Контакт

Анализи

Каракамишева: Ниту едно ’уличарско делување’ на опозицијата во светот не вродило со плод

Објавено пред

Пратениците на СДСМ и нивните коалициони партнери минатата недела, како што и претходно најавија, ги поднесоа своите оставка до Собранието на Република Македонија. Сега се очекува спикерот на Собранието, Трајко Вељановски, да ги констатира оставките на 33-та подносители и Собранието да ја извести Државната изборна комисија дека дел од пратениците се откажале од своите пратенички мандати, по што треба да почне процес во кој треба да се пополнат празните пратенички фотелји.

dobivaj vesti na viber

Лидерот на СДСМ, Зоран Заев, најави дека и наредните кандидати кои се наоѓаат на листите за пратеници на СДСМ и коалицијата ќе го следат примерот на нивните колеги и ќе си дадат оставка од пратеничката функција.

За наредниот период, Заев најави платформа и активности која, како што истакна, ќе биде договорена и изработена во согласност со сите партнери за заедничко натамошно делување со цел, како што рече, враќање на демократијата во државата и враќање на демократските институции.

Меѓу другото, Заев најави и формирање на „влада во сенка” која ќе функционира вонпарламентарно и која ќе биде формирана паралелно со формирањето на владата од страна на ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ.

Колку ќе биде успешна ваквата стратегија останува да се види. Од партијата нагласуваат дека се свесни оти идниот период што следи ќе биде исполнет со низа неизвесности но, велат дека тоа сепак ќе биде подобар чекор од „отпорот” по локалните избори лани.

СДСМ најави дека ќе ги искористи сите демократски механизми за вонпарламентарно делување и дека за тоа нема да бараат дозвола од власта.

Професорката Татјана Каракамишева – Јовановска за Макфакс вели дека оваа идеја не е нова и дека истата датира уште од времето кога на чело на партијата бил Бранко Црвенковски кој тогаш велеше дека на тој начин ќе им понуди на граѓаните алтернатива во делувањето и во преземените мерки на актуелните владините ресори.

„И тогаш и сега сметам дека самата идеја’„влада во сенка’ е генерално добра, но само ако истата се прилагоди на политичките околности и услови во земјата, на политичкиот плурализам кој постои во земјата, и на коалициониот карактер на опозицијата, од една, и на албанскиот блок партии на кои никој однапред не може да им стави место, дали ќе останат во опозиција или ќе делуваат во власта со оглед на нивната пост-изборна вклученост во преговорите. Оттука, ‘владата во сенка’ може да биде прифатена во РМ само ако истата е однапред договорена меѓу партиите во опозицијата, поделбата меѓу ресорите е јасно утврдена меѓу партиите, со претходна вклученост и на албанска партија во таа коалиција. ‘Влада во сенка’ би имало смисла и како политичка сила само доколку коалиционите партнери во опозицијата претходно договорат поделба на ресори која докрај би се почитувала при евентуалната победа на наредните парламентарни избори и при формирањето на нивна влада, што значи доколку во неа најдат свое место и помалите коалициони партнери на опозицијата. Во спротивност, ако истата е составена само од членови на СДСМ, тогаш нејзината политичка цел би се трансформирала во самопромоција на членовите на СДСМ, и во таков случај би требало да се нарече ‘влада во сенка на СДСМ’, а не да се повикуваат на општоприфатениот институт во парламентарните системи „влада во сенка”. Ова е многу важна работа која граѓаните мора да ја знаат, бидејќи ако не се почитуваат основните политички параметри во составот на владата во сенка кои би значеле истиот состав на владата во сенка да биде и наредниот состав на официјалната влада, овој инструмент би имал тенденција да се претвори во инструмент за повторна граѓанска изборна и политичка манипулација, по примерот на неодамнешните непризнавање на изборните резултати и неприфаќање на мандатите. Значи, граѓаните ќе мора со многу поголемо внимание и претпазливост да пристапат при (не)прифаќањето на ваквите и слични идеи на СДСМ, бидејќи реалноста е многу поразлична од онаа што ни ја презентира раководната структура на СДСМ”, истакнува проф. д-р.Татјана Каракамишева – Јовановска во изјава за Макфакс.

Јавното мислење по однос на излегувањето на опозицијата од државните институции е поделено, некои сметаат дека тоа е вистинскиот чекор, некои се воздржани од коментирање, додека, пак, за некои местото на опозицијата е во собраниските клупи со цел да биде критичар на владините политики.

Според некои, граѓаните го дале својот глас за да им дадат место на политичарите во парламентот за да ги застапуваат нивните интереси, а не да си дадат оставка и да делуваат вонпарламентарно.

За премиерот Никола Груевски излегувањето на опозицијата од парламентот не претставува стратегија, туку продолжување на „деструктивната политика” на Бранко Црвенковски од страна на сегашниот лидер на СДСМ , Зоран Заев.

Професор.д-р.Татајана Каракамишева – Јовановска смета дека на опозицијата местото и’ е во институциите на системот, бидејќи нејзината одговорност е многу голема да биде критичар на владините политики во рамки на системот, а не надвор од него.

„Моето мислење е на линија на мнозинското размислување дека на опозицијата местото и’ е во институциите на системот. Всушност, опозицијата има голема политичка одговорност да биде критичар на владините политики во рамките на системот, а не надвор од него. Тоа го бараат сите гласачи кои гласале за оваа опција, тоа го бара демократијата во една земја, тоа го бара нормалното функционирање на институциите во системот. Мислам дека стратегијата на СДСМ да делува надвор од институциите е многу погрешна и контрапродуктивна не само за опозицијата, туку и за сите граѓани на Македонија. Ниту едно ‘уличарско делување’ на опозицијата во земјава, но и во другите земји не дало резултат, ниту со некаков поголем политички успех за оние кои практикувале институциите да ги заменат со улица”, вели Каракамишева.

По поднесувањето на оставките од страна на кандидатите за пратеници од СДСМ и коалицијата се вжештија меѓупартиските линии на препукувања и префрлања на вината кој ќе биде одговорен доколку ваквото однесување на опозицијата и власта допринесе за негативен впечаток и нарушување на меѓународните позиции на државата.

ВМРО- ДПМНЕ по поднесувањето на оставките од страна на СДСМ оцени дека ваквата отстапка на најголемата опозициона партија во земјава е многу сериозен удар врз принципите кои треба да се промовираат од страна на демократските политички субјекти. Од таму тогаш нагласија дека одлуката на СДСМ може да послужи како повод за повлекување на препораката со ЕУ, и да им заврши работа на оние кои ја блокираат земјата.

„Вршејќи им работа на оние кои нé блокираат и нé враќаат назад, Зоран Заев се надева дека ќе ја добие поддршката од граѓаните на Република Македонија. Тоа е нелогично. Сигурни сме дека на следните избори граѓаните на Република Македонија уште посериозно и уште со поголема разлика ќе ја казнат оваа штетна политика на СДСМ којашто предизвикува штетни последици за Република Македонија”, порачаа од ВМРО-ДПМНЕ.

За СДСМ нивните постапки и политики се сосема оправдани бидејќи како што претходно истакнаа оваа одлука не дошла преку ноќ.

Лидерот на СДСМ во изјава истакна дека грешката не треба да се бара во опозицијата, тука дека таа е во дејствувањето на владејачката гарнитура.

Тој нагласи дека пред да донесат одлука за своите сегашни дејствување, во претходните мандати ги исцрпиле сите мерки и инструменти за подобрување на ситуацијата, учествувале во парламентот и биле коректив на владата, прифаќале дебати и разговори за проблемите.

За СДСМ единствениот виновник е Никола Груевски лично кој, според нив, ја урнисал политичката клима во Република Македонија и ја донел државата на ниво на финансиски колапс.

„Ги разниша кревките меѓуетнички односи, ги искомплицира меѓународните позиции на државата, од достоиствена земја кандидатка за ЕУ, до ниво на закани за повлекување на препораката за преговори со ЕУ, за што признава самата власт”, истакнаа претходно од СДСМ.

Проф.д-р. Татјана Каракамишева – Јовановска во својата изјава за Макфакс нагласува дека демократскиот капацитет на една земја не го создава и не го гради само власта, ниту само опозицијата. Тој капацитет е, всушност, синергија која ја создаваат двата политички табора заедно.

„Доколку меѓународната заедница констатира назадување на демократските процеси во РМ поради отсуство на политички дијалог, тој минус не може да се стави само на контото на власта, или само на контото на опозицијата. Тоа е минус на Република Македонија, од кој натаму се изведуваат сите негативни моменти во системот. Но, од друга страна, опозицијата не може на сила да биде натерана да влезе во Собранието на РМ, и од таму да ги брани своите политики. Ако опозицијата упорно ги негира сите нормални демократски процеси, правила и начела на политичко однесување (дека мнозинската изборна волја мора да се почитува на ист начин како и малцинската), и ако создава безброј алиби за оправдување на своите неиздржани политички чекори на делување, без притоа да даде ниту еден аргумент или доказ во рамките на правната процедура за ткн ‘системски грабеж во земјата’, како што тие го нарекуваат, тогаш се поставува едно многу логично прашање: дали се свесни дека ваквото нивно делување може да биде оквалификувано како антисистемско и антидржавно. Дали опозицијата знае дека предизвикува штета која ќе има несогледливи последици за земјата со ваквото креирање политички преседани на кои утре можат да се повикаат сите политички актери, а со што директно се рушат демократските стандарди на политичко делување и се инсталираат квазидемократски механизми кои имаат за цел доаѓање на власт на недемократски начин, во кој мнозинската волја е целосно згазена и девалвирана”, истакнува Каракамишева.

Таа додава дека, сепак, на крај цената од ваквото неразумно дејствување ќе ја „плаќаат” сите граѓани на земјава без разлика дали и во колкав степен ја поддржуваат или не ја поддржуваат оваа стратегија./крај/мф/ап



©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Анализи

Силјановска vs Пендаровски: Кој добива, а кој губи во битката на социјалните мрежи и медиумите?

Објавено пред

Претседателските кандидати Стево Пендаровски и Гордана Силјановска-Давкова најмногу се спомнуваат во медиумите, а најмалку се популарни меѓу твитерџиите. Во негативен контекст почесто е споменувана Силјановска на социјалните мрежи „Феjсбук“ и „Твитер“, но и во медиумите.

dobivaj vesti na viber

Ова го покажа првата сентимент-анализа на истражувачкиот центар на „Макфакс“, која се изработуваше во периодот од 1 до 9 април годинава. Процесот на изработка на анализата е базиран на компјутерски алгоритми и има задача да одреди во каков контекст (многу негативен, негативен, неутрален, позитивен или многу позитивен) е напишан одреден текст или дел од текстот.

Преку системот беа анализирани 220 медиуми, како и објавите и коментарите на над еден милион корисници на „Фејсбук“ и твитовите од 300 илјади профили. Тестирањата на платформата покажaа дека користените технологии даваат резултат со точност поголема од 80 проценти.

Според анализата, имињата на Силјановска-Давкова и на Пендаровски почесто се споменуваат во медиумите отколку на социјалните мрежи „Твитер“ и „Фејсбук“. Во првите девет дена од месецот тие биле споменати вкупно 3.515 пати. На „Фејсбук“ биле споменати речиси двојно помалку, а најмалку биле споменувани на „Твитер“.

Силјановска, според оваа анализа, најмногу била спомената на веб-порталите „Република“, „Курир“, „Инфомакс“ и на „Прес 24“, а Пендаровски на „Прес 24“, „Макпрес“, „24 инфо“ и на „Вечер“. Од инфографикот може да се види комплетната слика за тоа во кој медиум биле најмногу застапени двајцата претседателски кандидати.

Во однос на контекстот на споменување во медиумите може да се заклучи дека постои тесна разлика меѓу Силјановска и Пендаровски, иако кандидатката зад која стои опозициската ВМРО-ДПМНЕ предничи со негативните коментари.

Па, така, во многу негативен контекст Силјановска била спомената 201 пат, а Пендаровски 136 пати. Ако таа била спомната 914 пати во негативен контекст, Пендаровски во истиот контекст бил спомнат 778 пати. Тој предничи и во однос на неутралните спомнувања во медиумите, а Силјановска предничи во однос на позитивните споменувања. Тесна е разликата меѓу многу позитивните конотации, во кои биле ставени двајцата претседателски кандидати на кои се однесува анализата, во која за 8 споменувања предност има Пендаровски.

Според податоците од аналитичкиот центар на „Макфакс“, претседателскиот кандидат Пендаровски е попопуларен од Силјановска во однос на бројот на споменувања. Во многу позитивен или позитивен контекст меѓу твитерџиите тој е споменат 231 пат, а Силјановска 201. Во однос на тоа дали кандидатите се споменати во негативен или многу негативен контекст за нијанса води Силјановска, која е спомената 401 пат, а Пендаровски 389.

Слична ситуација може да се види и на „Фејсбук“, каде што Пендаровски има предност во однос на бројот на споменувања. Ако Силјановска била спомената 481 пат во многу негативен или во негативен контекст, Пендаровски е споменат 429 пати. Кај претседателскиот кандидат зад кој стои СДСМ поголем е бројот на позитивни или многу позитивни споменувања на социјалната мрежа „Фејсбук“.

Според сето ова, Силјановска има поголема вредност на вкупниот сентимент во негативен контекст на социјалните мрежи и во медиумите од Пендаровски. Важно е да се потенцира дека не станува збор за анкета што ги мери гласовите за кандидатите, туку за начинот на кој тие се прикажани и коментирани во интернет-просторот. Истражувачкиот центар на „Макфакс“ на почетокот на кампањата за претседателските кандидати спроведе анкета.

Целосната методологија за начинот на изработката на сентимент-анализите на истражувачкиот центар на „Макфакс“ е достапна на следниот линк.

Прикажи повеќе...

Анализи

СЈО со детали: Како Камчев и Мијалков ги переле парите градејќи империја

Објавено пред

Злосторничко здружение, кое функционирало повеќе од 8 години, од 2009 година, кога биле отворани и затворани фирми, перени милиони и милиони евра, биле менувани сопственици, бил купуван огромен имот, отворани фирми на офшор-дестинации за еднократна употреба, префрлувани пари преку кипарски банки, а потоа овие испрани пари влегуваат како основачки влогови за да формираат македонски фирми.

dobivaj vesti na viber

Вака накусо може да се опише случајот „Империја“ на специјалното јавно обвинителство (СЈО), каде што, меѓу другите, осомничени се едни од највлијателните луѓе во земјата, бизнисменот Орце Камчев и поранешниот директор на УБК, Сашо Мијалков.

Три месеци по почнувањето на истрагата, обвинителството излезе со детали за еден од најобемните предмети за кој засега е утврдено дека се испрани речиси 11 милиони евра.

Истрагата е проширена за „Графички центар“ и за „Медија принт Македонија“ (МПМ), извршени се претреси во фирмите, осомничените се испрашани и собрани се докази.

Соработката меѓу Македонија и Кипар е воспоставена, па сега, конечно, на виделина излегуваат и имињата на оние што се криеле зад офшор-фирмите преку кои се переле пари.

Од крајот на јуни до крајот на октомври 2018 година некои од осомничените од „Империја“ биле под посебни истражни мерки.

„Мијалков не беше под посебни истражни мерки, Камчев многу внимателно зборуваше по телефон, но не и другите осомничени“, велат од СЈО.

Без разлика како ќе се одвива понатаму истрагата за „Империја“, со оглед на тоа што статусот и истрагите на СЈО сè уште се неизвесни, оттаму велат дека собрани се речиси 90 отсто од доказите за случајот да може да продолжи понатаму.

Злосторничкото здружение се распаѓа кон крајот на 2017 и почетокот на 2018 година кога осомничените почнуваат да земаат кредити за да се раздолжат, но тоа не значи дека тука завршуваат и нивните поединечни активности.

Под лупа на СЈО е и фирмата поврзана со семејството Мијалкови, „Бест веј инвестмент“, формирана веднаш по обеледонувањето на таканаречените бомби во 2015 година, чиј сопственик е синот на Сашо Мијалков, Јордан. СЈО истражува како се ширел бизнисот и како оваа фирма успева да заработи огромни суми и да стекне голем имот само за три години работа. „Бест веј инвестмент“, ако во 2016 година имала приходи од 816 илјади евра, во 2017 година веќе приходите ѝ растат на 9,6 милиони евра, што само покажува дека независно кој е на власт, бизнисите на Мијалков работат со полна пареа.

Краен сопственик на мистериозната „Ексико“ бил Камчев

Натписот на поштенското сандаче на улицата Иван Милутиновиќ во Скопје сведочи за постоењето на „Ексико“, чие сопствеништво е скриено

Центарот на истрагата за „Империја“ се познатата офшор-фирма „Ексико“ и бизнисменот Орце Камчев.

Истрагата утврдила дека зад првата фирма-мајка на „Ексико“, „Делта инвестмент“ од Белизе, всушност се крие таткото на Орце Камчев, Илија. Од оваа фирма, која поседуваше акции во големи акционерски друштва, а се јавуваше и како еден од сопствениците на атрактивните плацови на Водно, досега сите креваа раце и демантираа дека стојат зад неа.

Истрагата на СЈО утврдила дека по Илија Камчев, набргу како краен сопственик фигурирал и поранешниот директор на македонски „Телеком“, Жарко Луковски, а кога сопствеништвото на фирмата се сели во Америка, односно сопственик станува извесна „Калвус ЛЛЦ“ (Calvus LLC) од САД, крајниот сопственик е всушност Орце Камчев.

Од оваа американска фирма кон „Ексико“ се влеваат 1,6 милион евра како прилив, а дел од овие пари завршува на личната сметка на Камчев, додека со дел се купувани имот и земјиште во Гевгелија, на кое понатаму е предвидено да се градат казина.

Подоцна, а и до ден-денеска, сопственик на „Ексико“ е фирмата со швајцарски капитал „Т&МЈ инвестмент“ од Лугано, Швајцарија, фирма зад која оперативните сознанија покажале дека краен сопственик е член на семејството Мијалкови. Од швајцарската фирма кон македонската „Ексико“ немало никаков прилив или одлив на пари.

„Ексико“ не е единствената фирма преку која функционирало ова злосторничко здружение. Колку за пример, во истатата 2009 година офшор-компанијата „Хоспитал менаџмент груп ЛЛЦ’ од Кипар ја основа клиничката болница „Систина“. Понатаму, оваа компанија го продава имотот на друга офшор-компанија од Панама. „Орка холдинг“ го купува уделот од панамската, па повторно ѝ го продава на „Систина“, со што фактички Камчев внесува удел од „Хоспитал менаџмент“ од Кипар во Македонија.

Сомнежи за перење пари преку кипарски банки

Преку кипарски банки парите влегуваат во земјата

Значаен дел од истрагата на СЈО за „Империја“ има и фирмата „Финзи“ – истата фирма за која во таканаречените бомби можеше да се слушне дека одела набавката за опрема за следење интернет-комуникации за МВР. Министерството, додека на чело на УБК беше Мијалков, наместо директно да ја набави изреалската опрема за прислушување, тоа го правела преку „Финзи“. Во текот на истрагата за случајот самоубиство изврши директорот на „Финзи“, Коста Крпач, во април 2016 година.

Сега истрагата за „Империја“ повторно допира до „Финзи“, фирма основана од „Финзи ЛЛЦ“ во САД. Краен сопственик на оваа компанија, според СЈО, повторно е Орце Камчев.

Во неколку наврати од „Финзи ЛЛЦ“ преку кипарска банка кон македонската „Финзи“ биле исплатувани 650.000 евра. Во тоа време, односно во 2009 година, директор на „Финзи“ во Македонија е Владислав Стајковиќ, брат на Небојша Стајковиќ, поранешен помошник-министер за информатичка технологија во МВР.

Овие пари понатаму влегуваат како основачки влог во „Систина кардиологија“, фирма што подоцна е преименувана во „Си-Фи-Кар“ („Систина“, „Финзи“, “Кара“). Во 2012 година, според СЈО, кога парите веќе се испрани, американската мајка-фирма се затвора и се отвора нова фирма, во која Крпач влегува како директор, а на истата сметка легнуваат парите од израелската донација за опрема за прислушување.

„Не купуваат компании за да работат со нив, туку за да извлечат што можат“

Орце Камчев и Сашо Мијалков, клучните играчи во „Империја“

Многу компании, офшор, стотици папки со документи и изјави од сведоци содржи еден од најобемните предмети на СЈО – „Империја“. Од она што беше претставено пред новинарските екипи, неизбежен е заклучокот дека од досегашната истрага и собраните докази станува збор за класични примери за сомнежи за перење пари пред кои надлежните институции со години молчеле или се откажувале од гонење поради немање докази.

Дел од истрагата е отстапен и на купувањето на „Бетон Штип“ од страна на ТИМ ДОО, „Орка холдинг“, „Езимит“ ДООЕЛ и „Ексико“.

„Кога тие купуваат компанија, не ја купуваат за да ја работат, туку да извлечат што може од имотот на компанијата“, велат од СЈО.

Па, така, и овој пат сознанијата говорат дека од „Бетон Штип“ се извлечени 4 милиони евра, односно газдите ги тераат акционерите со парите да купуваат имот, а понатаму како што се извлекуваат парите, така се инвестираат во други зделки за што патем говорат и последните информации дека речиси 250 работници веќе ги напуштаат работните места од „Бетон Штип“ и истовремено преку суд си ги бараат неисплатените плати за последните четири месеци.

Дел од истрагата го опфаќа и „Фершпед“, односно од моментот кога Кираца Трајковска, која беше еден од мнозинските акционери во “Фершпед“, поради долг во Еуростандард банка, преку посредник побарала кредит од Стопанска банка АД Битола. Камчев, кој е дел од Управниот одбор на банката, наместо кредит, според СЈО, на Трајковска ѝ понудил преку физички лица да ѝ бидат префрлени парите по што биле ослободени нејзините акции од „Фершпед“.

За да им ги продаде акциите на странски инвеститори, таа го ангажирала брокерот Јованче Тасковски. Но, за нејзината намера дознал Штерјо Наков, кој побарал помош од Мијалков, со цел тој да ги купи акциите. Мијалков се договора со Камчев да ја изиграат, па без нејзино знаење, според СЈО, Ненад Јосифовиќ ги продава акциите на физички и правни лица поврзани со Наков за 4 милиони евра повисока цена од реалната. Парите од зделката завршуваат во фирма чии сопственици се „Ексико“, „Орка холдинг“ и „Тимох“.

Во делот од истрагата за „Империја“ влегуваат и стари случаи, кои претходно во обвинителствата завршувале со откажување од гонење поради немање доволно докази. Таков пример е истрагата за „пропаѓањето“ на „Орка спорт“, „Орка текстил“ и други фирми во сопственост на сега покојниот Илија Камчев. Данокот се избегнувал да се плаќа преку лажни стечаи, обезвреднување на имотот и формирање офшор-компании, а потоа парите „чисти“ биле внесувани во земјата, односно целиот имот бил пренесуван на новоформирани компании.

На овој начин, впрочем, и се градела целата империја – преку лојални соработници, изигрување на законитe и формирање компании за еднократна употреба.

Како ќе заврши истрагата и дали случајот ќе добие епилог останува неизвесно. Засега Орце Камчев и Сашо Мијалков се во домашен притвор, а конечниот збор ќе го каже Врховниот суд.

Освен Камчев и Мијалков, осомничени во случајот „Империја“ се и Ратка Куноска-Камчева, мајка на Камчев и неизвршен член на Одборот на директори на „Орка ходинг“, Кристина Камчева-Стојческа, сестра на Камчев и неизвршен член на Одборот на директори на „Жито полог Тетово“, Лилјана Гајдоска, правник во фирмите на Камчев, неизвршен член на Одборот на директори на ЗК „Пелагонија“, Тодор Мирчевски, директор на „Ексико“, Владислав Стајковиќ, сопственик на НВСП, доскорешен директор на „Мобико“ и поранешен директор на „Финзи“, Ванче Мијалчев, извршен директор на „Бетон Штип“, Јованче Тасковски, брокер, и Дејан Јанев од „О.Т.Е. инвест“.

Прикажи повеќе...

Анализи

Политиката го подели СЈО на табори

Објавено пред

„Чарлиевите ангели“ ги нема. Катица Јанева, Ленче Ристоска и Фатиме Фетаи речиси една година не се појавуваат на заеднички прес-конференции. Во јавноста и на социјалните мрежи сè погласни се критиките за работата на специјалното јавно обвинителство и ослабената доверба во оваа институција.

dobivaj vesti na viber

Три и пол години по формирањето, целосен судски епилог има само за два случаја а сè погласни се шпекулациите дека во СЈО владее поделеност на обвинителите на табори, кои меѓусебно не се согласуваат за дејствувањето на ова обвинителство, па тие разлики во мислењата лесно се забележливи и во јавноста.

Трите жени, кои беа симбол за СЈО, ретко може се видат заедно во јавноста, а речиси една година Ленче Ристоска и Фатиме Фетаи не даваат заеднички изјави. Според нашите извори, со слични ставови на една страна биле обвинителките Катица Јанева и Лиле Стефанова, а на друга Ленче Ристоска и Фатиме Фетаи.

Од друга страна, сè поприсутна во јавноста е главната специјална обвинителка Катица Јанева, која, според најавите, во вторник ќе се појави на „1ТВ“, каде што заедно со обвинителите Лиле Стефанова и Трајче Пеливанов треба да одговараат и на прашања од гледачите. Токму во фирмата сопственик на „1ТВ“, „БМЈ медиа груп“, работи синот на Јанева, младиот гевгеличанец Лазар Јанев, за кого веќе беше објавено дека пред вработените бил претставен како директор на правна служба. Пред точно два месеца Јанева беше гостинка на „1ТВ“ и се фотографира со сопственикот на телевизијата, Бојан Јовановски, со назнака дека станува збор за работен состанок.

Во СЈО во последната година во целост се смени практиката на комуникација со јавноста. Последната прес-конференција СЈО ја одржа на 21 март минатата година.

Повеќе нема брифинзи со новинари, а на обвинителките Ристоска и Фетаи не им е дозволено да даваат интервјуа и изјави. Целосна затвореност владее и во однос на истрагите. Случајот „Империја“, во кој, меѓу другите, се осомничени и бизнисменот Јордан Камчев и ексдиректорот на УБК, Сашо Мијалков, беше отворен пред повеќе од 2 месеца, а од СЈО нема дополнителни информации, освен дека истрагата е сложена.

Сите обиди на „Макфакс“ да обезбедат брифинг за случајот беа залудни. Новинарите меѓу себе коментираат дека ова обвинителство, кое наметна транспарентно работење, последнава година се затворило, иако обвинителите поминале серија обуки за комуникација со јавноста. Тоа остава простор за шпекулации во постапувањето по предметите на обвинителството. Од друга страна, во редовното Обвинителство се спроведува тренинг за односи со јавноста на обвинителите.

Според нашите информации, во специјалното јавно обвинителство меѓу некои од вработените владее незадоволство од начинот на работа, особено по последните политички случувања, амнестии и повици за помирување, кои во голем дел влијаат и врз актуелните предмети што се во судска постапка, но и на оние што се во истрага и предистрага, а во кои, меѓу другите, се вклучени и Сашо Мијалков, Елизабета Канческа-Милевска, Али Ахмети, Бујар Османи.

Ексминистерката за култура, КанческаМилевска, е инволвирана во предистрагата за предметот „Скопје 2014“, кој е еден од најобемните предмети на СЈО, за Мијалков се водат повеќе судски постапки, а предметот за агенцијата за обезбедување СГС е во предистрага.

Во процесот на помирувањето наголемо се споменуваа и измените во Кривичниот законик, односно член 353, став 5, кој ја регулира злоупотребата на службената положба преку јавните набавки. Доколку дојде до промена на овој член, како што беше најавувано, помали казни или ослободување од одговорност ќе добијат голем број обвинети во случаите на СЈО, меѓу кои и Мијалков.

Уставниот суд сè уште не расправал по иницијативата на адвокатот Еленко Миланов, кој бара судиите да се произнесат за овој член од Кривичниот законик.

Сите овие политички инволвирања, кои допираат и до СЈО, според нашите извори, довеле до голем раздор во работата на институцијата, која има годишен буџет од 3,7 милиони евра. Некои од обвинителите се разочарани од фактот што нивните предмети и нивната работа зависат исклучително од тековната политичка ситуација, па токму затоа во последниот период и не се работи на нови предистраги бидејќи се чека исходот од тоа што ќе се случува со институцијата и дали евентуално одредени функционери од претходната, но и од актуелната власт, ќе избегнат одговорност.

Прикажи повеќе...

Најново

Македонија2 часа

Пендаровски: Прифаќам дебата со сите противкандидати

Кандидатот за претседател Стево Пендаровски ја прифати поканата на националниот јавен сервис за учество на дебата со сите противкандидати во...

Македонија3 часа

Коалицијата ВЛЕН најавува спектакуларен митинг во понеделник на плоштадот Скендербег – не добиле дозвола на митинг на Плоштад Македонија

Шефовите на изборната кампања на Коалицијата ВЛЕН денеска ја информираа јавноста за централниот митинг што ВЛЕН (ВРЕДИ) планира да го...

Свет3 часа

Лидерот на Хамас пристигна во Истанбул, ќе се сретне со Ердоган

Лидерот на Хамас, Исмаил Ханија денеска е во Истанбул на средба со турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган, кој го поддржува...

Македонија3 часа

Гордана Силјановска Давкова учествуваше на одбележувањето на 75 годишнината од крајот на Граѓанската војна во Грција и 76 годишнината од прогонството на Македонците од егејскиот дел на Македонија

Во организација на Сојузот на здруженијата на Македонците и децата бегалци од Егејскиот дел на Македонија МАКЕДОН, на 20 април...

Регион6 часа

(Видео) Силно невреме со поплави во Грција, Волос без струја

Силно невреме ја зафати Грција, поточно Лариса, каде обилните дождови доведоа до излевање на канализацијата, која ги поплави улиците, а...

Свет7 часа

Десетгодишно дете призна дека убило човек пред две години, полицијата во Тексас во шок

Десетгодишно дете од американската сојузна држава Тексас, кое било испрашувано поради наводна закана дека ќе го убие својот соученик, им...

Македонија7 часа

Изет Меџити од Берлин: Дијаспората ја совлада Југославија, ќе го совладат и ДУИ

Лидерот на Демократското Движење, истовремено и носител во изборната единица број еден, Изет Меџити, учествуваше во голем собир со дијаспората...

Свет7 часа

Северна Кореја тестираше „супер голема“ боева глава за крстосувачка ракета

Северна Кореја денеска соопшти дека тестирала боева глава со „супер-голема“ крстосувачка ракета и нова противвоздушна ракета. Тестот за моќност на...

Македонија8 часа

Во вторник предизборен молк, до тогаш продолжува презентацијата на изборните програми

Во рамки на кампањата за парламентарните избори, која почна во четвртокот, и денеска кандидатите за пратеници во шесте изборни единици...

Македонија8 часа

Пендаровски: Понудата на Мицкоски за коалицирање е знак на слабост

Кандидатот за претседател Стево Пендаровски синоќа од Бутел рече дека е легитимно и дека е демократски избор секој да коалицира...

Македонија8 часа

Силјановска-Давкова со 8 прашања, како граѓаните да се решат дали и за кого ќе гласаат на изборите 

Во својот говор на синоќешниот митинг во Крива Паланка професорката Горданa Силјановска -Давкова порача дека оваа власт не креира рационални политики,...

Македонија19 часа

(Видео) Понудата на Мицкоски за коалицирање е знак на слабост, рече Пендаровски

Кандидатот за претседател Стево Пендаровски вечерва од Бутел рече дека е легитимно и дека е демократски избор секој да коалицира...

Македонија20 часа

Ковачевски до Мицкоски: На Македонија и е потребно национално единство за интеграција во ЕУ, а не за мораториум

Вчера, Мицкоски зборуваше за некакво македонско единство и за мораториуми. За жал, се повеќе и повеќе луѓе сфаќаат дека единствен...

Македонија20 часа

(Видео) Силјановска -Давкова: Пендаровски на многу закони, а и на најважниот, Кривичниот законик не стави вето

„Осум години претседателот повикува на ветинг. Тоа значи или генерален реизбор или пак другата форма на ветинг, кога треба да...

Македонија20 часа

Мицкоски: Државата е украдена од народот од страна на ДУИ и нивните измеќари СДС

Многу е важно да споменеме што ни се случуваше изминативе 6 и половина години, грабеж, понижување, срам и да не...

Македонија1 ден

Спречени 3.000 вработувања и унапредувања предложени од техничката Влада

Управниот суд ги поништи решенијата за вработување и унапредување на над 3.000 вработени во Министерството за финансии и јавниот сектор...

Македонија1 ден

Македонската армија ѝ се заблагодари на Норвешка со знамето на Исланд

Од Армијата на Македонија ги измешаа знамињата на Норвешка и Исланд. Во благодарноста на „Фејсбук“ триесетина минути стоеше, наместо норвешкото,...

Македонија1 ден

Приведено уште едно лице за кражбата на сефот во Црниче

Приведено е уште едно лице за кражбата на сеф од маркет во Црниче. Од МВР информираа дека вториот приведен е...

Македонија1 ден

„Рекет“ не е расчистен, барам фер шанса за да ја докажам својата невиност, Заев беше човекот што комуницира директно со сите, вели Бојан Јовановски

Бојан Јовановски, денеска, во Кривичниот суд предаде барање за повторување на кривичната постапка за предметот „Рекет“, во кој како првообвинет...

Македонија1 ден

МОН известило дека деновите на изборите ќе се одработуваат во две саботи, а на 15 јуни и часовите пропшуштени поради самитот на ОБСЕ

Министерството за образование и наука (МОН) ги известило училиштата дека неработните денови на одржување на изборите ќе се одработат во...