Контакт

Анализи

Guardian: Земјите од поранешна Југославија се првата вистинска главоболка за Трамп

Објавено пред


 

Во Косово, Србија, Босна и Црна Гора повторно се гледа значително зголемување на етничките тензии, пишува британски Guardian, анализирајќи ја моменталната политичка состојба во земјите од Западен Балкан и особено во оние коишто беа дел од поранешна Југославија.

 

„Познато лице гледа на улиците и плоштадите на балканскиот град Северна Митровица. Србите беа со него цело време, пишува на слоганот напишан на англиски јазик под огромната слика од американскиот претседател Доналд Трамп“, се зборовите со кои британскиот медиуми го започнува својот текст. Како што се наведува во текстот, повеќемина од граѓаните на Митровица би се согласиле со тоа.

 

Србите воглавно беа воодушевени. Победата на Трамп, ако ништо друго, е победа и над сопругата на нивниот непријател од деведесеттите години Бил Клинтон, кој го предводеше НАТО бомбардирањето против српските сили во Босна и на Косово, пишува Guardian.

 

Сега Балканот е соочен со уште една криза, границите се преиспитуваат, етничките тензии растат а замената на територии повторно се споменува како последен начин на кој може да се спречи насилството. „Заборавете ја Кина и Блискиот Исток, поранешна Југославија би можела да прерасне во првата вистинска надворешнополитичка главоболка за Трамп“, истакнува британскиот весник.

 

Минатиот месец избија тензиите околу српскиот воз кој беше прекриен со слоганот „Косово е Србија“, напишан на повеќе јазици, а кој беше испратен кон Митровица, пишува британскиот медиум истакнувајќи дека станува збор за најлошата криза на регионот во последните неколку години.

 

„Мнозинство од граѓаните на Косово се Албанци, околу 90 проценти од вкупниот број на населението. Иако возот беше сопрен надвор од Косово, НАТО членките Хрватска и Албанија побараа од Алијансата да ги промени мировниот план на Косово. Српскиот претседател Томислав Николиќ изјави дека со своите синови лично ќе земе оружје во раце доколку некој им се закани на Србите на Косово“, додава британскиот весник.

 

Шефицата на администрацијата во Северна Митровица, Адријана Хоџиќ верува дека сите тие тензии немаат никаква врска со граѓаните. „На северот од Косово и натаму постои надеж дека луѓето ќе можат да живеат без страв. Лично ми е мака и поради Приштина и Белград, жртви сме на политичарите кои се високи позиции“, наведува таа.

 

Потоа, тука е Босна, наведува Guardian. Границата помеѓу тие два федерални дела – српскиот и босанско-хрватскиот, по тригодишната војна за време на деведесеттите години никогаш целосно не зацели. Автономната Република Српска редовно се заканува со референдум за независност, додека некои босански Србија се закануваа со бојкот на институциите во Сараево поради барањето за ревизија на одлуката на Меѓународниот суд за геноцидот извршен од српските сили за време на војната.

 

Тука е и Црна Гора, предмет на неверојатни политички превирања минатата година кога владата тврдеше дека руските институции се обиделе да организираат државен удар. На крајот е и Македонија, најјужната република од поранешна Југославија, каде има борба за формирање на влада по политичката криза со етничките Албанци. Земјата влезе во центарот на вниманието кога американски конгресмен предложи Трамп да ја раздели и подели помеѓу соседите.

 

„Македонија не е држава. Жалам, но таа не е држава“, изјави Дејна Рорабахер, конгресмен кој како што наведува британскиот весник, редовно го брани рускиот претседател Владимир Путин.

 

„Ситуацијата е катастрофална“, наведува Белгзим Камбер, етнички Албанец и борец за човекови права. „По скоро две децении од завршувањето на војната, ова не е мир. Албанското и српското прашање не е завршено на Балканот, тоа е односот помеѓу Израел и Палестина во Европа“, додава тој.

 

Како и секогаш, регионот има проблем не само со внатрешните превирања, туку и поради надворешниот фактор. „Европската унија, погодена од своите егзистенцијални проблеми, ја намали својата експанзија на Западен Балкан. Пристапот на администрацијата на Трамп и натаму не е јасна. Русија за тоа време ја зголеми својата моќ во регионот и го прошири своето влијание“, пишува британскиот медиум.

 

Сепак, Guardian потенцира дека „Косово останува клучно“. Косово прогласи независност во 2008-та година, но Белград никогаш не ја призна. Договорот под покровителство на ЕУ од 2013-та година, и вети на Србија побрз пат кон членство во Унијата, а на Косово статус на кандидат. Но ЕУ сега има други кризи на ум, а линиите на поделбите се појасни отколку од било кога, истакнува британскиот весник.

 

На северот на Косово улиците се полни со српски знамиња, српскиот динар е валута а јазикот е воглавно српски. Автомобилите се движат без регистрации, а тие кои патуваат со косовски таблички ги вадат пред да влезат на северот. Од другата страна на реката Ибар е Јужна Митровица кадешто живеат воглавно Албанци, и таа функционира одвоено.

 

„Доколку би довеле некој тука во Северна Митровица, тие би рекле дека ова е повеќе Србија отколку Косово. Не сум сигурна дека ова е одржливо“, наведува Хоџиќ. Како што вели таа, на регионот му би било подобро доколку на времето дошло на размена на територии, нешто за што се расправаше на преговорите за Косово после војната од 1999-та година. Сега некои аналитичари повторно ја заговараат идејата за размена на територии, и на пример Северна Митровица би и припаднала на Србија во замена за Прешевската долина.

 

„Сега мораме да избираме помеѓу неколку лоши опции“, истакнува таа. И покрај националистичките симболи, помеѓу обичните граѓани постои малку апетит за судири. Многумина изразуваат чувство на немоќ, соочени со геополитичките махинации на големите сили. „Србите и Албанците тука се најмалку виновни. Политичарите стојат помеѓу двата народа. Доста е од војни“, вели 74-годишниот Вукоје Утвиќ.

 

Неименувам дипломат од Западот за искуството во регионот, за Guardian вели дека постои само еден потенцијален спонзор за промена на границата, а тоа е Русија. Исто така, тој наведува дека не се плаши дека би можело повторно да дојде до судири како оној од 2004-та година и нападите над Србите кои доведоа до 30 жртви.

 

Како што вели, сите се посветени на бриселскиот дијалог и размената на територии воопшто не е прашање. Британскиот весник исто така истакнува дека дипломатите  2017-та година на Балканот во политичка смисла ја опишаа како кошмарна, пред се поради изборите во Србија, растечката желба за референдум на Косово и почетните маневри за изборите во Босна следната година, а се очекуваат и првите обвиненија пред новиот специјален суд во Хаг за злосторствата на Ослободителната војска на Косово (ОВК), пред која би можело да се најдат „високи претставници од политичката елита“ на Косово, што би можело да доведе во нова нестабилноста./крај/ммф/бс

 

 

Daily news

Италијанците на избори: Вечниот Берлускони, комичарот Грило или умерениот Ренци

Објавено пред

Илегалната миграција, економијата и односите со Европската унија (ЕУ) годинава се во фокусот на италијанските парламентарни избори кои ќе се одржат во недела, а на кои се очекува да гласаат повеќе од 40 милиони Италијанци.

Според последните анкети, повеќето од граѓаните на четвртата најголема европска економија се уште се неодлучни околу тоа како треба да биде изгледа новата италијанска влада.

Опции има повеќе, но она што им се нуди на италијанските граѓани во моментов не е ништо поразлично од претходните изборни циклуси години наназад, со исклучок на порастот на популизмот и се поголемата антимиграциска политика.

Анкетите покажуваат дека поддршката за поголемите партии и коалиции се сведува на или околу 30 проценти – па така коалицијата помеѓу десничарите на популарниот Силвио Берлускони, Форца Италија, и регионалната Северна лига има поддршка од 35 проценти, а веднаш зад нив се наоѓа Движењето „Пет Ѕвезди“ (М5С) со близу 30 проценти. Најслабо, пак, котира актуелната владејачка Демократска партија на поранешниот премиер Матео Ренци со 27 отсто.

Факторот Берлускони и сојузот со популистот Салвини

И покрај низата сексуални и политички скандали со кои се соочи во последните години (можеби и децении), на возраст од 81 година, Силвио Берлускони повторно станува фактор во италијанската политика – благодарение на тоа што во моментот Италијанците го перцепираат како „помалку лоша опција“ од останатите.

Силвио Берлускони (Фото: ЕПА)

Поради тоа што беше осуден за даночна измама, самиот Берлускони не може да има никаква функција до 2019 година, но од Форца Италија за Макфакс велат дека неговата личност се уште има огромно значење за иднината на земјата.

„Сите велат дека се разочарани од страна на владата на Ренци, дека не им веруваат на М5С и на Салвини, така што веројатно Берлускони е помалку лош од останатите. Сега, личноста на Силвио Берлускони е важна за Италија поради тоа што тоа влијае врз иднината на италијанската политика, и е гаранција за стабилноста на земјата, а исто така може да влијае и врз популизмот на Северната лига. Политиката на Берлускони може да претставува и решение за порастот на популарноста на Движењето М5С, кое според мене е најлошото можно сценарио за Италија.” објаснува Клаудио Бергамин, член на Форца Италија и кандидат на партијата во покраината Тревизо.

Клаудио Бергамин

Сепак, што се однесува до ставовите на Берлускони околу илегалната миграција, тука тој се наоѓа на иста линија со неговиот коалициски партнер и лидер на Северната лига, Матео Салвини. Проценките се дека во моментов во земјата има повеќе од 600 илјади илегални мигранти, а и Берлускони и Салвини сакаат истите што поскоро да ги испратат дома.

Кастелфранко е мал град во регионот Венето, на северот од земјата. Во него живеат околу 30 илјади жители, а моменталниот број на бегалци изнесува шест лица. Според градоначалникот на Кастелфранко кој доаѓа од редовите на Северната лига, Стефано Маркон, дури и оваа бројка на мигранти во негвиот град е преголема. Истовремено, тој исклучува секакво примање на нови мигранти.

Стефано Маркон

„Не сме подготвени да примиме нови мигранти поради тоа што како прво, тоа не е одлука која еден градоначалник може самостојно да ја донесе, и како второ, ова е нешто за коешто мора да одлучи владата. Градскиот совет не може да ги менаџира имиграциските политики. Исто така, треба да постои јасна разлика помеѓу бегалците и економските мигранти. Италија претрпе многу поради имиграцијата, пред се поради тоа што нема ефективно планирање и стратегија.“ потенцира за Макфакс градоначалникот на Кастелфранко.

Запрашани за ваквите ставови на нивниот коалициски партнер, членовите на Форца Италија не понудија директен одговор, туку само додадоа дека Берлускони и натаму останува гарантор на десничарската коалиција и нејзините идни политики, вклучително и оние во рамките на ЕУ.

Кастелфранко

„Тој е единствениот кандидат на овие избори кој има умерени ставови. Исто така би додал дека тој е гарантор за тоа дека десноцентристичката коалиција ќе ја води земјата кон безбедност на европско ниво. Во поглед на ЕУ, би рекол дека Форца Италија е еден од основачите на Европската народна партија (ЕПП) и ќе остане еден од главните партнери на ЕУ, верува во нејзините институции и во европската иднина на земјата. Но не можам да се однесувам дека во ЕУ не постојат проблеми, а излезноста на последните европски избори докажа дека италијанските граѓаните не ја перципираат ЕУ како решение и како можност за нив. Како одговорни политичари мораме да ја вратиме визијата за Европа како можност за луѓето, а тоа ќе го направиме преку промена на институционалниот и политичкиот систем. Мораме да бидеме сигурни дека Европската комисија ќе ги претставува граѓаните, што сега не е случај.“ вели членот на Форца Италија, Фабио Маџо.

Фабио Маџо

„Петте ѕвезди“ ја чекаат својата шанса да блеснат

Движењето „Пет Ѕвезди“ (М5С) е основано од страна на популарниот италијански комичар Бепе Грило во 2009, кој е и лидер во сенка. Лицето на партијата пак, е актуелниот 31-годишен лидер Луиџи Ди Мајо.

Главните „одлики“ на Петте ѕвезди се во неговиот евроскептичен, анти-естаблишмент и антиглобализациски карактер – нешто што во моментот му носи поддршка од околу 30 проценти. Основачот Грило често себеси се нарекува и популист, а членовите на Движењетo често потенцираат дека М5С не е политичка партија, бидејќи не припаѓа нити кон левицата, нити кон десницата.

Луиџи Ди Мајо (Фото: ЕПА)

Кон прашањето на илегалната миграција, Движењето има безмалку исти ставови како и неговите противници Форца Италија и Северната лига. Според пратеничката од редовите на М5С, Џулија Сарти, политичарите мора да изнајдат решенија за илегалната миграција кои првенствено ќе бидат соодветни за Италија.

„Илегалната миграција е криминал. Да можат нашите судови да депортираат некого, ако не знаат каде е тој? Сме имале судења на кои не присуствувал никој.

Неопходно е да најдеме решенија за имиграцијата кои ќе и одговараат на нашата земја.“ објаснува Сарти. Движењето не е против Европа, но е против „оваа Европа“, додава таа.

Џулија Сарти

„Не сме против Европа. Ние сме против „оваа“ Европа. Европа не треба се плаши од Движењето М5С. Тие треба да се плашат од тоа што ќе треба да се справуваат со кредибилни лица, кои сакаат резултати. Главниот проблем за Италија сега е Даблинскиот договор. Не можеме сами да се справиме со бегалците. На нашите комисии им требаат околу две години за да одлучат кој треба да добие азил.“ потенцира Сарти.

На европско ниво пак, Италија одамна го изгубено кредибилитетот и не е доволно силна за да се избори за себе, вели таа. „Би сакале да имаме референдумот за еврото, но ова не е референдум што може да се оддржи денес. Сакаме да разговараме со земји кои се слични ко нас – Португалија, Грција, и заедно да бидеме посилни.“ додава Сарти.

Падова

На изборите во 2013, Движењето доби најмногу гласови во изборите за долниот дом на Парламентот, но поради тоа што одби да формира коалиција , освои само 109 пратенички места од вкупно 630 и заврши на третото место. Сарти овојпат се надева на поинаков епилог, а доколку лидерот на Движењето, Ди Мајо победи на изборите, тој ќе стане и најмладиот премиер во историјата на земјата.

Стоте чекори на Демократската партија

Владејачката Демократска партија според анкетите котира најниско во однос на големите играчи на овогодинешните избори, со поддршка од околу 27 проценти. Во предизборната кампања партијата не настапи со изразит кандидат, па така многумина се уште ја поврзуваат со ликот и делото на поранешниот премиер Матео Ренци, кој по неуспехот на уставниот референдум во 2016 година поднесе оставка на функцијата.

Матео Ренци (Фото: ЕПА)

Главното мото на партијата во пресрет на изборите беше „Стоте чекори кои ги направивме, и стоте чекори кои ќе ги направиме“ – што е далеку од спектакуларна најава за тоа што би се променило во земјата доколку Демократската партија остане на власт. Во последните години, италијанската влада беше предводена од страна на три премиери кои доаѓаат од партијата: Енрико Лета (2013-2014), Матео Ренци (2014-2016) и актуелниот премиер Паоло Џентилони.

Успесите на Демократската партија за време на петгодишното владеење се сведуваат на намалување на дефицитот и јавниот долг, како и доследното спроведување на имиграциските политики, но без конкретни насоки за тоа каде и како би можела земјата да се движи во наредниот период.

„Во 2014 година овие имиграциски политики ги вклучивме во нашата политичка агенда и имаме една природна еволуција во однос на прашањето. Го имплементиравме овој дел од агендата и пристапувањето во целиот тој процес беше прашање на политичка волја. Тоа е и разликата помеѓу градоначалниците во регионот, и во овој случај претставниците на Северната лига се уште шират стравови поради примањето на бегалците.“ вели актуелниот министер за територијална кохезија од редовите на Демократската партија, Клаудио Де Винсенти.

Клаудио Де Винсенти

Според него, Демократската партија и натаму ќе става акцент на процесот на глобализацијата, и на создавањето на „низа правила преку кои овој процес не би се претворил во сила која создава несигурност“.

По последните избори во 2013 и европските избори во 2014, Демократската партија остана најголемата партија во долниот дом на Парламентот, Сенатот и Европскиот парламент, но според тоа што го нуди на овие избори, се чини дека работите за неа набргу би можеле драстично да се променат.

Младите знаат за кого нема да гласаат

За време на престојот во Кастелфранко, Макфакс имаше можност да поразговара и со неколкумина млади Италијанци, кои во недела за првпат ќе имаат можност да го искористат своето гласачко право.

За 19-годишните Алесандро, Индија и Сара, нивната иднина не лежи во Италија. Повеќе се чувствуваат како Европјани, отколку како Италијанци, и не сакаат уште долго да останат во како што велат, „конзервативната и затворена средина на Кастелфранко“.

Сите тројца велат дека ќе гласаат на претстојните избори, но дека се уште не одлучиле за кого ќе го дадат својот глас. Единственото нешто за што се сигурни, пак, е за кого нема да гласаат.

„За разлика од Балканот, каде што имам многу пријатели, тука младите не се фокусираат премногу на политиката. Се уште не знам кого ќе поддржам на изборите, но знам кого нема да поддржам“, вели Алесандро.

Околу тоа која е главната причина поради што би ја напуштиле Италија, велат дека тоа би го направиле најмногу поради нивото на образованието. Сакаат да бидат доктори, новинари и наставници, и сметаат дека во дел од останатите европски земји би добиле далеку поквалитетно образование, отколку во Италија. Политичарите треба најпрво да ги слушнат ваквите апели, а дури потоа да ги креираат своите изборни програми, порачуваат овие млади.

Бојан Стојковски

Прикажи повеќе...

Daily news

(ВИДЕО) „Макфакс“ во Сеул: Од работ на војна до надеж за обединување со Северна Кореја

Објавено пред

„Надеж за помирување, љубов и прошка“ – гласи една од речениците во описот на Статуата на браќата пред влезот во Воениот музеј во јужнокорејската престолнина Сеул.

Статуата со која е прикажана првата средба на бојното поле и прегратката помеѓу двајца браќа, јужнокорејски офицер и севернокорејски војник, на најдобар начин ја опишува трагедијата на корејскиот народ, кој од 1953 година живее поделен во Јужна и Северна Кореја.

Двете земји колку што се блиску една до друга толку се и длабоко поделени во секој сегмент од општествата во кои живеат. На статуата пред Воениот музеј поделбата на двете Кореи е претставена преку пукнатина во куполата на која стојат двајцата браќа – истовремено симболизирајќи ја и надежта на корејскиот народ за повторното обединување.

Соговорниците со кои „Макфакс“ дискутираше во поглед на обединувањето на двете Кореи беа исто така поделени – земајќи ги предвид моменталните односи помеѓу Сеул и Пјонгјанг, како и историскиот аспект на поделбата на Корејскиот Полустров.

По завршувањето на Втората светска војна и зачетокот на Студената војна помеѓу САД и Советскиот сојуз преговорите помеѓу тогашните сојузници и победници од војната не успеаја да доведат до формирање независна и обединета Кореја, дотогаш окупирана од страна на Јапонија.

Во 1948 година на југот на Корејскиот Полуостров, контролиран од страна на САД, беше воспоставена Република Кореја. На северот, пак, под контрола на тогашниот Советски сојуз, беше формирана Демократската Народна Република Кореја.

На 26 јуни 1950 година, поминувајќи ја прочуената 38. паралела, севернокорејската армија ја започна тригодишната братоубиствена војна на полуостровот, во која животите ги загубија повеќе од четири милиони луѓе. Речиси секој Кореец денес овој тригодишен период го доживува како трагедија на корејскиот народ и причина за настанувањето на „единствената поделена земја на светот“, велат нашите соговорници.

Двете страни во моментов технички се во војна, со речиси постојани тензии и меѓусебни провокации, предизвикани најчесто од страна на Пјонгјанг и севернокорејскиот лидер Ким Џонг-ун, кој поради зачестените тестови на нуклеарни проектили и балистички ракети во последниот период е трн во окото на меѓународната заедница, особено на американскиот претседател Доналд Трамп.

Но, колку е реална заканата од нова војна помеѓу двете Кореи, а со тоа и сеопфатна нуклеарна војна која би ги вклучила и големите светски сили? Според нашите соговорници во Јужна Кореја, шансите за ваков развој на настаните се доста мали, пред сè поради тоа што Северна Кореја провокациите најчесто ги користи како одбранбен механизам и начин да го привлече вниманието на светската јавност.

„Како што поминува времето чувствувам дека состојбата станува сè поопасна. Но, и покрај тоа, сметам дека не постои директна опасност од војна. Дел сум од армијата, постојано имаме вежби и сме подготвени. Сепак, не мислам дека тоа ќе се случи во наредниот период“, вели за „Макфакс“ еден јужнокорејски војник, кој посака да остане анонимен.

Во поглед на обединувањето на двете Кореи, пак, тој вели дека според него, тоа треба да биде процес кој ќе настане по мирен пат и без никакви жртви на двете страни. Сепак, потенцира дека познава и многумина кои не сакаат да дојде до обединување на Корејскиот Полуостров.

„Особено младите луѓе, на возраст од 20, 30 години, сметаат дека обединувањето не е толку важно бидејќи имаат сопствени проблеми во поглед на егзистенцијата и наоѓањето работа, така што тие и не сакаат да се жртвуваат премногу за Северна Кореја“, објаснува јужнокорејскиот војник за „Макфакс“.

Условите во кои денес поделениот корејски народ живее на двете страни од Корејскиот Полуостров се дијаметрално спротивни. Додека 50-милионска Јужна Кореја, која од почетокот на 60-тите години од минатиот век па до денес успеа од земјоделско да се трансформира во високоразвиено и индустриско општество, 23-милионска Северна Кореја доби статус на една од најизолираните и најзатворени земји во светот, позната единствено по нуклеарната програма и воените провокации кон Западот.

За 28-годишниот студент Даел Јанг токму околностите под кои двете земји се развиваа во изминатите 64 години се и најголема пречка за обединувањето на Корејскиот Полуостров, заедно со однесувањето на севернокорејскиот лидер Ким Џонг-ун.

„Јужна Кореја е развиена и напредна земја во споредба со Северна Кореја, која, пак, е сиромашна и нејзиниот народ страда поради политичките проблеми. Поради овие проблеми, тие сметаат дека обединувањето нема да донесе нови инвестиции и подобрувања во Северна Кореја. Поради тоа таму доминира негативното и агресивно размислување“, објаснува Даел за „Макфакс“.

Постојаните закани за војна, пак, се дел од одбранбениот механизам на Пјонгјанг, додава тој. „Тие само сакаат да наметнат опасна состојба и тоа е еден одбранбен механизам, како на пример преку агресивното однесување. Доколку состојбата се погледне реално, мислам дека таа сепак не е толку опасна“, вели Даел.

Според 34-годишната Џинџу Мишел Парк, нуклеарното вооружување на Северна Кореја не ги плаши луѓето во Јужна Кореја поради тоа што знаат дека сè што сака нивниот северен сосед да направи – е само да привлече внимание.

„Тие сепак се изолирани и се обидуваат преку заплашувањето со нуклеарното вооружување да привлечат некакво внимание. Но, луѓето во Јужна Кореја не се загрижени. На пример, сите странци што ги познавам ме исконтактираа за да ме прашаат дали тука сè е во ред поради нуклеарните тестови, но тука никој воопшто не е загрижен поради тоа“, вели Парк.

Решението за обединувањето на двете Кореи, пак, според неа е преку помирувањето и директните разговори помеѓу двете страни, без мешање на надворешните фактори.

„Она што е исто тажно е тоа што другата страна, бидејќи ние, сепак, сме еден народ, се обидува најсилно што може да го изрази својот гнев на разни негативни начини. Но, никој тука не се грижи поради тоа. Сметам дека треба да најдеме решение за двете земји да се обединат, но тоа да не биде направено со помош од надвор туку само помеѓу овие две страни. Главната причина за поделбата на нашите земји беше токму влијанието на надворешните сили“, објаснува Парк.

И додека светската јавност постојано е во исчекување на секој нов потег од страна на севернокорејскиот „ракетен човек“ Ким Џонг-ун, Јужнокорејците сето тоа го доживуваат сосема спокојно. Сепак, како што велат нашите соговорници, колку што се мали шансите за нова војна помеѓу двете Кореи, за жал, толкави се во моментов и шансите за нивното обединување.

Текст: Бојан Стојковски
Монтажа: Бојан Ефремов

Прикажи повеќе...

Daily news

„Стабилократија“, нов начин на владеење во земјите од западниот Балкан

Објавено пред

На 23 јуни, во присуство на повеќе странски челници колку што може да собере, Александар Вучиќ беше инаугуриран како претседател на Србија.

Поранешниот премиер, избран за претседател на 2 април, одлучи да одржи голема инаугуративна церемонија за да ја демонстрира својата величина.

За свој наследник на премиерската функција, Вучиќ ја номинираше Ана Брнабиќ, декларирана геј жена, со што заработи поени кај странските либерали.

Западните лидери можеа да здивнат. Србија е една од помоќните држави на западниот Балкан, а Вучиќ, без оглед на неговите недостатоци, може да ја одржи стабилна.

Варијации на оваа зделка може да се забележат низ регионот. Некои ги нарекуваат ваквите влади „стабилократии“

Главен опонент на Вучиќ во претседателската трка беше Вук Јеремиќ, поранешен српски министер за надворешни работи. Кампањата беше валкана. Медиумите блиски до Вучиќ излегоа со тврдења дека Јеремиќ бил таен муслиман поддржан од Исламска држава, кој бил соучесник во убиство од висок профил. Неговата сопруга наводно предводела нарко картел. Полицијата дури и го испрашуваше Јеремиќ поради наводни финансиски неправилности, но не поднесе обвиненија.

Јеремиќ вели дека сите приказни биле измислени.

Она што му се случи на Јеремиќ никого не изненади. Според Срѓа Павловиќ, црногорски академик кој е автор на терминот„стабилократија“, Западот ги игнорира сите локални автократи сè додека го чуваат мирот. Босна, на пример, останува дисфункционална повеќе од две децении, поделена по етнички клуч, но Америка и Европа го толерираат тоа под услов тамошните лидери да не дозволат кризата да стане насилна.

„Стабилократијата“ функционира различно, во зависност од државата. Во Црна Гора јасно е кој го води шоуто. Од 1989 година тоа беше Мило Ѓукановиќ, кој повремено се повлекуваше од функцијата претседател или премиер, влечејќи ги конците од зад сцената.

Црногорската влада беше наградена од Западот со придружувањето на земјата во НАТО на 5 јуни.

Обично во земјите од Балканот изборите водат до преговори за коалиции кои се фокусираат како да се подели пленот.(Избори како оние што се одржаа во Албанија на 25 јуни во кои социјалистите убедливо победија се многу ретки)

Решението за тоа кој кое министерство ќе го добие е релативно лесно. Поголем проблем е кој која државна компанија ќе ја добие. Во Македонија, ВМРО-ДПМНЕ, партија што беше на власт повеќе од деценија, конечно попушти по протекувањето на информациите за корупција и мешање во судството.

На 31 мај Социјалдемократскиот сојуз, заедно со албанските партии, ја презема власта. Но новата влада ќе продолжи по истиот пат како нивните претходници, доколку „не прекине со практиката за партиска контрола врз државата“, вели Флорија Бибер, политиколог од Универзитетот Грац. /макфакс/

Прикажи повеќе...

Најново

Македонија2 часа

Владата допрва ќе одлучува дали Орце Камчев ќе стане почесен конзул на Бугарија

Владата допрва ќе одлучува за барањето на Бугарија бизнисменот Орце Камчев да биде именуван за почесен конзул во Македонија. Портпаролот...

Македонија3 часа

Скопје ќе добие нов екоавтобус

Нов екоавтобус ќе сообраќа на линијата со број 2 на релацијата од Автокоманда до Сарај и обратно, објави денеска градоначалникот...

Македонија3 часа

Манчевски: Регистарот на населението не е замена за попис

Министерството за информатичко општество и администрација денеска организира јавна трибина за Законот за централен регистар на населението и Законот за...

Македонија3 часа

Фејзи Азири ќе биде вратен во затвор

Фејзи Азири, обвинет во случајот „Монструм“, ќе биде вратен во затвор за издржување затворска казна за нелегално поседување оружје. Кривичниот...

Македонија3 часа

Двајца обвинети за крвавиот четврток излегуваат од притвор бидејќи понудиле гаранција

Две лица, кои се меѓу обвинетите за наслилствaта во Собранието од 27 април минатата година, ќе излезат од притвор бидејќи...

Македонија7 часа

Ердоган: Македонија има поддршка од Турција за влез во НАТО

Претседателот на Собранието, Талат Џафери, во Анкара се сретна со турскиот претседател, Реџеп Таип Ердоган. Како што соопшти собраниската прес-служба,...

Свет7 часа

Лавров: Путин и Трамп нема да дозволат вооружен судир

Владимир Путин и Доналд Трамп нема да дозволат вооружен судир меѓу Русија и САД, изјави рускиот министер за надворешни работи,...

Македонија7 часа

Ново рочиште за набавката на „мерцедесот“ од 600.000 евра

Во кривичниот суд денеска се очекува да продолжи судењето за предметот „Тенк“ на специјалното јавно обвинителство, кој се однесува на...

Македонија8 часа

Јанакиески на суд за „Сончев Град“

Во кривичниот суд за денеска е закажано ново рочиште за предметот „Топлик“ на специјалното јавно обвинителство, во кој се обвинети...

Македонија1 ден

ЕЛЕМ: Децата на Грчев и Џафери се ангажирани оти имаа исклучителни биографии

По вработувањето на Димитар Грчев, син на архитектот Мирослав Грчев, и Бесијана Џафери, ќерка на собранискиот спикер Талат Џафери, од ЕЛЕМ за „Макфакс“...

Македонија1 ден

Мицкоски појадуваше со Могерини – „Постои сомнеж дека власта е вмешана во криминал“

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, денеска оствари работен појадок со високата претставничка на ЕУ за надворешна политика и безбедност, Федерика Могерини,...

Македонија1 ден

Судењето за „Насилство во Центар“ одложено за 1 јуни

Судењето за предметот „Насилство во Центар“ е прекинато и одложено за 1 јуни поради неможноста на претседателот на кривичниот суд,...

Регион1 ден

Харадинај побара од Хан визна либерализација за Косово

Косовскиот премиер, Рамуш Харадинај, побара од Европскиот комесар за проширување и добрососедство, Јоханес Хан, да ја вклучи Приштина во европскиот...

Македонија1 ден

Могерини: Да се продлабочат реформите за да има позитивни вести во јуни

Високата претставничка на Европската Унија за надворешна политика, Федерика Могерини, во обраќањето пред пратениците во Собранието забележа дека треба да...

Македонија1 ден

Кривична пријава за основките што претепаа соученичка во Неготино

Полицијата поднесе кривична пријава за насилство против трите ученички во основното училиште „Гоце Делчев“ во Неготино, кои истепаа своја соученичка....

Свет1 ден

Трамп: Никој не е поостар од мене кон Русија

Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека никоја не е остар кон Русија како што е тој и порача дека на...

Македонија2 дена

(Фото) Премиерите од Западен Балкан вечераа во Скопје

Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев, и високата претставничка за надворешни работи и безбедносна политика на ЕУ и...

Македонија2 дена

(Видео) Могерини: Може да славите половина ден, а потоа да се вратите на работа

Се вративте назад на патеката. Може да славите половина ден, а потоа да се вратите на работа. Ова го порача високата...

Македонија2 дена

(Видео) Заев: Препораката со години беше условена поради кризата и назадувањето со реформите

Македонските граѓани заслужуваат да бидат дел од Европската Унија, порача претседателот на Владата, Зоран Заев, на заедничката прес-конференција со високата...

Македонија2 дена

(Видео) ВМРО-ДПМНЕ: Позитивниот извештај од Европската комисија не е новина

„Корупцијата останува распространета во многу области и продолжува да претставува сериозен проблем. Политичкото мешање останува ризик“. „Се крие опсегот на...

Досие