Контакт

Анализи

Вуковар – тажната балканска реалност на поделените општества

Објавено пред

Поделените општества често се симбол за балканските земји, особено за оние кои беа во составот на поранешна Југославија. Многуте војни на овие простори, започнувајќи од 1991-ва со распадот на Југославија па се до вооружениот конфликт во Македонија во 2001-та, оставија длабоки лузни во општествата во овие земји, со огромни последици врз соживотот помеѓу различните етнички заедници, кои некогаш во рамките на поранешната заедничка држава близу половина век живееја во мир.
 
 
 
 

Поделените општества често се симбол за балканските земји, особено за оние кои беа во составот на поранешна Југославија. Многуте војни на овие простори, започнувајќи од 1991-ва со распадот на Југославија па се до вооружениот конфликт во Македонија во 2001-та, оставија длабоки лузни во општествата во овие земји, со огромни последици врз соживотот помеѓу различните етнички заедници, кои некогаш во рамките на поранешната заедничка држава близу половина век живееја во мир.

 

 

 

 

Пишува: Бојан Стојковски

 

Една таква лузна е и хрватскиот град Вуковар, сместен на реката Дунав на границата со Србија, односно самата река претставува природна граница помеѓу двете земји. Градот денес има население од околу 25 илјади, бројка која е скоро за половина помала од онаа пред распадот на Југославија. Од моменталната бројка, пак, околу 15 илјади се Хрвати, а 10 илјади се Срби. Доколку сте странец и првпат доаѓате во Вуковар, не знаејќи ништо за историјата на градот, градот навидум ќе ви изгледа како мало и тивко место каде што ништо не се случува и каде што сите го живеат својот тивок и вообичаен живот.

Тишината во градот, како и остатоците од рушевините кои може да се забележат кога шетате низ  Вуковар сепак говорат многу и сведочат за сето она што се случувало во Вуковар за време на 87-дневната опсада на градот помеѓу август и ноември 1991-та година. Според некои проценки, во тој тримесечен период за време на „Татковинската војна“ во Хрватска, градот претрпел уништување од скоро 90 проценти, нешто што денес на прв поглед и не може да се забележи, но може да се почувствува низ разговорите со локалното население. Она што после војната е длабоко разрушено, веќе 25 години, и никогаш повторно изградено е довербата помеѓу Хрватите и Србите во градот, двете етнички заедници кои некогаш пред војната живееја сложно во овој мал, но тогаш просперитетен град на истокот на Хрватска.

Најдобар пример за тоа како денес стојат работите во поглед на довербата помеѓу хрватското и српското население во градот е една градинка во вуковарската населба Борово Насеље, каде има два посебни влеза за децата Хрвати и децата Срби. Внатре во градинката, пак, децата го делат истиот простор, така што уште повеќе зачудува ваквата  одлука за поставување на два посебни влеза. Покрај овој пример, поделеноста на општеството во овој мал град се рефлектираат и во другите сфери од секојдневниот животот, сведочи 43-годишниот Марио, жител на градот.

„Познавам неколку Срби, но не излегуваме во истите кафулиња и ресторани. Обично Србите одат во одредени кафулиња низ градот, а Хрватите во други кафулиња. Доколку се видиме низ градот ќе се поздравиме, но секогаш останува само на тоа“, говори Марио, кој за време на војната загубил близок роднина, братучед кој бил убиен во масакрот во Овчара, фарма близу Вуковар каде на 21-ви ноември 1991-та година од страна на припадниците на Југословенската народна армија (ЈНА) беа убиени 200 хрватски воени затвореници.

Скоро секој жител на Вуковар денес или има загубено, или пак познава некој што има загубено роднина или пријател за време на војната во градот. Секогаш е неблагодарно да се зборува за бројките на жртвите за време на една војна, па така доколку ги погледнеме официјалните бројки, тие говорат дека од хрватска страна имало околу 900 мртви, додека пак од српска страна оваа бројка изнесува 1.100 жртви. Бројката на хрватските бранители кои и се спротивставиле на ЈНА во одбрана на градот изнесува 1.800 наспроти 36 илјади војници на ЈНА. По тешките тримесечни борби, на 18-ти ноември 1991-та градот конечно паднал, но оваа победа доста ја исцрпила Југословенската народна армија, нешто што потоа се почуствувало и влијаело врз пресвртот во „Татковинската војна“ кој потоа следеше.

За време на опсадата на градот десетици илјади Хрвати беа раселени, но денес има и такви кои се враќаат во градот. Еден од нив е и 38-годишниот таксист Алмир, кој по долги години поминати во Загреб, минатата година одлучил да се врати во Вуковар.

„За време на војната моравме да го напуштиме Вуковар и се преселивме во Загреб. Но минатата година решив да се вратам, ова е сепак мој дом и сакам да живеам и работам тука“, говори Алмир, превезувајќи не од населбата Борово Насеље до центарот на Вуковар. „Ја видовте ли главната атракција на градот, Водената кула? Морате да одите таму“, ни препорача Алмир на излегување од неговото такси.

Го послушавме неговиот совет и отидовме да ја посетиме оваа туристичка атракција на градот. За жал, Водената кула на Вуковар е само уште едно сведоштво за разорната моќ на војната. Сликата говори илјада зборови, но во овој случај и многу повеќе.

За тоа дека процесот на помирување е секогаш тежок, а некогаш и невозможен, говори и Катарина Крухоња, мировен активист и директор на невладината организација „Центар за мир, ненасилство и човекови права“ од Осијек.

„Пред да започне војната имав нормален и исполнет живот. Кога потоа започнаа да се случуваат сите тие работи, едноставно не ми се веруваше и не сакав да го прифатам тоа. По војната често имаше организирани средби помеѓу хрватското и српското население, а во моментите пред тие средби често чувствував некаква мачнина длабоко во мене“, вели Катарина со растреперен глас.

Кога ќе ги запрашате политичките аналитичари и експерти во врска со сегашната состојба во Вуковар, ќе добиете различни одговори за тоа каде и во што лежат причините за поделеноста на градот, но со заеднички заклучок дека овој град треба да биде лекција за сите преостанати држави или политички системи каде што има потенцијал за да се случи истото.

„Вуковар денес е симбол на тоа како соседите може да извршат злосторства и да се свртат еден против друг поради  влошувањето на национализмот и етницизмот, во контекст на економското пропаѓање. Примерот на поранешна Југославија може да биде важен за тоа како да се соочиме со потенцијалните неуспеси на системите како што е и Европската унија. Поделбата помеѓу Вуковар и остатокот од Србија е чисто географска, а Србија и Хрватска се поделени со една река, и никоја од нив не сака да изгради мост, дали за патување или, пак, за да се стимулира економската состојба кај двете страни. Но поделбата е далеку од физичка, таа е и психичка, како српскиот и хрватскиот народ да живеат во ист град, но да не ја делат истата историја“, објаснува докторантот на Сорбона по меѓународни односи и политички аналитичар, Мишел Ламбер.

За Ламбер, кој поголем дел од својот живот го има поминато во Франција и Германија, е чудно тоа што во една голема земја како што беше Југославија, каде што близу 50 години заедно во мир живееја повеќе народи со различни вери и јазици, за помалку од една деценија завладејаа ужасите на војната.

Според Весна Терселиќ, мировен активист и еден од предводниците на Антивоената кампањата во Хрватска за време на Татковинската војна, распадот на Југославија е нешто што во тоа време постојано тлееше. „Се на се, недостатокот од демократија и слобода на самоопределување во таа наша Југославија на крајот го направи своето“, воздивнува Терселиќ.

На крајот на нашата посета на Вуковар, после испиеното кафе на Дунав и купувањето на по некој сувенир од локалните продавници, го напуштаме градот со длабока мачнина во душата. Но сепак и со мала доза на оптимизам, надевајќи се дека случувањата и последиците во овој град ќе останат како лекција која што никогаш нема да се повтори./крај/мф/бс

Извор: Макфакс

Анализи

Силјановска vs Пендаровски: Кој добива, а кој губи во битката на социјалните мрежи и медиумите?

Објавено пред

Претседателските кандидати Стево Пендаровски и Гордана Силјановска-Давкова најмногу се спомнуваат во медиумите, а најмалку се популарни меѓу твитерџиите. Во негативен контекст почесто е споменувана Силјановска на социјалните мрежи „Феjсбук“ и „Твитер“, но и во медиумите.

Ова го покажа првата сентимент-анализа на истражувачкиот центар на „Макфакс“, која се изработуваше во периодот од 1 до 9 април годинава. Процесот на изработка на анализата е базиран на компјутерски алгоритми и има задача да одреди во каков контекст (многу негативен, негативен, неутрален, позитивен или многу позитивен) е напишан одреден текст или дел од текстот.

Преку системот беа анализирани 220 медиуми, како и објавите и коментарите на над еден милион корисници на „Фејсбук“ и твитовите од 300 илјади профили. Тестирањата на платформата покажaа дека користените технологии даваат резултат со точност поголема од 80 проценти.

Според анализата, имињата на Силјановска-Давкова и на Пендаровски почесто се споменуваат во медиумите отколку на социјалните мрежи „Твитер“ и „Фејсбук“. Во првите девет дена од месецот тие биле споменати вкупно 3.515 пати. На „Фејсбук“ биле споменати речиси двојно помалку, а најмалку биле споменувани на „Твитер“.

Силјановска, според оваа анализа, најмногу била спомената на веб-порталите „Република“, „Курир“, „Инфомакс“ и на „Прес 24“, а Пендаровски на „Прес 24“, „Макпрес“, „24 инфо“ и на „Вечер“. Од инфографикот може да се види комплетната слика за тоа во кој медиум биле најмногу застапени двајцата претседателски кандидати.

Во однос на контекстот на споменување во медиумите може да се заклучи дека постои тесна разлика меѓу Силјановска и Пендаровски, иако кандидатката зад која стои опозициската ВМРО-ДПМНЕ предничи со негативните коментари.

Па, така, во многу негативен контекст Силјановска била спомената 201 пат, а Пендаровски 136 пати. Ако таа била спомната 914 пати во негативен контекст, Пендаровски во истиот контекст бил спомнат 778 пати. Тој предничи и во однос на неутралните спомнувања во медиумите, а Силјановска предничи во однос на позитивните споменувања. Тесна е разликата меѓу многу позитивните конотации, во кои биле ставени двајцата претседателски кандидати на кои се однесува анализата, во која за 8 споменувања предност има Пендаровски.

Според податоците од аналитичкиот центар на „Макфакс“, претседателскиот кандидат Пендаровски е попопуларен од Силјановска во однос на бројот на споменувања. Во многу позитивен или позитивен контекст меѓу твитерџиите тој е споменат 231 пат, а Силјановска 201. Во однос на тоа дали кандидатите се споменати во негативен или многу негативен контекст за нијанса води Силјановска, која е спомената 401 пат, а Пендаровски 389.

Слична ситуација може да се види и на „Фејсбук“, каде што Пендаровски има предност во однос на бројот на споменувања. Ако Силјановска била спомената 481 пат во многу негативен или во негативен контекст, Пендаровски е споменат 429 пати. Кај претседателскиот кандидат зад кој стои СДСМ поголем е бројот на позитивни или многу позитивни споменувања на социјалната мрежа „Фејсбук“.

Според сето ова, Силјановска има поголема вредност на вкупниот сентимент во негативен контекст на социјалните мрежи и во медиумите од Пендаровски. Важно е да се потенцира дека не станува збор за анкета што ги мери гласовите за кандидатите, туку за начинот на кој тие се прикажани и коментирани во интернет-просторот. Истражувачкиот центар на „Макфакс“ на почетокот на кампањата за претседателските кандидати спроведе анкета.

Целосната методологија за начинот на изработката на сентимент-анализите на истражувачкиот центар на „Макфакс“ е достапна на следниот линк.

Прикажи повеќе...

Анализи

СЈО со детали: Како Камчев и Мијалков ги переле парите градејќи империја

Објавено пред

Злосторничко здружение, кое функционирало повеќе од 8 години, од 2009 година, кога биле отворани и затворани фирми, перени милиони и милиони евра, биле менувани сопственици, бил купуван огромен имот, отворани фирми на офшор-дестинации за еднократна употреба, префрлувани пари преку кипарски банки, а потоа овие испрани пари влегуваат како основачки влогови за да формираат македонски фирми.

Вака накусо може да се опише случајот „Империја“ на специјалното јавно обвинителство (СЈО), каде што, меѓу другите, осомничени се едни од највлијателните луѓе во земјата, бизнисменот Орце Камчев и поранешниот директор на УБК, Сашо Мијалков.

Три месеци по почнувањето на истрагата, обвинителството излезе со детали за еден од најобемните предмети за кој засега е утврдено дека се испрани речиси 11 милиони евра.

Истрагата е проширена за „Графички центар“ и за „Медија принт Македонија“ (МПМ), извршени се претреси во фирмите, осомничените се испрашани и собрани се докази.

Соработката меѓу Македонија и Кипар е воспоставена, па сега, конечно, на виделина излегуваат и имињата на оние што се криеле зад офшор-фирмите преку кои се переле пари.

Од крајот на јуни до крајот на октомври 2018 година некои од осомничените од „Империја“ биле под посебни истражни мерки.

„Мијалков не беше под посебни истражни мерки, Камчев многу внимателно зборуваше по телефон, но не и другите осомничени“, велат од СЈО.

Без разлика како ќе се одвива понатаму истрагата за „Империја“, со оглед на тоа што статусот и истрагите на СЈО сè уште се неизвесни, оттаму велат дека собрани се речиси 90 отсто од доказите за случајот да може да продолжи понатаму.

Злосторничкото здружение се распаѓа кон крајот на 2017 и почетокот на 2018 година кога осомничените почнуваат да земаат кредити за да се раздолжат, но тоа не значи дека тука завршуваат и нивните поединечни активности.

Под лупа на СЈО е и фирмата поврзана со семејството Мијалкови, „Бест веј инвестмент“, формирана веднаш по обеледонувањето на таканаречените бомби во 2015 година, чиј сопственик е синот на Сашо Мијалков, Јордан. СЈО истражува како се ширел бизнисот и како оваа фирма успева да заработи огромни суми и да стекне голем имот само за три години работа. „Бест веј инвестмент“, ако во 2016 година имала приходи од 816 илјади евра, во 2017 година веќе приходите ѝ растат на 9,6 милиони евра, што само покажува дека независно кој е на власт, бизнисите на Мијалков работат со полна пареа.

Краен сопственик на мистериозната „Ексико“ бил Камчев

Натписот на поштенското сандаче на улицата Иван Милутиновиќ во Скопје сведочи за постоењето на „Ексико“, чие сопствеништво е скриено

Центарот на истрагата за „Империја“ се познатата офшор-фирма „Ексико“ и бизнисменот Орце Камчев.

Истрагата утврдила дека зад првата фирма-мајка на „Ексико“, „Делта инвестмент“ од Белизе, всушност се крие таткото на Орце Камчев, Илија. Од оваа фирма, која поседуваше акции во големи акционерски друштва, а се јавуваше и како еден од сопствениците на атрактивните плацови на Водно, досега сите креваа раце и демантираа дека стојат зад неа.

Истрагата на СЈО утврдила дека по Илија Камчев, набргу како краен сопственик фигурирал и поранешниот директор на македонски „Телеком“, Жарко Луковски, а кога сопствеништвото на фирмата се сели во Америка, односно сопственик станува извесна „Калвус ЛЛЦ“ (Calvus LLC) од САД, крајниот сопственик е всушност Орце Камчев.

Од оваа американска фирма кон „Ексико“ се влеваат 1,6 милион евра како прилив, а дел од овие пари завршува на личната сметка на Камчев, додека со дел се купувани имот и земјиште во Гевгелија, на кое понатаму е предвидено да се градат казина.

Подоцна, а и до ден-денеска, сопственик на „Ексико“ е фирмата со швајцарски капитал „Т&МЈ инвестмент“ од Лугано, Швајцарија, фирма зад која оперативните сознанија покажале дека краен сопственик е член на семејството Мијалкови. Од швајцарската фирма кон македонската „Ексико“ немало никаков прилив или одлив на пари.

„Ексико“ не е единствената фирма преку која функционирало ова злосторничко здружение. Колку за пример, во истатата 2009 година офшор-компанијата „Хоспитал менаџмент груп ЛЛЦ’ од Кипар ја основа клиничката болница „Систина“. Понатаму, оваа компанија го продава имотот на друга офшор-компанија од Панама. „Орка холдинг“ го купува уделот од панамската, па повторно ѝ го продава на „Систина“, со што фактички Камчев внесува удел од „Хоспитал менаџмент“ од Кипар во Македонија.

Сомнежи за перење пари преку кипарски банки

Преку кипарски банки парите влегуваат во земјата

Значаен дел од истрагата на СЈО за „Империја“ има и фирмата „Финзи“ – истата фирма за која во таканаречените бомби можеше да се слушне дека одела набавката за опрема за следење интернет-комуникации за МВР. Министерството, додека на чело на УБК беше Мијалков, наместо директно да ја набави изреалската опрема за прислушување, тоа го правела преку „Финзи“. Во текот на истрагата за случајот самоубиство изврши директорот на „Финзи“, Коста Крпач, во април 2016 година.

Сега истрагата за „Империја“ повторно допира до „Финзи“, фирма основана од „Финзи ЛЛЦ“ во САД. Краен сопственик на оваа компанија, според СЈО, повторно е Орце Камчев.

Во неколку наврати од „Финзи ЛЛЦ“ преку кипарска банка кон македонската „Финзи“ биле исплатувани 650.000 евра. Во тоа време, односно во 2009 година, директор на „Финзи“ во Македонија е Владислав Стајковиќ, брат на Небојша Стајковиќ, поранешен помошник-министер за информатичка технологија во МВР.

Овие пари понатаму влегуваат како основачки влог во „Систина кардиологија“, фирма што подоцна е преименувана во „Си-Фи-Кар“ („Систина“, „Финзи“, “Кара“). Во 2012 година, според СЈО, кога парите веќе се испрани, американската мајка-фирма се затвора и се отвора нова фирма, во која Крпач влегува како директор, а на истата сметка легнуваат парите од израелската донација за опрема за прислушување.

„Не купуваат компании за да работат со нив, туку за да извлечат што можат“

Орце Камчев и Сашо Мијалков, клучните играчи во „Империја“

Многу компании, офшор, стотици папки со документи и изјави од сведоци содржи еден од најобемните предмети на СЈО – „Империја“. Од она што беше претставено пред новинарските екипи, неизбежен е заклучокот дека од досегашната истрага и собраните докази станува збор за класични примери за сомнежи за перење пари пред кои надлежните институции со години молчеле или се откажувале од гонење поради немање докази.

Дел од истрагата е отстапен и на купувањето на „Бетон Штип“ од страна на ТИМ ДОО, „Орка холдинг“, „Езимит“ ДООЕЛ и „Ексико“.

„Кога тие купуваат компанија, не ја купуваат за да ја работат, туку да извлечат што може од имотот на компанијата“, велат од СЈО.

Па, така, и овој пат сознанијата говорат дека од „Бетон Штип“ се извлечени 4 милиони евра, односно газдите ги тераат акционерите со парите да купуваат имот, а понатаму како што се извлекуваат парите, така се инвестираат во други зделки за што патем говорат и последните информации дека речиси 250 работници веќе ги напуштаат работните места од „Бетон Штип“ и истовремено преку суд си ги бараат неисплатените плати за последните четири месеци.

Дел од истрагата го опфаќа и „Фершпед“, односно од моментот кога Кираца Трајковска, која беше еден од мнозинските акционери во “Фершпед“, поради долг во Еуростандард банка, преку посредник побарала кредит од Стопанска банка АД Битола. Камчев, кој е дел од Управниот одбор на банката, наместо кредит, според СЈО, на Трајковска ѝ понудил преку физички лица да ѝ бидат префрлени парите по што биле ослободени нејзините акции од „Фершпед“.

За да им ги продаде акциите на странски инвеститори, таа го ангажирала брокерот Јованче Тасковски. Но, за нејзината намера дознал Штерјо Наков, кој побарал помош од Мијалков, со цел тој да ги купи акциите. Мијалков се договора со Камчев да ја изиграат, па без нејзино знаење, според СЈО, Ненад Јосифовиќ ги продава акциите на физички и правни лица поврзани со Наков за 4 милиони евра повисока цена од реалната. Парите од зделката завршуваат во фирма чии сопственици се „Ексико“, „Орка холдинг“ и „Тимох“.

Во делот од истрагата за „Империја“ влегуваат и стари случаи, кои претходно во обвинителствата завршувале со откажување од гонење поради немање доволно докази. Таков пример е истрагата за „пропаѓањето“ на „Орка спорт“, „Орка текстил“ и други фирми во сопственост на сега покојниот Илија Камчев. Данокот се избегнувал да се плаќа преку лажни стечаи, обезвреднување на имотот и формирање офшор-компании, а потоа парите „чисти“ биле внесувани во земјата, односно целиот имот бил пренесуван на новоформирани компании.

На овој начин, впрочем, и се градела целата империја – преку лојални соработници, изигрување на законитe и формирање компании за еднократна употреба.

Како ќе заврши истрагата и дали случајот ќе добие епилог останува неизвесно. Засега Орце Камчев и Сашо Мијалков се во домашен притвор, а конечниот збор ќе го каже Врховниот суд.

Освен Камчев и Мијалков, осомничени во случајот „Империја“ се и Ратка Куноска-Камчева, мајка на Камчев и неизвршен член на Одборот на директори на „Орка ходинг“, Кристина Камчева-Стојческа, сестра на Камчев и неизвршен член на Одборот на директори на „Жито полог Тетово“, Лилјана Гајдоска, правник во фирмите на Камчев, неизвршен член на Одборот на директори на ЗК „Пелагонија“, Тодор Мирчевски, директор на „Ексико“, Владислав Стајковиќ, сопственик на НВСП, доскорешен директор на „Мобико“ и поранешен директор на „Финзи“, Ванче Мијалчев, извршен директор на „Бетон Штип“, Јованче Тасковски, брокер, и Дејан Јанев од „О.Т.Е. инвест“.

Прикажи повеќе...

Анализи

Политиката го подели СЈО на табори

Објавено пред

„Чарлиевите ангели“ ги нема. Катица Јанева, Ленче Ристоска и Фатиме Фетаи речиси една година не се појавуваат на заеднички прес-конференции. Во јавноста и на социјалните мрежи сè погласни се критиките за работата на специјалното јавно обвинителство и ослабената доверба во оваа институција.

Три и пол години по формирањето, целосен судски епилог има само за два случаја а сè погласни се шпекулациите дека во СЈО владее поделеност на обвинителите на табори, кои меѓусебно не се согласуваат за дејствувањето на ова обвинителство, па тие разлики во мислењата лесно се забележливи и во јавноста.

Трите жени, кои беа симбол за СЈО, ретко може се видат заедно во јавноста, а речиси една година Ленче Ристоска и Фатиме Фетаи не даваат заеднички изјави. Според нашите извори, со слични ставови на една страна биле обвинителките Катица Јанева и Лиле Стефанова, а на друга Ленче Ристоска и Фатиме Фетаи.

Од друга страна, сè поприсутна во јавноста е главната специјална обвинителка Катица Јанева, која, според најавите, во вторник ќе се појави на „1ТВ“, каде што заедно со обвинителите Лиле Стефанова и Трајче Пеливанов треба да одговараат и на прашања од гледачите. Токму во фирмата сопственик на „1ТВ“, „БМЈ медиа груп“, работи синот на Јанева, младиот гевгеличанец Лазар Јанев, за кого веќе беше објавено дека пред вработените бил претставен како директор на правна служба. Пред точно два месеца Јанева беше гостинка на „1ТВ“ и се фотографира со сопственикот на телевизијата, Бојан Јовановски, со назнака дека станува збор за работен состанок.

Во СЈО во последната година во целост се смени практиката на комуникација со јавноста. Последната прес-конференција СЈО ја одржа на 21 март минатата година.

Повеќе нема брифинзи со новинари, а на обвинителките Ристоска и Фетаи не им е дозволено да даваат интервјуа и изјави. Целосна затвореност владее и во однос на истрагите. Случајот „Империја“, во кој, меѓу другите, се осомничени и бизнисменот Јордан Камчев и ексдиректорот на УБК, Сашо Мијалков, беше отворен пред повеќе од 2 месеца, а од СЈО нема дополнителни информации, освен дека истрагата е сложена.

Сите обиди на „Макфакс“ да обезбедат брифинг за случајот беа залудни. Новинарите меѓу себе коментираат дека ова обвинителство, кое наметна транспарентно работење, последнава година се затворило, иако обвинителите поминале серија обуки за комуникација со јавноста. Тоа остава простор за шпекулации во постапувањето по предметите на обвинителството. Од друга страна, во редовното Обвинителство се спроведува тренинг за односи со јавноста на обвинителите.

Според нашите информации, во специјалното јавно обвинителство меѓу некои од вработените владее незадоволство од начинот на работа, особено по последните политички случувања, амнестии и повици за помирување, кои во голем дел влијаат и врз актуелните предмети што се во судска постапка, но и на оние што се во истрага и предистрага, а во кои, меѓу другите, се вклучени и Сашо Мијалков, Елизабета Канческа-Милевска, Али Ахмети, Бујар Османи.

Ексминистерката за култура, КанческаМилевска, е инволвирана во предистрагата за предметот „Скопје 2014“, кој е еден од најобемните предмети на СЈО, за Мијалков се водат повеќе судски постапки, а предметот за агенцијата за обезбедување СГС е во предистрага.

Во процесот на помирувањето наголемо се споменуваа и измените во Кривичниот законик, односно член 353, став 5, кој ја регулира злоупотребата на службената положба преку јавните набавки. Доколку дојде до промена на овој член, како што беше најавувано, помали казни или ослободување од одговорност ќе добијат голем број обвинети во случаите на СЈО, меѓу кои и Мијалков.

Уставниот суд сè уште не расправал по иницијативата на адвокатот Еленко Миланов, кој бара судиите да се произнесат за овој член од Кривичниот законик.

Сите овие политички инволвирања, кои допираат и до СЈО, според нашите извори, довеле до голем раздор во работата на институцијата, која има годишен буџет од 3,7 милиони евра. Некои од обвинителите се разочарани од фактот што нивните предмети и нивната работа зависат исклучително од тековната политичка ситуација, па токму затоа во последниот период и не се работи на нови предистраги бидејќи се чека исходот од тоа што ќе се случува со институцијата и дали евентуално одредени функционери од претходната, но и од актуелната власт, ќе избегнат одговорност.

Прикажи повеќе...

Најново

Македонија35 минути

Русковска: Не би барала притвор за Јанева без доволно докази

Обвинителката Вилма Русковска по одлуката на судот да ѝ одреди 30-дневен притвор на Катица Јанева, вели дека нејзината колешка претхдно...

Македонија1 час

Триесет дена притвор за Катица Јанева

Од вечерва шефицата на СЈО, Катица Јанева, е во истражниот затвор „Скопје” во Шуто Оризари. Судија на претходна постапка ѝ...

Регион2 часа

Закани за бомби испратени до редакции и аеродроми во Бугарија

Бугарската полиција почна да истражува неколку закани за бомби испратени преку е-пошта до медиумски куќи во Софија и до најголемите...

Македонија4 часа

Павлески: Јанева е жртва на случајот „Рекет“

Адвокатот Стеван Павлески кој ја застапува шефицата на СЈО, Катица Јанева, за случајот „Рекет“ вели дека таа е жртва на...

Македонија4 часа

(Видео) Влада: Одговорност мора да има за сите инволвирани во случајот „Рекет“.

Од Владата соопштија дека отворениот случај „Рекет“, во кој сега осомничена е и првата специјалната обвинителка Катица Јанева, потврдува дека...

Македонија5 часа

Катица Јанева донесена во Кривичен суд на распит

Специјалната јавна обвинителка Катица Јанева попладнево откако беше уапсена, однесена во специјалното јавно обвинителство и во нејзиниот дом, спроведена е...

Македонија5 часа

Заврши претресот во куќата на Јанева, со полиција однесена на распит во суд

По два часа заврши вториот претрес во куќата каде што живее шефицата на СЈО, Катица Јанева. Таа по претресот во...

Македонија8 часа

Обвинителството бара притвор за Јанева, стекнала имотна корист од 298.000 денари

Јавното обвинителство бара притвор за специјалната јавна обвинителка Катица Јанева по проширувањето на истрагата за случајот „Рекет“ и попладнево беше...

Македонија8 часа

Во присуство на Јанева се врши претрес во СЈО

По приведувањето на специјалната јавна обвинителка, Катица Јанева, од нејзиниот дом во скопската населба Козле, таа е донесена во просториите...

Топ11 час

Скопјанец загина при пад на кран кај зградата на ФФМ, оштетени се и две возила

Скопјанец на возраст од 56-години загинал при работен зафат на зградата на ФФМ во попладневните часови на 20 август. Како...

Регион12 часа

Опозицијата во Албанија го обвини Рама дека украл милијарда евра

Лидерот на албанската опозиција, Љуљзим Баша, во нова видеопорака на социјалната мрежа „Фејсбук“ го обвини албанскиот премиер, Еди Рама, за...

Свет12 часа

Преродба на големата осумка, Трамп и Макрон ја поканија Русија на Г7

Американскиот претседател, Доналд Трамп, го одобри предлогот на Емануел Макрон да ја покани Русија на самитот Г7 во САД в...

Македонија13 часа

Сончево и топло време со температури до 38 степени

Времето денеска ќе биде сончево и топло. Ќе дува слаб до умерен ветер претежно од североисточен правец. Минималната температура ќе...

Регион13 часа

Помпео ѝ се закани на Атина со санкции поради иранскиот танкер

САД ќе преземат сѐ што е можно за да спречат иранскиот танкер да достави нафта во Сирија, изјави американскиот државен...

Македонија14 часа

На Богородица и Табановце се чека до 30 минути

Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е зголемен, информираат од Автомотосојузот на Македонија. На граничните премини...

Hitech1 ден

„Фејсбук“ ќе престане да ве следи на интернет, но ќе мора да го побарате тоа

Социјалната мрежа „Фејсбук“ објави дека ќе ја промени својата досегашна политика и ќе им овозможи на корисниците да ги гледаат...

Македонија1 ден

(Видео) Јанева по распитот за „Рекет“: Сведок сум и не чувствувам вина

Катица Јанева, по распитот кај обвинителката Вилма Русковска, рече дека таа засега е сведок во случајот „Рекет”. Таа најави дека...

Македонија1 ден

ОЈО отфрли иницијатива на антикорупциската за вработување судски соработник, застарело делото

Надлежен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје донесе решение за отфрлање на иницијативата за кривично гонење поднесена од Државната...

Македонија1 ден

Спасени две лица што заталкале на Шар Шланина

Полициски службеници спасија двајца браќа на Шар Планина што заталкале упатувајќи се со мотоцикли кон Титов Врв по што планирале...

Македонија1 ден

Почнува трансформацијата на ординациите по општа медицина во ординации по семејна медицина

Специјалистите по семејна медицина од денеска може да почнат постапка за трансформација на своите ординации по општа медицина во ординации...

Досие