Контакт

Анализи

Кинески патни правила

Објавено пред

На крајот на март, кинеската Комисија за национален развој и реформа ги здружи министерствата за надворешни работи и за трговија, и го објави обемниот нацрт на тоа што тие го нарекуваат „Економски појас на Патот на свилата“ и „Поморски Пат на свилата од 21-от век“, честопати скратено во „Еден појас, еден пат“. Некои веќе ја поистоветија програмата со Маршаловиот план, но ако не се одигра добро, Кина може и самата да се најде вплеткана во конфликти за кои не е подготвена

dobivaj vesti na viber

Додека очите на светот се фокусирани на кинеското агресивно амбициозно настапување во морињата на нејзиниот исток, кинеските лидери се загледани кон запад. На крајот на март, кинеската Комисија за национален развој и реформа ги здружи министерствата за надворешни работи и за трговија и го објави обемниот нацрт на тоа што тие го нарекуваат „Економски појас на Патот на свилата“ и „Поморски Пат на свилата од 21-от век“, честопати скратено во „Еден појас, еден пат“. Ако успее, оваа амбициозна програма би ја претворило Кина во главна економска и дипломатска сила на евроазиската интеграција. „Еден појас, еден пат“ повикува на зголемена дипломатска кооридинација, стандардизирани и поврзани трговски постројки, слободни трговски зони и други олеснувачки политики, финансиска интеграција која би го форсирала ренминбито (јуанот), директни културолошки образовни програми со народите од Азија, Европа, Блискиот исток и Африка. Некои веќе ја поистоветија програмата со Маршаловиот план, но кинеските лидери ја отфрлаат оваа споредба. Како што тие гледаат на нештата, она што тие го прават е интеграција на Евроазија, наместо цртање линии на поделба, и фокусирање на економскиот раст, наместо на политичкото влијание. Сепак, токму тука лежи опасноста: ако Кина не успее вешто да ги избалансира инвестициите и дипломатијата со нејзината потрага по политичко влијание, може и самата да се најде вплеткана во конфликти за кои не е подготвена.

 

На пат

Иако точните детали за „Еден појас, еден пат“ варираат од мапа до мапа и од предлог до предлог, во суштина земниот појас, составен од патишта, железници, цевководи за енергенси и од телекомуникациски врски, се стреми кон поврзување на Кина, Централна Азија, Билскиот исток, Европа и Русија. Поморскиот пат ќе „плови“ од кинескиот брег низ Јужното Кинеско Море, Индискиот Океан, Црвеното Море, Средоземното Море (преку Суецкиот канал), со попатни пристаништа во Африка. „Еден појас, еден пат“ е надоврзување кон претходните повици од кинеските академици за „марш кон Запад“, како одоговор на стратешкото навлегување на САД во Азија. Името на двојната програма на Пекинг посегнува уште поназад во минатото, кон античкиот Пат на свилата, повикувајќи се на историската улога на Кина во промоцијата на трговијата меѓу Азија и Европа.

Кинескиот претседател Си Џинпинг официјално го најави „појасот“ во говор во Казахстан од септември 2013 година, а „патот“ во говор во Индонезија во октомври истата година. Финансирањето ќе се влече од 50-те милијарди долари на контроверзната Банка за инвестиции во инфраструктурата на Азија – AIIB (Asian Infrastructure Investment Bank), Фондот за новиот Пат на свилата, вреден 40 милијарди долари и од Новата развојна банка, иницијатива помеѓу државите од БРИКС (Бразил, Русија, Индија, Кина и Јужна Африка). Кинеските лидери пресметале дека програмите ќе засегнат 4,4 милијарди луѓе во повеќе од 65 држави, а годишната трговија со земјите – учеснички би можела да се искачи на 2,5 трилиони долари во рок од една деценија. Еден воведничар на South China Morning Post го нарече „проект кој е најбитен и со најголем опфат од сите кои оваа нација некогаш ги спровела“.

Стратегијата на „Еден појас, еден пат“ е во согласнот со голем број кинески домашни цели, кои се, пак, во согласност со „кинескиот сон“ на Си за национален препород. Прв меѓу нив е поттикнвањето на кинеската економија преку обезбедување на испуст за вишоците на индистриските капацитети. Во моментот кога Пекинг се обидува да го излади прегреаниот домашен сектор на инфраструктура без притоа да создаде масовна невработеност, плановите кои го канализираат растот воден од инвестиции надвор од Кина стануваат клучни. Внатре, во границите на Кина, плановите се фокусираат на релативно неразвиените западни и јужни региони, што ќе помогне да се забрза растот и да се поттикне вработувањето во тие региони, потези за кои лидерите се надеваат дека ќе ги задушат етничките немири, а згора ќе обезбедат и работни места и вентил за работната сила во земјата. Надвор од нејзините граници, Кина сака да извлече корист од трговијата и валутната размена, со што би се зголемила меѓународната сила на ренминбито како глобалната трговска валута. Склучувањето на енергетски договори ќе помогне во обезбедувањето на непречена достава во момент кога енергетските побарувања на Кина постојано растат. Земната енергетска инфраструктура особено може да помогне во намалувањето на неподносливата зависност од поморската испорака. Земено дека растот во развиените економии се уште е многу бавен, Кина гледа на азиските економии во развој како на извор на раст пред сопствениот праг.

„Еден појас, еден пат“, исто така, ќе им послужи и на надворешнополитичките цели, со тоа што ги продлабочува односите со соседите на Кина. Двојниот план ќе ги прошири и врските на Пекинг со главните развиени земји и ќе изгради поддршка за еден преобликуван меѓународен систем кој ќе ја смести Кина во центарот на светската моќ.

Растот ја поттикна Кина преку волја да си ги прифати надворешнополитичките обврски, а трговската програма ќе му овозможи на Си да ја турка неговата програма „заедница на заедничка судбина“, визија за споделен азиски раст во наредните децении. Засилените билатерални врски со државите долж двојните трговски рути ќе ги поддржат кинеските амбиции за изградба на мрежа на незападни меѓународни организации, во кои Кина ќе ја игра главната, ако не и доминантната ролја. Организациите како што се Шангајската организација за соработка и Конференцијата за интеракција и градење на доверба во Азија ќе и овозможат на Кина да турка меѓународни дипломатски приоритети надвор од односите на Пекинг со Вашингтон.

 

Пречки на патот

Се чини дека „Еден појас, еден пат“ добива на замав откако Си првпат го најави. Плановите имаат силна финансиска подлога, особено преку воспеаната AIIB и поддршката од кинеските политички и економски елити. Но,огромните пречки на патот сé уште се тука и можат да претставуваат предизвик за кинеската способност да ги реализира своите амбиции. Иако напорите да се пополни дупката во азиската инфраструктура, процената на околу осум трилиони до 2010 година, се добредојдени, лабавите стандарди на зајмење би можеле да го поткопаат целиот процес. Ако државите почнат да ги користат фондовите за туркање на нелогични или неодржливи развојни проекти поврзани со „Еден појас, еден пат“, кинеските инвестиции би можеле да пострадаат кога должниците ќе почнат да се мачат со враќањето на заемите. Згора на тоа, проектите кои би можеле да доведат до неочекувани скандали поврзани со екологијата или човековите права, би можеле да го нарушат кинескиот имиџ на глобален актер. Во сферата на поморството, иако кинеските напори да ја усовршат пристанишната инфрастрултура долж рутата и предложените зони на слободна трговија може да го подобрат трговскиот капацитет на земјите-учеснички, сé уште не е јасно како поморскиот пат ќе се надоврзе на постоечките транспортни линии.

Натаму, иако кинескиот министер за надворешни работи Ванг Ји изјави дека „Еден појас, еден пат“ „не е геополитичка алатка“, Кина најверојатно ќе се обиде да ја претвори економската соработка во политичко влијание. За да го стори тоа, Пекинг ќе мора да надмине бројни пречки, пред сé, во менаџирањето на натпреварот во моќ со Индија, Русија и САД во рамките на Централна Азија, Јужна Азија и Блискиот исток. Напорите на Русија да создаде Евроазиска унија која ги поврзува поранешните советски републики преку економска соработка, претставува директна закана за кинеската интеграциска стратегија, иако кинеско-руските односи се во нагорна линија. Индија, исто така, ќе има забелешки за кинеските регионални аспирации, бидејќи програмите на Пекинг би можеле да им попречат на нејзините сопствени политики, врамени во „Делувај источно“ и „Поврзување на Централна Азија“. Кинеската поморска експанзија во Индискиот Океан, особено во пристаништата кои треба да служат како појдовна точка за кинеските поморски операции, само придонесуваат кон нелагодноста на Индија. Иако вмешаноста на САД во Централна Азија бледнее како што се намалува нејзината улога во Авганистан, кинеската вмешаност ширум Евроазија, Индискиот Океан и Блискиот исток ќе биде тест за способноста на Пекинг да ја балансира конкуренцијата со соработката, со тоа што ќе работи со, а не наспроти своите соседи и глобалните политички сили.

Успехот на проектите „Еден појас, еден пат“ ќе зависи од соработката на каприциозните регионални и локални лидери. Многу лидери, особено во Централна Азија и на Блискиот исток, се повикуваат на вековното искуство во местењето на големите сили една против друга за да се стекнат со лична политичка и финансиска полза. Среде сé поинтензивниот секташки конфликт на Блискиот исток, на пример, кинеските лидери би можеле да се соочат со сé поголеми тешкотии во балансирањето на кинеските долгорочни врски со Иран и растечките односи со сунитските држави, предводени од Саудиска Арабија. Неодамнешната одлука на Шри Ланка да ревидира преку дваесет проекти поддржани од Кина е индикативен случај сам посебе. Предизвиците од недржавните актери само го зголемуваат видот ризици со кои Кина не е научена да се справува. Талибаните во Авганистан, Исламската држава во Ирак и Сирија и Хутите во Јемен – сите тие се закана за кинеските инвестиции и клучните транзитни точки долж предложените трговски рути.

„Еден појас, еден пат“ би можел да ги развлече кинеските надворешнополитички доктрини и можности до точка на пукање. Кинеската реторика за резултати со кои сите добиваат, одлучување преку консензус и одбегнување на мешање, ќе се судри со суровата реалност на заштита на кинеските граѓани и инвестиции. Миротворното искуство на Кина во Судан нуди увид во тоа како државата би можела да ги спроведува идните интервенции, кога ќе се бара заштита на нејзините финансиски интереси. Желбата на Кина да избегне интервенција во Судан исчезна кога земјата почна да се распаѓа, заканувајќи им се на кинеските нафтени инвестиции и присилувајќи го Пекинг да се наметне како дипломатски посредник и да размести миротворни сили. Ако кинеските дејствија ја надминат базичната заштита на нејзините инвестиции и преминат во пошироки геополитички акции, меѓународната перцепција за идните кинески странски инвестиции би можела да им даде повеќе кредибилитет на сомнежите за имепријалистичките стремежи на Пекинг. Таквата динамика ги карактеризираше кинеските односи во Источното и Јужното Кинеско Море последниве неколку години. Не е тешко истото да се замисли и за нејзините стремежи кон запад.

На операциско ниво, растечките глобални интереси на Кина би можеле да создадат нови одговорности за растечката, но сé уште неискусна кинеска армија. Неодамнешната мисија на Пекинг да ги евакуира кинеските граѓани од Јемен означи битен пресврт за нацијата: прва успешна воена акција за спасување на кинески граѓани и странци од кризен регион. До многу скоро, во 2011 година, Народната армија на Кина немаше капацитет за иста таква мисија во Либија. На дипломатски план, напорите да настапат како медијатор со талибаните во Авганистан преку организирање на самит за дијалог и напорите да го помогнат дијалогот меѓу Израел и Палестинците преку мировниот план од пет точки, ги оцртуваат амбициите на Кина како глобален решавач на проблеми. Засега, овие напори се мачат да прејдат во нешто повеќе од симболика, зашто нацијата допрва треба да постигне вистинска дипломатска победа во кое и да било од прашањата каде што интервенираше. Со сиве овие мерки на надворешната политика, Кина би можела да се соочи со парадокс: во стремежот по стратешка длабочина кон запад, Кина всушност би можела премногу рано премногу да се растегне и да биде вовлечена во конфликти и одговорности чии товари не е подготвена да ги понесе.

Трансформацијата на иницијативата „Еден појас, еден пат“ од амбициозна картографска формулација со историски корени, во употребллива стратегија за економска дипломатија и, можеби, геополитчко влијание ќе ги тестира кинеските способности во сите аспекти на надворешната политика. Маршот на запад може да биде навистина долг./крај/мф/сс

Извор: Макфакс



©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Анализи

Силјановска vs Пендаровски: Кој добива, а кој губи во битката на социјалните мрежи и медиумите?

Објавено пред

Претседателските кандидати Стево Пендаровски и Гордана Силјановска-Давкова најмногу се спомнуваат во медиумите, а најмалку се популарни меѓу твитерџиите. Во негативен контекст почесто е споменувана Силјановска на социјалните мрежи „Феjсбук“ и „Твитер“, но и во медиумите.

dobivaj vesti na viber

Ова го покажа првата сентимент-анализа на истражувачкиот центар на „Макфакс“, која се изработуваше во периодот од 1 до 9 април годинава. Процесот на изработка на анализата е базиран на компјутерски алгоритми и има задача да одреди во каков контекст (многу негативен, негативен, неутрален, позитивен или многу позитивен) е напишан одреден текст или дел од текстот.

Преку системот беа анализирани 220 медиуми, како и објавите и коментарите на над еден милион корисници на „Фејсбук“ и твитовите од 300 илјади профили. Тестирањата на платформата покажaа дека користените технологии даваат резултат со точност поголема од 80 проценти.

Според анализата, имињата на Силјановска-Давкова и на Пендаровски почесто се споменуваат во медиумите отколку на социјалните мрежи „Твитер“ и „Фејсбук“. Во првите девет дена од месецот тие биле споменати вкупно 3.515 пати. На „Фејсбук“ биле споменати речиси двојно помалку, а најмалку биле споменувани на „Твитер“.

Силјановска, според оваа анализа, најмногу била спомената на веб-порталите „Република“, „Курир“, „Инфомакс“ и на „Прес 24“, а Пендаровски на „Прес 24“, „Макпрес“, „24 инфо“ и на „Вечер“. Од инфографикот може да се види комплетната слика за тоа во кој медиум биле најмногу застапени двајцата претседателски кандидати.

Во однос на контекстот на споменување во медиумите може да се заклучи дека постои тесна разлика меѓу Силјановска и Пендаровски, иако кандидатката зад која стои опозициската ВМРО-ДПМНЕ предничи со негативните коментари.

Па, така, во многу негативен контекст Силјановска била спомената 201 пат, а Пендаровски 136 пати. Ако таа била спомната 914 пати во негативен контекст, Пендаровски во истиот контекст бил спомнат 778 пати. Тој предничи и во однос на неутралните спомнувања во медиумите, а Силјановска предничи во однос на позитивните споменувања. Тесна е разликата меѓу многу позитивните конотации, во кои биле ставени двајцата претседателски кандидати на кои се однесува анализата, во која за 8 споменувања предност има Пендаровски.

Според податоците од аналитичкиот центар на „Макфакс“, претседателскиот кандидат Пендаровски е попопуларен од Силјановска во однос на бројот на споменувања. Во многу позитивен или позитивен контекст меѓу твитерџиите тој е споменат 231 пат, а Силјановска 201. Во однос на тоа дали кандидатите се споменати во негативен или многу негативен контекст за нијанса води Силјановска, која е спомената 401 пат, а Пендаровски 389.

Слична ситуација може да се види и на „Фејсбук“, каде што Пендаровски има предност во однос на бројот на споменувања. Ако Силјановска била спомената 481 пат во многу негативен или во негативен контекст, Пендаровски е споменат 429 пати. Кај претседателскиот кандидат зад кој стои СДСМ поголем е бројот на позитивни или многу позитивни споменувања на социјалната мрежа „Фејсбук“.

Според сето ова, Силјановска има поголема вредност на вкупниот сентимент во негативен контекст на социјалните мрежи и во медиумите од Пендаровски. Важно е да се потенцира дека не станува збор за анкета што ги мери гласовите за кандидатите, туку за начинот на кој тие се прикажани и коментирани во интернет-просторот. Истражувачкиот центар на „Макфакс“ на почетокот на кампањата за претседателските кандидати спроведе анкета.

Целосната методологија за начинот на изработката на сентимент-анализите на истражувачкиот центар на „Макфакс“ е достапна на следниот линк.

Прикажи повеќе...

Анализи

СЈО со детали: Како Камчев и Мијалков ги переле парите градејќи империја

Објавено пред

Злосторничко здружение, кое функционирало повеќе од 8 години, од 2009 година, кога биле отворани и затворани фирми, перени милиони и милиони евра, биле менувани сопственици, бил купуван огромен имот, отворани фирми на офшор-дестинации за еднократна употреба, префрлувани пари преку кипарски банки, а потоа овие испрани пари влегуваат како основачки влогови за да формираат македонски фирми.

dobivaj vesti na viber

Вака накусо може да се опише случајот „Империја“ на специјалното јавно обвинителство (СЈО), каде што, меѓу другите, осомничени се едни од највлијателните луѓе во земјата, бизнисменот Орце Камчев и поранешниот директор на УБК, Сашо Мијалков.

Три месеци по почнувањето на истрагата, обвинителството излезе со детали за еден од најобемните предмети за кој засега е утврдено дека се испрани речиси 11 милиони евра.

Истрагата е проширена за „Графички центар“ и за „Медија принт Македонија“ (МПМ), извршени се претреси во фирмите, осомничените се испрашани и собрани се докази.

Соработката меѓу Македонија и Кипар е воспоставена, па сега, конечно, на виделина излегуваат и имињата на оние што се криеле зад офшор-фирмите преку кои се переле пари.

Од крајот на јуни до крајот на октомври 2018 година некои од осомничените од „Империја“ биле под посебни истражни мерки.

„Мијалков не беше под посебни истражни мерки, Камчев многу внимателно зборуваше по телефон, но не и другите осомничени“, велат од СЈО.

Без разлика како ќе се одвива понатаму истрагата за „Империја“, со оглед на тоа што статусот и истрагите на СЈО сè уште се неизвесни, оттаму велат дека собрани се речиси 90 отсто од доказите за случајот да може да продолжи понатаму.

Злосторничкото здружение се распаѓа кон крајот на 2017 и почетокот на 2018 година кога осомничените почнуваат да земаат кредити за да се раздолжат, но тоа не значи дека тука завршуваат и нивните поединечни активности.

Под лупа на СЈО е и фирмата поврзана со семејството Мијалкови, „Бест веј инвестмент“, формирана веднаш по обеледонувањето на таканаречените бомби во 2015 година, чиј сопственик е синот на Сашо Мијалков, Јордан. СЈО истражува како се ширел бизнисот и како оваа фирма успева да заработи огромни суми и да стекне голем имот само за три години работа. „Бест веј инвестмент“, ако во 2016 година имала приходи од 816 илјади евра, во 2017 година веќе приходите ѝ растат на 9,6 милиони евра, што само покажува дека независно кој е на власт, бизнисите на Мијалков работат со полна пареа.

Краен сопственик на мистериозната „Ексико“ бил Камчев

Натписот на поштенското сандаче на улицата Иван Милутиновиќ во Скопје сведочи за постоењето на „Ексико“, чие сопствеништво е скриено

Центарот на истрагата за „Империја“ се познатата офшор-фирма „Ексико“ и бизнисменот Орце Камчев.

Истрагата утврдила дека зад првата фирма-мајка на „Ексико“, „Делта инвестмент“ од Белизе, всушност се крие таткото на Орце Камчев, Илија. Од оваа фирма, која поседуваше акции во големи акционерски друштва, а се јавуваше и како еден од сопствениците на атрактивните плацови на Водно, досега сите креваа раце и демантираа дека стојат зад неа.

Истрагата на СЈО утврдила дека по Илија Камчев, набргу како краен сопственик фигурирал и поранешниот директор на македонски „Телеком“, Жарко Луковски, а кога сопствеништвото на фирмата се сели во Америка, односно сопственик станува извесна „Калвус ЛЛЦ“ (Calvus LLC) од САД, крајниот сопственик е всушност Орце Камчев.

Од оваа американска фирма кон „Ексико“ се влеваат 1,6 милион евра како прилив, а дел од овие пари завршува на личната сметка на Камчев, додека со дел се купувани имот и земјиште во Гевгелија, на кое понатаму е предвидено да се градат казина.

Подоцна, а и до ден-денеска, сопственик на „Ексико“ е фирмата со швајцарски капитал „Т&МЈ инвестмент“ од Лугано, Швајцарија, фирма зад која оперативните сознанија покажале дека краен сопственик е член на семејството Мијалкови. Од швајцарската фирма кон македонската „Ексико“ немало никаков прилив или одлив на пари.

„Ексико“ не е единствената фирма преку која функционирало ова злосторничко здружение. Колку за пример, во истатата 2009 година офшор-компанијата „Хоспитал менаџмент груп ЛЛЦ’ од Кипар ја основа клиничката болница „Систина“. Понатаму, оваа компанија го продава имотот на друга офшор-компанија од Панама. „Орка холдинг“ го купува уделот од панамската, па повторно ѝ го продава на „Систина“, со што фактички Камчев внесува удел од „Хоспитал менаџмент“ од Кипар во Македонија.

Сомнежи за перење пари преку кипарски банки

Преку кипарски банки парите влегуваат во земјата

Значаен дел од истрагата на СЈО за „Империја“ има и фирмата „Финзи“ – истата фирма за која во таканаречените бомби можеше да се слушне дека одела набавката за опрема за следење интернет-комуникации за МВР. Министерството, додека на чело на УБК беше Мијалков, наместо директно да ја набави изреалската опрема за прислушување, тоа го правела преку „Финзи“. Во текот на истрагата за случајот самоубиство изврши директорот на „Финзи“, Коста Крпач, во април 2016 година.

Сега истрагата за „Империја“ повторно допира до „Финзи“, фирма основана од „Финзи ЛЛЦ“ во САД. Краен сопственик на оваа компанија, според СЈО, повторно е Орце Камчев.

Во неколку наврати од „Финзи ЛЛЦ“ преку кипарска банка кон македонската „Финзи“ биле исплатувани 650.000 евра. Во тоа време, односно во 2009 година, директор на „Финзи“ во Македонија е Владислав Стајковиќ, брат на Небојша Стајковиќ, поранешен помошник-министер за информатичка технологија во МВР.

Овие пари понатаму влегуваат како основачки влог во „Систина кардиологија“, фирма што подоцна е преименувана во „Си-Фи-Кар“ („Систина“, „Финзи“, “Кара“). Во 2012 година, според СЈО, кога парите веќе се испрани, американската мајка-фирма се затвора и се отвора нова фирма, во која Крпач влегува како директор, а на истата сметка легнуваат парите од израелската донација за опрема за прислушување.

„Не купуваат компании за да работат со нив, туку за да извлечат што можат“

Орце Камчев и Сашо Мијалков, клучните играчи во „Империја“

Многу компании, офшор, стотици папки со документи и изјави од сведоци содржи еден од најобемните предмети на СЈО – „Империја“. Од она што беше претставено пред новинарските екипи, неизбежен е заклучокот дека од досегашната истрага и собраните докази станува збор за класични примери за сомнежи за перење пари пред кои надлежните институции со години молчеле или се откажувале од гонење поради немање докази.

Дел од истрагата е отстапен и на купувањето на „Бетон Штип“ од страна на ТИМ ДОО, „Орка холдинг“, „Езимит“ ДООЕЛ и „Ексико“.

„Кога тие купуваат компанија, не ја купуваат за да ја работат, туку да извлечат што може од имотот на компанијата“, велат од СЈО.

Па, така, и овој пат сознанијата говорат дека од „Бетон Штип“ се извлечени 4 милиони евра, односно газдите ги тераат акционерите со парите да купуваат имот, а понатаму како што се извлекуваат парите, така се инвестираат во други зделки за што патем говорат и последните информации дека речиси 250 работници веќе ги напуштаат работните места од „Бетон Штип“ и истовремено преку суд си ги бараат неисплатените плати за последните четири месеци.

Дел од истрагата го опфаќа и „Фершпед“, односно од моментот кога Кираца Трајковска, која беше еден од мнозинските акционери во “Фершпед“, поради долг во Еуростандард банка, преку посредник побарала кредит од Стопанска банка АД Битола. Камчев, кој е дел од Управниот одбор на банката, наместо кредит, според СЈО, на Трајковска ѝ понудил преку физички лица да ѝ бидат префрлени парите по што биле ослободени нејзините акции од „Фершпед“.

За да им ги продаде акциите на странски инвеститори, таа го ангажирала брокерот Јованче Тасковски. Но, за нејзината намера дознал Штерјо Наков, кој побарал помош од Мијалков, со цел тој да ги купи акциите. Мијалков се договора со Камчев да ја изиграат, па без нејзино знаење, според СЈО, Ненад Јосифовиќ ги продава акциите на физички и правни лица поврзани со Наков за 4 милиони евра повисока цена од реалната. Парите од зделката завршуваат во фирма чии сопственици се „Ексико“, „Орка холдинг“ и „Тимох“.

Во делот од истрагата за „Империја“ влегуваат и стари случаи, кои претходно во обвинителствата завршувале со откажување од гонење поради немање доволно докази. Таков пример е истрагата за „пропаѓањето“ на „Орка спорт“, „Орка текстил“ и други фирми во сопственост на сега покојниот Илија Камчев. Данокот се избегнувал да се плаќа преку лажни стечаи, обезвреднување на имотот и формирање офшор-компании, а потоа парите „чисти“ биле внесувани во земјата, односно целиот имот бил пренесуван на новоформирани компании.

На овој начин, впрочем, и се градела целата империја – преку лојални соработници, изигрување на законитe и формирање компании за еднократна употреба.

Како ќе заврши истрагата и дали случајот ќе добие епилог останува неизвесно. Засега Орце Камчев и Сашо Мијалков се во домашен притвор, а конечниот збор ќе го каже Врховниот суд.

Освен Камчев и Мијалков, осомничени во случајот „Империја“ се и Ратка Куноска-Камчева, мајка на Камчев и неизвршен член на Одборот на директори на „Орка ходинг“, Кристина Камчева-Стојческа, сестра на Камчев и неизвршен член на Одборот на директори на „Жито полог Тетово“, Лилјана Гајдоска, правник во фирмите на Камчев, неизвршен член на Одборот на директори на ЗК „Пелагонија“, Тодор Мирчевски, директор на „Ексико“, Владислав Стајковиќ, сопственик на НВСП, доскорешен директор на „Мобико“ и поранешен директор на „Финзи“, Ванче Мијалчев, извршен директор на „Бетон Штип“, Јованче Тасковски, брокер, и Дејан Јанев од „О.Т.Е. инвест“.

Прикажи повеќе...

Анализи

Политиката го подели СЈО на табори

Објавено пред

„Чарлиевите ангели“ ги нема. Катица Јанева, Ленче Ристоска и Фатиме Фетаи речиси една година не се појавуваат на заеднички прес-конференции. Во јавноста и на социјалните мрежи сè погласни се критиките за работата на специјалното јавно обвинителство и ослабената доверба во оваа институција.

dobivaj vesti na viber

Три и пол години по формирањето, целосен судски епилог има само за два случаја а сè погласни се шпекулациите дека во СЈО владее поделеност на обвинителите на табори, кои меѓусебно не се согласуваат за дејствувањето на ова обвинителство, па тие разлики во мислењата лесно се забележливи и во јавноста.

Трите жени, кои беа симбол за СЈО, ретко може се видат заедно во јавноста, а речиси една година Ленче Ристоска и Фатиме Фетаи не даваат заеднички изјави. Според нашите извори, со слични ставови на една страна биле обвинителките Катица Јанева и Лиле Стефанова, а на друга Ленче Ристоска и Фатиме Фетаи.

Од друга страна, сè поприсутна во јавноста е главната специјална обвинителка Катица Јанева, која, според најавите, во вторник ќе се појави на „1ТВ“, каде што заедно со обвинителите Лиле Стефанова и Трајче Пеливанов треба да одговараат и на прашања од гледачите. Токму во фирмата сопственик на „1ТВ“, „БМЈ медиа груп“, работи синот на Јанева, младиот гевгеличанец Лазар Јанев, за кого веќе беше објавено дека пред вработените бил претставен како директор на правна служба. Пред точно два месеца Јанева беше гостинка на „1ТВ“ и се фотографира со сопственикот на телевизијата, Бојан Јовановски, со назнака дека станува збор за работен состанок.

Во СЈО во последната година во целост се смени практиката на комуникација со јавноста. Последната прес-конференција СЈО ја одржа на 21 март минатата година.

Повеќе нема брифинзи со новинари, а на обвинителките Ристоска и Фетаи не им е дозволено да даваат интервјуа и изјави. Целосна затвореност владее и во однос на истрагите. Случајот „Империја“, во кој, меѓу другите, се осомничени и бизнисменот Јордан Камчев и ексдиректорот на УБК, Сашо Мијалков, беше отворен пред повеќе од 2 месеца, а од СЈО нема дополнителни информации, освен дека истрагата е сложена.

Сите обиди на „Макфакс“ да обезбедат брифинг за случајот беа залудни. Новинарите меѓу себе коментираат дека ова обвинителство, кое наметна транспарентно работење, последнава година се затворило, иако обвинителите поминале серија обуки за комуникација со јавноста. Тоа остава простор за шпекулации во постапувањето по предметите на обвинителството. Од друга страна, во редовното Обвинителство се спроведува тренинг за односи со јавноста на обвинителите.

Според нашите информации, во специјалното јавно обвинителство меѓу некои од вработените владее незадоволство од начинот на работа, особено по последните политички случувања, амнестии и повици за помирување, кои во голем дел влијаат и врз актуелните предмети што се во судска постапка, но и на оние што се во истрага и предистрага, а во кои, меѓу другите, се вклучени и Сашо Мијалков, Елизабета Канческа-Милевска, Али Ахмети, Бујар Османи.

Ексминистерката за култура, КанческаМилевска, е инволвирана во предистрагата за предметот „Скопје 2014“, кој е еден од најобемните предмети на СЈО, за Мијалков се водат повеќе судски постапки, а предметот за агенцијата за обезбедување СГС е во предистрага.

Во процесот на помирувањето наголемо се споменуваа и измените во Кривичниот законик, односно член 353, став 5, кој ја регулира злоупотребата на службената положба преку јавните набавки. Доколку дојде до промена на овој член, како што беше најавувано, помали казни или ослободување од одговорност ќе добијат голем број обвинети во случаите на СЈО, меѓу кои и Мијалков.

Уставниот суд сè уште не расправал по иницијативата на адвокатот Еленко Миланов, кој бара судиите да се произнесат за овој член од Кривичниот законик.

Сите овие политички инволвирања, кои допираат и до СЈО, според нашите извори, довеле до голем раздор во работата на институцијата, која има годишен буџет од 3,7 милиони евра. Некои од обвинителите се разочарани од фактот што нивните предмети и нивната работа зависат исклучително од тековната политичка ситуација, па токму затоа во последниот период и не се работи на нови предистраги бидејќи се чека исходот од тоа што ќе се случува со институцијата и дали евентуално одредени функционери од претходната, но и од актуелната власт, ќе избегнат одговорност.

Прикажи повеќе...

Најново

Регион35 минути

„Клучот е кај родителите, тие мора да одговорат на едно прашање“, вели поранешен шеф на белградската полиција за случајот со исчезнувањето на Данка

Родителите се тие што имаат многу да објаснат. Прво, зошто чекаа да го пријават исчезнувањето? Колку што знам, чекаа два...

Топ50 минути

Нападната и ограбена охриѓанка, со тешки повреди пренесена во болница

Вчера во 10.15 часот во СВР Охрид е пријавено дека, на улицата „Марко Несторовски“ во Охрид, едно лице физички ја...

Македонија1 час

(Видео) Мицкоски: Коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ „Твоја Македонија“ застанува зад бранот промени за стабилна и силна Македонија

Денес потпишавме Повелба за стратешко коалицирање и утврдување на принципите на идна работа на Коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ наречена „Твоја...

Топ3 часа

Тешка сообраќајна несреќа во Кичево – три млади лица го загубија животот, има и тешко повредени

Утрово во 4.50 часот на улицата Магистрален пат во Кичево се случила сообраќајна несреќа помеѓу патничко возило „пежо“ со кичевски...

Македонија3 часа

Петровска: Судот донесе одлука дека Ковачки неправедно ме клеветел

Министерката за одбрана, Славјанка Петровска објави дека судот донел одлука со која се утврува дека пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Драган Ковачки,...

Македонија5 часа

Притвор од 48 часа за две лица задржани по убиството на лекарот во Железара

Со оглед на тоа што се уште се преземаат дејствија за обезбедување докази, јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје...

Регион5 часа

Почна нова детаљна потрага по Данка, пристигнаа спасувачки екипи со куче

Две специјалистички спасувачки екипи од Белград и Нови Сад, Одделот за вонредни состојби на МВР на Србија, синоќа пристигнале во...

Регион6 часа

Силен земјотрес ја погоди Бугарија

Земјотрес со јачина од 3,8 степени според Рихтеровата скала ја погоди Бугарија, јавува ЕМСЦ. Земјотресот е регистриран во 8:38 часот...

Европа6 часа

Автобус повторно се преврте на автопат во Германија, патниците биле средношколци

Автобус со околу 60 патници се преврте вчера на автопатот А44 во западната германска покраина Северна Рајна Вестфалија, јавува дпа....

Свет6 часа

Израел ја нападна Сирија: „38 лица загинаа во Алепо, меѓу кои и членови на Хезболах“

Повеќе цивили и војници загинаа откако Израел и милитантните групи започнаа напади врз северниот сириски град Алепо, соопшти утрово сириското...

Европа6 часа

Лавров: Украинскиот план е бесмислен, вклучува повлекување на нашата армија од освоените територии

Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров изјави дека мировниот план предложен од Украина е бесмислен бидејќи се заснова на...

Македонија18 часа

ВМРО-ДПМНЕ ги утврди пратеничките листи за изборите: „Се работи за луѓе со кредибилитет, искусни и енергични“

Извршниот и Централниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ одржаа седница на која беа усвоени пратеничките листи на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата за претстојните...

Македонија19 часа

Села оди во коалиција со Ахмети

На седница на Централното собрание на крилото на Алијансата за Албанците предводено од Зијадин Села, беше одлучено да коалицираат со...

Македонија21 час

Македонија треба да и’ врати 2,2 милиони евра на Европската Комисија кои биле злоупотребени преку „Еразмус“

Европската канцеларија за борба против измами (ОЛАФ) бара Македонија да врати 2,2 милиони евра злоупотребени преку програмата „Еразмус+“. Директорот на...

Македонија22 часа

Вработените во „Еуроникел“, кои останаа без работа, ќе добијат можност да се вратат во фабриката, новите газди со производството почнуваат во јуни

Речиси 600 вработени во кавадаречката фабрика „Еуроникел индустри“ ќе добијат можност повторно да се вратат на работа во следните 90...

Македонија23 часа

Тошковски: Приведен е и трет осомничен во врска со убиството на лекарот во скопска Железара

Техничкиот министер за внатрешни работи, Панче Тошковски, денеска изјави дека е приведено уште едно лице во врска со убиството на...

Економија1 ден

Трендафилов најави неколку протести: Во вторник ќе ги охрабриме судиите да ја преиначат срамната пресуда за конфискација на Работничкиот дом

Претседателот на ССМ, Слободан Трендафилов, денеска, на прес-конференција, за 2 април најави протест, кој ќе почне пред седиштето на ССМ...

Топ1 ден

Го оградил државното земјиште зад Поликлиниката „Бит-пазар“ и наплаќал за приватен паркинг: кривична за скопјанец

Единицата за економски и компјутерски криминал при СВР Скопје поднесе кривична пријава против А. Р. (62) од Скопје и против...

Македонија1 ден

(Видео) „ДПМНЕ и Тошковски ја загрозуваат безбедноста на граѓаните“, вели Талевски

„Два месеца откако ВМРО-ДПМНЕ го презеде раководењето со Министерството за внатрешни работи, безбедносната состојба во Прилеп никогаш не била полоша....

Економија1 ден

„Растот на платите со кои се фали Битиќи е лага, платите се стопија со порастот на трошоците на живот“, велат од ВМРО-ДПМНЕ

„Уште една голема манипулација на СДСМ кои се во очај! Во отсуство на било какви економски резултати, Фатмир Битиќи на...