Контакт

Анализи

Разбиениот европски сон за поредок

Објавено пред

Самобендисаноста на европскиот поредок и одбивањето да се сфати неопходноста од некаква соработка со Русија, само ќе ѝ помогне на Кина да ја оствари својата грандиозна идеја за глобален центар на трговијата.

dobivaj vesti na viber

 

До неодамна повеќето Европејци веруваа дека нивниот безбедносен поредок по Студената војна има универзална примена и може да биде модел за остатокот од светот. Ова убедување воопшто не изненадува, бидејќи Европа честопати ја играше централната улога во глобалните прашања. Низ поголемиот дел од изминативе три века, европскиот поредок беше и светски поредок – производ на интересите, амбициите и ривалитетот на континенталните империи. Дури и во текот на Студената војна, кога новите супер сили застанаа на спротивставените страни од континентот, централната битка се водеше меѓу две европски идеологии, демократскиот капитализам и комунизмот, и за целосната контрола на европските земји меѓу нив.

Сепак, дури во 1989 година започна да се појавува дистинктивен европски модел на меѓународни односи, модел кој претставуваше радикално напуштање на предлошките и праксите кои се уште беа цврсти во остатокот на светот. Во јуни 1989 година, авторитативниот комунистички режим во Кина го здроби про-демократското движење во зародиш; истата година, авторитативните комунистички режими во Европа се предадоа без борба по падот на Берлинскиот ѕид. За водечките европски интелектуалци овој момент беше повеќе од крај на Студената војна – тој го означи почетокот на новиот вид на мир. „Она што заврши во 1989 година,“ напиша неколку години подоцна британскиот дипломат Роберт Купер, „не беше само Студената војна или дури, во формална смисла, Втората светска војна, туку политичкиот систем на претходните три века: балансот на моќта и империјалната глад“.

И навистина, Студената војна заврши без мировен договор или паради (во моментот се чинеше како победа и за двете страни), а новиот европски систем си ги изми рацете од старите идеи за суверенитет. Континенталните лидери не беа заинтересирани да создаваат нови држави, како што беше случајот по Првата светска војна. Ниту пак преместуваа луѓе од едно место на друго за да ги обезбедат постоечките, како што сторија по Втората светска војна. Наместо тоа, тие се обидоа да ја сменат природата на самите граници, охрабрувајќи го слободниот проток на капитал, луѓе, добра и идеи. Политичките мапи излегоа од мода; нивното место го зазедоа економските графикони. Дипломатите во Брисел почнаа да гледаат на економската меѓузависнот, меѓународните легални институции и взаемното мешање во домашните политики на другите како на примарен извор на безбедност. А подоцна, непосредно по неуспесите на САД во Авганистан и Ирак, и воената сила ја изгуби привлечноста.

Европејците беа свесни дека овој поредок е динстиктивен, но исто така веруваа и дека би можел да се прошири далеку вон Европската унија – во Турција, во Русија и во посткомунистичките земји во источна Европа. Тие очекуваа нивниот модел да се прошири по природен пат, дали преку проширување на НАТО, зголемување на врските на ЕУ со земјите на периферијата на Унијата или преку подем на глобалните институции кои ги негуваат европските норми, како што е Меѓународниот кривичен суд и Светската трговска организација. Сé додека граѓаните можат слободно да избираат, размислуваа тие, владите на крајот ќе мора да го прифатат европскиот начин.

Русија ја разби таа претпоставка минатата година кога го презема Крим. Соочена со решеноста на Москва да го задржи влијанието во пост-советскиот простор преку употреба на сила, меката сила на ЕУ се покажа како навистина мека. Турција, заедно со уште три од најголемите светски демократии (Бразил, Индија и Индонезија), одби да им се придружи на ЕУ и на САД во воведувањето на санкции врз Русија. На Кина ѝ беше подраго на присоединувањето на Крим кон Русија да гледа како на природно прилагодување на границите, наместо како на прекршување на меѓународниот поредок. Во меѓувреме, Брисел и Вашингтон наметнаа значителни санкции. Но, мерките сторија малку во убедувањето на Русија да се откаже од својот став.

Украинската криза ги присили Европејците да се соочат со фактот дека нивниот политички модел не им атрактивен на сите – а особено не на сите во нивното непосредно соседство. Нивниот шок наликува на оној на јапонските технолошки директори од крајот на минатата деценија, кога сфатија дека иако ги прозиведуваат технолошки најнапредните мобилни телефони на светот, сепак не можат да ги продадат во странство. Едноставно, потрошувачите во другите земји не беа подготвени, бидејќи јапонските уреди се потпираа на напредни технологии, како што е третата генерација на платформи за е-трговија, кои не беа во широка употреба во другите земји. Со други зборови, јапонските телефони беа премногу совршени за да успеат.

Некои овој феномен го нарекоа „Галапагос синдром“ на Јапонија, повикувајќи се на откритието на Чарлс Дарвин дека животните кои живеат на островите Галапагос, со нивната уникатна флора и фауна, имаат развиено специјални карактеристики кои не можат да се пресликаат на друго место. Во голема мера истото може да се каже и за европскиот поредок денес, кој еволуираше во екосистем заштитен од погрубата реалност на поширокиот свет – и, последично, стана премногу напреден и премногу особен за да можат и другите да го следат.

Како што се влечка украинската криза, Европејците мора да ги напуштат своите соништа за трансформација на странските живеалишта и да се посветат на заштита на своето, кое е сé повеќе загрозено. Задачата нема да биде лесна. Ќе бара деескалација на тензиите со Москва и пресметани компромиси, како што е прифаќањето на руските интеграциски напори како легитимни. Признавањето дека европскиот поредок има граници е многу подобро од тоа да се остави да слабее – или да се гледа како уште некоја авторитарна сила го користи застојот.

Трусни подрачја

Иако непосредниот ефект од украинската криза беше меѓусебното приближување на САД и Европа, процесот на формулирање на одговор ги изведе на виделина длабоките поделби меѓу нив. На пример, опстојуваат прашањата за американските гаранции за европската безбедност, и покрај повторените уверувања од страна на претседателот на САД, Барак Обама. Ако Русија поддржи бунтовници во некоја членка на НАТО, да речеме во Латвија, каков ќе биде одговорот на Вашингтон? Постојат и сомнежи за опфатот на вниманието на Вашингтон. На Минхенската безбедносна конференција во 2015 година, еден висок германски функционер се жалеше дека САД е непостојана: „Бидејќи влогот за Американците е толку мал, никогаш не знаеме каде тие ќе завршат. Тие сега може да ги ескалираат санкциите и да ја вооружат Украина. Но, за неколку години тие би можеле да ги ресетираат односите за да ја обезбедат руската соработка за некое неповрзано прашање, како Исламската држава, на пример“.

Чувството кај Европејците дека нивната безбедност повеќе не е примарна за стратегијата на САД, како што беше во текот на Студената војна, уште повеќе ја подвлекува оваа несигурност. На крајот, Европа е само уште една од многуте области во кои Вашингтон има свои интереси, а најверојатно не е ни најбитната. Од своја страна, американските функционери сé повеќе стравуваат дека европските држави постепено ги губат своите воени способности и политичката волја, напуштајќи го сојузништвото со САД за да го смират тепачот од соседството. Американците особено ги шокираше тоа што дури и непосредно, според нив, по руската анексија на Крим, многу европски влади (вклучувајќи ги и тие на Германија и на Велика Британија) сепак се одлучија да ги намалат своите воени буџети. А во 2014 година, една анкета на WIN/Gallup International само ги засили американските сомнежи за европската јавност: само 29 проценти од испитаните Французи, 27 од британските и 18 отсто од германските испитаници изјавиле дека се подготвени да се борат за својата држава (68 проценти од италијанските испитаници рекле дека би одбиле без размислување). Како што рече секретарот за одбрана на САД, Роберт Гејтс, во 2010 година:„Демилитаризацијата на Европа – каде што огромни делови на јавноста и на политичката класа имаат аверзија кон воената сила и ризиците кои таа ги носи – премина од благослов во XX век, во пречка за постигнувањето на вистинската безбедност и траен мир во XXI век“.

Ваквите гледишта отсликуваат и уште една подлабока филозофска поделба меѓу двата спротивставени наратива за крајот на Студената војна. За повеќето Американци, воената и економска надмоќ беше клучна за тоа победата да стане неизбежна и дека трката во вооружувањето од 1980-те го турна Советскиот сојуз преку работ. Но, за многумина Европјани тоа беа либералните европски вредности кои на крајот победија, како и германската Ostpolitik, политика на подобрени односи со Советскиот сојуз и неговите сојузници што го забрза крајот на конфликтот.

Овие поделби ги бојат денешните политички дискусии на предвидлив начин. Земете го само прашањето за тоа дали Европа и САД треба да ја вооружат Украина во борбата против бунтовниците на истокот на земјата, поддржани од Русија. Ако примарната цел е да се зголеми цената на рускиот ревизионизам, тогаш овој потег има смисла, дури и ако конфликтот ескалира како резултат на тоа. Но, ако главната цел е да се заштити посебниот модус на однесување на ЕУ и да се зачува единството на ЕУ пред Русија, тогаш сé што би разгорело натамошно насилство би се испречило на патот на единствената прифатлива разврска: контролиран политички договор. Ова објаснува зошто толку членови на американскиот надворешно-политички естаблишмент го подржуваат вооружувањето на украинската војска, додека повеќето нивни европски колеги се спротивставуваат. Дури и во Полска, каде што повеќето граѓани сметаат дека украинската криза претставува јасна и постоечка опасност за нивната безбедност, мнозинството не го поддржува вооружувањето на Украина, според истражувањето спроведено овој февруари од варшавскиот Институт за јавни прашања.

Отсекогаш било нереално да се очекува украинската криза да ја смени ДНК-та на Европа, барем не краткорочно. Ниту европската јавност, ниту елитата на ЕУ не се подготвени да ја напуштат надежта дека економската меѓузависнот останува најпостојаниот извор на европската безбедност. Иако американските безбедноси гаранции се критични за да се обезбеди преживувањето на европскиот поредок, тие исто така се закана за неговиот интегритет. Ако ЕУ соработува со САД во вооружувањето на Украина, тоа ќе значи признавање дека мирната медијација пропаднала.

Европски трипови

Европа се најде во оваа тешкотија од една едноставна причина: во годините пред украинската криза, западните влади фундаментално погрешно ја разбраа Русија. Тие погрешно го протолкуваа неуспехот на Москва да го блокира поредокот по Студената војна како поддршка за него, претпоставија дека руската интеграција во светската економија ќе одржи статус кво во земјата преку инвестиции и не успеаја да видат дека, иако многу малку Руси го посакуваат враќањето на советскиот комунизам, огромно мнозинство е носталгично по статусот на супер сила.

Тие, исто така, го промашија значењето на таканаречената украинска „Портокалова револуција“ во 2004 година, која преку масовни улични протести доведе на власт про-западен лидер. Рускиот претседател Владимир Путин, убеден дека западните влади ги поттикнале демонстрациите со цел да спроведат смена на режимот, оттгаш на уличните протести почна да гледа како на битна закана за неговото владеење. Во овој контекст, отпорот кон западниот либерализам и кон промоцијата на демократијата од страна на Вашингтон сега го дефинира неговото разбирање на националниот суверенитет.

Повеќе од една деценија режимот на Путин е во потрага по нов поредок, таков што ќе обезбеди долгорочно преживување за себе. Во 1943 година, Јозеф Сталин ја распушти Комунистичката интернационала (позната и како Коминтерна), организација посветена на меѓународно ширење на комунизмот, со цел да ги убеди Франклин Рузвелт и Винстон Черчил дека приоритет му е поразувањето на нацистичка Германија, а не глобална револуција. Путин се надеваше дека Западот ќе прифати сличен приод со сопирањето на промоцијата на демократијата. Тој сакаше гаранција дека Кремљ нема да се соочи со улични протести поддржани од Западот на улиците на Москва или на Минск. Но, Брисел и Вашингтон не можеа да распуштат нешто што не постоеше. Без оглед на тоа во што можеби веруваат Путин и неговите советници, бранот од глобални протести кои го зафатија светот во изминативе неколку години е резултат на културолошки, политички и технолошки промени. Она што поранешниот советник за безбедност на САД, Збигњев Бжежински го нарече, „глобално политичко будење“ е вистински тренд, а не шифрирано име на некоја операција на CIA.

Западните сили, исто така, погрешно си ја проценија способноста да го присилат Путин преку санкции и дипломатска изолација. Санкциите не го променија руското однесување во источна Украина, а многу малку експерти сметаат дека финансиските казни може да бидат толку големи за да ја убедат Москва да го врати Крим. Иако санкциите придонесоа кон тековните финансиски проблеми на Русија, постојат малку докази дека го ослабе стисокот на Путин врз власта. Па дури и да го ослабеле, малку е веројатно дека пост-путиновата Русија ќе биде прозападна демократија. „Невозможно е да се каже кога ќе падне системот“, изјави во 2013 година поранешниот советник на Путин, Глеб Павловски, за The New Republic, „но кога ќе падне… тој што ќе го замени ќе биде копија на овој“.

Не треба да постојат сомнежи дека санкциите се покажаа како многу битни во обединувањето на западните земји против „агресијата“ на Русија. Но, штетите врз руската економија, исто така, ги поткопаа и европските долгорочни цели. Политиката на Москва во Украина не претставува оживување на рускиот имперјализам: таа е експресија на рускиот изолационизам. Со отсекувањето на руската економија, санкциите им послужија на напорите на Путин да ја ограничи изложеноста на Русија кон Западот, со што неговиот режим доби покритие да го ограничи интернетот, да го стесни странското сопствеништво на медиумите, да ги репатрира руските пари од западните банки и да го ограничи патувањето во странство. Тие, исто така, го замаглија неговиот неуспех да ја крене економијата.

Што е најлошо од сé, санкциите ја окуражија Русија повторно да се натпреварува со Западот за воена доминација, наместо со економски средства, арена каде што предноста на Европа е неспоредливо поголема. Еден од најголемите успеси на Унијата во изминатава деценија беше Европската соседска политика, која целеше кон привлекување на државите од нејзината периферија преку економски и политички договори. Иако тешко дека оваа политика ги трансформира тие држави на некој посуштествен начин, таа сепак имаше влијание врз руската политика. По „Портокаловата револуција“, Русија се обиде да се здобие со влијание во Украина и во другите посткомунистички земји со нудење слични иницијативи, како што се трговските договори и пакетите со помош. Дури и во есента 2013 година Русија не тргна да ја окупира Украина, пред прво да се обиде да ја купи, нудејќи ѝ на владата на тогашниот претседател Виктор Јанујкович заем од 15 милијарди долари. Но, сега кога руската економија е уште понеконкурентна, што се должи на ниските цени на нафтата и на новите санкции, Москва ќе биде уште поподготвена да го прошири своето влијание преку воен авантуризам.

Преземениот пат

При дефинирањето на својата руска политика, Европа се соочува само со тешки избори. Нереално е да се очекува дека Европа во наредната година ќе се трансформира во голема воена сила. Исто толку е неверојатно дека само санкциите во краток рок ќе ја сменат политиката на Кремљ, или дека едногласната поддршка за сеопфатни санкции може да се одржи на подолг рок, особено ако конфликтот во Украина некако стивне. Ако сака да непредува, Европа мора да изнајде политика која нема да се обидува да ја претвори Русија во демократија од западен стил, но која ќе ја присили земјата во позиција со која Западот може да живее. Ограничувањата во стилот на Студената војна не се доволни. Русија претставува закана не само за територијалниот интегритет на земјите-членки на ЕУ, туку и за самиот опстанок на Унијата. Русија веќе почна да се инфилтрира во европската политика со цел да го поткопа европското единство, најмногу преку поддршка на лидерите кои се пријателски настроени кон неа, а непријателски кон Унијата.

Одбраната од оваа закана ќе бара од Европејците да направат јасна разлика меѓу два различни вида на институции. Првиот вид се оние, како Советот на Европа и ЕУ, кои ги отелотворуваат европските вредности и оттаму во нив нема место за авторитарни режими како тој на Путин. Вторите се оние, како Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ) и Обединетите нации, кои можат да ги премостат разликите меѓу Европа и нелибералните влади. Европските лидери треба првите да ги направат подисциплинирани и поригидни, а вторите пофлексибилни и поприемливи.

Да го земеме Советот на Европа. Членството на Москва, привилегија која, теоретски, е резервирана за демократии (ова тело е со задача да ги промовира човековите права и владеењето на правото), има многу малку сторено да ја либерализира Русија и со тоа го поткопа кредибилитетот на Советот. Доделувањето на членство на други земји со репресивни режими, како што е Азарбејџан, исто така, не успеа да ги забрза нивните демократските транзиции. На пример, по парламентарните избори во Азарбејџан во 2010 година, Советот не успеа дури ни да издаде критичко соопштение како одговор на безбројните прекршувања на изборниот процес. Сега организацијата служи како погодно средство кое им овозможува на авторитативните режими пред светот да изгледаат демократски, додека дома ги гушат човековите права. Само со бркање на нелибералните членки ќе може овој Совет повторно вистински да застане во одбрана на основачките вредности.

Деконтаминацијата на инситутциите базирани на вредности преку отстранување на руското влијание станува уште поитно, ако се земе предвид растечката популарност на путиновиот модел на владеење во некои источноевропски членки на ЕУ и растечката поддршка на Кремљ за евро-скептичните партии, вклучувајќи ги и оние од левицата, како Сириза во Грција и тие од десницата, како Националниот фронт во Франција. Овие потези, дизајнирани да ја пресликаат поддршката на западот за опозициските движења и мониторингот на изборите во Русија, во почетокот функционираа како еден вид шлаканица. Но, сега се вистинска опасност која може сериозно да го изаби единството на ЕУ. Минатата година унгарскиот премиер Виктор Орбан јавно проговоре дека „со раздвојувањето на патиштата со западноевропските догми, себе си ќе се сториме понезависни од нив“. Отиде уште понатаму, со истакнување на својата намера Унгарија да ја претвори во „нелиберална држава“, посочувајќи ја Русија како пример за земја која, како Турција и Кина, има систем на владеење кој не е ниту западен, ниту либерален, но е „способен да нé направи конкурентни“. Во обид да му се додвори на својот идол, Орбан им се спроивстави на плановите за Европска енергетска унија, носечка политика на ЕУ дизајнирана да ја намали зависноста на нејзините членки од рускиот гас. Во замена, Путин обезбеди проток на рускиот гас кон Унгарија без никакви пречки, барем во наредните четири или пет години.

За да се спречи тоа и други ранливи членки на ЕУ, како Грција и Кипар, да станат плен на руските поткупувања или уцени, ЕУ треба да им помогне да се спрват со своите економски кризи, со тоа што ќе продолжи да им обезбедува заеми и други форми на финансиска поддршка. Исто така, мора да ги притиска своите членки да сфатат дека мора да изберат страна во растечкиот конфликт меѓу Москва и Брисел. Во моментов, нелибералните режими, како Унгарија, си го земаат најдоброто и од двата света: фондовите од ЕУ ги оддржуваат дури и кога ја користат анти-ЕУ реториката дома и специјалните врски со Москва во свој бенефит и, оттаму, речиси и не се присилени да го сменат курсот.

Друга унија

Европа и Соединетите држави никогаш нема да можат да ја признаат руската анексија на Крим, исто како што не можеа да ја признаат советската окупација на балтичките држави во текот на Студената војна. Ќе мора да ги задржат санкциите, бидејќи тие се единствениот достапен инструмент способен да го одржи европското единство и да ја скроти Русија за да не го проширува тековниот конфликт кон другите делови на Украина. Но, санкциите сами посебе, водени од изместената надеж дека Русија еден ден ќе го смени курсот и ќе ѝ го врати Крим на Украина, не се доволни.

На Западиот му треба долгорочна стратегија за Русија, која ќе овозможи соработка, но која нема да се воздржува од конфронтација. Кризата започна токму поради кавгата за тоа дали Украина ќе учествува во Источното пратнерство, европска програма која цели кон интеграција на источноевропските држави во економијата на ЕУ, или во Евроазиската економска унија (ЕЕУ), конкурентен трговски блок кој Кремљ го основа со Белорусија и Казахстан минатиот јануари. Иронично, најдобриот начин да се воспостават нови работни односи со Русија е токму преку овој руски проект – пристап кој врвни европски функционери, вклучувајќи ги и германската канцеларка Ангела Меркел и францускиот претседател Франсоа Оланд, јавно го поддржаа.

Повеќето Европејци се согласуваат дека ЕЕУ е проект полн со недостатоци, кој повеќе ќе им служи на руските геостратешки амбиции, отколку што ќе донесе просперитет на места како што се Ерменија или Киргистан. Ним, исто така, им е многу тешко да поверуваат дека која и да било држава ќе го избере репресивниот руски модел на развој, пред просветлениот на Европа. Како и да е, тој избор им припаѓа на суверените влади. И ако ЕУ го признае правото на Белорусија и Казахстан да се приклучат кон рускиот интеграциски проект, Брисел со многу поголем кредибилитет ќе може да инсистира Москва да им го признае правото на Грузија и Молдавија да не се приклучат.

Европа не успеа да препосна што, всушност, претставува ЕЕУ. Да нема сомнежи, Москва ја основа оваа унија со цел геостратешки да го предизвика Брисел, но тоа го стори преку ангажман со други држави, по урнекот на ЕУ – преку економски врски, наместо преку воено наметнување. Што е уште поважно, ЕЕУ е инклузивна, во голема мера ослободена од руското наметнување на етничкиот национализам и отворено посветена на концептот на економска меѓузависност. И со тоа што помогнаа во поттикнувањето на една чисто руска иницијатива, членките на унијата го имаат вниманието на Москва. Всушност, поради моќта за вето, Белорусија и Казахстан можеби имаат најголеми шанси да ја скротат руската агресија врз источна Украина.

Накратко, ЕЕУ е токму од оној вид проекти како што и Брисел самиот би можел да измисли. Тоа е единствената институција способна да ја намали зависноста на Москва од воени притисоци и националистичка реторика. Но, наместо да го препознае своето сопствено влијание врз ЕЕУ, Брисел ја протолкува оваа имитација на Москва како непријателски гест, со што пропушти критична можност да го модерира конфликтот во Украина.

Ангажманот со Русија во врска со нејзините планови за ЕЕУ ќе беше многу полесен пред украинската криза, но и сега не е ниту оддалеку невозможен. Приближувањето на ЕУ кон ЕЕУ, како што е покана за воспоставување на формални дипломатски односи меѓу двете организации, ќе прати јасен сигнал дека Брисел го препознава правото на Москва на свој интеграциски процес, но и дека цврсто се спротивставува на правото на Русија на сфера на влијание. Тоа ѝ би навестило дека во својот развој, европскиот поредок нема да се гради само врз проширувањата на НАТО и ЕУ, на кои Русија жестоко им се спротивставува. Наместо тоа, ќе го подготви теренот за мирољубив натпревар меѓу два интеграциски проекта, базирани на разлчични филозофии, но кои барем номинално се стремат кон исти цели.

Легитимирањето на ЕЕУ, исто така, ќе забие колец меѓу двете најголеми авторитативни сили на светот, Кина и Русија, кои почнаа опасно да се доближуваат во изминативе неколку години, што ќе резултира во зајакнување на партнерот кој опаѓа, за сметка на оној кој расте. Да, проширената улога на Пекинг во источна Европа е еден од најнеприметените, а со најголеми последици, резултат од украинската криза. Додека Брисел и Вашингтон ја санкционираа Москва поради Крим, кинескиот претседател Си Џинпинг покрена две амбициозни иницијативи, дизајнирани да ја реструктуираат евроазиската економија: таканаречениот „Економски појас по Патот на свилата“, програма за инфраструктурни и трговски инвестиции кои ќе се протегаат од Бангкок до Будимпешта и „Поморски пат на свилата од 21-от век“, слична програма фокусирана на водените патишта помеѓу Јужнокинеското море и Медитеранот. Двата проекта, кои кинеските функционери ги вметнаа под слоганот „еден појас, еден пат“, во суштина целат да ги привлечат сите земји од Централна Азија во гравитациското поле на Кина, што на Пекинг ќе му ги обезбеди многу потребните извори на природни ресурси, странски пазари и економска диверзификација.

Но, пристапот на Кина кон регионалната интеграција видливо се разликува и од рускиот стил на сфери на влијание и од ЕУ-стилот на регионализам. Како што тврди експертот Дејвид Арејз, наместо да користи мултилатерални договори за да ги либерализира пазарите или да дава великодушни понуди, Кина на другите земји им ветува пристап до нејзиниот постојан раст, примарно преку инвестиции во инфраструктурата, како што се железниците, автопатиштата, пристаништата, цевководите, царински објекти, итн. Пекинг се сместува како независен центар за глобална трговија, оперирајќи преку низа билатерални врски. Во моментов, речиси ништо не му стои на патот на овој план; бидејќи нејзината економија е толку многу посилна од оние во Централна Азија, Кина може своите партнери да ги смести во периферната зона, каде што нема да постојат формални процеси за решавање на недоразбирањата и многу малку начини за спротивставување на кинеската влеча. Ако западните земји продолжат со тесногледото фокусирање на битката со Русија и поткопувањето на ЕЕУ, Кина би можела да се издигне до прееминентна регионална сила – на многу сличен начин како што САД стигнаа до тоа да доминираат со Европа по Втората светска војна.

Ниту Европа, ниту САД можат да си приуштат да дозволат матерализација на грандиозната визија на Си. И затоа мора да ѝ дозволат на Русија да се натпреварува со Кина за влијанието во нејзиното сопствено двориште. Секако, Брисел и Вашингтон не смеат да имаат илузии за сонот на Кремљ да ја подели и ослабе ЕУ, но токму поради тоа мораат да воспостават формални односи со ЕЕУ, наместо да ја игнорираат. Продолжено спротивставување со Русија само ќе го изложи дистинктивниот поредок на Европа на понатамошни ризици и ќе му овозможи на Пекинг да влезе додека Брисел и Москва се препираат. Оваа најмалку лоша опција не е совршена, но другите се многу полоши./крај/мф/сс

Извор: Макфакс

Анализи

Силјановска vs Пендаровски: Кој добива, а кој губи во битката на социјалните мрежи и медиумите?

Објавено пред

Претседателските кандидати Стево Пендаровски и Гордана Силјановска-Давкова најмногу се спомнуваат во медиумите, а најмалку се популарни меѓу твитерџиите. Во негативен контекст почесто е споменувана Силјановска на социјалните мрежи „Феjсбук“ и „Твитер“, но и во медиумите.

dobivaj vesti na viber

Ова го покажа првата сентимент-анализа на истражувачкиот центар на „Макфакс“, која се изработуваше во периодот од 1 до 9 април годинава. Процесот на изработка на анализата е базиран на компјутерски алгоритми и има задача да одреди во каков контекст (многу негативен, негативен, неутрален, позитивен или многу позитивен) е напишан одреден текст или дел од текстот.

Преку системот беа анализирани 220 медиуми, како и објавите и коментарите на над еден милион корисници на „Фејсбук“ и твитовите од 300 илјади профили. Тестирањата на платформата покажaа дека користените технологии даваат резултат со точност поголема од 80 проценти.

Според анализата, имињата на Силјановска-Давкова и на Пендаровски почесто се споменуваат во медиумите отколку на социјалните мрежи „Твитер“ и „Фејсбук“. Во првите девет дена од месецот тие биле споменати вкупно 3.515 пати. На „Фејсбук“ биле споменати речиси двојно помалку, а најмалку биле споменувани на „Твитер“.

Силјановска, според оваа анализа, најмногу била спомената на веб-порталите „Република“, „Курир“, „Инфомакс“ и на „Прес 24“, а Пендаровски на „Прес 24“, „Макпрес“, „24 инфо“ и на „Вечер“. Од инфографикот може да се види комплетната слика за тоа во кој медиум биле најмногу застапени двајцата претседателски кандидати.

Во однос на контекстот на споменување во медиумите може да се заклучи дека постои тесна разлика меѓу Силјановска и Пендаровски, иако кандидатката зад која стои опозициската ВМРО-ДПМНЕ предничи со негативните коментари.

Па, така, во многу негативен контекст Силјановска била спомената 201 пат, а Пендаровски 136 пати. Ако таа била спомната 914 пати во негативен контекст, Пендаровски во истиот контекст бил спомнат 778 пати. Тој предничи и во однос на неутралните спомнувања во медиумите, а Силјановска предничи во однос на позитивните споменувања. Тесна е разликата меѓу многу позитивните конотации, во кои биле ставени двајцата претседателски кандидати на кои се однесува анализата, во која за 8 споменувања предност има Пендаровски.

Според податоците од аналитичкиот центар на „Макфакс“, претседателскиот кандидат Пендаровски е попопуларен од Силјановска во однос на бројот на споменувања. Во многу позитивен или позитивен контекст меѓу твитерџиите тој е споменат 231 пат, а Силјановска 201. Во однос на тоа дали кандидатите се споменати во негативен или многу негативен контекст за нијанса води Силјановска, која е спомената 401 пат, а Пендаровски 389.

Слична ситуација може да се види и на „Фејсбук“, каде што Пендаровски има предност во однос на бројот на споменувања. Ако Силјановска била спомената 481 пат во многу негативен или во негативен контекст, Пендаровски е споменат 429 пати. Кај претседателскиот кандидат зад кој стои СДСМ поголем е бројот на позитивни или многу позитивни споменувања на социјалната мрежа „Фејсбук“.

Според сето ова, Силјановска има поголема вредност на вкупниот сентимент во негативен контекст на социјалните мрежи и во медиумите од Пендаровски. Важно е да се потенцира дека не станува збор за анкета што ги мери гласовите за кандидатите, туку за начинот на кој тие се прикажани и коментирани во интернет-просторот. Истражувачкиот центар на „Макфакс“ на почетокот на кампањата за претседателските кандидати спроведе анкета.

Целосната методологија за начинот на изработката на сентимент-анализите на истражувачкиот центар на „Макфакс“ е достапна на следниот линк.

Прикажи повеќе...

Анализи

СЈО со детали: Како Камчев и Мијалков ги переле парите градејќи империја

Објавено пред

Злосторничко здружение, кое функционирало повеќе од 8 години, од 2009 година, кога биле отворани и затворани фирми, перени милиони и милиони евра, биле менувани сопственици, бил купуван огромен имот, отворани фирми на офшор-дестинации за еднократна употреба, префрлувани пари преку кипарски банки, а потоа овие испрани пари влегуваат како основачки влогови за да формираат македонски фирми.

dobivaj vesti na viber

Вака накусо може да се опише случајот „Империја“ на специјалното јавно обвинителство (СЈО), каде што, меѓу другите, осомничени се едни од највлијателните луѓе во земјата, бизнисменот Орце Камчев и поранешниот директор на УБК, Сашо Мијалков.

Три месеци по почнувањето на истрагата, обвинителството излезе со детали за еден од најобемните предмети за кој засега е утврдено дека се испрани речиси 11 милиони евра.

Истрагата е проширена за „Графички центар“ и за „Медија принт Македонија“ (МПМ), извршени се претреси во фирмите, осомничените се испрашани и собрани се докази.

Соработката меѓу Македонија и Кипар е воспоставена, па сега, конечно, на виделина излегуваат и имињата на оние што се криеле зад офшор-фирмите преку кои се переле пари.

Од крајот на јуни до крајот на октомври 2018 година некои од осомничените од „Империја“ биле под посебни истражни мерки.

„Мијалков не беше под посебни истражни мерки, Камчев многу внимателно зборуваше по телефон, но не и другите осомничени“, велат од СЈО.

Без разлика како ќе се одвива понатаму истрагата за „Империја“, со оглед на тоа што статусот и истрагите на СЈО сè уште се неизвесни, оттаму велат дека собрани се речиси 90 отсто од доказите за случајот да може да продолжи понатаму.

Злосторничкото здружение се распаѓа кон крајот на 2017 и почетокот на 2018 година кога осомничените почнуваат да земаат кредити за да се раздолжат, но тоа не значи дека тука завршуваат и нивните поединечни активности.

Под лупа на СЈО е и фирмата поврзана со семејството Мијалкови, „Бест веј инвестмент“, формирана веднаш по обеледонувањето на таканаречените бомби во 2015 година, чиј сопственик е синот на Сашо Мијалков, Јордан. СЈО истражува како се ширел бизнисот и како оваа фирма успева да заработи огромни суми и да стекне голем имот само за три години работа. „Бест веј инвестмент“, ако во 2016 година имала приходи од 816 илјади евра, во 2017 година веќе приходите ѝ растат на 9,6 милиони евра, што само покажува дека независно кој е на власт, бизнисите на Мијалков работат со полна пареа.

Краен сопственик на мистериозната „Ексико“ бил Камчев

Натписот на поштенското сандаче на улицата Иван Милутиновиќ во Скопје сведочи за постоењето на „Ексико“, чие сопствеништво е скриено

Центарот на истрагата за „Империја“ се познатата офшор-фирма „Ексико“ и бизнисменот Орце Камчев.

Истрагата утврдила дека зад првата фирма-мајка на „Ексико“, „Делта инвестмент“ од Белизе, всушност се крие таткото на Орце Камчев, Илија. Од оваа фирма, која поседуваше акции во големи акционерски друштва, а се јавуваше и како еден од сопствениците на атрактивните плацови на Водно, досега сите креваа раце и демантираа дека стојат зад неа.

Истрагата на СЈО утврдила дека по Илија Камчев, набргу како краен сопственик фигурирал и поранешниот директор на македонски „Телеком“, Жарко Луковски, а кога сопствеништвото на фирмата се сели во Америка, односно сопственик станува извесна „Калвус ЛЛЦ“ (Calvus LLC) од САД, крајниот сопственик е всушност Орце Камчев.

Од оваа американска фирма кон „Ексико“ се влеваат 1,6 милион евра како прилив, а дел од овие пари завршува на личната сметка на Камчев, додека со дел се купувани имот и земјиште во Гевгелија, на кое понатаму е предвидено да се градат казина.

Подоцна, а и до ден-денеска, сопственик на „Ексико“ е фирмата со швајцарски капитал „Т&МЈ инвестмент“ од Лугано, Швајцарија, фирма зад која оперативните сознанија покажале дека краен сопственик е член на семејството Мијалкови. Од швајцарската фирма кон македонската „Ексико“ немало никаков прилив или одлив на пари.

„Ексико“ не е единствената фирма преку која функционирало ова злосторничко здружение. Колку за пример, во истатата 2009 година офшор-компанијата „Хоспитал менаџмент груп ЛЛЦ’ од Кипар ја основа клиничката болница „Систина“. Понатаму, оваа компанија го продава имотот на друга офшор-компанија од Панама. „Орка холдинг“ го купува уделот од панамската, па повторно ѝ го продава на „Систина“, со што фактички Камчев внесува удел од „Хоспитал менаџмент“ од Кипар во Македонија.

Сомнежи за перење пари преку кипарски банки

Преку кипарски банки парите влегуваат во земјата

Значаен дел од истрагата на СЈО за „Империја“ има и фирмата „Финзи“ – истата фирма за која во таканаречените бомби можеше да се слушне дека одела набавката за опрема за следење интернет-комуникации за МВР. Министерството, додека на чело на УБК беше Мијалков, наместо директно да ја набави изреалската опрема за прислушување, тоа го правела преку „Финзи“. Во текот на истрагата за случајот самоубиство изврши директорот на „Финзи“, Коста Крпач, во април 2016 година.

Сега истрагата за „Империја“ повторно допира до „Финзи“, фирма основана од „Финзи ЛЛЦ“ во САД. Краен сопственик на оваа компанија, според СЈО, повторно е Орце Камчев.

Во неколку наврати од „Финзи ЛЛЦ“ преку кипарска банка кон македонската „Финзи“ биле исплатувани 650.000 евра. Во тоа време, односно во 2009 година, директор на „Финзи“ во Македонија е Владислав Стајковиќ, брат на Небојша Стајковиќ, поранешен помошник-министер за информатичка технологија во МВР.

Овие пари понатаму влегуваат како основачки влог во „Систина кардиологија“, фирма што подоцна е преименувана во „Си-Фи-Кар“ („Систина“, „Финзи“, “Кара“). Во 2012 година, според СЈО, кога парите веќе се испрани, американската мајка-фирма се затвора и се отвора нова фирма, во која Крпач влегува како директор, а на истата сметка легнуваат парите од израелската донација за опрема за прислушување.

„Не купуваат компании за да работат со нив, туку за да извлечат што можат“

Орце Камчев и Сашо Мијалков, клучните играчи во „Империја“

Многу компании, офшор, стотици папки со документи и изјави од сведоци содржи еден од најобемните предмети на СЈО – „Империја“. Од она што беше претставено пред новинарските екипи, неизбежен е заклучокот дека од досегашната истрага и собраните докази станува збор за класични примери за сомнежи за перење пари пред кои надлежните институции со години молчеле или се откажувале од гонење поради немање докази.

Дел од истрагата е отстапен и на купувањето на „Бетон Штип“ од страна на ТИМ ДОО, „Орка холдинг“, „Езимит“ ДООЕЛ и „Ексико“.

„Кога тие купуваат компанија, не ја купуваат за да ја работат, туку да извлечат што може од имотот на компанијата“, велат од СЈО.

Па, така, и овој пат сознанијата говорат дека од „Бетон Штип“ се извлечени 4 милиони евра, односно газдите ги тераат акционерите со парите да купуваат имот, а понатаму како што се извлекуваат парите, така се инвестираат во други зделки за што патем говорат и последните информации дека речиси 250 работници веќе ги напуштаат работните места од „Бетон Штип“ и истовремено преку суд си ги бараат неисплатените плати за последните четири месеци.

Дел од истрагата го опфаќа и „Фершпед“, односно од моментот кога Кираца Трајковска, која беше еден од мнозинските акционери во “Фершпед“, поради долг во Еуростандард банка, преку посредник побарала кредит од Стопанска банка АД Битола. Камчев, кој е дел од Управниот одбор на банката, наместо кредит, според СЈО, на Трајковска ѝ понудил преку физички лица да ѝ бидат префрлени парите по што биле ослободени нејзините акции од „Фершпед“.

За да им ги продаде акциите на странски инвеститори, таа го ангажирала брокерот Јованче Тасковски. Но, за нејзината намера дознал Штерјо Наков, кој побарал помош од Мијалков, со цел тој да ги купи акциите. Мијалков се договора со Камчев да ја изиграат, па без нејзино знаење, според СЈО, Ненад Јосифовиќ ги продава акциите на физички и правни лица поврзани со Наков за 4 милиони евра повисока цена од реалната. Парите од зделката завршуваат во фирма чии сопственици се „Ексико“, „Орка холдинг“ и „Тимох“.

Во делот од истрагата за „Империја“ влегуваат и стари случаи, кои претходно во обвинителствата завршувале со откажување од гонење поради немање доволно докази. Таков пример е истрагата за „пропаѓањето“ на „Орка спорт“, „Орка текстил“ и други фирми во сопственост на сега покојниот Илија Камчев. Данокот се избегнувал да се плаќа преку лажни стечаи, обезвреднување на имотот и формирање офшор-компании, а потоа парите „чисти“ биле внесувани во земјата, односно целиот имот бил пренесуван на новоформирани компании.

На овој начин, впрочем, и се градела целата империја – преку лојални соработници, изигрување на законитe и формирање компании за еднократна употреба.

Како ќе заврши истрагата и дали случајот ќе добие епилог останува неизвесно. Засега Орце Камчев и Сашо Мијалков се во домашен притвор, а конечниот збор ќе го каже Врховниот суд.

Освен Камчев и Мијалков, осомничени во случајот „Империја“ се и Ратка Куноска-Камчева, мајка на Камчев и неизвршен член на Одборот на директори на „Орка ходинг“, Кристина Камчева-Стојческа, сестра на Камчев и неизвршен член на Одборот на директори на „Жито полог Тетово“, Лилјана Гајдоска, правник во фирмите на Камчев, неизвршен член на Одборот на директори на ЗК „Пелагонија“, Тодор Мирчевски, директор на „Ексико“, Владислав Стајковиќ, сопственик на НВСП, доскорешен директор на „Мобико“ и поранешен директор на „Финзи“, Ванче Мијалчев, извршен директор на „Бетон Штип“, Јованче Тасковски, брокер, и Дејан Јанев од „О.Т.Е. инвест“.

Прикажи повеќе...

Анализи

Политиката го подели СЈО на табори

Објавено пред

„Чарлиевите ангели“ ги нема. Катица Јанева, Ленче Ристоска и Фатиме Фетаи речиси една година не се појавуваат на заеднички прес-конференции. Во јавноста и на социјалните мрежи сè погласни се критиките за работата на специјалното јавно обвинителство и ослабената доверба во оваа институција.

dobivaj vesti na viber

Три и пол години по формирањето, целосен судски епилог има само за два случаја а сè погласни се шпекулациите дека во СЈО владее поделеност на обвинителите на табори, кои меѓусебно не се согласуваат за дејствувањето на ова обвинителство, па тие разлики во мислењата лесно се забележливи и во јавноста.

Трите жени, кои беа симбол за СЈО, ретко може се видат заедно во јавноста, а речиси една година Ленче Ристоска и Фатиме Фетаи не даваат заеднички изјави. Според нашите извори, со слични ставови на една страна биле обвинителките Катица Јанева и Лиле Стефанова, а на друга Ленче Ристоска и Фатиме Фетаи.

Од друга страна, сè поприсутна во јавноста е главната специјална обвинителка Катица Јанева, која, според најавите, во вторник ќе се појави на „1ТВ“, каде што заедно со обвинителите Лиле Стефанова и Трајче Пеливанов треба да одговараат и на прашања од гледачите. Токму во фирмата сопственик на „1ТВ“, „БМЈ медиа груп“, работи синот на Јанева, младиот гевгеличанец Лазар Јанев, за кого веќе беше објавено дека пред вработените бил претставен како директор на правна служба. Пред точно два месеца Јанева беше гостинка на „1ТВ“ и се фотографира со сопственикот на телевизијата, Бојан Јовановски, со назнака дека станува збор за работен состанок.

Во СЈО во последната година во целост се смени практиката на комуникација со јавноста. Последната прес-конференција СЈО ја одржа на 21 март минатата година.

Повеќе нема брифинзи со новинари, а на обвинителките Ристоска и Фетаи не им е дозволено да даваат интервјуа и изјави. Целосна затвореност владее и во однос на истрагите. Случајот „Империја“, во кој, меѓу другите, се осомничени и бизнисменот Јордан Камчев и ексдиректорот на УБК, Сашо Мијалков, беше отворен пред повеќе од 2 месеца, а од СЈО нема дополнителни информации, освен дека истрагата е сложена.

Сите обиди на „Макфакс“ да обезбедат брифинг за случајот беа залудни. Новинарите меѓу себе коментираат дека ова обвинителство, кое наметна транспарентно работење, последнава година се затворило, иако обвинителите поминале серија обуки за комуникација со јавноста. Тоа остава простор за шпекулации во постапувањето по предметите на обвинителството. Од друга страна, во редовното Обвинителство се спроведува тренинг за односи со јавноста на обвинителите.

Според нашите информации, во специјалното јавно обвинителство меѓу некои од вработените владее незадоволство од начинот на работа, особено по последните политички случувања, амнестии и повици за помирување, кои во голем дел влијаат и врз актуелните предмети што се во судска постапка, но и на оние што се во истрага и предистрага, а во кои, меѓу другите, се вклучени и Сашо Мијалков, Елизабета Канческа-Милевска, Али Ахмети, Бујар Османи.

Ексминистерката за култура, КанческаМилевска, е инволвирана во предистрагата за предметот „Скопје 2014“, кој е еден од најобемните предмети на СЈО, за Мијалков се водат повеќе судски постапки, а предметот за агенцијата за обезбедување СГС е во предистрага.

Во процесот на помирувањето наголемо се споменуваа и измените во Кривичниот законик, односно член 353, став 5, кој ја регулира злоупотребата на службената положба преку јавните набавки. Доколку дојде до промена на овој член, како што беше најавувано, помали казни или ослободување од одговорност ќе добијат голем број обвинети во случаите на СЈО, меѓу кои и Мијалков.

Уставниот суд сè уште не расправал по иницијативата на адвокатот Еленко Миланов, кој бара судиите да се произнесат за овој член од Кривичниот законик.

Сите овие политички инволвирања, кои допираат и до СЈО, според нашите извори, довеле до голем раздор во работата на институцијата, која има годишен буџет од 3,7 милиони евра. Некои од обвинителите се разочарани од фактот што нивните предмети и нивната работа зависат исклучително од тековната политичка ситуација, па токму затоа во последниот период и не се работи на нови предистраги бидејќи се чека исходот од тоа што ќе се случува со институцијата и дали евентуално одредени функционери од претходната, но и од актуелната власт, ќе избегнат одговорност.

Прикажи повеќе...

Најново

Македонија7 часа

Димитриевски до Пендаровски: Разликата е огромна, откажете се од оваа битка и оставете нè да победиме во вториот круг

Денеска ЗНАМ заедно со сите свои пддржувачи ја испишува новата политичка историја на македонската политичка сцена, рече вечерва претседателскиот кандидат...

Македонија8 часа

Нема да се откажеме и нема да ги наведнеме главите, порача Ковачевски

Денеска е тежок удар за европската перспектива на Македонија, но не е доцна да се смени правецот, откажувањето не е...

Македонија9 часа

(Видео) Мицкоски: Цунамито се крена, на 8 мај ќе ги потопи целосно, победуваме со над 170.000 разлика

Денеска народот во Македонија покажа дека си ја сака Македонија и дека секој оној кој го потценува народот прваи голема...

Македонија9 часа

Пендаровски: Резултатите не се такви какви што ги очекувавме, но нема предавање, утре е нов ден

Резултатите не се такви какви што ги очекувавме истакна вечерва на прес-конференција кандидатот за претседател поддржан од СДСМ, Стево Пендаровски....

Македонија9 часа

Силјановска за убедливото водство: Напати се срамам, зарем е можно толку многу луѓе вака да реагираат

Претседателскиот кандидат Гордана Силјановска Давкова по завршување на првиот круг гласање од изборот за претседател на државата рече дека денешниот...

Македонија10 часа

Јакимовски призна пораз, ѝ честиташе водство на Сиљановска и ѝ посака среќа во вториот круг

Лидерот на ГРОМ и претседателски кандидат, Стевчо Јакимовски, вечерва призна пораз и ѝ честиташе водство на Гордана Сиљановска-Давкова.  Со оглед...

Македонија11 часа

Таравари: Земјотресот почна, се надевам дека на 8 мај ќе дојде промената ДУИ да биде опозиција

Масовниот одѕив на гласачите на овие претседателски избори за Арбен Таравари, претседателски кандидат на коалицијата ВЛЕН, е показател дека промените...

Македонија11 часа

Одѕивот до 18.30 часот е 48,44 отсто, во Новаци на гласање излегле рекордни 71,07 отсто од гласачите

Одѕивот до 18.30 часот на седмите претседателски избори е 48,44 отсто од гласачите, според податоци од 3174 гласачки места. Претседателот...

Македонија12 часа

Муцунски: Овој изборен ден е почеток на крајот на оваа власт

Народот уште еднаш покажа дека знае и умее да ја процени важноста на овие избори, како крстопат кога се одлучува...

Македонија12 часа

ОЈО: Сите сомненија за кривични дела кои би можеле да го нарушат изборниот процес ќе бидат испитани

Во текот на изборниот ден до затворањето на избирачките места, на електронската адреса на Јавното обвинителство на Република Северна Македонија...

Македонија12 часа

Левицата: Проблеми со фингерпринтот во Куманово, Ѓорче Петров, Аеродром, доцнење на гласачкиот процес и нерегуларности во избирачкиот список

Од Претседателскиот изборен штаб на кандидатот за претседател Билјана Ванковска информираат дека денешниот изборен ден поминal мирно во фер и...

Македонија13 часа

Силјановска: Дојде време, дојде час, да си замине оваа власт

Дојде време, дојде час, да си замине оваа власт, порача кандидатката за претседател, Гордана Силјановска Давкова по гласањето во првиот...

Македонија13 часа

„Нека победи подобриот“ – Таравари рече дека поседува видео снимки за купување на гласови

Кандидатот за претседател, Арбен Таравари, гласаше со своето семејство, пришто порача изборите да бидат фер и демократски. „Нека победи подобриот....

Македонија13 часа

Ванковска: Необично е да гласаш за себе, но со тоа ја изразив убеденоста во она што го говорам

Билјана Ванковска, претседателски кандидат на Левица го оствари своето право на глас на ИМ во ОУ „Јан Амос Коменски“ во...

Македонија13 часа

(Видео) Пендаровски: Држава што преговара со ЕУ не смее да си дозволи лош изборен процес

Кандидатот за претседател, Стево Пендаровски, денеска гласаше на првиот круг од претседателските избори. Во изјава за медиумите Пендаровски истакна дека...

Македонија13 часа

Во Куманово не се гласа на три избирачки места, на едното се изгубил печатот

Прекин на гласањето има на три места во Куманово, информираше претседателот на Државната изборна комисија (ДИК), Александар Даштевски. Како што...

Македонија14 часа

Одѕивот до 17 часот изнесува 44,18 отсто – за околу 9 проценти повеќе во споредба со претходните претседателски избори

До 17 часот во првиот круг од претседателските избори, своето право на глас го оствариле 397.612 избирачи, или 44,18 отсто....

Македонија15 часа

Петмина си ги фотографирале гласачките ливчиња, полицијата ги фати

Пет лица во периодот од 11 до 14 часот, биле фатени од страна на полицијата оти ги фотографирале своите гласачки...

Македонија17 часа

ОЈО Делчево истражува обид за изборен поткуп со бесплатно вградување водомери

Основното јавно обвинителство Делчево истражува предмет за изборен поткуп со бесплатно поставување водомери. Обвинителот Џељаљ Бајрами, претседател на комисијата на...

Македонија19 часа

Штипјанец и скопјанка фатени како ги фотографираат гласачките ливчиња, а жител на Бучим му го покажал ливчето на набљудувач

Од отворањето на гласачките места досега имаме регистрирано две фотографирања на гласачко ливче, едно во Скопје, а едно во Штип....