Контакт

Анализи

Проекциите за растот се реални, внимателно со дефицитот

Објавено пред

Проекциите за раст на македонската економија, врз чија основа е темелен буџетот се реални, но зголемувањето на буџетскиот дефицит може да биде ризичен потег, а во извесна мера загрижува проекцијата заинфлацијата.

dobivaj vesti na viber

Ваква оцена за Макфакс изнесоа професорите Зоран Ивановски и Марјан Петрески, во анализата за Предлог буџетот за 2013 година, чија расходна страна е проектирана на 2,69 милијарди евра, а приходна на 2,4 милијарди евра, со буџетски дефицит од околу 290 милиони евра, или 3,5 отсто од БДП. Со Буџетот се предвидува раст на македонската економија од два отсто, а инфлацијата во наредната година да изнесува 3,5 отсто.

Професорот Зоран Ивановски од Универзитетот на Југоисточна Европа, смета дека проектираниот дефицит од близу 300 милиони евра, што е 3,5 отсто од БДП, е храбар потег на Владата, бидејќи вели дека вообичаено контролиран дефицит е на ниво до три отсто.

„Значи во ваква ситуација обврска на Владата е постојано да следи да не се доведе во ситуација да го зголеми нивото на јавниот долг“, вели Ивановски, предупредувајќи притоа да се води сметка надворешното задолжување да не ја помине црвената линија.

Професорот Ивановски смета дека предложениот буџет не е многу развоен, со оглед дека во дистрибуцијата на расходите планирано е околу 86 проценти да одат за тековни расходи на буџетските корисници, како што се плати и придонеси за вработените во јавната администрација, набавка на стоки и услуги, социјални надоместоци и разни субвенции, додека само 14 отсто се планирани за капитални инвестиции.

„Идеална дистрибуција на буџетските расходи, ако сакате развоен буџет, е 80 спрема 20 отсто“, укажува Ивановски и додава дека доколку 20 отсто од Буџетот биле предвидени за капитални инвестиции, тоа би можело да ветува посилен и подинамичен раст на македонската економија, или барем намалување на рецесиските движења.

Ивановски вели дека во однос на самата структура на капиталните инвестиции, посебен акцент треба да се стави на квалитетот на инвестициите, со цел тие да се почувствуваат позитивно во македонската економија.

Во врска со проекциите за раст на македонската економија, Ивановски вели дека тие се остварливи ако добро се позиционира економската политика и буџетот. Тој смета дека раст од два отсто за мала економија, како македонската, не би требало да претставува проблем, особено ако се тргне од основата што ја имаме во тековната година.

„Потребно е да се прави разлика меѓу раст на германската економија од два отсто и на македонската економија. Станува збор за сосема различни параметри, полесно е на мала економија да се зголеми раст од два отсто“, смета Ивановски.

И професорот Марјан Петрески од Универзитетот Американ Колеџ смета дека проекцијата за стапка на раст од два отсто изгледа реалистичка и вели дека Буџетот првпат во последните години е проектиран врз база на пореални проекции во делот на растот, но искажува загриженост во поглед на проектираната инфлација.

„Загрижува во извесна мера проекцијата за стапката на инфлација. Проекцијата за 3,5 отсто инфлација за 2013 година отвора неколку дилеми: дали носителите на економските политики очекуваат дека шокот врз цените на храната нема да се корегира наназад (како што тоа се случи во 2011, на пример)? Дали носителите на политиките евентуално очекуваат во 2013 повторен шок врз цените на храната, струјата и парното? Со други зборови, сметам дека проектираната инфлација е релативно висока. Таа, секако, е рефлексија делумно на зголемувањата на цените во текот на летото што е зад нас, меѓутоа во останатиот дел, изворот на проектираната инфлација не е јасен“, вели Петрески.

Во поглед на дилемата дали предложениот Буџет е развоен, Петрески вели дека буџетите на Македонија веројатно досега никогаш не биле доволно развојни, што според него, делумно се должи на демографската структура (бројот на пензионери во однос на вработени) и на нивото на развиеност на земјата (бројот на социјално-загрозени случаи), но во добар дел се должи и на поставувањето погрешни приоритети.

„’Битките’ поврзани за Буџетот секогаш се однесуваат на неговата развојна компонента, односно инвестициите во инфраструктура, енергетика, здравство, образование, информатички технологии. Ваквите инвестиции бараат жртви, бидејќи ефектите од нив може да се видат само на среден до долг рок. Според тоа, не е за изненадување во изборна година, неразвојниот дел од Буџетот да остане ист, па дури и да се зголемува. Има најава дека пензиите и социјалните трансфери ќе се зголемат за 5 отсто од 2013 година. Секако, тоа е добра вест за пензионерите и оние што примаат социјална помош, но е лоша вест за државата во целина, бидејќи се прави на сметка на расходите кои може да донесат на среден рок бенефит за сите“, вели Петрески.

Професорот Петрески не се согласува со констатациите дека проектираниот буџетски дефицит од 3,5 отсто е висок, но смета дека можеби е потребно да се направи консензус околу приоритетите во нашето општество, односно на што треба најмногу да се трошат буџетските средства и потоа да се одлучи дали да се зголемува дефицитот.

„Ако приоритет е секоја година да зголемуваме плати на администрација и пензии, тогаш секако дека дефицитот не смее да се зголемува. Спротивно, ако приоритетот е да имаме повеќе работни места, за што треба да ја подобриме инфраструктурата и деловното окружување, тогаш мора акцент да ставиме на реализацијата и квалитетот на капиталните инвестиции, во тој случај дефицитот може и да се зголеми, меѓутоа тековните трошења мора да останат на исто ниво или да се намалуваат. Двете работи не одат заедно“, смета Петрески.

Покрај ова, Петрески наведува дека во врска со буџетскиот дефицит треба да се дефинира зошто тој е направен и дали се создадени претпоставки за зголемување на отплатната способност. Тој констатира дека на овие теми носителите на економските политики немаат комуницирано со јавноста и експертите.

„Секој граѓанин ќе спие мирно, ако знае дека сме се задолжиле за да изградиме хидроцентрала, или за да го подигнеме здравствениот систем. Втората работа е дали минатите дефицити сте ги искористиле за генерирање нови работни места. Ќе се согласите дека за тоа не сме ги искористиле, а што повторно се сведува на потребата тие пари да ги вложиме во среднорочни користи за економијата. Во таков контекст, зголемувањето на дефицитот, а оттука и на долгот, може да биде ризично, бидејќи идните генерации ќе се соочат со поголем товар за отплаќање, а во услови на бавно темпо на создавање работни места и оттука слаб отплатен капацитет“, анализира Петрески.

Вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески, претставувајќи го Предлог буџетот за 2013 година рече дека тој е соодветен одговор на должничката криза

„Предлог-буџетот за 2013 година е испланиран реално и претставува соодветен одговор на европската криза и случувањата во евро зоната“, рече Ставрески.

Во врска со буџетскиот дефицит од 3,5 отсто, Ставрески појасни дека станува збор за разумно и неопходно ниво на дефицит со оглед на актуелната ситуација.

„Сметаме дека во очекување на забавено заздравување на европската и на македонската економија ваквото ниво на буџетски дефицит е разумно и неопходно од аспект на одржување соодветно ниво на фискален стимул за македонската економија, имајќи предвид дека во 2013 година во рамки буџетот се вклучува и порастот на инвестициите, пензиите, социјалните надоместоци и субвенциите за земјоделците“, изјави Ставрески.

Тој информираше дека буџетскиот дефицит ќе биде финансиран од надворешно и домашно финансирање и појасни дека во рамки на надворешното ќе бидат повлечени и искористени средствата од Светската банка, кои се гарантирани, но ќе бидат обезбедени од деловни банки во висина од 220 до 250 милиони евра, а домашното финансирање ќе биде преку емисија на домашни обврзници и се очекува акцентот да биде ставен на подолгорочно емитување на обврзници на рок од 12 месеци, три години и пет години.

Одговарајќи на забелешките дека Буџетот не е доволно развоен, Ставрески рече дека развојната компонента на Буџетот може да се види и на расходната и на приходната страна.

„На расходната страна имаме износ на капитални инвестиции од околу 380 милиони евра, што е највисок износ во овие 20 години во делот на капиталните инвестиции. Како што имаме навестено, ќе почнат некои крупни инфраструктурни проекти во делот на патната, железничката инфраструктура, енергетиката. Ќе се градат училишта, водоводи, канализации, болници и слично. Тоа е голем придонес во развојот на економијата, односно поддршка за фирмите“, нагласи Ставрески.

Тој повика да се погледне и приходната страна, со оглед дека Македонија има најниски даноци во Европа и е една од ретките земји која во услови на криза ги задржа ниските даноци.

„Ако ја погледнеме приходната страна, каде што Македонија за разлика од сите земји во Европа е единствената што ги задржа ниските даноци од 10 проценти, односно 0 проценти, ако се реинвестира добивката или ако се задржи, ако не се исплати како дивиденда, во пакет тоа го прави развојниот дел на Буџетот најизразен во однос на сите земји во Европа“, рече Ставрески.

Во однос на јавниот долг, што во Македонија изнесува 30,2 отсто, Ставрески потенцира дека тој не е најголем досега, затоа што пред шест-седум години достигнал 38 отсто.

„Тоа покажува дека сме во безбедна зона. Македонија е нискосредно задолжена земја, на ниската граница и од тој распон и апсолутно не треба да има грижа, дека со сите мерки и политики и проекциите ќе се задржи во таа зона. Македонија ќе биде меѓу петте најниско задолжени земји и во следните неколку години“, уверува Ставрески.

Едно е јасно, а тоа е дека живееме во крајно турбулентно и неизвесно време, во кое апсолутно неблагодарно е да се даваат прогнози. Реализацијата на Буџетот во голема мера ќе зависи и од развојот на настаните во еврозоната и во Европската унија, која е најголем трговски партнер на Македонија./крај/ап/сн



©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Анализи

Силјановска vs Пендаровски: Кој добива, а кој губи во битката на социјалните мрежи и медиумите?

Објавено пред

Претседателските кандидати Стево Пендаровски и Гордана Силјановска-Давкова најмногу се спомнуваат во медиумите, а најмалку се популарни меѓу твитерџиите. Во негативен контекст почесто е споменувана Силјановска на социјалните мрежи „Феjсбук“ и „Твитер“, но и во медиумите.

dobivaj vesti na viber

Ова го покажа првата сентимент-анализа на истражувачкиот центар на „Макфакс“, која се изработуваше во периодот од 1 до 9 април годинава. Процесот на изработка на анализата е базиран на компјутерски алгоритми и има задача да одреди во каков контекст (многу негативен, негативен, неутрален, позитивен или многу позитивен) е напишан одреден текст или дел од текстот.

Преку системот беа анализирани 220 медиуми, како и објавите и коментарите на над еден милион корисници на „Фејсбук“ и твитовите од 300 илјади профили. Тестирањата на платформата покажaа дека користените технологии даваат резултат со точност поголема од 80 проценти.

Според анализата, имињата на Силјановска-Давкова и на Пендаровски почесто се споменуваат во медиумите отколку на социјалните мрежи „Твитер“ и „Фејсбук“. Во првите девет дена од месецот тие биле споменати вкупно 3.515 пати. На „Фејсбук“ биле споменати речиси двојно помалку, а најмалку биле споменувани на „Твитер“.

Силјановска, според оваа анализа, најмногу била спомената на веб-порталите „Република“, „Курир“, „Инфомакс“ и на „Прес 24“, а Пендаровски на „Прес 24“, „Макпрес“, „24 инфо“ и на „Вечер“. Од инфографикот може да се види комплетната слика за тоа во кој медиум биле најмногу застапени двајцата претседателски кандидати.

Во однос на контекстот на споменување во медиумите може да се заклучи дека постои тесна разлика меѓу Силјановска и Пендаровски, иако кандидатката зад која стои опозициската ВМРО-ДПМНЕ предничи со негативните коментари.

Па, така, во многу негативен контекст Силјановска била спомената 201 пат, а Пендаровски 136 пати. Ако таа била спомната 914 пати во негативен контекст, Пендаровски во истиот контекст бил спомнат 778 пати. Тој предничи и во однос на неутралните спомнувања во медиумите, а Силјановска предничи во однос на позитивните споменувања. Тесна е разликата меѓу многу позитивните конотации, во кои биле ставени двајцата претседателски кандидати на кои се однесува анализата, во која за 8 споменувања предност има Пендаровски.

Според податоците од аналитичкиот центар на „Макфакс“, претседателскиот кандидат Пендаровски е попопуларен од Силјановска во однос на бројот на споменувања. Во многу позитивен или позитивен контекст меѓу твитерџиите тој е споменат 231 пат, а Силјановска 201. Во однос на тоа дали кандидатите се споменати во негативен или многу негативен контекст за нијанса води Силјановска, која е спомената 401 пат, а Пендаровски 389.

Слична ситуација може да се види и на „Фејсбук“, каде што Пендаровски има предност во однос на бројот на споменувања. Ако Силјановска била спомената 481 пат во многу негативен или во негативен контекст, Пендаровски е споменат 429 пати. Кај претседателскиот кандидат зад кој стои СДСМ поголем е бројот на позитивни или многу позитивни споменувања на социјалната мрежа „Фејсбук“.

Според сето ова, Силјановска има поголема вредност на вкупниот сентимент во негативен контекст на социјалните мрежи и во медиумите од Пендаровски. Важно е да се потенцира дека не станува збор за анкета што ги мери гласовите за кандидатите, туку за начинот на кој тие се прикажани и коментирани во интернет-просторот. Истражувачкиот центар на „Макфакс“ на почетокот на кампањата за претседателските кандидати спроведе анкета.

Целосната методологија за начинот на изработката на сентимент-анализите на истражувачкиот центар на „Макфакс“ е достапна на следниот линк.

Прикажи повеќе...

Анализи

СЈО со детали: Како Камчев и Мијалков ги переле парите градејќи империја

Објавено пред

Злосторничко здружение, кое функционирало повеќе од 8 години, од 2009 година, кога биле отворани и затворани фирми, перени милиони и милиони евра, биле менувани сопственици, бил купуван огромен имот, отворани фирми на офшор-дестинации за еднократна употреба, префрлувани пари преку кипарски банки, а потоа овие испрани пари влегуваат како основачки влогови за да формираат македонски фирми.

dobivaj vesti na viber

Вака накусо може да се опише случајот „Империја“ на специјалното јавно обвинителство (СЈО), каде што, меѓу другите, осомничени се едни од највлијателните луѓе во земјата, бизнисменот Орце Камчев и поранешниот директор на УБК, Сашо Мијалков.

Три месеци по почнувањето на истрагата, обвинителството излезе со детали за еден од најобемните предмети за кој засега е утврдено дека се испрани речиси 11 милиони евра.

Истрагата е проширена за „Графички центар“ и за „Медија принт Македонија“ (МПМ), извршени се претреси во фирмите, осомничените се испрашани и собрани се докази.

Соработката меѓу Македонија и Кипар е воспоставена, па сега, конечно, на виделина излегуваат и имињата на оние што се криеле зад офшор-фирмите преку кои се переле пари.

Од крајот на јуни до крајот на октомври 2018 година некои од осомничените од „Империја“ биле под посебни истражни мерки.

„Мијалков не беше под посебни истражни мерки, Камчев многу внимателно зборуваше по телефон, но не и другите осомничени“, велат од СЈО.

Без разлика како ќе се одвива понатаму истрагата за „Империја“, со оглед на тоа што статусот и истрагите на СЈО сè уште се неизвесни, оттаму велат дека собрани се речиси 90 отсто од доказите за случајот да може да продолжи понатаму.

Злосторничкото здружение се распаѓа кон крајот на 2017 и почетокот на 2018 година кога осомничените почнуваат да земаат кредити за да се раздолжат, но тоа не значи дека тука завршуваат и нивните поединечни активности.

Под лупа на СЈО е и фирмата поврзана со семејството Мијалкови, „Бест веј инвестмент“, формирана веднаш по обеледонувањето на таканаречените бомби во 2015 година, чиј сопственик е синот на Сашо Мијалков, Јордан. СЈО истражува како се ширел бизнисот и како оваа фирма успева да заработи огромни суми и да стекне голем имот само за три години работа. „Бест веј инвестмент“, ако во 2016 година имала приходи од 816 илјади евра, во 2017 година веќе приходите ѝ растат на 9,6 милиони евра, што само покажува дека независно кој е на власт, бизнисите на Мијалков работат со полна пареа.

Краен сопственик на мистериозната „Ексико“ бил Камчев

Натписот на поштенското сандаче на улицата Иван Милутиновиќ во Скопје сведочи за постоењето на „Ексико“, чие сопствеништво е скриено

Центарот на истрагата за „Империја“ се познатата офшор-фирма „Ексико“ и бизнисменот Орце Камчев.

Истрагата утврдила дека зад првата фирма-мајка на „Ексико“, „Делта инвестмент“ од Белизе, всушност се крие таткото на Орце Камчев, Илија. Од оваа фирма, која поседуваше акции во големи акционерски друштва, а се јавуваше и како еден од сопствениците на атрактивните плацови на Водно, досега сите креваа раце и демантираа дека стојат зад неа.

Истрагата на СЈО утврдила дека по Илија Камчев, набргу како краен сопственик фигурирал и поранешниот директор на македонски „Телеком“, Жарко Луковски, а кога сопствеништвото на фирмата се сели во Америка, односно сопственик станува извесна „Калвус ЛЛЦ“ (Calvus LLC) од САД, крајниот сопственик е всушност Орце Камчев.

Од оваа американска фирма кон „Ексико“ се влеваат 1,6 милион евра како прилив, а дел од овие пари завршува на личната сметка на Камчев, додека со дел се купувани имот и земјиште во Гевгелија, на кое понатаму е предвидено да се градат казина.

Подоцна, а и до ден-денеска, сопственик на „Ексико“ е фирмата со швајцарски капитал „Т&МЈ инвестмент“ од Лугано, Швајцарија, фирма зад која оперативните сознанија покажале дека краен сопственик е член на семејството Мијалкови. Од швајцарската фирма кон македонската „Ексико“ немало никаков прилив или одлив на пари.

„Ексико“ не е единствената фирма преку која функционирало ова злосторничко здружение. Колку за пример, во истатата 2009 година офшор-компанијата „Хоспитал менаџмент груп ЛЛЦ’ од Кипар ја основа клиничката болница „Систина“. Понатаму, оваа компанија го продава имотот на друга офшор-компанија од Панама. „Орка холдинг“ го купува уделот од панамската, па повторно ѝ го продава на „Систина“, со што фактички Камчев внесува удел од „Хоспитал менаџмент“ од Кипар во Македонија.

Сомнежи за перење пари преку кипарски банки

Преку кипарски банки парите влегуваат во земјата

Значаен дел од истрагата на СЈО за „Империја“ има и фирмата „Финзи“ – истата фирма за која во таканаречените бомби можеше да се слушне дека одела набавката за опрема за следење интернет-комуникации за МВР. Министерството, додека на чело на УБК беше Мијалков, наместо директно да ја набави изреалската опрема за прислушување, тоа го правела преку „Финзи“. Во текот на истрагата за случајот самоубиство изврши директорот на „Финзи“, Коста Крпач, во април 2016 година.

Сега истрагата за „Империја“ повторно допира до „Финзи“, фирма основана од „Финзи ЛЛЦ“ во САД. Краен сопственик на оваа компанија, според СЈО, повторно е Орце Камчев.

Во неколку наврати од „Финзи ЛЛЦ“ преку кипарска банка кон македонската „Финзи“ биле исплатувани 650.000 евра. Во тоа време, односно во 2009 година, директор на „Финзи“ во Македонија е Владислав Стајковиќ, брат на Небојша Стајковиќ, поранешен помошник-министер за информатичка технологија во МВР.

Овие пари понатаму влегуваат како основачки влог во „Систина кардиологија“, фирма што подоцна е преименувана во „Си-Фи-Кар“ („Систина“, „Финзи“, “Кара“). Во 2012 година, според СЈО, кога парите веќе се испрани, американската мајка-фирма се затвора и се отвора нова фирма, во која Крпач влегува како директор, а на истата сметка легнуваат парите од израелската донација за опрема за прислушување.

„Не купуваат компании за да работат со нив, туку за да извлечат што можат“

Орце Камчев и Сашо Мијалков, клучните играчи во „Империја“

Многу компании, офшор, стотици папки со документи и изјави од сведоци содржи еден од најобемните предмети на СЈО – „Империја“. Од она што беше претставено пред новинарските екипи, неизбежен е заклучокот дека од досегашната истрага и собраните докази станува збор за класични примери за сомнежи за перење пари пред кои надлежните институции со години молчеле или се откажувале од гонење поради немање докази.

Дел од истрагата е отстапен и на купувањето на „Бетон Штип“ од страна на ТИМ ДОО, „Орка холдинг“, „Езимит“ ДООЕЛ и „Ексико“.

„Кога тие купуваат компанија, не ја купуваат за да ја работат, туку да извлечат што може од имотот на компанијата“, велат од СЈО.

Па, така, и овој пат сознанијата говорат дека од „Бетон Штип“ се извлечени 4 милиони евра, односно газдите ги тераат акционерите со парите да купуваат имот, а понатаму како што се извлекуваат парите, така се инвестираат во други зделки за што патем говорат и последните информации дека речиси 250 работници веќе ги напуштаат работните места од „Бетон Штип“ и истовремено преку суд си ги бараат неисплатените плати за последните четири месеци.

Дел од истрагата го опфаќа и „Фершпед“, односно од моментот кога Кираца Трајковска, која беше еден од мнозинските акционери во “Фершпед“, поради долг во Еуростандард банка, преку посредник побарала кредит од Стопанска банка АД Битола. Камчев, кој е дел од Управниот одбор на банката, наместо кредит, според СЈО, на Трајковска ѝ понудил преку физички лица да ѝ бидат префрлени парите по што биле ослободени нејзините акции од „Фершпед“.

За да им ги продаде акциите на странски инвеститори, таа го ангажирала брокерот Јованче Тасковски. Но, за нејзината намера дознал Штерјо Наков, кој побарал помош од Мијалков, со цел тој да ги купи акциите. Мијалков се договора со Камчев да ја изиграат, па без нејзино знаење, според СЈО, Ненад Јосифовиќ ги продава акциите на физички и правни лица поврзани со Наков за 4 милиони евра повисока цена од реалната. Парите од зделката завршуваат во фирма чии сопственици се „Ексико“, „Орка холдинг“ и „Тимох“.

Во делот од истрагата за „Империја“ влегуваат и стари случаи, кои претходно во обвинителствата завршувале со откажување од гонење поради немање доволно докази. Таков пример е истрагата за „пропаѓањето“ на „Орка спорт“, „Орка текстил“ и други фирми во сопственост на сега покојниот Илија Камчев. Данокот се избегнувал да се плаќа преку лажни стечаи, обезвреднување на имотот и формирање офшор-компании, а потоа парите „чисти“ биле внесувани во земјата, односно целиот имот бил пренесуван на новоформирани компании.

На овој начин, впрочем, и се градела целата империја – преку лојални соработници, изигрување на законитe и формирање компании за еднократна употреба.

Како ќе заврши истрагата и дали случајот ќе добие епилог останува неизвесно. Засега Орце Камчев и Сашо Мијалков се во домашен притвор, а конечниот збор ќе го каже Врховниот суд.

Освен Камчев и Мијалков, осомничени во случајот „Империја“ се и Ратка Куноска-Камчева, мајка на Камчев и неизвршен член на Одборот на директори на „Орка ходинг“, Кристина Камчева-Стојческа, сестра на Камчев и неизвршен член на Одборот на директори на „Жито полог Тетово“, Лилјана Гајдоска, правник во фирмите на Камчев, неизвршен член на Одборот на директори на ЗК „Пелагонија“, Тодор Мирчевски, директор на „Ексико“, Владислав Стајковиќ, сопственик на НВСП, доскорешен директор на „Мобико“ и поранешен директор на „Финзи“, Ванче Мијалчев, извршен директор на „Бетон Штип“, Јованче Тасковски, брокер, и Дејан Јанев од „О.Т.Е. инвест“.

Прикажи повеќе...

Анализи

Политиката го подели СЈО на табори

Објавено пред

„Чарлиевите ангели“ ги нема. Катица Јанева, Ленче Ристоска и Фатиме Фетаи речиси една година не се појавуваат на заеднички прес-конференции. Во јавноста и на социјалните мрежи сè погласни се критиките за работата на специјалното јавно обвинителство и ослабената доверба во оваа институција.

dobivaj vesti na viber

Три и пол години по формирањето, целосен судски епилог има само за два случаја а сè погласни се шпекулациите дека во СЈО владее поделеност на обвинителите на табори, кои меѓусебно не се согласуваат за дејствувањето на ова обвинителство, па тие разлики во мислењата лесно се забележливи и во јавноста.

Трите жени, кои беа симбол за СЈО, ретко може се видат заедно во јавноста, а речиси една година Ленче Ристоска и Фатиме Фетаи не даваат заеднички изјави. Според нашите извори, со слични ставови на една страна биле обвинителките Катица Јанева и Лиле Стефанова, а на друга Ленче Ристоска и Фатиме Фетаи.

Од друга страна, сè поприсутна во јавноста е главната специјална обвинителка Катица Јанева, која, според најавите, во вторник ќе се појави на „1ТВ“, каде што заедно со обвинителите Лиле Стефанова и Трајче Пеливанов треба да одговараат и на прашања од гледачите. Токму во фирмата сопственик на „1ТВ“, „БМЈ медиа груп“, работи синот на Јанева, младиот гевгеличанец Лазар Јанев, за кого веќе беше објавено дека пред вработените бил претставен како директор на правна служба. Пред точно два месеца Јанева беше гостинка на „1ТВ“ и се фотографира со сопственикот на телевизијата, Бојан Јовановски, со назнака дека станува збор за работен состанок.

Во СЈО во последната година во целост се смени практиката на комуникација со јавноста. Последната прес-конференција СЈО ја одржа на 21 март минатата година.

Повеќе нема брифинзи со новинари, а на обвинителките Ристоска и Фетаи не им е дозволено да даваат интервјуа и изјави. Целосна затвореност владее и во однос на истрагите. Случајот „Империја“, во кој, меѓу другите, се осомничени и бизнисменот Јордан Камчев и ексдиректорот на УБК, Сашо Мијалков, беше отворен пред повеќе од 2 месеца, а од СЈО нема дополнителни информации, освен дека истрагата е сложена.

Сите обиди на „Макфакс“ да обезбедат брифинг за случајот беа залудни. Новинарите меѓу себе коментираат дека ова обвинителство, кое наметна транспарентно работење, последнава година се затворило, иако обвинителите поминале серија обуки за комуникација со јавноста. Тоа остава простор за шпекулации во постапувањето по предметите на обвинителството. Од друга страна, во редовното Обвинителство се спроведува тренинг за односи со јавноста на обвинителите.

Според нашите информации, во специјалното јавно обвинителство меѓу некои од вработените владее незадоволство од начинот на работа, особено по последните политички случувања, амнестии и повици за помирување, кои во голем дел влијаат и врз актуелните предмети што се во судска постапка, но и на оние што се во истрага и предистрага, а во кои, меѓу другите, се вклучени и Сашо Мијалков, Елизабета Канческа-Милевска, Али Ахмети, Бујар Османи.

Ексминистерката за култура, КанческаМилевска, е инволвирана во предистрагата за предметот „Скопје 2014“, кој е еден од најобемните предмети на СЈО, за Мијалков се водат повеќе судски постапки, а предметот за агенцијата за обезбедување СГС е во предистрага.

Во процесот на помирувањето наголемо се споменуваа и измените во Кривичниот законик, односно член 353, став 5, кој ја регулира злоупотребата на службената положба преку јавните набавки. Доколку дојде до промена на овој член, како што беше најавувано, помали казни или ослободување од одговорност ќе добијат голем број обвинети во случаите на СЈО, меѓу кои и Мијалков.

Уставниот суд сè уште не расправал по иницијативата на адвокатот Еленко Миланов, кој бара судиите да се произнесат за овој член од Кривичниот законик.

Сите овие политички инволвирања, кои допираат и до СЈО, според нашите извори, довеле до голем раздор во работата на институцијата, која има годишен буџет од 3,7 милиони евра. Некои од обвинителите се разочарани од фактот што нивните предмети и нивната работа зависат исклучително од тековната политичка ситуација, па токму затоа во последниот период и не се работи на нови предистраги бидејќи се чека исходот од тоа што ќе се случува со институцијата и дали евентуално одредени функционери од претходната, но и од актуелната власт, ќе избегнат одговорност.

Прикажи повеќе...

Најново

Македонија26 минути

Ангелов за ДУИ: Со пушка дојдоа на власт, со пенкало да ги отераме на буништето на историјата

Колку и да е убедлива, победата нема да биде комплетна доколку ДУИ не биде срушена од власт, вели претседателот на...

Македонија36 минути

Стевчо собра повеќе потписи од гласови – поразот на Јакимовски главна тема на социјалните мрежи

Кандидатот за претседател на ГРОМ и актуелен градоначалник на скопската општина Карпош Стевчо Јакимовски, на вчерашниот прв круг од претседателските...

Македонија1 час

Почина менаџерот Велибор Џаровски-Џаро

На 75 години денеска почина менаџерот Велибор Џаровски- Џаро по кусо боледување, потврди семејството. Тој важи за една од најпознатите...

Македонија1 час

Пендаровски победи во три општини, а Таварари и Димитриевски само во општините во кои се градоначалници

Кандидатите за претседател Гордана Силјановска-Давкова и Бујар Османи освоија најмногу гласови на претседателските избори по број на општини. Според податоците...

Македонија2 часа

ВМРО-ДПМНЕ: Народот избра промени, да излеземе уште помасовно на 8 мај

Огромната поддршка обврзува за промени и брзи резултати, да излеземе уште помасовно на 8-ми мај, а потоа следува економска трансформација...

Македонија2 часа

Силјановска убедливо пред Пендаровски во првиот круг со 40 наспроти 19,93 отсто од гласовите

Кандидатката за претседател поддржана од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата, Гордана Силјановска, со убедливо водство влегува во вториот круг од претседателските избори,...

Македонија12 часа

Димитриевски до Пендаровски: Разликата е огромна, откажете се од оваа битка и оставете нè да победиме во вториот круг

Денеска, ЗНАМ заедно со сите свои пддржувачи ја испишува новата политичка историја на македонската политичка сцена, рече вечерва претседателскиот кандидат...

Македонија13 часа

Нема да се откажеме и нема да ги наведнеме главите, порача Ковачевски

Денеска е тежок удар за европската перспектива на Македонија, но не е доцна да се смени правецот, откажувањето не е...

Македонија13 часа

(Видео) Мицкоски: Цунамито се крена, на 8 мај ќе ги потопи целосно, победуваме со над 170.000 разлика

Денеска народот во Македонија покажа дека си ја сака Македонија и дека секој оној кој го потценува народот прваи голема...

Македонија13 часа

Пендаровски: Резултатите не се такви какви што ги очекувавме, но нема предавање, утре е нов ден

Резултатите не се такви какви што ги очекувавме истакна вечерва на прес-конференција кандидатот за претседател поддржан од СДСМ, Стево Пендаровски....

Македонија14 часа

Силјановска за убедливото водство: Напати се срамам, зарем е можно толку многу луѓе вака да реагираат

Претседателскиот кандидат Гордана Силјановска Давкова по завршување на првиот круг гласање од изборот за претседател на државата рече дека денешниот...

Македонија15 часа

Јакимовски призна пораз, ѝ честиташе водство на Сиљановска и ѝ посака среќа во вториот круг

Лидерот на ГРОМ и претседателски кандидат, Стевчо Јакимовски, вечерва призна пораз и ѝ честиташе водство на Гордана Сиљановска-Давкова.  Со оглед...

Македонија16 часа

Таравари: Земјотресот почна, се надевам дека на 8 мај ќе дојде промената ДУИ да биде опозиција

Масовниот одѕив на гласачите на овие претседателски избори за Арбен Таравари, претседателски кандидат на коалицијата ВЛЕН, е показател дека промените...

Македонија16 часа

Одѕивот до 18.30 часот е 48,44 отсто, во Новаци на гласање излегле рекордни 71,07 отсто од гласачите

Одѕивот до 18.30 часот на седмите претседателски избори е 48,44 отсто од гласачите, според податоци од 3174 гласачки места. Претседателот...

Македонија16 часа

Муцунски: Овој изборен ден е почеток на крајот на оваа власт

Народот уште еднаш покажа дека знае и умее да ја процени важноста на овие избори, како крстопат кога се одлучува...

Македонија16 часа

ОЈО: Сите сомненија за кривични дела кои би можеле да го нарушат изборниот процес ќе бидат испитани

Во текот на изборниот ден до затворањето на избирачките места, на електронската адреса на Јавното обвинителство на Република Северна Македонија...

Македонија17 часа

Левицата: Проблеми со фингерпринтот во Куманово, Ѓорче Петров, Аеродром, доцнење на гласачкиот процес и нерегуларности во избирачкиот список

Од Претседателскиот изборен штаб на кандидатот за претседател Билјана Ванковска информираат дека денешниот изборен ден поминal мирно во фер и...

Македонија17 часа

Силјановска: Дојде време, дојде час, да си замине оваа власт

Дојде време, дојде час, да си замине оваа власт, порача кандидатката за претседател, Гордана Силјановска Давкова по гласањето во првиот...

Македонија17 часа

„Нека победи подобриот“ – Таравари рече дека поседува видео снимки за купување на гласови

Кандидатот за претседател, Арбен Таравари, гласаше со своето семејство, пришто порача изборите да бидат фер и демократски. „Нека победи подобриот....

Македонија17 часа

Ванковска: Необично е да гласаш за себе, но со тоа ја изразив убеденоста во она што го говорам

Билјана Ванковска, претседателски кандидат на Левица го оствари своето право на глас на ИМ во ОУ „Јан Амос Коменски“ во...