Контакт

Анализи

Тврда сила, мека сила и силата на енергијата – новата надворешнополитичка алатка на САД

Објавено пред

Дебатата за тоа дали интересите на САД се подобро заштитени преку тврдата сила (насилни методи, како што е воената сила) или меката сила (помалку агресивни методи на убедување,како што е дипломатијата, економската помош и пропагандата) е вечна. Од стапувањето на должност, претседателот Барак Обама ја форсираше меката сила, невестувајќи дека претераното потпирање на воената сила отуѓи премногу пријатели и сојузници на САД, без притоа да постигне големи резултати. Но, многумина републиканци, а и некои демократи, го обвинуваат дека претерал со корекциите и дека, за возврат, поттикнува лошо однесување од таквите како претседателот на Сирија, Башар ал-Асад и на Русија, Владимир Путин. И покрај сите посочувања на виновникот, во реалноста  и двете партии прифатија „среден пат“ – нешто што е најдобро опишано како „сила на енергијата“.

dobivaj vesti na viber

Сила на енергијата значи експлоатирање на предностите на една држава во енергетскиот и технолошкиот аутпут со цел да ги промовира своите глобални интереси и да ги поткопа истите на ривалите, се истакнува во aнализатa на Foreign Policy.

Ова би значело, на пример, обезбедување енергенси за пријателите и сојузниците кои станале премногу зависни во таа смисла од некоја непријателска сила, како што се напорите на САД да ја ослободи Европа од нејзината зависност од руски гас. Тоа, исто така, може да значи и поставување на нафтени платформи во спорни води како начин да се наметне контрола врз одредена територија, како што се кинеските нафтени платформи во Јужнокинеското Море. Силата на енергијата може да се употреби да се поттикнат врските со одреден геостратешки партнер, како што е нуклеарниот договор постигнат меѓу САД и Индија, или да се казни непослушниот сосед, како што Русија повеќекратно го прекинува дотурот на гас до Украина. Иако не толку сурова како тврдата сила, силата на енергијата може да содржи политики кои се издигнуваат над добивките од меката сила.

Секако, силата на енергијата од одамна е приказ на вештост во меѓународната политика. Кога Јапонија ја рашири својата предвоена империја низ Азија, на пример, САД, кои во тој момент беа најголем снабдувач на Јапонија со нафта, наметнаа жестоки санкции на извозот на енергенси во таа земја (кои на крајот се покажаа како неуспешни), во обид да ја одврати натамошната јапонска агресија. Во 1973/74 година, арапските членки на OPEC се обидоа да ја обесхрабрат меѓународната поддршка за Израел преку наметнување на ембарго за дотур на нафта до САД и Холандија, со што предизвикаа глобално економско забавување. Во секој пример тврдата сила никогаш не ги напушти мислите на политчките лидери – она што е различно денес е дека на силата на енергијата се гледа како на ефикасна алтернатива на тврдата сила, во време кога употребата на воена сила (барем меѓу големите сили) се чини неверојатна.

Земете го предвид одговорот на САД на руската наезда во Украина. Во минатото овој вид однесување ќе предизвикаше многу гласни предупредувања за можна воена акција од страна на САД и распоредување на воени бродови и авиони во околината. Но денес дури и најголемите јастреби меѓу републиканците ја отфрлаат употребатана сила. Наместо тоа, и демократите и републиканците се определија за енергетскиот сектор како најповолен канал за оцрнување на Путин. Од своја страна, администрацијата на Обама се определи да го попречи западното финансирање и технологија за руските енергетски фирми, во надеж дека тоа ќе ја забави економијата. Републиканците, пак, кои преферираат нешто помускулесто, сакаат да го зголемат дотурот на природен гас од САД до земјите кои сега зависат од руското снабдување. „Способноста да се смени играта и да се стави рускиот лидер под контрола лежи тикму под нашите нозе во форма на непрегледни залихи на природна енергија “, изјави конгресниот спикер Џон Бонер минатиот март.

Лидерите на САД се стремат да ги ја применат силата на енергенсите и во други надворешнополитички загатки. Неодамнешниот подем во производството на нафта во САД е посочен како добар притсок за присилување на Иран да побара преговри за спорот околу неговите активности за развој на нуклеарната енергија. И додека Иран во еден период беше способен да имм се спротивстави на економските санкции наметнати од Вашингтон со експлоатирање на глобалната жед за нафта, сега се најде во сé поизолирана позиција како што подемот на производството во САД го поништи ефектот од намалениот ирански извоз.

 

Бескрајна енергија

Постојат голем број причини за тоа зошто силата на енергијата го зазема централното место, почнувајќи со двоумењето да применат тврда сила, особено против големите сили. Истовремено, многумина во Вашингтон станаа незадоволни од употребата само на меката сила и почнаа да бараат попотентни алатки за влијание. Кон тие размисли се надоврзаа стравувањата за енергетската сигурност и за сигурноста на межунардните мрежи за снабдување.

Она што е можеби уште побитно е драматичниот подем во производството на нафта и гас во САД. Според Департментот за енергија, производството на сирова нафта во САД скокна од најниските 5 милиони барели на ден во 2008 година, на проценети 9,2 милиони барели на ден во јануари годинава, извонредно зголемување од 84 проценти. Ако се претпостави дека цените ќе се повратат од сегашните ниски стапки, се очекува производството во САД да продолжи да расте во наредните неколку години и да ги достигне проектираните 9,6 милиони барели во 2020 година. Доашното прозивосдство на гас е, исто така, во подем и се искачи од околу 6,5 трилиони кубни метри во 2008 година, на 8 трилуиони во 2015 година, а се очекува аутпутот да достигне дури 12 трилиони кубни метри во 2035 година.

Многумина аналитичари се согласуваат дека, во најлош случај, неверојатниот енергетски подем на САД значи намалување на нејзината зависност од нафтата од Блискиот исток, ослободувајќи го притоа Вашингтон од неговата долгорочна сервилност кон главните петро-држави. И не само тоа: како што подемот се забрзува, набљудувачите забечежуваат дека , исто како што понекогаш правеа и блискоисточните петро-држави, може да ја употреби својата нафта и гас како палка за промовирање на своите прекуморски интереси. Алудирајќи на иранските закани дека ќе предизвика глобална нафтна клриза заради спорот замнеговата нуклеарна програма, Даниел Јергин, авторот на „Цената: епската потрага по нафта, пари и моќ“ и „Потрагата: енергијата, безбедноста и преосмислувањето на модерниот свет“, навестува дека, „новиот дотур од Северна Америка станува се побитен како потенцијалена пречка“ за сите такви потези.

Оваа логика наиде на широко одобрување кај членовите и на двете партии во САД. Том Донилон, поранешен национален советник за безбедност, во Белата куќа ги најави стратешките предности на зголеменото производство на нафта и гас во САД: „Новата енергетска позиција на САД“, изјави тој, „ни овозможува подобра позиција при одредувањето и имплементацијата на нашите меѓународни безбедносни цели“. Помеѓу републиканците, сенаторотите Џон Мекејн и Џон Ховен, да споменеме само двајца, употребија слични зборови. Во уводникот на The Wall Street Journal, насловен „Пуштање на американската енергетска предност во употреба“, весникот се залага за зголемување на зивозот на природен гас во Европа. „Ние мораме“, велат тие, „да ги примениме нашите природни богатсва во слабеењето на Путин и засилувањето на нашите сојузници.“

Републиканците честопати аргументираат дека Белата куќа ги попречува нивните напори да ја употребат енергетска моќ на САД, на пример, со тоа што не ја забрзуваат изградбата на терминали за извоз на гасот во течна состојба. Но, факт е дека Обама е исто толку вљубен во моќта на енергенсите колку што се и тие. Не само што оваа администрација го забрза одобрувањето на нови терминали за извоз на течен природен гас, туку им нуди и техничка помош на Бугарија, Полска, Романиа, Украина и на други поранешни осветски сатрапи кои сакаат да ги развијат своите сопствени енергетски ресурси и да ја намал зависноста од рускиот гас. На 15-ти јануари, на пример, американскиот Државен секретар Џон Кери се сретна со бугарски функционери и им вети американска поддршка при напорите земјата да развие нови извори на енергенси. „Ниту една земја на светот не би требало да биде тотално зависна во снабдувањето со енергенси од некоја друга земја“, изјави тој во Софија. „Ние сме посветени на обидот да помогнеме да се привлечат инвестиции и да обезбедиме помош за бугарските напори за диверзификација“.

Прифаќањето на администрацијата на енергетската моќ исто тка може да се забележи и во „Новата национална стратегија за безбедност“, објавена од страна на Белата куќа на почетокот на февруари. „Оживувањето на американската енергетика не е добро замо за растот“, констатира документот, туку, исто така, „нуди нови браници од насилната употреба на енергијата од некои и нови можности за помош на другите да транзицираат кон нискокарбонски економии“. Слично како и републиканците, стратегијата наметнува потреба за усогласена акција за да се надминат опасностите наметнати од „украинската и европската зависност од руското снабдување со енергенси“.

Се чини дека демократите и републиканците се многу поблиску во своите гледишта за безбедностната стратегија отколку што прикажува тековната дебата во Вашингтон. Иако разликите за тоа каде да се стави нагласката, дали на тврдата или на меката сила, при конфронтацијата со непријателите на САД, и двете страни со нетрпение сакаат да ја зголемат употребата на силата на енергијата како инструмент на надворешната политика. Згора на иницијативите кои веќе се во тек, како што се напорите на Кери да ја промовира енергетската диверзификација во поранешната советска сфера и неодамнешниот нуклеарен договор со Индија, лидерите на САД најверојатно ќе побараат и други можности за да ја експлоатираат американската енергетска моќ при постигнувањето на нејзините цели во странство.

 

Предност – САД

Како алтернатива на тврдата сила, силата на енергијата ја пренесува сериозноста на намерите на САД, но без притоа да си ги наметне тешкотиите на воената интервенција. Како алтернатива на меката сила, тоа овозможува степен на предност кој не може да се постигне само преку дипломатија. Но, употребата на силата на енергијата ни оддалеку не е без ризици. САД можеби уживаат некаква предност во оваа област заради издашниот аутпут на нафта и гас, но другите земји (меѓу нив и Русија) исто така поседуваат значителни резерви и се исто толку подготвени да ги употребат како енергетска палка, најверојатно на штета на САД. Во краен случај, ваквите акцвии можат да предизвикаат воен одговор. Поставувањето во мај 2014-та на нафтената платформа од страна на Кина во води за кои Виетнам тврди дека се негови, на пример, доведе до поморски тензии во Јужнокинеското Море и смртоносни антикинески демонстрации во поголемите виетнамски градови. Постои и многу битен еколошки аспект на ова прашање: секое натамошно зголемување на производството на нафта и гас во САД ќе бара интензивна употреба на хидро-фракирање, техника која бара огромни количества вода и претставува закана за безбедноста на општинските и земјоделските залихи на вода. Во најлош случај, има барем и нешто добро во вестите дека демократите и републиканците успеаја да се договорат за нешто, особено во надворешнополитчката сфера./крај/мф/сс

Извор: Макфакс



©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Анализи

Силјановска vs Пендаровски: Кој добива, а кој губи во битката на социјалните мрежи и медиумите?

Објавено пред

Претседателските кандидати Стево Пендаровски и Гордана Силјановска-Давкова најмногу се спомнуваат во медиумите, а најмалку се популарни меѓу твитерџиите. Во негативен контекст почесто е споменувана Силјановска на социјалните мрежи „Феjсбук“ и „Твитер“, но и во медиумите.

dobivaj vesti na viber

Ова го покажа првата сентимент-анализа на истражувачкиот центар на „Макфакс“, која се изработуваше во периодот од 1 до 9 април годинава. Процесот на изработка на анализата е базиран на компјутерски алгоритми и има задача да одреди во каков контекст (многу негативен, негативен, неутрален, позитивен или многу позитивен) е напишан одреден текст или дел од текстот.

Преку системот беа анализирани 220 медиуми, како и објавите и коментарите на над еден милион корисници на „Фејсбук“ и твитовите од 300 илјади профили. Тестирањата на платформата покажaа дека користените технологии даваат резултат со точност поголема од 80 проценти.

Според анализата, имињата на Силјановска-Давкова и на Пендаровски почесто се споменуваат во медиумите отколку на социјалните мрежи „Твитер“ и „Фејсбук“. Во првите девет дена од месецот тие биле споменати вкупно 3.515 пати. На „Фејсбук“ биле споменати речиси двојно помалку, а најмалку биле споменувани на „Твитер“.

Силјановска, според оваа анализа, најмногу била спомената на веб-порталите „Република“, „Курир“, „Инфомакс“ и на „Прес 24“, а Пендаровски на „Прес 24“, „Макпрес“, „24 инфо“ и на „Вечер“. Од инфографикот може да се види комплетната слика за тоа во кој медиум биле најмногу застапени двајцата претседателски кандидати.

Во однос на контекстот на споменување во медиумите може да се заклучи дека постои тесна разлика меѓу Силјановска и Пендаровски, иако кандидатката зад која стои опозициската ВМРО-ДПМНЕ предничи со негативните коментари.

Па, така, во многу негативен контекст Силјановска била спомената 201 пат, а Пендаровски 136 пати. Ако таа била спомната 914 пати во негативен контекст, Пендаровски во истиот контекст бил спомнат 778 пати. Тој предничи и во однос на неутралните спомнувања во медиумите, а Силјановска предничи во однос на позитивните споменувања. Тесна е разликата меѓу многу позитивните конотации, во кои биле ставени двајцата претседателски кандидати на кои се однесува анализата, во која за 8 споменувања предност има Пендаровски.

Според податоците од аналитичкиот центар на „Макфакс“, претседателскиот кандидат Пендаровски е попопуларен од Силјановска во однос на бројот на споменувања. Во многу позитивен или позитивен контекст меѓу твитерџиите тој е споменат 231 пат, а Силјановска 201. Во однос на тоа дали кандидатите се споменати во негативен или многу негативен контекст за нијанса води Силјановска, која е спомената 401 пат, а Пендаровски 389.

Слична ситуација може да се види и на „Фејсбук“, каде што Пендаровски има предност во однос на бројот на споменувања. Ако Силјановска била спомената 481 пат во многу негативен или во негативен контекст, Пендаровски е споменат 429 пати. Кај претседателскиот кандидат зад кој стои СДСМ поголем е бројот на позитивни или многу позитивни споменувања на социјалната мрежа „Фејсбук“.

Според сето ова, Силјановска има поголема вредност на вкупниот сентимент во негативен контекст на социјалните мрежи и во медиумите од Пендаровски. Важно е да се потенцира дека не станува збор за анкета што ги мери гласовите за кандидатите, туку за начинот на кој тие се прикажани и коментирани во интернет-просторот. Истражувачкиот центар на „Макфакс“ на почетокот на кампањата за претседателските кандидати спроведе анкета.

Целосната методологија за начинот на изработката на сентимент-анализите на истражувачкиот центар на „Макфакс“ е достапна на следниот линк.

Прикажи повеќе...

Анализи

СЈО со детали: Како Камчев и Мијалков ги переле парите градејќи империја

Објавено пред

Злосторничко здружение, кое функционирало повеќе од 8 години, од 2009 година, кога биле отворани и затворани фирми, перени милиони и милиони евра, биле менувани сопственици, бил купуван огромен имот, отворани фирми на офшор-дестинации за еднократна употреба, префрлувани пари преку кипарски банки, а потоа овие испрани пари влегуваат како основачки влогови за да формираат македонски фирми.

dobivaj vesti na viber

Вака накусо може да се опише случајот „Империја“ на специјалното јавно обвинителство (СЈО), каде што, меѓу другите, осомничени се едни од највлијателните луѓе во земјата, бизнисменот Орце Камчев и поранешниот директор на УБК, Сашо Мијалков.

Три месеци по почнувањето на истрагата, обвинителството излезе со детали за еден од најобемните предмети за кој засега е утврдено дека се испрани речиси 11 милиони евра.

Истрагата е проширена за „Графички центар“ и за „Медија принт Македонија“ (МПМ), извршени се претреси во фирмите, осомничените се испрашани и собрани се докази.

Соработката меѓу Македонија и Кипар е воспоставена, па сега, конечно, на виделина излегуваат и имињата на оние што се криеле зад офшор-фирмите преку кои се переле пари.

Од крајот на јуни до крајот на октомври 2018 година некои од осомничените од „Империја“ биле под посебни истражни мерки.

„Мијалков не беше под посебни истражни мерки, Камчев многу внимателно зборуваше по телефон, но не и другите осомничени“, велат од СЈО.

Без разлика како ќе се одвива понатаму истрагата за „Империја“, со оглед на тоа што статусот и истрагите на СЈО сè уште се неизвесни, оттаму велат дека собрани се речиси 90 отсто од доказите за случајот да може да продолжи понатаму.

Злосторничкото здружение се распаѓа кон крајот на 2017 и почетокот на 2018 година кога осомничените почнуваат да земаат кредити за да се раздолжат, но тоа не значи дека тука завршуваат и нивните поединечни активности.

Под лупа на СЈО е и фирмата поврзана со семејството Мијалкови, „Бест веј инвестмент“, формирана веднаш по обеледонувањето на таканаречените бомби во 2015 година, чиј сопственик е синот на Сашо Мијалков, Јордан. СЈО истражува како се ширел бизнисот и како оваа фирма успева да заработи огромни суми и да стекне голем имот само за три години работа. „Бест веј инвестмент“, ако во 2016 година имала приходи од 816 илјади евра, во 2017 година веќе приходите ѝ растат на 9,6 милиони евра, што само покажува дека независно кој е на власт, бизнисите на Мијалков работат со полна пареа.

Краен сопственик на мистериозната „Ексико“ бил Камчев

Натписот на поштенското сандаче на улицата Иван Милутиновиќ во Скопје сведочи за постоењето на „Ексико“, чие сопствеништво е скриено

Центарот на истрагата за „Империја“ се познатата офшор-фирма „Ексико“ и бизнисменот Орце Камчев.

Истрагата утврдила дека зад првата фирма-мајка на „Ексико“, „Делта инвестмент“ од Белизе, всушност се крие таткото на Орце Камчев, Илија. Од оваа фирма, која поседуваше акции во големи акционерски друштва, а се јавуваше и како еден од сопствениците на атрактивните плацови на Водно, досега сите креваа раце и демантираа дека стојат зад неа.

Истрагата на СЈО утврдила дека по Илија Камчев, набргу како краен сопственик фигурирал и поранешниот директор на македонски „Телеком“, Жарко Луковски, а кога сопствеништвото на фирмата се сели во Америка, односно сопственик станува извесна „Калвус ЛЛЦ“ (Calvus LLC) од САД, крајниот сопственик е всушност Орце Камчев.

Од оваа американска фирма кон „Ексико“ се влеваат 1,6 милион евра како прилив, а дел од овие пари завршува на личната сметка на Камчев, додека со дел се купувани имот и земјиште во Гевгелија, на кое понатаму е предвидено да се градат казина.

Подоцна, а и до ден-денеска, сопственик на „Ексико“ е фирмата со швајцарски капитал „Т&МЈ инвестмент“ од Лугано, Швајцарија, фирма зад која оперативните сознанија покажале дека краен сопственик е член на семејството Мијалкови. Од швајцарската фирма кон македонската „Ексико“ немало никаков прилив или одлив на пари.

„Ексико“ не е единствената фирма преку која функционирало ова злосторничко здружение. Колку за пример, во истатата 2009 година офшор-компанијата „Хоспитал менаџмент груп ЛЛЦ’ од Кипар ја основа клиничката болница „Систина“. Понатаму, оваа компанија го продава имотот на друга офшор-компанија од Панама. „Орка холдинг“ го купува уделот од панамската, па повторно ѝ го продава на „Систина“, со што фактички Камчев внесува удел од „Хоспитал менаџмент“ од Кипар во Македонија.

Сомнежи за перење пари преку кипарски банки

Преку кипарски банки парите влегуваат во земјата

Значаен дел од истрагата на СЈО за „Империја“ има и фирмата „Финзи“ – истата фирма за која во таканаречените бомби можеше да се слушне дека одела набавката за опрема за следење интернет-комуникации за МВР. Министерството, додека на чело на УБК беше Мијалков, наместо директно да ја набави изреалската опрема за прислушување, тоа го правела преку „Финзи“. Во текот на истрагата за случајот самоубиство изврши директорот на „Финзи“, Коста Крпач, во април 2016 година.

Сега истрагата за „Империја“ повторно допира до „Финзи“, фирма основана од „Финзи ЛЛЦ“ во САД. Краен сопственик на оваа компанија, според СЈО, повторно е Орце Камчев.

Во неколку наврати од „Финзи ЛЛЦ“ преку кипарска банка кон македонската „Финзи“ биле исплатувани 650.000 евра. Во тоа време, односно во 2009 година, директор на „Финзи“ во Македонија е Владислав Стајковиќ, брат на Небојша Стајковиќ, поранешен помошник-министер за информатичка технологија во МВР.

Овие пари понатаму влегуваат како основачки влог во „Систина кардиологија“, фирма што подоцна е преименувана во „Си-Фи-Кар“ („Систина“, „Финзи“, “Кара“). Во 2012 година, според СЈО, кога парите веќе се испрани, американската мајка-фирма се затвора и се отвора нова фирма, во која Крпач влегува како директор, а на истата сметка легнуваат парите од израелската донација за опрема за прислушување.

„Не купуваат компании за да работат со нив, туку за да извлечат што можат“

Орце Камчев и Сашо Мијалков, клучните играчи во „Империја“

Многу компании, офшор, стотици папки со документи и изјави од сведоци содржи еден од најобемните предмети на СЈО – „Империја“. Од она што беше претставено пред новинарските екипи, неизбежен е заклучокот дека од досегашната истрага и собраните докази станува збор за класични примери за сомнежи за перење пари пред кои надлежните институции со години молчеле или се откажувале од гонење поради немање докази.

Дел од истрагата е отстапен и на купувањето на „Бетон Штип“ од страна на ТИМ ДОО, „Орка холдинг“, „Езимит“ ДООЕЛ и „Ексико“.

„Кога тие купуваат компанија, не ја купуваат за да ја работат, туку да извлечат што може од имотот на компанијата“, велат од СЈО.

Па, така, и овој пат сознанијата говорат дека од „Бетон Штип“ се извлечени 4 милиони евра, односно газдите ги тераат акционерите со парите да купуваат имот, а понатаму како што се извлекуваат парите, така се инвестираат во други зделки за што патем говорат и последните информации дека речиси 250 работници веќе ги напуштаат работните места од „Бетон Штип“ и истовремено преку суд си ги бараат неисплатените плати за последните четири месеци.

Дел од истрагата го опфаќа и „Фершпед“, односно од моментот кога Кираца Трајковска, која беше еден од мнозинските акционери во “Фершпед“, поради долг во Еуростандард банка, преку посредник побарала кредит од Стопанска банка АД Битола. Камчев, кој е дел од Управниот одбор на банката, наместо кредит, според СЈО, на Трајковска ѝ понудил преку физички лица да ѝ бидат префрлени парите по што биле ослободени нејзините акции од „Фершпед“.

За да им ги продаде акциите на странски инвеститори, таа го ангажирала брокерот Јованче Тасковски. Но, за нејзината намера дознал Штерјо Наков, кој побарал помош од Мијалков, со цел тој да ги купи акциите. Мијалков се договора со Камчев да ја изиграат, па без нејзино знаење, според СЈО, Ненад Јосифовиќ ги продава акциите на физички и правни лица поврзани со Наков за 4 милиони евра повисока цена од реалната. Парите од зделката завршуваат во фирма чии сопственици се „Ексико“, „Орка холдинг“ и „Тимох“.

Во делот од истрагата за „Империја“ влегуваат и стари случаи, кои претходно во обвинителствата завршувале со откажување од гонење поради немање доволно докази. Таков пример е истрагата за „пропаѓањето“ на „Орка спорт“, „Орка текстил“ и други фирми во сопственост на сега покојниот Илија Камчев. Данокот се избегнувал да се плаќа преку лажни стечаи, обезвреднување на имотот и формирање офшор-компании, а потоа парите „чисти“ биле внесувани во земјата, односно целиот имот бил пренесуван на новоформирани компании.

На овој начин, впрочем, и се градела целата империја – преку лојални соработници, изигрување на законитe и формирање компании за еднократна употреба.

Како ќе заврши истрагата и дали случајот ќе добие епилог останува неизвесно. Засега Орце Камчев и Сашо Мијалков се во домашен притвор, а конечниот збор ќе го каже Врховниот суд.

Освен Камчев и Мијалков, осомничени во случајот „Империја“ се и Ратка Куноска-Камчева, мајка на Камчев и неизвршен член на Одборот на директори на „Орка ходинг“, Кристина Камчева-Стојческа, сестра на Камчев и неизвршен член на Одборот на директори на „Жито полог Тетово“, Лилјана Гајдоска, правник во фирмите на Камчев, неизвршен член на Одборот на директори на ЗК „Пелагонија“, Тодор Мирчевски, директор на „Ексико“, Владислав Стајковиќ, сопственик на НВСП, доскорешен директор на „Мобико“ и поранешен директор на „Финзи“, Ванче Мијалчев, извршен директор на „Бетон Штип“, Јованче Тасковски, брокер, и Дејан Јанев од „О.Т.Е. инвест“.

Прикажи повеќе...

Анализи

Политиката го подели СЈО на табори

Објавено пред

„Чарлиевите ангели“ ги нема. Катица Јанева, Ленче Ристоска и Фатиме Фетаи речиси една година не се појавуваат на заеднички прес-конференции. Во јавноста и на социјалните мрежи сè погласни се критиките за работата на специјалното јавно обвинителство и ослабената доверба во оваа институција.

dobivaj vesti na viber

Три и пол години по формирањето, целосен судски епилог има само за два случаја а сè погласни се шпекулациите дека во СЈО владее поделеност на обвинителите на табори, кои меѓусебно не се согласуваат за дејствувањето на ова обвинителство, па тие разлики во мислењата лесно се забележливи и во јавноста.

Трите жени, кои беа симбол за СЈО, ретко може се видат заедно во јавноста, а речиси една година Ленче Ристоска и Фатиме Фетаи не даваат заеднички изјави. Според нашите извори, со слични ставови на една страна биле обвинителките Катица Јанева и Лиле Стефанова, а на друга Ленче Ристоска и Фатиме Фетаи.

Од друга страна, сè поприсутна во јавноста е главната специјална обвинителка Катица Јанева, која, според најавите, во вторник ќе се појави на „1ТВ“, каде што заедно со обвинителите Лиле Стефанова и Трајче Пеливанов треба да одговараат и на прашања од гледачите. Токму во фирмата сопственик на „1ТВ“, „БМЈ медиа груп“, работи синот на Јанева, младиот гевгеличанец Лазар Јанев, за кого веќе беше објавено дека пред вработените бил претставен како директор на правна служба. Пред точно два месеца Јанева беше гостинка на „1ТВ“ и се фотографира со сопственикот на телевизијата, Бојан Јовановски, со назнака дека станува збор за работен состанок.

Во СЈО во последната година во целост се смени практиката на комуникација со јавноста. Последната прес-конференција СЈО ја одржа на 21 март минатата година.

Повеќе нема брифинзи со новинари, а на обвинителките Ристоска и Фетаи не им е дозволено да даваат интервјуа и изјави. Целосна затвореност владее и во однос на истрагите. Случајот „Империја“, во кој, меѓу другите, се осомничени и бизнисменот Јордан Камчев и ексдиректорот на УБК, Сашо Мијалков, беше отворен пред повеќе од 2 месеца, а од СЈО нема дополнителни информации, освен дека истрагата е сложена.

Сите обиди на „Макфакс“ да обезбедат брифинг за случајот беа залудни. Новинарите меѓу себе коментираат дека ова обвинителство, кое наметна транспарентно работење, последнава година се затворило, иако обвинителите поминале серија обуки за комуникација со јавноста. Тоа остава простор за шпекулации во постапувањето по предметите на обвинителството. Од друга страна, во редовното Обвинителство се спроведува тренинг за односи со јавноста на обвинителите.

Според нашите информации, во специјалното јавно обвинителство меѓу некои од вработените владее незадоволство од начинот на работа, особено по последните политички случувања, амнестии и повици за помирување, кои во голем дел влијаат и врз актуелните предмети што се во судска постапка, но и на оние што се во истрага и предистрага, а во кои, меѓу другите, се вклучени и Сашо Мијалков, Елизабета Канческа-Милевска, Али Ахмети, Бујар Османи.

Ексминистерката за култура, КанческаМилевска, е инволвирана во предистрагата за предметот „Скопје 2014“, кој е еден од најобемните предмети на СЈО, за Мијалков се водат повеќе судски постапки, а предметот за агенцијата за обезбедување СГС е во предистрага.

Во процесот на помирувањето наголемо се споменуваа и измените во Кривичниот законик, односно член 353, став 5, кој ја регулира злоупотребата на службената положба преку јавните набавки. Доколку дојде до промена на овој член, како што беше најавувано, помали казни или ослободување од одговорност ќе добијат голем број обвинети во случаите на СЈО, меѓу кои и Мијалков.

Уставниот суд сè уште не расправал по иницијативата на адвокатот Еленко Миланов, кој бара судиите да се произнесат за овој член од Кривичниот законик.

Сите овие политички инволвирања, кои допираат и до СЈО, според нашите извори, довеле до голем раздор во работата на институцијата, која има годишен буџет од 3,7 милиони евра. Некои од обвинителите се разочарани од фактот што нивните предмети и нивната работа зависат исклучително од тековната политичка ситуација, па токму затоа во последниот период и не се работи на нови предистраги бидејќи се чека исходот од тоа што ќе се случува со институцијата и дали евентуално одредени функционери од претходната, но и од актуелната власт, ќе избегнат одговорност.

Прикажи повеќе...

Најново

Регион3 часа

(Видео) Силно невреме со поплави во Грција, Волос без струја

Силно невреме ја зафати Грција, поточно Лариса, каде обилните дождови доведоа до излевање на канализацијата, која ги поплави улиците, а...

Свет3 часа

Десетгодишно дете призна дека убило човек пред две години, полицијата во Тексас во шок

Десетгодишно дете од американската сојузна држава Тексас, кое било испрашувано поради наводна закана дека ќе го убие својот соученик, им...

Македонија4 часа

Изет Меџити од Берлин: Дијаспората ја совлада Југославија, ќе го совладат и ДУИ

Лидерот на Демократското Движење, истовремено и носител во изборната единица број еден, Изет Меџити, учествуваше во голем собир со дијаспората...

Свет4 часа

Северна Кореја тестираше „супер голема“ боева глава за крстосувачка ракета

Северна Кореја денеска соопшти дека тестирала боева глава со „супер-голема“ крстосувачка ракета и нова противвоздушна ракета. Тестот за моќност на...

Македонија5 часа

Во вторник предизборен молк, до тогаш продолжува презентацијата на изборните програми

Во рамки на кампањата за парламентарните избори, која почна во четвртокот, и денеска кандидатите за пратеници во шесте изборни единици...

Македонија5 часа

Пендаровски: Понудата на Мицкоски за коалицирање е знак на слабост

Кандидатот за претседател Стево Пендаровски синоќа од Бутел рече дека е легитимно и дека е демократски избор секој да коалицира...

Македонија5 часа

Силјановска-Давкова со 8 прашања, како граѓаните да се решат дали и за кого ќе гласаат на изборите 

Во својот говор на синоќешниот митинг во Крива Паланка професорката Горданa Силјановска -Давкова порача дека оваа власт не креира рационални политики,...

Македонија16 часа

(Видео) Понудата на Мицкоски за коалицирање е знак на слабост, рече Пендаровски

Кандидатот за претседател Стево Пендаровски вечерва од Бутел рече дека е легитимно и дека е демократски избор секој да коалицира...

Македонија17 часа

Ковачевски до Мицкоски: На Македонија и е потребно национално единство за интеграција во ЕУ, а не за мораториум

Вчера, Мицкоски зборуваше за некакво македонско единство и за мораториуми. За жал, се повеќе и повеќе луѓе сфаќаат дека единствен...

Македонија17 часа

(Видео) Силјановска -Давкова: Пендаровски на многу закони, а и на најважниот, Кривичниот законик не стави вето

„Осум години претседателот повикува на ветинг. Тоа значи или генерален реизбор или пак другата форма на ветинг, кога треба да...

Македонија17 часа

Мицкоски: Државата е украдена од народот од страна на ДУИ и нивните измеќари СДС

Многу е важно да споменеме што ни се случуваше изминативе 6 и половина години, грабеж, понижување, срам и да не...

Македонија22 часа

Спречени 3.000 вработувања и унапредувања предложени од техничката Влада

Управниот суд ги поништи решенијата за вработување и унапредување на над 3.000 вработени во Министерството за финансии и јавниот сектор...

Македонија22 часа

Македонската армија ѝ се заблагодари на Норвешка со знамето на Исланд

Од Армијата на Македонија ги измешаа знамињата на Норвешка и Исланд. Во благодарноста на „Фејсбук“ триесетина минути стоеше, наместо норвешкото,...

Македонија23 часа

Приведено уште едно лице за кражбата на сефот во Црниче

Приведено е уште едно лице за кражбата на сеф од маркет во Црниче. Од МВР информираа дека вториот приведен е...

Македонија1 ден

„Рекет“ не е расчистен, барам фер шанса за да ја докажам својата невиност, Заев беше човекот што комуницира директно со сите, вели Бојан Јовановски

Бојан Јовановски, денеска, во Кривичниот суд предаде барање за повторување на кривичната постапка за предметот „Рекет“, во кој како првообвинет...

Македонија1 ден

МОН известило дека деновите на изборите ќе се одработуваат во две саботи, а на 15 јуни и часовите пропшуштени поради самитот на ОБСЕ

Министерството за образование и наука (МОН) ги известило училиштата дека неработните денови на одржување на изборите ќе се одработат во...

Свет1 ден

САД ставија вето на приемот на Палестина во ОН

Соединетите Американски Држави ставија вето на нацрт-резолуцијата на Советот за безбедност на Обединетите нации „Државата Палестина да биде прифатена како...

Свет1 ден

Небензја: Америка го крши духот на Палестинците, ги принудува да му се покорат на Израел

САД, кои ја блокираа резолуцијата за Палестина во Советот за безбедност на ОН, се обидуваат да ја скршат волјата на...

Македонија1 ден

Мицкоски: Преземам иницијатива за создавање национално единство, и запирање на сите напади кон Левицата и ЗНАМ, државата е одземена од народот

„ВМРО-ДПМНЕ – ВМРО Демократска партија за македонско национално единство, тоа е многу силно име, кое не само заради историското ВМРО...

Македонија1 ден

Маричиќ: Оваа Влада ги покачи пензиите 50 проценти и ветуваме дека во наредниот мандат просечната пензија ќе биде од 500 евра

Меѓународниот секретар на СДСМ и кандидат за пратеник, Бојан Маричиќ, оствари средба со граѓаните пензионери од Изборната единици 1, каде...