Контакт

Анализи

Најбогатите 62-ца милијардери поседуваат исто богатство како половина од светската популација

Објавено пред

Од добротворната организација Oxfam, која со децении ги следи овие податоци, сметаат дека само повисоките плати, справувањето со одбегнувањето на даноци и многу поголеми инвестиции во јавните сервиси можат да спречат овој јаз уште повеќе да се прошири.

dobivaj vesti na viber

Имотот на само еден отсто од најбогатите луѓе на светот ја надминал во текот на минатата 2015 година сопственоста на преостанатите 99 отсто, и тоа една година порано отколку што се предвидуваше, или 62 луѓе на планетава имаат исто колку и најсиромашната половина од светската популација, објави британската невладина организација Oxfam пред светскиот економски форум во Давос.

„Разликата меѓу најбогатиот слој и остатокот од населението се продлабочила на спектакуларен начин во последните 12 месеци“, се наведува во извештајот на споменатата невладина организација под насловот „Економијата во служба на еден отсто од населението“, објавено пред одржувањето на Светскиот економски форум (WEF) кое започнува во средата во швајцарскиот зимски туристички центар Давос. „Минатата година Oxfram предвидуваше дека еден отсто од населението ќе поседува повеќе од остатокот на светот во 2016 година. Тоа предвидување се оствари веќе во 2015-та, една година порано“, се истакнува во извештајот. „Од почетокот на XXI век, најсиромашната половина од човештвото искористила помалку од 1 процент од вкупното зголемување на светското богатство, додека 1 отсто од најбогатите поделиле половина од тоа зголемување“, се истакнува во извештајот.

Како илустрација за спектакуларното продлабочување на нееднаквоста последните години, организацијата пресметала оти „62 лица поседуваат исто колку и најсиромашната половина од светското население“, односно 3,5 милијарди луѓе, додека „пред пет години таа бројка изнесувала 388 луѓе“, што покажува дека богатите станале уште побогати, а сиромашните уште посиромашни.

Богатството на 62-цата најбогати пораснало од 2010 година за 44 отсто, додека богатството на 3,5 милијарди луѓе на планетава се намалило за 41 отсто, се наведува во извештајот на Oxfram. Речиси половината од супер богатите поединци потекнуваат од САД, 17 се од Европа, а остатокот од Кина, Бразил, Мексико, Јапонија и Саудиска Арабија.

„Светските челници се загрижени од тоа што ескалацијата на кризата на нееднаквоста досега не доведе до конкретни чекори – светот стана место со многу повеќе нееднаквост и тој тренд забрзува. Не можеме и натаму да дозволиме стотици милиони луѓе да гладуваат, додека ресурсите кои би можеле да се искористат да им се помогне се во рацете на оние на самиот врв“, вели извршната директорка на Oxfram International, Вини Бјанјима.

Околу 7.600 милијарди долари богатство на поединци лежат во даночните прибежишта во странство, а кога би бил платен данокот на доход, којшто го генерира ова богатство, на владите на располагање секоја година би им стоеле дополнителни 190 милијарди долари, коментира доцентот на Универзитетот Беркли во Калифорнија, Габриел Закман.Дури 30 отсто од севкупното африкански финансиско богатство се наоѓа во странство, со што секоја година континентот губи околу 14 милијарди долари даночни приходи, објави Oxfram, повикувајќи се на истражувањето на Закман. Тоа се доволно пари да се плати здравството и на годишно ниво да се спасат 4 милиони деца, како и да се вработат доволно наставници, за секое африканско дете да оди на училиште, се наведува уште во извештајот.

„Мултинационалните компании и богатите елити играат според поинакви правила од сите други, одбиваат да платат даноци кои се потребни за општеството да функционира. Фактот дека 188 од 201 водечка компанија во светот се присутни барем во едно даночно прибежиште, покажува дека е време да се дејствува“, порачува вели Бјанјима.Обезбедувањето на собирањето на даноците од компаниите и богатите поединци ќе биде клучно за елиминирањето на екстремната сиромаштија до 2030 година, една од 17-те одржливи развојни цели кои во септември минатата година ги одредија од Oxfram.

Огромниот и растечки јаз меѓу богатите и сиромашните е соголен во најновиот извештај на добротворната организација Oxfam, кој покажа дека 62-ца најбогати милијардери поседуваат исто богатство како и посиромашната половина на светската популација.

Темпиран да се совпадне со годишниот собир на супер-богатите на Светскиот економски форум во Давос, Швајцарија, извештајот повикува на итни акции за да светот се справи со растечкиот тренд кој доведе до тоа 1 (еден процент) од светската популација да поседува исто богатство како другите 99 отсто заедно!Oxfam вели дека богатството на најсиромашните 50 отсто падна за 41 отсто, меѓу 2010 и 2015 година, и покрај растот на светската популација од 400 милиони луѓе. Во истиот период, богатството на најбогатите 62-ца луѓе се зголемило за 500 милијарди долари и сега изнесува 1,76 трилиони долари.

Организација, исто така, наведува и дека во 2010 година, 388 најбогати луѓе поседувале исто богатство како најсиромашните 50 отсто. Оваа бројка падна на 80 во 2014 година, за повторно да се намали во 2015 година.

Марк Голдринг, извршен директор на Oxfam за Британија, вели: „Едноставно е неприфатливо тоа што најсиромашната половина од светското население поседува колку и една мала група супер-богати – толку се малку, што можете сите да ги сместите во еден автобус! Загриженоста на светските лидери за растечката криза на нееднаквоста засега не се претвори во конкретна акција која би осигурала дека оние на дното ќе добијат фер дел од економскиот раст. Во свет во кој еден од деветмина луѓе секоја вечер си легнува гладен, не можеме да си дозволиме и понатаму на богатите да им даваме се поголеми парчиња од колачот“.

Водечки фигури, од папата Франциск до Кристина Лагард, извршен директор на Меѓународниот монетарен фонд, повикаа на акција да се сопре трендот на нееднаквост, но од Oxfam велат дека зборовите не се претворија во дело. Нејзиното предвидување дека најбогатиот 1 отсто од светската популација ќе поседува исто богатство како и 50-те проценти најзиромашни, се оствари една година пред очекуваното.

Светскиот економски форм во Давос се случува во момент на изразити стравувања дека потресите на финансиските пазари на преминот во новата година го означуваат почетокот на нова фаза на глобалната криза која започна пред осум години – со тоа што овој пат неволјите доаѓаат од земјите во развој.

Oxfam смета дека е неопходен трократен пристап: уништивање на затајувањето на данокот; повисоки инвестиции во јавните сервиси; и повисоки плати за нископлатените. Од таму велат дека приоритет треба да биде затворањето на „даночните раеви“, кои богатите поединци и компании ги користат се позачестено за да го одбегнат плаќањето на даноците и кои на владите ширум светот им ги одземат ресурсите потребни за да се справат со бедата и нееднаквоста.

Пред три години, британскиот премиер Дејвид Камерон изјави дека Велика Британија ќе го предводи глобалните напори да се сопре агресивното затајување на даноци и во богатите и во сиромашните земји, но од Oxfam велат дека ветените мерки за зголемување на транспарентноста во британските прекуморски територии и кралските вазали, како што се Кајманските острови и британските Девствени острови, никогаш не се реализирани.

Голдринг вели: „Мораме да ја завршиме ерата на „даночни раеви“, кој на богатите поединци и на мултинационалните компании им овозможија да ги одбегнат обврските кон општеството со криење на се поголеми суми на пари во офшор институциите. Справувањето со велот на тајност кој ја прикрива британската мрежа на „даночни раеви“би бил огромен чекор кон сопирањето на екстремната нееднаквост. Сметам дека три години откако го даде своето ветување, Камерон мора конечно да се разбуди и да испорача“.Oxfam цитираше процени кои велат дека богатите поединци префрлиле вкупно 7,6 трилиони долари на нивните офшор сметки, напоменувајќи дека, доколку плателе данок на приходот кое ова богатство го акумулирало, владите би имале додатни 190 милијарди долари на располагање секоја година.

Добротворната организација вели и дека се смета оти дури 30 отсто од вкупното финансиско богатство на Африка се наоѓа на офшор сметките. Проценетата загуба од 14 милијарди долари во ненаплатени даноци би била доволна за да се плати здравстената нега за мајките и децата, што би спасило околу четири милиони детски животи годишно и би овозможиле вработување на доволно учители за да може секое африканско дете да посетува училиште.

Oxfam најави дека во Давос ќе се соочи со извршните раководители на мултинационалните корпорации во врска со нивните даночни политики. Од таму велат и дека девет од десет корпоративни партнери на Светскиот економски форум се присатни во барем еден од „даночните раеви“ и се проценува дека затајувањето на даноци од страна на мултинационалните корпорации ги чини земјите во развој најмалку 100 милијарди долари секоја година. Корпоративните инвестиции во „даночните раеви“ се зголемија за речиси четири пати во периодот помеѓу 2000 и 2014 година.

Само во Британија, според Equality Trust, организација која се бори против нееднаквоста во Британија, најбогатите 100 семејства го зголемиле своето богатство за најмалку 57 милијарди од 2010 година наваму, период во кој просечните плати драстично се намалија.

Директорот на трастот, Данкан Ексли, заклучува: „Нееднаквоста, и глобално и во Велика Британија, достигна зашеметувачки нивоа. Знаеме дека толку широк јаз помеѓу најбогатите и ние останатите не може да биде добар за економијата и за општеството. Она што сега ни е потребно е политичарите да се разбудат и да се справат со оваа опасна концентрација на богатство и моќ во рацете на неколкумина.“/крај/мф/сс

Извор: Макфакс



©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Анализи

Силјановска vs Пендаровски: Кој добива, а кој губи во битката на социјалните мрежи и медиумите?

Објавено пред

Претседателските кандидати Стево Пендаровски и Гордана Силјановска-Давкова најмногу се спомнуваат во медиумите, а најмалку се популарни меѓу твитерџиите. Во негативен контекст почесто е споменувана Силјановска на социјалните мрежи „Феjсбук“ и „Твитер“, но и во медиумите.

dobivaj vesti na viber

Ова го покажа првата сентимент-анализа на истражувачкиот центар на „Макфакс“, која се изработуваше во периодот од 1 до 9 април годинава. Процесот на изработка на анализата е базиран на компјутерски алгоритми и има задача да одреди во каков контекст (многу негативен, негативен, неутрален, позитивен или многу позитивен) е напишан одреден текст или дел од текстот.

Преку системот беа анализирани 220 медиуми, како и објавите и коментарите на над еден милион корисници на „Фејсбук“ и твитовите од 300 илјади профили. Тестирањата на платформата покажaа дека користените технологии даваат резултат со точност поголема од 80 проценти.

Според анализата, имињата на Силјановска-Давкова и на Пендаровски почесто се споменуваат во медиумите отколку на социјалните мрежи „Твитер“ и „Фејсбук“. Во првите девет дена од месецот тие биле споменати вкупно 3.515 пати. На „Фејсбук“ биле споменати речиси двојно помалку, а најмалку биле споменувани на „Твитер“.

Силјановска, според оваа анализа, најмногу била спомената на веб-порталите „Република“, „Курир“, „Инфомакс“ и на „Прес 24“, а Пендаровски на „Прес 24“, „Макпрес“, „24 инфо“ и на „Вечер“. Од инфографикот може да се види комплетната слика за тоа во кој медиум биле најмногу застапени двајцата претседателски кандидати.

Во однос на контекстот на споменување во медиумите може да се заклучи дека постои тесна разлика меѓу Силјановска и Пендаровски, иако кандидатката зад која стои опозициската ВМРО-ДПМНЕ предничи со негативните коментари.

Па, така, во многу негативен контекст Силјановска била спомената 201 пат, а Пендаровски 136 пати. Ако таа била спомната 914 пати во негативен контекст, Пендаровски во истиот контекст бил спомнат 778 пати. Тој предничи и во однос на неутралните спомнувања во медиумите, а Силјановска предничи во однос на позитивните споменувања. Тесна е разликата меѓу многу позитивните конотации, во кои биле ставени двајцата претседателски кандидати на кои се однесува анализата, во која за 8 споменувања предност има Пендаровски.

Според податоците од аналитичкиот центар на „Макфакс“, претседателскиот кандидат Пендаровски е попопуларен од Силјановска во однос на бројот на споменувања. Во многу позитивен или позитивен контекст меѓу твитерџиите тој е споменат 231 пат, а Силјановска 201. Во однос на тоа дали кандидатите се споменати во негативен или многу негативен контекст за нијанса води Силјановска, која е спомената 401 пат, а Пендаровски 389.

Слична ситуација може да се види и на „Фејсбук“, каде што Пендаровски има предност во однос на бројот на споменувања. Ако Силјановска била спомената 481 пат во многу негативен или во негативен контекст, Пендаровски е споменат 429 пати. Кај претседателскиот кандидат зад кој стои СДСМ поголем е бројот на позитивни или многу позитивни споменувања на социјалната мрежа „Фејсбук“.

Според сето ова, Силјановска има поголема вредност на вкупниот сентимент во негативен контекст на социјалните мрежи и во медиумите од Пендаровски. Важно е да се потенцира дека не станува збор за анкета што ги мери гласовите за кандидатите, туку за начинот на кој тие се прикажани и коментирани во интернет-просторот. Истражувачкиот центар на „Макфакс“ на почетокот на кампањата за претседателските кандидати спроведе анкета.

Целосната методологија за начинот на изработката на сентимент-анализите на истражувачкиот центар на „Макфакс“ е достапна на следниот линк.

Прикажи повеќе...

Анализи

СЈО со детали: Како Камчев и Мијалков ги переле парите градејќи империја

Објавено пред

Злосторничко здружение, кое функционирало повеќе од 8 години, од 2009 година, кога биле отворани и затворани фирми, перени милиони и милиони евра, биле менувани сопственици, бил купуван огромен имот, отворани фирми на офшор-дестинации за еднократна употреба, префрлувани пари преку кипарски банки, а потоа овие испрани пари влегуваат како основачки влогови за да формираат македонски фирми.

dobivaj vesti na viber

Вака накусо може да се опише случајот „Империја“ на специјалното јавно обвинителство (СЈО), каде што, меѓу другите, осомничени се едни од највлијателните луѓе во земјата, бизнисменот Орце Камчев и поранешниот директор на УБК, Сашо Мијалков.

Три месеци по почнувањето на истрагата, обвинителството излезе со детали за еден од најобемните предмети за кој засега е утврдено дека се испрани речиси 11 милиони евра.

Истрагата е проширена за „Графички центар“ и за „Медија принт Македонија“ (МПМ), извршени се претреси во фирмите, осомничените се испрашани и собрани се докази.

Соработката меѓу Македонија и Кипар е воспоставена, па сега, конечно, на виделина излегуваат и имињата на оние што се криеле зад офшор-фирмите преку кои се переле пари.

Од крајот на јуни до крајот на октомври 2018 година некои од осомничените од „Империја“ биле под посебни истражни мерки.

„Мијалков не беше под посебни истражни мерки, Камчев многу внимателно зборуваше по телефон, но не и другите осомничени“, велат од СЈО.

Без разлика како ќе се одвива понатаму истрагата за „Империја“, со оглед на тоа што статусот и истрагите на СЈО сè уште се неизвесни, оттаму велат дека собрани се речиси 90 отсто од доказите за случајот да може да продолжи понатаму.

Злосторничкото здружение се распаѓа кон крајот на 2017 и почетокот на 2018 година кога осомничените почнуваат да земаат кредити за да се раздолжат, но тоа не значи дека тука завршуваат и нивните поединечни активности.

Под лупа на СЈО е и фирмата поврзана со семејството Мијалкови, „Бест веј инвестмент“, формирана веднаш по обеледонувањето на таканаречените бомби во 2015 година, чиј сопственик е синот на Сашо Мијалков, Јордан. СЈО истражува како се ширел бизнисот и како оваа фирма успева да заработи огромни суми и да стекне голем имот само за три години работа. „Бест веј инвестмент“, ако во 2016 година имала приходи од 816 илјади евра, во 2017 година веќе приходите ѝ растат на 9,6 милиони евра, што само покажува дека независно кој е на власт, бизнисите на Мијалков работат со полна пареа.

Краен сопственик на мистериозната „Ексико“ бил Камчев

Натписот на поштенското сандаче на улицата Иван Милутиновиќ во Скопје сведочи за постоењето на „Ексико“, чие сопствеништво е скриено

Центарот на истрагата за „Империја“ се познатата офшор-фирма „Ексико“ и бизнисменот Орце Камчев.

Истрагата утврдила дека зад првата фирма-мајка на „Ексико“, „Делта инвестмент“ од Белизе, всушност се крие таткото на Орце Камчев, Илија. Од оваа фирма, која поседуваше акции во големи акционерски друштва, а се јавуваше и како еден од сопствениците на атрактивните плацови на Водно, досега сите креваа раце и демантираа дека стојат зад неа.

Истрагата на СЈО утврдила дека по Илија Камчев, набргу како краен сопственик фигурирал и поранешниот директор на македонски „Телеком“, Жарко Луковски, а кога сопствеништвото на фирмата се сели во Америка, односно сопственик станува извесна „Калвус ЛЛЦ“ (Calvus LLC) од САД, крајниот сопственик е всушност Орце Камчев.

Од оваа американска фирма кон „Ексико“ се влеваат 1,6 милион евра како прилив, а дел од овие пари завршува на личната сметка на Камчев, додека со дел се купувани имот и земјиште во Гевгелија, на кое понатаму е предвидено да се градат казина.

Подоцна, а и до ден-денеска, сопственик на „Ексико“ е фирмата со швајцарски капитал „Т&МЈ инвестмент“ од Лугано, Швајцарија, фирма зад која оперативните сознанија покажале дека краен сопственик е член на семејството Мијалкови. Од швајцарската фирма кон македонската „Ексико“ немало никаков прилив или одлив на пари.

„Ексико“ не е единствената фирма преку која функционирало ова злосторничко здружение. Колку за пример, во истатата 2009 година офшор-компанијата „Хоспитал менаџмент груп ЛЛЦ’ од Кипар ја основа клиничката болница „Систина“. Понатаму, оваа компанија го продава имотот на друга офшор-компанија од Панама. „Орка холдинг“ го купува уделот од панамската, па повторно ѝ го продава на „Систина“, со што фактички Камчев внесува удел од „Хоспитал менаџмент“ од Кипар во Македонија.

Сомнежи за перење пари преку кипарски банки

Преку кипарски банки парите влегуваат во земјата

Значаен дел од истрагата на СЈО за „Империја“ има и фирмата „Финзи“ – истата фирма за која во таканаречените бомби можеше да се слушне дека одела набавката за опрема за следење интернет-комуникации за МВР. Министерството, додека на чело на УБК беше Мијалков, наместо директно да ја набави изреалската опрема за прислушување, тоа го правела преку „Финзи“. Во текот на истрагата за случајот самоубиство изврши директорот на „Финзи“, Коста Крпач, во април 2016 година.

Сега истрагата за „Империја“ повторно допира до „Финзи“, фирма основана од „Финзи ЛЛЦ“ во САД. Краен сопственик на оваа компанија, според СЈО, повторно е Орце Камчев.

Во неколку наврати од „Финзи ЛЛЦ“ преку кипарска банка кон македонската „Финзи“ биле исплатувани 650.000 евра. Во тоа време, односно во 2009 година, директор на „Финзи“ во Македонија е Владислав Стајковиќ, брат на Небојша Стајковиќ, поранешен помошник-министер за информатичка технологија во МВР.

Овие пари понатаму влегуваат како основачки влог во „Систина кардиологија“, фирма што подоцна е преименувана во „Си-Фи-Кар“ („Систина“, „Финзи“, “Кара“). Во 2012 година, според СЈО, кога парите веќе се испрани, американската мајка-фирма се затвора и се отвора нова фирма, во која Крпач влегува како директор, а на истата сметка легнуваат парите од израелската донација за опрема за прислушување.

„Не купуваат компании за да работат со нив, туку за да извлечат што можат“

Орце Камчев и Сашо Мијалков, клучните играчи во „Империја“

Многу компании, офшор, стотици папки со документи и изјави од сведоци содржи еден од најобемните предмети на СЈО – „Империја“. Од она што беше претставено пред новинарските екипи, неизбежен е заклучокот дека од досегашната истрага и собраните докази станува збор за класични примери за сомнежи за перење пари пред кои надлежните институции со години молчеле или се откажувале од гонење поради немање докази.

Дел од истрагата е отстапен и на купувањето на „Бетон Штип“ од страна на ТИМ ДОО, „Орка холдинг“, „Езимит“ ДООЕЛ и „Ексико“.

„Кога тие купуваат компанија, не ја купуваат за да ја работат, туку да извлечат што може од имотот на компанијата“, велат од СЈО.

Па, така, и овој пат сознанијата говорат дека од „Бетон Штип“ се извлечени 4 милиони евра, односно газдите ги тераат акционерите со парите да купуваат имот, а понатаму како што се извлекуваат парите, така се инвестираат во други зделки за што патем говорат и последните информации дека речиси 250 работници веќе ги напуштаат работните места од „Бетон Штип“ и истовремено преку суд си ги бараат неисплатените плати за последните четири месеци.

Дел од истрагата го опфаќа и „Фершпед“, односно од моментот кога Кираца Трајковска, која беше еден од мнозинските акционери во “Фершпед“, поради долг во Еуростандард банка, преку посредник побарала кредит од Стопанска банка АД Битола. Камчев, кој е дел од Управниот одбор на банката, наместо кредит, според СЈО, на Трајковска ѝ понудил преку физички лица да ѝ бидат префрлени парите по што биле ослободени нејзините акции од „Фершпед“.

За да им ги продаде акциите на странски инвеститори, таа го ангажирала брокерот Јованче Тасковски. Но, за нејзината намера дознал Штерјо Наков, кој побарал помош од Мијалков, со цел тој да ги купи акциите. Мијалков се договора со Камчев да ја изиграат, па без нејзино знаење, според СЈО, Ненад Јосифовиќ ги продава акциите на физички и правни лица поврзани со Наков за 4 милиони евра повисока цена од реалната. Парите од зделката завршуваат во фирма чии сопственици се „Ексико“, „Орка холдинг“ и „Тимох“.

Во делот од истрагата за „Империја“ влегуваат и стари случаи, кои претходно во обвинителствата завршувале со откажување од гонење поради немање доволно докази. Таков пример е истрагата за „пропаѓањето“ на „Орка спорт“, „Орка текстил“ и други фирми во сопственост на сега покојниот Илија Камчев. Данокот се избегнувал да се плаќа преку лажни стечаи, обезвреднување на имотот и формирање офшор-компании, а потоа парите „чисти“ биле внесувани во земјата, односно целиот имот бил пренесуван на новоформирани компании.

На овој начин, впрочем, и се градела целата империја – преку лојални соработници, изигрување на законитe и формирање компании за еднократна употреба.

Како ќе заврши истрагата и дали случајот ќе добие епилог останува неизвесно. Засега Орце Камчев и Сашо Мијалков се во домашен притвор, а конечниот збор ќе го каже Врховниот суд.

Освен Камчев и Мијалков, осомничени во случајот „Империја“ се и Ратка Куноска-Камчева, мајка на Камчев и неизвршен член на Одборот на директори на „Орка ходинг“, Кристина Камчева-Стојческа, сестра на Камчев и неизвршен член на Одборот на директори на „Жито полог Тетово“, Лилјана Гајдоска, правник во фирмите на Камчев, неизвршен член на Одборот на директори на ЗК „Пелагонија“, Тодор Мирчевски, директор на „Ексико“, Владислав Стајковиќ, сопственик на НВСП, доскорешен директор на „Мобико“ и поранешен директор на „Финзи“, Ванче Мијалчев, извршен директор на „Бетон Штип“, Јованче Тасковски, брокер, и Дејан Јанев од „О.Т.Е. инвест“.

Прикажи повеќе...

Анализи

Политиката го подели СЈО на табори

Објавено пред

„Чарлиевите ангели“ ги нема. Катица Јанева, Ленче Ристоска и Фатиме Фетаи речиси една година не се појавуваат на заеднички прес-конференции. Во јавноста и на социјалните мрежи сè погласни се критиките за работата на специјалното јавно обвинителство и ослабената доверба во оваа институција.

dobivaj vesti na viber

Три и пол години по формирањето, целосен судски епилог има само за два случаја а сè погласни се шпекулациите дека во СЈО владее поделеност на обвинителите на табори, кои меѓусебно не се согласуваат за дејствувањето на ова обвинителство, па тие разлики во мислењата лесно се забележливи и во јавноста.

Трите жени, кои беа симбол за СЈО, ретко може се видат заедно во јавноста, а речиси една година Ленче Ристоска и Фатиме Фетаи не даваат заеднички изјави. Според нашите извори, со слични ставови на една страна биле обвинителките Катица Јанева и Лиле Стефанова, а на друга Ленче Ристоска и Фатиме Фетаи.

Од друга страна, сè поприсутна во јавноста е главната специјална обвинителка Катица Јанева, која, според најавите, во вторник ќе се појави на „1ТВ“, каде што заедно со обвинителите Лиле Стефанова и Трајче Пеливанов треба да одговараат и на прашања од гледачите. Токму во фирмата сопственик на „1ТВ“, „БМЈ медиа груп“, работи синот на Јанева, младиот гевгеличанец Лазар Јанев, за кого веќе беше објавено дека пред вработените бил претставен како директор на правна служба. Пред точно два месеца Јанева беше гостинка на „1ТВ“ и се фотографира со сопственикот на телевизијата, Бојан Јовановски, со назнака дека станува збор за работен состанок.

Во СЈО во последната година во целост се смени практиката на комуникација со јавноста. Последната прес-конференција СЈО ја одржа на 21 март минатата година.

Повеќе нема брифинзи со новинари, а на обвинителките Ристоска и Фетаи не им е дозволено да даваат интервјуа и изјави. Целосна затвореност владее и во однос на истрагите. Случајот „Империја“, во кој, меѓу другите, се осомничени и бизнисменот Јордан Камчев и ексдиректорот на УБК, Сашо Мијалков, беше отворен пред повеќе од 2 месеца, а од СЈО нема дополнителни информации, освен дека истрагата е сложена.

Сите обиди на „Макфакс“ да обезбедат брифинг за случајот беа залудни. Новинарите меѓу себе коментираат дека ова обвинителство, кое наметна транспарентно работење, последнава година се затворило, иако обвинителите поминале серија обуки за комуникација со јавноста. Тоа остава простор за шпекулации во постапувањето по предметите на обвинителството. Од друга страна, во редовното Обвинителство се спроведува тренинг за односи со јавноста на обвинителите.

Според нашите информации, во специјалното јавно обвинителство меѓу некои од вработените владее незадоволство од начинот на работа, особено по последните политички случувања, амнестии и повици за помирување, кои во голем дел влијаат и врз актуелните предмети што се во судска постапка, но и на оние што се во истрага и предистрага, а во кои, меѓу другите, се вклучени и Сашо Мијалков, Елизабета Канческа-Милевска, Али Ахмети, Бујар Османи.

Ексминистерката за култура, КанческаМилевска, е инволвирана во предистрагата за предметот „Скопје 2014“, кој е еден од најобемните предмети на СЈО, за Мијалков се водат повеќе судски постапки, а предметот за агенцијата за обезбедување СГС е во предистрага.

Во процесот на помирувањето наголемо се споменуваа и измените во Кривичниот законик, односно член 353, став 5, кој ја регулира злоупотребата на службената положба преку јавните набавки. Доколку дојде до промена на овој член, како што беше најавувано, помали казни или ослободување од одговорност ќе добијат голем број обвинети во случаите на СЈО, меѓу кои и Мијалков.

Уставниот суд сè уште не расправал по иницијативата на адвокатот Еленко Миланов, кој бара судиите да се произнесат за овој член од Кривичниот законик.

Сите овие политички инволвирања, кои допираат и до СЈО, според нашите извори, довеле до голем раздор во работата на институцијата, која има годишен буџет од 3,7 милиони евра. Некои од обвинителите се разочарани од фактот што нивните предмети и нивната работа зависат исклучително од тековната политичка ситуација, па токму затоа во последниот период и не се работи на нови предистраги бидејќи се чека исходот од тоа што ќе се случува со институцијата и дали евентуално одредени функционери од претходната, но и од актуелната власт, ќе избегнат одговорност.

Прикажи повеќе...

Најново

Регион10 минути

Силен земјотрес ја погоди Бугарија

Земјотрес со јачина од 3,8 степени според Рихтеровата скала ја погоди Бугарија, јавува ЕМСЦ. Земјотресот е регистриран во 8:38 часот...

Европа17 минути

Автобус повторно се преврте на автопат во Германија, патниците биле средношколци

Автобус со околу 60 патници се преврте вчера на автопатот А44 во западната германска покраина Северна Рајна Вестфалија, јавува дпа....

Свет31 минута

Израел ја нападна Сирија: „38 лица загинаа во Алепо, меѓу кои и членови на Хезболах“

Повеќе цивили и војници загинаа откако Израел и милитантните групи започнаа напади врз северниот сириски град Алепо, соопшти утрово сириското...

Европа42 минути

Лавров: Украинскиот план е бесмислен, вклучува повлекување на нашата армија од освоените територии

Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров изјави дека мировниот план предложен од Украина е бесмислен бидејќи се заснова на...

Македонија13 часа

ВМРО-ДПМНЕ ги утврди пратеничките листи за изборите: „Се работи за луѓе со кредибилитет, искусни и енергични“

Извршниот и Централниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ одржаа седница на која беа усвоени пратеничките листи на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата за претстојните...

Македонија13 часа

Села оди во коалиција со Ахмети

На седница на Централното собрание на крилото на Алијансата за Албанците предводено од Зијадин Села, беше одлучено да коалицираат со...

Македонија15 часа

Македонија треба да и’ врати 2,2 милиони евра на Европската Комисија кои биле злоупотребени преку „Еразмус“

Европската канцеларија за борба против измами (ОЛАФ) бара Македонија да врати 2,2 милиони евра злоупотребени преку програмата „Еразмус+“. Директорот на...

Македонија16 часа

Вработените во „Еуроникел“, кои останаа без работа, ќе добијат можност да се вратат во фабриката, новите газди со производството почнуваат во јуни

Речиси 600 вработени во кавадаречката фабрика „Еуроникел индустри“ ќе добијат можност повторно да се вратат на работа во следните 90...

Македонија17 часа

Тошковски: Приведен е и трет осомничен во врска со убиството на лекарот во скопска Железара

Техничкиот министер за внатрешни работи, Панче Тошковски, денеска изјави дека е приведено уште едно лице во врска со убиството на...

Економија19 часа

Трендафилов најави неколку протести: Во вторник ќе ги охрабриме судиите да ја преиначат срамната пресуда за конфискација на Работничкиот дом

Претседателот на ССМ, Слободан Трендафилов, денеска, на прес-конференција, за 2 април најави протест, кој ќе почне пред седиштето на ССМ...

Топ20 часа

Го оградил државното земјиште зад Поликлиниката „Бит-пазар“ и наплаќал за приватен паркинг: кривична за скопјанец

Единицата за економски и компјутерски криминал при СВР Скопје поднесе кривична пријава против А. Р. (62) од Скопје и против...

Македонија20 часа

(Видео) „ДПМНЕ и Тошковски ја загрозуваат безбедноста на граѓаните“, вели Талевски

„Два месеца откако ВМРО-ДПМНЕ го презеде раководењето со Министерството за внатрешни работи, безбедносната состојба во Прилеп никогаш не била полоша....

Економија20 часа

„Растот на платите со кои се фали Битиќи е лага, платите се стопија со порастот на трошоците на живот“, велат од ВМРО-ДПМНЕ

„Уште една голема манипулација на СДСМ кои се во очај! Во отсуство на било какви економски резултати, Фатмир Битиќи на...

Македонија23 часа

Ванковска: Преспанскиот и бугарскиот договор се колонизаторски договори

Професорката Билјана Ванковска и претседателски кандидат на Левица во Фејсбук статус истакнува дека има разочарани млади луѓе кои мислат дека...

Свет23 часа

Масовен руски напад врз Харков: Бомби паѓаа цела ноќ, две лица загинаа

Во текот на ноќта руските војници гранатираа 17 населени места во областа Херсон, при што загинаа две лица, а четворица...

Свет23 часа

Две тела пронајдени во автомобил под урнатиот мост во Балтимор, паднале од височина од 50 метри во водата

Полицијата во американската сојузна држава Мериленд објави дека две тела биле пронајдени во автомобил во реката Патапско, каде што мостот...

Македонија23 часа

Целосен молк од страна на Пендаровски, Ковачевски и СДС за улогата и начинот на ангажирање на спорниот странски консултат Асаф Еисин, велат од ВМРО-ДПМНЕ

Целосен молк од страна на Пендаровски, Ковачевски и СДС за улогата и начинот на ангажирање на спорниот странски консултат, Асаф...

Регион24 часа

Потрагата по Данка Илиќ продолжува трет ден, се проверуваат телефоните на родителите

И покрај прекинатата теренска потрага по Данка во Бањско Поле и околината, полицијата продолжува со интензивна оперативна работа за утврдување...

Свет1 ден

Путин: Обвинувањата дека Русија ќе ја нападне Европа по Украина се целосна глупост

Рускиот претседател Владимир Путин ги осуди обвинувањата на Западот дека Русија планира да се бори против Европа. Ги нарече „целосна...

Свет1 ден

Маж во Илиноис уби четири лица и избоде петмина, нападот траел 20 минути

Четири лица загинаа, а пет се повредени во напад во Рокфорд, Илиноис, додека 22-годишен осомничен е уапсен. Полицијата, исто така,...