Контакт

Анализи

Нобеловата награда за ЕУ морален поттик за борбата со кризата?!

Објавено пред

Европската унија во петокот ја доби Нобеловата награда за мир за историската улога за обединување на континентот, а наградата претставува морален поттик за Унијата да успее да ја надвладее длабоката економска криза.

dobivaj vesti na viber

„Наградата служи како потсетник дека Европската унија многу придонесе за мир на континентот, односно го трансформираше најголемиот дел до Европа од континент на војната во континент на мирот, изјави челникот на Комитетот за доделување на Нобеловата награда за мир“, Торбјерн Јагланд, при објавување на годинешниот добитник.

„ЕУ и нејзините претходници придонесуваат веќе шест децении во промовирање на мирот, помирувањето, демократијата и човековите права во Европа. ЕУ моментално минува низ тешка економска криза и големи социјални немири. Норвешкиот комитет за доделување на Нобеловата награда за мир посакува да се фокусира на она што го смета за најголем резултат: успешната борба за мир, измирување, демократија и човекови права“, додаде првиот човек на Нобеловиот комитет.

Наградата во износ од 1,2 милиони американски долари, ќе му биде предадена на добитникот во норвешката престолнина Осло традиционално на 10-ти октомври, на денот кога починал основачот на Нобеловата награда, шведскиот претприемач и пронаоѓач Алфред Нобел, кој живеел од 1833 до 1896 година.

Јагланд и’ оддаде признание на ЕУ за обновувањето на Европа по Втората светска војна и за нејзината улога во ширењето на стабилноста по падот на Берлинскиот ѕид во 1989 година.

Меѓутоа, должничката криза којашто ја погаѓа еврозоната донесе голема економска нестабилност во неколку земји членки, а безредијата ескалираа на улицата на европските престолнини, а најжестоки се во Атина, Рим и Мадрид., каде што граѓаните се силно погодени од драстичните мерки за штедење.

Оттаму, додека челниците на Европската унија се чувствуваат „почестени и трогнати“, а многу европски политичари, вклучувајќи и дел од македонските, веднаш со телеграми им ја честитаа наградата, дел од граѓаните, особено во Грција и Шпанија, се изненадени.

„Тоа е шега? Тоа е последното што би го очекувала. Тоа е лакрдија со нас и со она низ што минуваме“, вели во анкетата на Reuters 36-годишната Хрисула Панагитидис, козметичарка од Грција којашто пред три дена ја загубила работата.

„Не ја гледам логиката оваа награда сега да ја добие ЕУ. Не можат дури ниту да се договорат меѓу себе“, изјави 62-годишниот Франсиско Гонзалес, деловен човек од шпанската престолнина Мадрид.

Во анкетата на агенцијата и пиар службеничката од главниот град на Германија, Берлин, 46-годишната Астрид Мејнике изразува скептичност во оваа одлука на комитетот на доделување на Нобеловата награда за мир. „Тоа е чудно, мислам дека ЕУ би можела подобро да работи, особено во однос на Сирија“.

Но тоа не им пречеше на претседателот на Европскиот совет Херман ван Ромпуј и на Европската комисија, Хосе Мануел Баросо, да објават заедничко соопштение во коешто наведуваат дека станува збор за „извонредна чест“.

„Наградата е највисокото можно признание за длабоките политички мотиви коишто стојат зад нашата Унија: единствениот напор на сите европски земји да ја надминат војната и поделбите и да го обликуваат континентот на мирот и просперитетот. Тоа не е награда само за институциите коишто ги втемели заедничкиот интерес, туку за 500-те милиони граѓани коишто живеат во нашата Унија“, се наведува во заедничката изјава на Ромпуј и Баросо.

Ван Ропмуј од своја страна изјави дека Европа „мина низ две граѓански војни во XX век, како и дека го воспостави мирот благодарејќи на Европската унија“. „ЕУ е најголемиот миротворец во историјата. Ние секако сме многу горди што се наградени напорите ЕУ за одржување на мирот во Европа“, истакна Ромпуј.

На соопштението за наградата реагираше и претседателот на Европскиот парламент, Мартин Шулц. „голема чест претставува тоа што европската унија годинава ја доби Нобеловата награда за мир. Нобеловата награда е за сите граѓани на ЕУ,. Ние во Европскиот парламент длабоко сме возбудени. Европската унија го обедини континентот по мирен пат, ги обедини заколнатите непријатели. Тој историски чин на повторното обединување со право е препознаен“, рече Шулц.

Шулц истакна дека неколку земји со својата слободна волја преговараат за влез во ЕУ, што покажува дека таа и натаму претставува магнет за стабилноста, просперитетот и демократијата.

„Принципите на ЕУ и вредностите на помирувањето може да послужат како вдахновение за другите региони во светот. Од Балканот до Кавказот, ЕУ служи како светилник за демократијата и помирувањето“, вели Шулц.

На Нобеловата награда, на челниците на ЕУ им честиташе и Генералниот секретар на НАТО, Андерс Фог Расмусен.

„Европската унија играше витална улога во лекувањето на историските рани и во промовирање на мирот, помирувањето и соработката низ Европа. Придонесе за напредокот по прашањата за слободата, демократијата и човековите права низ целиот континент и надвор од него“, рече Фог.

„Искрено и’ честитам на ЕУ. Од самиот почеток НАТО и ЕУ ги споделуваа заедничките вредности. ЕУ е клучен и единствен партнер на НАТО. Јас се надевам дека уште повеќе ќе го зајакнеме нашето стратешко партнерство како и што предвидоа нашите две организации, со дел да ги промовираат мирот, стабилноста и соработката“, додаде Фог.

Високата претставничка на ЕУ за надворешна политика и безбедност, Кетрин Ештон изјави дека е „пресреќна поради доделувањето на Нобеловата награда за мир за 2012 година на Европската унија како знак на признание на нејзината работа на помирувањето, демократијата, промовирањето на човековите права и во зголемувањето на областа на мирот и стабилноста низ континентот“.

„Во земјите на ЕУ, историските непријатели станаа блиски партнери и пријатели. Горда сум што сум дел од продолжувањето на таа работа“, нагласи Ештон.

Комесарот на ЕУ за економски и монетарни прашања, Оли Рен рече дека ова е „прекрасен ден за Европа“, и покрај економската ситуација. „Оваа Нобелова награда очигледно е доделена поради придонесот на ЕУ за мирот и измирувањето и демократијата и човековите права во текот на последните 60 години“, рече Оли Рен.

Хелмут Кол, канцеларот најзаслужен за обединувањето на поделената Германија, рече дека доделувањето на Нобеловата награда на ЕУ претставува „мудра и далекусежна“ одлука. „Доделувањето на Нобеловата награда за мир на ЕУ, над сé, претставува потврдување на европскиот мировен проект“, рече сега 82-годишниот поранешен германски челник.

Норвешкиот премиер Јенс Столтенберг, белгискиот премиер Елио ди Рупо, како и францускиот министер за економија и финансии Пјер Московици, меѓу другите испратија честитки до Европската унија за Нобеловата награда.

Меѓутоа, освен честитки и одушевување, одлуката годинешнава Нобелова награда да и’ биде доделена на Европската унија, предизвика и негативни реакции.

Така, на пример, еден од челниците на конзервативците во Европскиот парламент, Мартин Каланан, изјави дека малку е предоцна за првоаприлски шеги и дека претпоставува дека тоа е награда „за мирот и хармонијата на улиците на Атина и Мадрид“, Рече, исто така, дека Нобеловата награда за мир е „обезвреднета кога му беше доделена на новоизбраниот Барак Обама“.

Лидерот на британската Партија за независност, Најџел Фареџ иронично изјави дека „ова покажува дека Норвежаните навистина имаат смисла за хумор“, имајќи предвид дека Унијата создаде сиромаштија и невработеност за милиони луѓе.

Инаку пред соопштувањето на добитникот на годинешното признание за мир, норвешкиот јавен радиодифузер NRK, обично добро информиран и кој добитникот го соопшти пред официјалното соопштението, претходно коментираше дека Комитетот се одлучил наградата да ѝ ја додели на Европската унија, организација којашто се наоѓа во тешка криза и на која Норвешка двапати одби да ѝ се приклучи, по референдумите од 1972 и 1994 година.

Британскиот министер за финансии во сенка Едвард Болс, пак, иронично забележа дека Атина сигурно вечерва (петок, 12-ти октомври) ќе слави.

Поранешниот француски министер за надворешни работи Бернар Кушнер изјави дека е изненаден од тоа што Нобеловата награда за мир во 2012 година и’ е доделена на Европската унија, особено што тој мисли дека ЕУ е недоволно активна во борбата за мир на меѓународната сцена.

„Јас сум многу изненаден. Не сум сигурен, но мислам дека тие сакаа да им дадат награда за нивните напори во помош во развојот на сиромашните земји, бидејќи ЕУ им дава повеќе пари отколку агенциите на САД или на ОН. Што се однесува до светот, јас сметам дека ние во тоа не учествуваме целосно, односно акциите на ЕУ се недоволни“, рече поранешниот шеф на француската дипломатија за телевизијата BFM TV.

Кушнер, кој е еден од основачите на меѓународната организација „Лекари без граници“, смета дека ЕУ недоволно остро истапува во „сириското досие“.

„Не заборавајте дека ‘Лекари без граници’, вашиот покорен слуга, ја доби Нобеловата награда за мир (во 1999 година – з.р.), за јасни и очигледни достигнувања. Сега во ЕУ влегуваат 27 земји, некои од нив не учествуваа во активностите на Унијата во светот. Ова е најмалку двосмислена одлука. Ако наградата е доделена за да ја охрабри ЕУ да направи повеќе, тоа е добро“, рече Кушнер.

Од друга страна, во својата забелешка, еден од идеолозите на обединета Европа, поранешниот шеф на Европската комисија (во периодот 1985 до 1995 година – з.р.), Жак Делор, рече дека одлуката на Нобеловиот комитет многу го трогнала.

„Тоа (создавањето на ЕУ) никогаш не одеше лесно. Но по неколку години тоа е едно прекрасно дело во името на мирот, коешто е неопходно да биде дополнето со зајакнување на соработката меѓу земјите-членки. Во тоа и се состојат тешкотиите, особено за монетарната и економската унија“, рече Делор

Сепак, тој во телевизиското интервју рече дека тој нема да ја слави наградата доделена на ЕУ.

„… Јас нема да пијам шампањ. Кога ќе направите за себе вредна работа, секогаш се поставува прашањето, особено кога не можете да направите многу за другиот. Денес, тие сомнежи беа разбиени делумно со ова соопштение од Норвешка“, изјави поранешниот шеф на Европската комисија./крај/мф/сн



©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Анализи

Силјановска vs Пендаровски: Кој добива, а кој губи во битката на социјалните мрежи и медиумите?

Објавено пред

Претседателските кандидати Стево Пендаровски и Гордана Силјановска-Давкова најмногу се спомнуваат во медиумите, а најмалку се популарни меѓу твитерџиите. Во негативен контекст почесто е споменувана Силјановска на социјалните мрежи „Феjсбук“ и „Твитер“, но и во медиумите.

dobivaj vesti na viber

Ова го покажа првата сентимент-анализа на истражувачкиот центар на „Макфакс“, која се изработуваше во периодот од 1 до 9 април годинава. Процесот на изработка на анализата е базиран на компјутерски алгоритми и има задача да одреди во каков контекст (многу негативен, негативен, неутрален, позитивен или многу позитивен) е напишан одреден текст или дел од текстот.

Преку системот беа анализирани 220 медиуми, како и објавите и коментарите на над еден милион корисници на „Фејсбук“ и твитовите од 300 илјади профили. Тестирањата на платформата покажaа дека користените технологии даваат резултат со точност поголема од 80 проценти.

Според анализата, имињата на Силјановска-Давкова и на Пендаровски почесто се споменуваат во медиумите отколку на социјалните мрежи „Твитер“ и „Фејсбук“. Во првите девет дена од месецот тие биле споменати вкупно 3.515 пати. На „Фејсбук“ биле споменати речиси двојно помалку, а најмалку биле споменувани на „Твитер“.

Силјановска, според оваа анализа, најмногу била спомената на веб-порталите „Република“, „Курир“, „Инфомакс“ и на „Прес 24“, а Пендаровски на „Прес 24“, „Макпрес“, „24 инфо“ и на „Вечер“. Од инфографикот може да се види комплетната слика за тоа во кој медиум биле најмногу застапени двајцата претседателски кандидати.

Во однос на контекстот на споменување во медиумите може да се заклучи дека постои тесна разлика меѓу Силјановска и Пендаровски, иако кандидатката зад која стои опозициската ВМРО-ДПМНЕ предничи со негативните коментари.

Па, така, во многу негативен контекст Силјановска била спомената 201 пат, а Пендаровски 136 пати. Ако таа била спомната 914 пати во негативен контекст, Пендаровски во истиот контекст бил спомнат 778 пати. Тој предничи и во однос на неутралните спомнувања во медиумите, а Силјановска предничи во однос на позитивните споменувања. Тесна е разликата меѓу многу позитивните конотации, во кои биле ставени двајцата претседателски кандидати на кои се однесува анализата, во која за 8 споменувања предност има Пендаровски.

Според податоците од аналитичкиот центар на „Макфакс“, претседателскиот кандидат Пендаровски е попопуларен од Силјановска во однос на бројот на споменувања. Во многу позитивен или позитивен контекст меѓу твитерџиите тој е споменат 231 пат, а Силјановска 201. Во однос на тоа дали кандидатите се споменати во негативен или многу негативен контекст за нијанса води Силјановска, која е спомената 401 пат, а Пендаровски 389.

Слична ситуација може да се види и на „Фејсбук“, каде што Пендаровски има предност во однос на бројот на споменувања. Ако Силјановска била спомената 481 пат во многу негативен или во негативен контекст, Пендаровски е споменат 429 пати. Кај претседателскиот кандидат зад кој стои СДСМ поголем е бројот на позитивни или многу позитивни споменувања на социјалната мрежа „Фејсбук“.

Според сето ова, Силјановска има поголема вредност на вкупниот сентимент во негативен контекст на социјалните мрежи и во медиумите од Пендаровски. Важно е да се потенцира дека не станува збор за анкета што ги мери гласовите за кандидатите, туку за начинот на кој тие се прикажани и коментирани во интернет-просторот. Истражувачкиот центар на „Макфакс“ на почетокот на кампањата за претседателските кандидати спроведе анкета.

Целосната методологија за начинот на изработката на сентимент-анализите на истражувачкиот центар на „Макфакс“ е достапна на следниот линк.

Прикажи повеќе...

Анализи

СЈО со детали: Како Камчев и Мијалков ги переле парите градејќи империја

Објавено пред

Злосторничко здружение, кое функционирало повеќе од 8 години, од 2009 година, кога биле отворани и затворани фирми, перени милиони и милиони евра, биле менувани сопственици, бил купуван огромен имот, отворани фирми на офшор-дестинации за еднократна употреба, префрлувани пари преку кипарски банки, а потоа овие испрани пари влегуваат како основачки влогови за да формираат македонски фирми.

dobivaj vesti na viber

Вака накусо може да се опише случајот „Империја“ на специјалното јавно обвинителство (СЈО), каде што, меѓу другите, осомничени се едни од највлијателните луѓе во земјата, бизнисменот Орце Камчев и поранешниот директор на УБК, Сашо Мијалков.

Три месеци по почнувањето на истрагата, обвинителството излезе со детали за еден од најобемните предмети за кој засега е утврдено дека се испрани речиси 11 милиони евра.

Истрагата е проширена за „Графички центар“ и за „Медија принт Македонија“ (МПМ), извршени се претреси во фирмите, осомничените се испрашани и собрани се докази.

Соработката меѓу Македонија и Кипар е воспоставена, па сега, конечно, на виделина излегуваат и имињата на оние што се криеле зад офшор-фирмите преку кои се переле пари.

Од крајот на јуни до крајот на октомври 2018 година некои од осомничените од „Империја“ биле под посебни истражни мерки.

„Мијалков не беше под посебни истражни мерки, Камчев многу внимателно зборуваше по телефон, но не и другите осомничени“, велат од СЈО.

Без разлика како ќе се одвива понатаму истрагата за „Империја“, со оглед на тоа што статусот и истрагите на СЈО сè уште се неизвесни, оттаму велат дека собрани се речиси 90 отсто од доказите за случајот да може да продолжи понатаму.

Злосторничкото здружение се распаѓа кон крајот на 2017 и почетокот на 2018 година кога осомничените почнуваат да земаат кредити за да се раздолжат, но тоа не значи дека тука завршуваат и нивните поединечни активности.

Под лупа на СЈО е и фирмата поврзана со семејството Мијалкови, „Бест веј инвестмент“, формирана веднаш по обеледонувањето на таканаречените бомби во 2015 година, чиј сопственик е синот на Сашо Мијалков, Јордан. СЈО истражува како се ширел бизнисот и како оваа фирма успева да заработи огромни суми и да стекне голем имот само за три години работа. „Бест веј инвестмент“, ако во 2016 година имала приходи од 816 илјади евра, во 2017 година веќе приходите ѝ растат на 9,6 милиони евра, што само покажува дека независно кој е на власт, бизнисите на Мијалков работат со полна пареа.

Краен сопственик на мистериозната „Ексико“ бил Камчев

Натписот на поштенското сандаче на улицата Иван Милутиновиќ во Скопје сведочи за постоењето на „Ексико“, чие сопствеништво е скриено

Центарот на истрагата за „Империја“ се познатата офшор-фирма „Ексико“ и бизнисменот Орце Камчев.

Истрагата утврдила дека зад првата фирма-мајка на „Ексико“, „Делта инвестмент“ од Белизе, всушност се крие таткото на Орце Камчев, Илија. Од оваа фирма, која поседуваше акции во големи акционерски друштва, а се јавуваше и како еден од сопствениците на атрактивните плацови на Водно, досега сите креваа раце и демантираа дека стојат зад неа.

Истрагата на СЈО утврдила дека по Илија Камчев, набргу како краен сопственик фигурирал и поранешниот директор на македонски „Телеком“, Жарко Луковски, а кога сопствеништвото на фирмата се сели во Америка, односно сопственик станува извесна „Калвус ЛЛЦ“ (Calvus LLC) од САД, крајниот сопственик е всушност Орце Камчев.

Од оваа американска фирма кон „Ексико“ се влеваат 1,6 милион евра како прилив, а дел од овие пари завршува на личната сметка на Камчев, додека со дел се купувани имот и земјиште во Гевгелија, на кое понатаму е предвидено да се градат казина.

Подоцна, а и до ден-денеска, сопственик на „Ексико“ е фирмата со швајцарски капитал „Т&МЈ инвестмент“ од Лугано, Швајцарија, фирма зад која оперативните сознанија покажале дека краен сопственик е член на семејството Мијалкови. Од швајцарската фирма кон македонската „Ексико“ немало никаков прилив или одлив на пари.

„Ексико“ не е единствената фирма преку која функционирало ова злосторничко здружение. Колку за пример, во истатата 2009 година офшор-компанијата „Хоспитал менаџмент груп ЛЛЦ’ од Кипар ја основа клиничката болница „Систина“. Понатаму, оваа компанија го продава имотот на друга офшор-компанија од Панама. „Орка холдинг“ го купува уделот од панамската, па повторно ѝ го продава на „Систина“, со што фактички Камчев внесува удел од „Хоспитал менаџмент“ од Кипар во Македонија.

Сомнежи за перење пари преку кипарски банки

Преку кипарски банки парите влегуваат во земјата

Значаен дел од истрагата на СЈО за „Империја“ има и фирмата „Финзи“ – истата фирма за која во таканаречените бомби можеше да се слушне дека одела набавката за опрема за следење интернет-комуникации за МВР. Министерството, додека на чело на УБК беше Мијалков, наместо директно да ја набави изреалската опрема за прислушување, тоа го правела преку „Финзи“. Во текот на истрагата за случајот самоубиство изврши директорот на „Финзи“, Коста Крпач, во април 2016 година.

Сега истрагата за „Империја“ повторно допира до „Финзи“, фирма основана од „Финзи ЛЛЦ“ во САД. Краен сопственик на оваа компанија, според СЈО, повторно е Орце Камчев.

Во неколку наврати од „Финзи ЛЛЦ“ преку кипарска банка кон македонската „Финзи“ биле исплатувани 650.000 евра. Во тоа време, односно во 2009 година, директор на „Финзи“ во Македонија е Владислав Стајковиќ, брат на Небојша Стајковиќ, поранешен помошник-министер за информатичка технологија во МВР.

Овие пари понатаму влегуваат како основачки влог во „Систина кардиологија“, фирма што подоцна е преименувана во „Си-Фи-Кар“ („Систина“, „Финзи“, “Кара“). Во 2012 година, според СЈО, кога парите веќе се испрани, американската мајка-фирма се затвора и се отвора нова фирма, во која Крпач влегува како директор, а на истата сметка легнуваат парите од израелската донација за опрема за прислушување.

„Не купуваат компании за да работат со нив, туку за да извлечат што можат“

Орце Камчев и Сашо Мијалков, клучните играчи во „Империја“

Многу компании, офшор, стотици папки со документи и изјави од сведоци содржи еден од најобемните предмети на СЈО – „Империја“. Од она што беше претставено пред новинарските екипи, неизбежен е заклучокот дека од досегашната истрага и собраните докази станува збор за класични примери за сомнежи за перење пари пред кои надлежните институции со години молчеле или се откажувале од гонење поради немање докази.

Дел од истрагата е отстапен и на купувањето на „Бетон Штип“ од страна на ТИМ ДОО, „Орка холдинг“, „Езимит“ ДООЕЛ и „Ексико“.

„Кога тие купуваат компанија, не ја купуваат за да ја работат, туку да извлечат што може од имотот на компанијата“, велат од СЈО.

Па, така, и овој пат сознанијата говорат дека од „Бетон Штип“ се извлечени 4 милиони евра, односно газдите ги тераат акционерите со парите да купуваат имот, а понатаму како што се извлекуваат парите, така се инвестираат во други зделки за што патем говорат и последните информации дека речиси 250 работници веќе ги напуштаат работните места од „Бетон Штип“ и истовремено преку суд си ги бараат неисплатените плати за последните четири месеци.

Дел од истрагата го опфаќа и „Фершпед“, односно од моментот кога Кираца Трајковска, која беше еден од мнозинските акционери во “Фершпед“, поради долг во Еуростандард банка, преку посредник побарала кредит од Стопанска банка АД Битола. Камчев, кој е дел од Управниот одбор на банката, наместо кредит, според СЈО, на Трајковска ѝ понудил преку физички лица да ѝ бидат префрлени парите по што биле ослободени нејзините акции од „Фершпед“.

За да им ги продаде акциите на странски инвеститори, таа го ангажирала брокерот Јованче Тасковски. Но, за нејзината намера дознал Штерјо Наков, кој побарал помош од Мијалков, со цел тој да ги купи акциите. Мијалков се договора со Камчев да ја изиграат, па без нејзино знаење, според СЈО, Ненад Јосифовиќ ги продава акциите на физички и правни лица поврзани со Наков за 4 милиони евра повисока цена од реалната. Парите од зделката завршуваат во фирма чии сопственици се „Ексико“, „Орка холдинг“ и „Тимох“.

Во делот од истрагата за „Империја“ влегуваат и стари случаи, кои претходно во обвинителствата завршувале со откажување од гонење поради немање доволно докази. Таков пример е истрагата за „пропаѓањето“ на „Орка спорт“, „Орка текстил“ и други фирми во сопственост на сега покојниот Илија Камчев. Данокот се избегнувал да се плаќа преку лажни стечаи, обезвреднување на имотот и формирање офшор-компании, а потоа парите „чисти“ биле внесувани во земјата, односно целиот имот бил пренесуван на новоформирани компании.

На овој начин, впрочем, и се градела целата империја – преку лојални соработници, изигрување на законитe и формирање компании за еднократна употреба.

Како ќе заврши истрагата и дали случајот ќе добие епилог останува неизвесно. Засега Орце Камчев и Сашо Мијалков се во домашен притвор, а конечниот збор ќе го каже Врховниот суд.

Освен Камчев и Мијалков, осомничени во случајот „Империја“ се и Ратка Куноска-Камчева, мајка на Камчев и неизвршен член на Одборот на директори на „Орка ходинг“, Кристина Камчева-Стојческа, сестра на Камчев и неизвршен член на Одборот на директори на „Жито полог Тетово“, Лилјана Гајдоска, правник во фирмите на Камчев, неизвршен член на Одборот на директори на ЗК „Пелагонија“, Тодор Мирчевски, директор на „Ексико“, Владислав Стајковиќ, сопственик на НВСП, доскорешен директор на „Мобико“ и поранешен директор на „Финзи“, Ванче Мијалчев, извршен директор на „Бетон Штип“, Јованче Тасковски, брокер, и Дејан Јанев од „О.Т.Е. инвест“.

Прикажи повеќе...

Анализи

Политиката го подели СЈО на табори

Објавено пред

„Чарлиевите ангели“ ги нема. Катица Јанева, Ленче Ристоска и Фатиме Фетаи речиси една година не се појавуваат на заеднички прес-конференции. Во јавноста и на социјалните мрежи сè погласни се критиките за работата на специјалното јавно обвинителство и ослабената доверба во оваа институција.

dobivaj vesti na viber

Три и пол години по формирањето, целосен судски епилог има само за два случаја а сè погласни се шпекулациите дека во СЈО владее поделеност на обвинителите на табори, кои меѓусебно не се согласуваат за дејствувањето на ова обвинителство, па тие разлики во мислењата лесно се забележливи и во јавноста.

Трите жени, кои беа симбол за СЈО, ретко може се видат заедно во јавноста, а речиси една година Ленче Ристоска и Фатиме Фетаи не даваат заеднички изјави. Според нашите извори, со слични ставови на една страна биле обвинителките Катица Јанева и Лиле Стефанова, а на друга Ленче Ристоска и Фатиме Фетаи.

Од друга страна, сè поприсутна во јавноста е главната специјална обвинителка Катица Јанева, која, според најавите, во вторник ќе се појави на „1ТВ“, каде што заедно со обвинителите Лиле Стефанова и Трајче Пеливанов треба да одговараат и на прашања од гледачите. Токму во фирмата сопственик на „1ТВ“, „БМЈ медиа груп“, работи синот на Јанева, младиот гевгеличанец Лазар Јанев, за кого веќе беше објавено дека пред вработените бил претставен како директор на правна служба. Пред точно два месеца Јанева беше гостинка на „1ТВ“ и се фотографира со сопственикот на телевизијата, Бојан Јовановски, со назнака дека станува збор за работен состанок.

Во СЈО во последната година во целост се смени практиката на комуникација со јавноста. Последната прес-конференција СЈО ја одржа на 21 март минатата година.

Повеќе нема брифинзи со новинари, а на обвинителките Ристоска и Фетаи не им е дозволено да даваат интервјуа и изјави. Целосна затвореност владее и во однос на истрагите. Случајот „Империја“, во кој, меѓу другите, се осомничени и бизнисменот Јордан Камчев и ексдиректорот на УБК, Сашо Мијалков, беше отворен пред повеќе од 2 месеца, а од СЈО нема дополнителни информации, освен дека истрагата е сложена.

Сите обиди на „Макфакс“ да обезбедат брифинг за случајот беа залудни. Новинарите меѓу себе коментираат дека ова обвинителство, кое наметна транспарентно работење, последнава година се затворило, иако обвинителите поминале серија обуки за комуникација со јавноста. Тоа остава простор за шпекулации во постапувањето по предметите на обвинителството. Од друга страна, во редовното Обвинителство се спроведува тренинг за односи со јавноста на обвинителите.

Според нашите информации, во специјалното јавно обвинителство меѓу некои од вработените владее незадоволство од начинот на работа, особено по последните политички случувања, амнестии и повици за помирување, кои во голем дел влијаат и врз актуелните предмети што се во судска постапка, но и на оние што се во истрага и предистрага, а во кои, меѓу другите, се вклучени и Сашо Мијалков, Елизабета Канческа-Милевска, Али Ахмети, Бујар Османи.

Ексминистерката за култура, КанческаМилевска, е инволвирана во предистрагата за предметот „Скопје 2014“, кој е еден од најобемните предмети на СЈО, за Мијалков се водат повеќе судски постапки, а предметот за агенцијата за обезбедување СГС е во предистрага.

Во процесот на помирувањето наголемо се споменуваа и измените во Кривичниот законик, односно член 353, став 5, кој ја регулира злоупотребата на службената положба преку јавните набавки. Доколку дојде до промена на овој член, како што беше најавувано, помали казни или ослободување од одговорност ќе добијат голем број обвинети во случаите на СЈО, меѓу кои и Мијалков.

Уставниот суд сè уште не расправал по иницијативата на адвокатот Еленко Миланов, кој бара судиите да се произнесат за овој член од Кривичниот законик.

Сите овие политички инволвирања, кои допираат и до СЈО, според нашите извори, довеле до голем раздор во работата на институцијата, која има годишен буџет од 3,7 милиони евра. Некои од обвинителите се разочарани од фактот што нивните предмети и нивната работа зависат исклучително од тековната политичка ситуација, па токму затоа во последниот период и не се работи на нови предистраги бидејќи се чека исходот од тоа што ќе се случува со институцијата и дали евентуално одредени функционери од претходната, но и од актуелната власт, ќе избегнат одговорност.

Прикажи повеќе...

Најново

Македонија9 часа

Димитриевски до Пендаровски: Разликата е огромна, откажете се од оваа битка и оставете нè да победиме во вториот круг

Денеска, ЗНАМ заедно со сите свои пддржувачи ја испишува новата политичка историја на македонската политичка сцена, рече вечерва претседателскиот кандидат...

Македонија10 часа

Нема да се откажеме и нема да ги наведнеме главите, порача Ковачевски

Денеска е тежок удар за европската перспектива на Македонија, но не е доцна да се смени правецот, откажувањето не е...

Македонија10 часа

(Видео) Мицкоски: Цунамито се крена, на 8 мај ќе ги потопи целосно, победуваме со над 170.000 разлика

Денеска народот во Македонија покажа дека си ја сака Македонија и дека секој оној кој го потценува народот прваи голема...

Македонија11 часа

Пендаровски: Резултатите не се такви какви што ги очекувавме, но нема предавање, утре е нов ден

Резултатите не се такви какви што ги очекувавме истакна вечерва на прес-конференција кандидатот за претседател поддржан од СДСМ, Стево Пендаровски....

Македонија11 часа

Силјановска за убедливото водство: Напати се срамам, зарем е можно толку многу луѓе вака да реагираат

Претседателскиот кандидат Гордана Силјановска Давкова по завршување на првиот круг гласање од изборот за претседател на државата рече дека денешниот...

Македонија12 часа

Јакимовски призна пораз, ѝ честиташе водство на Сиљановска и ѝ посака среќа во вториот круг

Лидерот на ГРОМ и претседателски кандидат, Стевчо Јакимовски, вечерва призна пораз и ѝ честиташе водство на Гордана Сиљановска-Давкова.  Со оглед...

Македонија13 часа

Таравари: Земјотресот почна, се надевам дека на 8 мај ќе дојде промената ДУИ да биде опозиција

Масовниот одѕив на гласачите на овие претседателски избори за Арбен Таравари, претседателски кандидат на коалицијата ВЛЕН, е показател дека промените...

Македонија13 часа

Одѕивот до 18.30 часот е 48,44 отсто, во Новаци на гласање излегле рекордни 71,07 отсто од гласачите

Одѕивот до 18.30 часот на седмите претседателски избори е 48,44 отсто од гласачите, според податоци од 3174 гласачки места. Претседателот...

Македонија13 часа

Муцунски: Овој изборен ден е почеток на крајот на оваа власт

Народот уште еднаш покажа дека знае и умее да ја процени важноста на овие избори, како крстопат кога се одлучува...

Македонија14 часа

ОЈО: Сите сомненија за кривични дела кои би можеле да го нарушат изборниот процес ќе бидат испитани

Во текот на изборниот ден до затворањето на избирачките места, на електронската адреса на Јавното обвинителство на Република Северна Македонија...

Македонија14 часа

Левицата: Проблеми со фингерпринтот во Куманово, Ѓорче Петров, Аеродром, доцнење на гласачкиот процес и нерегуларности во избирачкиот список

Од Претседателскиот изборен штаб на кандидатот за претседател Билјана Ванковска информираат дека денешниот изборен ден поминal мирно во фер и...

Македонија14 часа

Силјановска: Дојде време, дојде час, да си замине оваа власт

Дојде време, дојде час, да си замине оваа власт, порача кандидатката за претседател, Гордана Силјановска Давкова по гласањето во првиот...

Македонија14 часа

„Нека победи подобриот“ – Таравари рече дека поседува видео снимки за купување на гласови

Кандидатот за претседател, Арбен Таравари, гласаше со своето семејство, пришто порача изборите да бидат фер и демократски. „Нека победи подобриот....

Македонија14 часа

Ванковска: Необично е да гласаш за себе, но со тоа ја изразив убеденоста во она што го говорам

Билјана Ванковска, претседателски кандидат на Левица го оствари своето право на глас на ИМ во ОУ „Јан Амос Коменски“ во...

Македонија14 часа

(Видео) Пендаровски: Држава што преговара со ЕУ не смее да си дозволи лош изборен процес

Кандидатот за претседател, Стево Пендаровски, денеска гласаше на првиот круг од претседателските избори. Во изјава за медиумите Пендаровски истакна дека...

Македонија15 часа

Во Куманово не се гласа на три избирачки места, на едното се изгубил печатот

Прекин на гласањето има на три места во Куманово, информираше претседателот на Државната изборна комисија (ДИК), Александар Даштевски. Како што...

Македонија16 часа

Одѕивот до 17 часот изнесува 44,18 отсто – за околу 9 проценти повеќе во споредба со претходните претседателски избори

До 17 часот во првиот круг од претседателските избори, своето право на глас го оствариле 397.612 избирачи, или 44,18 отсто....

Македонија17 часа

Петмина си ги фотографирале гласачките ливчиња, полицијата ги фати

Пет лица во периодот од 11 до 14 часот, биле фатени од страна на полицијата оти ги фотографирале своите гласачки...

Македонија19 часа

ОЈО Делчево истражува обид за изборен поткуп со бесплатно вградување водомери

Основното јавно обвинителство Делчево истражува предмет за изборен поткуп со бесплатно поставување водомери. Обвинителот Џељаљ Бајрами, претседател на комисијата на...

Македонија20 часа

Штипјанец и скопјанка фатени како ги фотографираат гласачките ливчиња, а жител на Бучим му го покажал ливчето на набљудувач

Од отворањето на гласачките места досега имаме регистрирано две фотографирања на гласачко ливче, едно во Скопје, а едно во Штип....