кои не ги засегаат директно.

Секој од овие настани за САД ќе претставува и опасност и можност кои нема да бидат подготвени да ги менаџираат. Фрагментацијата на Европа го покренува прашањето за иднината на Германија и нејзините односи со Русија. Преселбата на производството во земјите со ниски плати ќе создаде економски бум во земји за коишто до сега се сметаше дека повеќе не може да им се помогне (каква што беше Кина во 1980 година) и потенцијални зони на нестабилност создадена од брзиот и нееднаков развој. И, секако, идејата дека Иран може да се изменаџира преку санкции повеќе е форма на одрекување, отколку на некаква стратегија.

Вријат три главни области на : Европа, Кина и Персискиот залив. Секоја држава на светот ќе мора да осмисли стратегија преку која би се справила со новите реалности, исто како што се браа нови стратегии и во периодот од 1989 до 1991 година. најбитната држава, САД, немаше стратегија во 1991 година, ја нема ни денес. Ова е најбитната реалност во денешниот свет. Како и Шпанците кои, во генерацијата по откритијата на Колумбо, немаа јасен осет за реалноста која ја создадоа, Американците немаат јасен осет за светот во кој се најдоа. Овој факт и натаму го дефинира начинот на кој функционира светот. /крај/stratfor/сс



©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Анализи

Силјановска vs Пендаровски: Кој добива, а кој губи во битката на социјалните мрежи и медиумите?

Објавено пред

Претседателските кандидати Стево Пендаровски и Гордана Силјановска-Давкова најмногу се спомнуваат во медиумите, а најмалку се популарни меѓу твитерџиите. Во негативен контекст почесто е споменувана Силјановска на социјалните мрежи „Феjсбук“ и „Твитер“, но и во медиумите.

dobivaj vesti na viber

Ова го покажа првата сентимент-анализа на истражувачкиот центар на „Макфакс“, која се изработуваше во периодот од 1 до 9 април годинава. Процесот на изработка на анализата е базиран на компјутерски алгоритми и има задача да одреди во каков контекст (многу негативен, негативен, неутрален, позитивен или многу позитивен) е напишан одреден текст или дел од текстот.

Преку системот беа анализирани 220 медиуми, како и објавите и коментарите на над еден милион корисници на „Фејсбук“ и твитовите од 300 илјади профили. Тестирањата на платформата покажaа дека користените технологии даваат резултат со точност поголема од 80 проценти.

Според анализата, имињата на Силјановска-Давкова и на Пендаровски почесто се споменуваат во медиумите отколку на социјалните мрежи „Твитер“ и „Фејсбук“. Во првите девет дена од месецот тие биле споменати вкупно 3.515 пати. На „Фејсбук“ биле споменати речиси двојно помалку, а најмалку биле споменувани на „Твитер“.

Силјановска, според оваа анализа, најмногу била спомената на веб-порталите „Република“, „Курир“, „Инфомакс“ и на „Прес 24“, а Пендаровски на „Прес 24“, „Макпрес“, „24 инфо“ и на „Вечер“. Од инфографикот може да се види комплетната слика за тоа во кој медиум биле најмногу застапени двајцата претседателски кандидати.

Во однос на контекстот на споменување во медиумите може да се заклучи дека постои тесна разлика меѓу Силјановска и Пендаровски, иако кандидатката зад која стои опозициската ВМРО-ДПМНЕ предничи со негативните коментари.

Па, така, во многу негативен контекст Силјановска била спомената 201 пат, а Пендаровски 136 пати. Ако таа била спомната 914 пати во негативен контекст, Пендаровски во истиот контекст бил спомнат 778 пати. Тој предничи и во однос на неутралните спомнувања во медиумите, а Силјановска предничи во однос на позитивните споменувања. Тесна е разликата меѓу многу позитивните конотации, во кои биле ставени двајцата претседателски кандидати на кои се однесува анализата, во која за 8 споменувања предност има Пендаровски.

Според податоците од аналитичкиот центар на „Макфакс“, претседателскиот кандидат Пендаровски е попопуларен од Силјановска во однос на бројот на споменувања. Во многу позитивен или позитивен контекст меѓу твитерџиите тој е споменат 231 пат, а Силјановска 201. Во однос на тоа дали кандидатите се споменати во негативен или многу негативен контекст за нијанса води Силјановска, која е спомената 401 пат, а Пендаровски 389.

Слична ситуација може да се види и на „Фејсбук“, каде што Пендаровски има предност во однос на бројот на споменувања. Ако Силјановска била спомената 481 пат во многу негативен или во негативен контекст, Пендаровски е споменат 429 пати. Кај претседателскиот кандидат зад кој стои СДСМ поголем е бројот на позитивни или многу позитивни споменувања на социјалната мрежа „Фејсбук“.

Според сето ова, Силјановска има поголема вредност на вкупниот сентимент во негативен контекст на социјалните мрежи и во медиумите од Пендаровски. Важно е да се потенцира дека не станува збор за анкета што ги мери гласовите за кандидатите, туку за начинот на кој тие се прикажани и коментирани во интернет-просторот. Истражувачкиот центар на „Макфакс“ на почетокот на кампањата за претседателските кандидати спроведе анкета.

Целосната методологија за начинот на изработката на сентимент-анализите на истражувачкиот центар на „Макфакс“ е достапна на следниот линк.

Прикажи повеќе...

Анализи

СЈО со детали: Како Камчев и Мијалков ги переле парите градејќи империја

Објавено пред

Злосторничко здружение, кое функционирало повеќе од 8 години, од 2009 година, кога биле отворани и затворани фирми, перени милиони и милиони евра, биле менувани сопственици, бил купуван огромен имот, отворани фирми на офшор-дестинации за еднократна употреба, префрлувани пари преку кипарски банки, а потоа овие испрани пари влегуваат како основачки влогови за да формираат македонски фирми.

dobivaj vesti na viber

Вака накусо може да се опише случајот „Империја“ на специјалното јавно обвинителство (СЈО), каде што, меѓу другите, осомничени се едни од највлијателните луѓе во земјата, бизнисменот Орце Камчев и поранешниот директор на УБК, Сашо Мијалков.

Три месеци по почнувањето на истрагата, обвинителството излезе со детали за еден од најобемните предмети за кој засега е утврдено дека се испрани речиси 11 милиони евра.

Истрагата е проширена за „Графички центар“ и за „Медија принт Македонија“ (МПМ), извршени се претреси во фирмите, осомничените се испрашани и собрани се докази.

Соработката меѓу Македонија и Кипар е воспоставена, па сега, конечно, на виделина излегуваат и имињата на оние што се криеле зад офшор-фирмите преку кои се переле пари.

Од крајот на јуни до крајот на октомври 2018 година некои од осомничените од „Империја“ биле под посебни истражни мерки.

„Мијалков не беше под посебни истражни мерки, Камчев многу внимателно зборуваше по телефон, но не и другите осомничени“, велат од СЈО.

Без разлика како ќе се одвива понатаму истрагата за „Империја“, со оглед на тоа што статусот и истрагите на СЈО сè уште се неизвесни, оттаму велат дека собрани се речиси 90 отсто од доказите за случајот да може да продолжи понатаму.

Злосторничкото здружение се распаѓа кон крајот на 2017 и почетокот на 2018 година кога осомничените почнуваат да земаат кредити за да се раздолжат, но тоа не значи дека тука завршуваат и нивните поединечни активности.

Под лупа на СЈО е и фирмата поврзана со семејството Мијалкови, „Бест веј инвестмент“, формирана веднаш по обеледонувањето на таканаречените бомби во 2015 година, чиј сопственик е синот на Сашо Мијалков, Јордан. СЈО истражува како се ширел бизнисот и како оваа фирма успева да заработи огромни суми и да стекне голем имот само за три години работа. „Бест веј инвестмент“, ако во 2016 година имала приходи од 816 илјади евра, во 2017 година веќе приходите ѝ растат на 9,6 милиони евра, што само покажува дека независно кој е на власт, бизнисите на Мијалков работат со полна пареа.

Краен сопственик на мистериозната „Ексико“ бил Камчев

Натписот на поштенското сандаче на улицата Иван Милутиновиќ во Скопје сведочи за постоењето на „Ексико“, чие сопствеништво е скриено

Центарот на истрагата за „Империја“ се познатата офшор-фирма „Ексико“ и бизнисменот Орце Камчев.

Истрагата утврдила дека зад првата фирма-мајка на „Ексико“, „Делта инвестмент“ од Белизе, всушност се крие таткото на Орце Камчев, Илија. Од оваа фирма, која поседуваше акции во големи акционерски друштва, а се јавуваше и како еден од сопствениците на атрактивните плацови на Водно, досега сите креваа раце и демантираа дека стојат зад неа.

Истрагата на СЈО утврдила дека по Илија Камчев, набргу како краен сопственик фигурирал и поранешниот директор на македонски „Телеком“, Жарко Луковски, а кога сопствеништвото на фирмата се сели во Америка, односно сопственик станува извесна „Калвус ЛЛЦ“ (Calvus LLC) од САД, крајниот сопственик е всушност Орце Камчев.

Од оваа американска фирма кон „Ексико“ се влеваат 1,6 милион евра како прилив, а дел од овие пари завршува на личната сметка на Камчев, додека со дел се купувани имот и земјиште во Гевгелија, на кое понатаму е предвидено да се градат казина.

Подоцна, а и до ден-денеска, сопственик на „Ексико“ е фирмата со швајцарски капитал „Т&МЈ инвестмент“ од Лугано, Швајцарија, фирма зад која оперативните сознанија покажале дека краен сопственик е член на семејството Мијалкови. Од швајцарската фирма кон македонската „Ексико“ немало никаков прилив или одлив на пари.

„Ексико“ не е единствената фирма преку која функционирало ова злосторничко здружение. Колку за пример, во истатата 2009 година офшор-компанијата „Хоспитал менаџмент груп ЛЛЦ’ од Кипар ја основа клиничката болница „Систина“. Понатаму, оваа компанија го продава имотот на друга офшор-компанија од Панама. „Орка холдинг“ го купува уделот од панамската, па повторно ѝ го продава на „Систина“, со што фактички Камчев внесува удел од „Хоспитал менаџмент“ од Кипар во Македонија.

Сомнежи за перење пари преку кипарски банки

Преку кипарски банки парите влегуваат во земјата

Значаен дел од истрагата на СЈО за „Империја“ има и фирмата „Финзи“ – истата фирма за која во таканаречените бомби можеше да се слушне дека одела набавката за опрема за следење интернет-комуникации за МВР. Министерството, додека на чело на УБК беше Мијалков, наместо директно да ја набави изреалската опрема за прислушување, тоа го правела преку „Финзи“. Во текот на истрагата за случајот самоубиство изврши директорот на „Финзи“, Коста Крпач, во април 2016 година.

Сега истрагата за „Империја“ повторно допира до „Финзи“, фирма основана од „Финзи ЛЛЦ“ во САД. Краен сопственик на оваа компанија, според СЈО, повторно е Орце Камчев.

Во неколку наврати од „Финзи ЛЛЦ“ преку кипарска банка кон македонската „Финзи“ биле исплатувани 650.000 евра. Во тоа време, односно во 2009 година, директор на „Финзи“ во Македонија е Владислав Стајковиќ, брат на Небојша Стајковиќ, поранешен помошник-министер за информатичка технологија во МВР.

Овие пари понатаму влегуваат како основачки влог во „Систина кардиологија“, фирма што подоцна е преименувана во „Си-Фи-Кар“ („Систина“, „Финзи“, “Кара“). Во 2012 година, според СЈО, кога парите веќе се испрани, американската мајка-фирма се затвора и се отвора нова фирма, во која Крпач влегува како директор, а на истата сметка легнуваат парите од израелската донација за опрема за прислушување.

„Не купуваат компании за да работат со нив, туку за да извлечат што можат“

Орце Камчев и Сашо Мијалков, клучните играчи во „Империја“

Многу компании, офшор, стотици папки со документи и изјави од сведоци содржи еден од најобемните предмети на СЈО – „Империја“. Од она што беше претставено пред новинарските екипи, неизбежен е заклучокот дека од досегашната истрага и собраните докази станува збор за класични примери за сомнежи за перење пари пред кои надлежните институции со години молчеле или се откажувале од гонење поради немање докази.

Дел од истрагата е отстапен и на купувањето на „Бетон Штип“ од страна на ТИМ ДОО, „Орка холдинг“, „Езимит“ ДООЕЛ и „Ексико“.

„Кога тие купуваат компанија, не ја купуваат за да ја работат, туку да извлечат што може од имотот на компанијата“, велат од СЈО.

Па, така, и овој пат сознанијата говорат дека од „Бетон Штип“ се извлечени 4 милиони евра, односно газдите ги тераат акционерите со парите да купуваат имот, а понатаму како што се извлекуваат парите, така се инвестираат во други зделки за што патем говорат и последните информации дека речиси 250 работници веќе ги напуштаат работните места од „Бетон Штип“ и истовремено преку суд си ги бараат неисплатените плати за последните четири месеци.

Дел од истрагата го опфаќа и „Фершпед“, односно од моментот кога Кираца Трајковска, која беше еден од мнозинските акционери во “Фершпед“, поради долг во Еуростандард банка, преку посредник побарала кредит од Стопанска банка АД Битола. Камчев, кој е дел од Управниот одбор на банката, наместо кредит, според СЈО, на Трајковска ѝ понудил преку физички лица да ѝ бидат префрлени парите по што биле ослободени нејзините акции од „Фершпед“.

За да им ги продаде акциите на странски инвеститори, таа го ангажирала брокерот Јованче Тасковски. Но, за нејзината намера дознал Штерјо Наков, кој побарал помош од Мијалков, со цел тој да ги купи акциите. Мијалков се договора со Камчев да ја изиграат, па без нејзино знаење, според СЈО, Ненад Јосифовиќ ги продава акциите на физички и правни лица поврзани со Наков за 4 милиони евра повисока цена од реалната. Парите од зделката завршуваат во фирма чии сопственици се „Ексико“, „Орка холдинг“ и „Тимох“.

Во делот од истрагата за „Империја“ влегуваат и стари случаи, кои претходно во обвинителствата завршувале со откажување од гонење поради немање доволно докази. Таков пример е истрагата за „пропаѓањето“ на „Орка спорт“, „Орка текстил“ и други фирми во сопственост на сега покојниот Илија Камчев. Данокот се избегнувал да се плаќа преку лажни стечаи, обезвреднување на имотот и формирање офшор-компании, а потоа парите „чисти“ биле внесувани во земјата, односно целиот имот бил пренесуван на новоформирани компании.

На овој начин, впрочем, и се градела целата империја – преку лојални соработници, изигрување на законитe и формирање компании за еднократна употреба.

Како ќе заврши истрагата и дали случајот ќе добие епилог останува неизвесно. Засега Орце Камчев и Сашо Мијалков се во домашен притвор, а конечниот збор ќе го каже Врховниот суд.

Освен Камчев и Мијалков, осомничени во случајот „Империја“ се и Ратка Куноска-Камчева, мајка на Камчев и неизвршен член на Одборот на директори на „Орка ходинг“, Кристина Камчева-Стојческа, сестра на Камчев и неизвршен член на Одборот на директори на „Жито полог Тетово“, Лилјана Гајдоска, правник во фирмите на Камчев, неизвршен член на Одборот на директори на ЗК „Пелагонија“, Тодор Мирчевски, директор на „Ексико“, Владислав Стајковиќ, сопственик на НВСП, доскорешен директор на „Мобико“ и поранешен директор на „Финзи“, Ванче Мијалчев, извршен директор на „Бетон Штип“, Јованче Тасковски, брокер, и Дејан Јанев од „О.Т.Е. инвест“.

Прикажи повеќе...

Анализи

Политиката го подели СЈО на табори

Објавено пред

„Чарлиевите ангели“ ги нема. Катица Јанева, Ленче Ристоска и Фатиме Фетаи речиси една година не се појавуваат на заеднички прес-конференции. Во јавноста и на социјалните мрежи сè погласни се критиките за работата на специјалното јавно обвинителство и ослабената доверба во оваа институција.

dobivaj vesti na viber

Три и пол години по формирањето, целосен судски епилог има само за два случаја а сè погласни се шпекулациите дека во СЈО владее поделеност на обвинителите на табори, кои меѓусебно не се согласуваат за дејствувањето на ова обвинителство, па тие разлики во мислењата лесно се забележливи и во јавноста.

Трите жени, кои беа симбол за СЈО, ретко може се видат заедно во јавноста, а речиси една година Ленче Ристоска и Фатиме Фетаи не даваат заеднички изјави. Според нашите извори, со слични ставови на една страна биле обвинителките Катица Јанева и Лиле Стефанова, а на друга Ленче Ристоска и Фатиме Фетаи.

Од друга страна, сè поприсутна во јавноста е главната специјална обвинителка Катица Јанева, која, според најавите, во вторник ќе се појави на „1ТВ“, каде што заедно со обвинителите Лиле Стефанова и Трајче Пеливанов треба да одговараат и на прашања од гледачите. Токму во фирмата сопственик на „1ТВ“, „БМЈ медиа груп“, работи синот на Јанева, младиот гевгеличанец Лазар Јанев, за кого веќе беше објавено дека пред вработените бил претставен како директор на правна служба. Пред точно два месеца Јанева беше гостинка на „1ТВ“ и се фотографира со сопственикот на телевизијата, Бојан Јовановски, со назнака дека станува збор за работен состанок.

Во СЈО во последната година во целост се смени практиката на комуникација со јавноста. Последната прес-конференција СЈО ја одржа на 21 март минатата година.

Повеќе нема брифинзи со новинари, а на обвинителките Ристоска и Фетаи не им е дозволено да даваат интервјуа и изјави. Целосна затвореност владее и во однос на истрагите. Случајот „Империја“, во кој, меѓу другите, се осомничени и бизнисменот Јордан Камчев и ексдиректорот на УБК, Сашо Мијалков, беше отворен пред повеќе од 2 месеца, а од СЈО нема дополнителни информации, освен дека истрагата е сложена.

Сите обиди на „Макфакс“ да обезбедат брифинг за случајот беа залудни. Новинарите меѓу себе коментираат дека ова обвинителство, кое наметна транспарентно работење, последнава година се затворило, иако обвинителите поминале серија обуки за комуникација со јавноста. Тоа остава простор за шпекулации во постапувањето по предметите на обвинителството. Од друга страна, во редовното Обвинителство се спроведува тренинг за односи со јавноста на обвинителите.

Според нашите информации, во специјалното јавно обвинителство меѓу некои од вработените владее незадоволство од начинот на работа, особено по последните политички случувања, амнестии и повици за помирување, кои во голем дел влијаат и врз актуелните предмети што се во судска постапка, но и на оние што се во истрага и предистрага, а во кои, меѓу другите, се вклучени и Сашо Мијалков, Елизабета Канческа-Милевска, Али Ахмети, Бујар Османи.

Ексминистерката за култура, КанческаМилевска, е инволвирана во предистрагата за предметот „Скопје 2014“, кој е еден од најобемните предмети на СЈО, за Мијалков се водат повеќе судски постапки, а предметот за агенцијата за обезбедување СГС е во предистрага.

Во процесот на помирувањето наголемо се споменуваа и измените во Кривичниот законик, односно член 353, став 5, кој ја регулира злоупотребата на службената положба преку јавните набавки. Доколку дојде до промена на овој член, како што беше најавувано, помали казни или ослободување од одговорност ќе добијат голем број обвинети во случаите на СЈО, меѓу кои и Мијалков.

Уставниот суд сè уште не расправал по иницијативата на адвокатот Еленко Миланов, кој бара судиите да се произнесат за овој член од Кривичниот законик.

Сите овие политички инволвирања, кои допираат и до СЈО, според нашите извори, довеле до голем раздор во работата на институцијата, која има годишен буџет од 3,7 милиони евра. Некои од обвинителите се разочарани од фактот што нивните предмети и нивната работа зависат исклучително од тековната политичка ситуација, па токму затоа во последниот период и не се работи на нови предистраги бидејќи се чека исходот од тоа што ќе се случува со институцијата и дали евентуално одредени функционери од претходната, но и од актуелната власт, ќе избегнат одговорност.

Прикажи повеќе...

Најново

Македонија9 часа

Врз основа на кој проект е продолжена реконструкцијата на Универзалната сала, праша Арсовска

Градоначалничката на град Скопје, Данела Арсовска, праша врз основа на кој проект е продолжена реконструкцијата на Универзалната сала, како и...

Македонија12 часа

Намален е бројот на ученици во училиштата во државата

Намален е бројот на ученици во основните и средните училишта, во учебната 2022/2023 година, укажуваат податоците во извештајот на Државниот...

Македонија12 часа

Со нова систематизација Синдикатот на „Македонска пошта“ сам ќе ги укине вработените што не доаѓаат на работа оти Владата и Управниот одбор молчат

Синдикатот на „Македонска пошта“, во соработка со вработените и со ангажирање експерти, ќе подготви нова систематизација, која ќе ја достави...

Македонија13 часа

„Немам партиска книшка, само крводарителска“ – приватните специјализанти реагираат на изјавата на Демири за политичка заднина на штрајкот

Штрајкот на приватните специјализанти продолжи и денес и како што најавуваат ќе трае додека не добијат на писмено од Владата...

Свет13 часа

Израел: Мораме да го запреме Иран пред да биде предоцна, воведете му санкции

Министерот за надворешни работи на Израел, Израел Кац, денеска ги повика земјите да воведат санкции за ракетната програма на Иран...

Свет13 часа

Иран: Следниот напад ќе биде во рок од неколку секунди

Се’ повеќе високи ирански претставници ги предупредуваат и Израел и Западот за последиците од можната израелска одмазда. Така, иранскиот воен...

Македонија14 часа

ВМРО-ДПМНЕ: Во ЕУ не се оди со политичари како Пендаровски

Во ЕУ не се оди со политичари како Пендаровски. Во ЕУ се почитуваат основните човекови права и се унапредуваат, а...

Македонија14 часа

Стојаноска во Тетово: угостителите сезонски се селат во други држави, не се задоволни од актуелната власт

Вчерашниот ден Дафина Стојаноска – членка на ИК на ВМРО-ДПМНЕ го искористи и за средба со Здружението на угостители од...

Регион15 часа

Го искористи правото да не сведочи: заврши сослушувањето на мајката на осомничениот за убиството на Данка Илиќ

Светлана Драгијевиќ, мајката на Дејан Драгијевиќ, кој е осомничен за убиството на двегодишната Данка Илиќ го искористи законското право да...

Свет15 часа

Полицијата нападот во црквата во Сиднеј го карактеризира како терористички чин, напаѓачот уапсен

Австралиската полиција го прогласи прободувањето со нож во црква во Сиднеј за верски мотивиран „терористички чин“. Момче (15) е уапсено...

Свет16 часа

Иран зад себе има незамислива сила, која е закана за целиот свет: група од најбруталните терористи подготвени да интервенираат

Иранскиот напад врз Израел го отвори патот за нова ескалација на Блискиот Исток. Директен конфликт меѓу овие две земји ќе...

Регион16 часа

Земјотрес ја погоди Грција

Земјотрес со јачина од 3,5 степени според Рихтеровата скала утрово ја погоди Грција. Епицентарот на земјотресот бил на Крит на...

Македонија1 ден

Силјановска -Давкова: Ќе се залагам АРМ секогаш да ги исполнува НАТО стандардите и да вклучва повеќе жени

„Претседателот е врховен командант на вооружените сили. А вооружените сили се бранителот на територијалната независност и интегритет на Македонија. Во...

Македонија1 ден

(Видео) „Ако го интересира Мицкоски кој од неговите најблиски соработници биле кај мене, ќе му кажам“, рече Пендаровски

Вечерва претседателскиот кандидат Стево Пендаровски беше меѓу жителите на Гази Баба и одговараше на нивните прашања. Граѓаните побараа одговор дали...

Македонија1 ден

Протестите на специјализантите имаат политичка заднина, колкав притисок и да прават, решение е можно по изборите, вели Демири

Министерот за здравство ги поддржува барањата за поголеми плати и платени придонеси на приватните специјализанти, но нема мерки што би...

Македонија1 ден

Демири: Ќе предложам невакцинирани да не може да се вработат во јавното здравство

Министерот за здравство во техничката Влада, Илир Демири, ќе побара законски измени со кои ќе биде забрането во јавното здравство...

Македонија1 ден

Деветвалентната ХПВ-вакцина, која спречува 80 отсто од аналниот карцином и 70 отсто од карциномот на грлото на матката, достапна кај нас од следниот месец

За еден месец сите вакцинални пунктови ќе ја добијат деветвалентната ХПВ-вакцина, која од оваа година, покрај девојчињата на возраст од...

Македонија1 ден

Припадници на затворската полиција се сомничат дека му овозможиле на осуденикот да побегне од Идризово – може да добијат и до 10 години затвор

Седумнаесет полицајци се приведени по повеќемесечна предистражна постапка за бегството на затвореникот од Идризово, кое се случи во октомври минатата година....

Македонија1 ден

Османи со порака до Израел: Воздржете се од возвраќање, спиралата на конфликти може да се влоши

Министерот за надворешни работи Бујар Османи порача до Израел да не возраќа на нападот на Иран бидејќи состојбата може да...

Uncategorized1 ден

Укината социјалната помош на 1.134 лица оти имале возило и за 18 месеци ја оштетиле државата за над 2,5 милиона евра

Министерството за труд изготвило 1.134 решенија за прекин на гарантирана минимална помош и социјална пензија на лица што 18 месеци...