Контакт

Анализи

Живееме во анти-Европа поради петте години кукавичлак

Објавено пред

Насловот е спој на насловите на два текста на врвните пишувачи на германскиот неделник Der Spiegel, Дирк Курбјувејт (Dirk Kurbjuweit) и Кристијан Рикенс (Christian Rickens), коишто, најмногу низ призмата на грчката криза, кусо но мајсторски прецизно даваат пресек на тоа што преставува Европа денес, но и зошто дојде до тоа?!

dobivaj vesti na viber

Дирк Курбјувајт: Живеме во анти-ЕвропаУморни. Сите се толку уморни: политичарите, народот, медиумите, институциите, демократијата. Европа е уморна, исцедена, истоштена. Уште една маратонска сесија преговари? Колку ли беа досега? Сепак, повторно уморните очи од премор на оние кои се вклучени во преговорите. Уште еднаш, одложување или компромис во кој никој не е убеден и е само почеток на уште една криза. Вака се одвиваат работите со години. Доста веќе.

Не сакаме да зборуваме за величини или за политички херои или за далекусежни дејанија. Тоа е тешко во еден комплициран систем како што е Европа. Би сакале да говориме за минимумот: на политиката и сé попотребните успеси за да се легитимира себеси. Таа мора да решава проблеми, особено оние навистина тешките и кои бараат многу напор. Но, тоа не се случува. Во случајот на Грција, сé што видовме се псевдо-решенија, ако е и тоа.

Секогаш се дава кратко здивнување, само за да биде проследено со уште еден маратонски состанок и уште експедитивна одлука на германскиот парламент. Преморот ќе продолжи да се зголемува, како и истоштеноста која ќе го катапултира следниот популист до врвовите на власта – токму оние кои решавањето на проблемите ќе го направат уште потешко. Тоа е злокобен круг.

Перманентна состојба на криза

Но истоштеноста е само дел од цената на оваа перманентна состојба на криза. Вистината е дека во последниве години ја изгубивме Европа. Тоа повеќе не е Европа која ја ветија генерацијата на нејзините оснивачи и градители, луѓето како Роберт Шуман, Конрад Аденауер, Хелмут Кол и Франсоа Митеран. Речиси е спротивност на тоа. Она во што живееме денес е една анти-Европа.

Многу нешта придонесоа кон ваквата состојба – еврото можеби најмногу. Но ништо не беше толку штетно како продолжената кавга околу Грција.

Европа вети здружен раст за сите. Наместо тоа, добивме конкуренција за просперитет. Многумина Германци не сакаат ништо да жртвуваат за Грција, додека, пак, многумина Грци очекуваат Германците да го дадат својот придонес, за да она што се бара од Грците не биде премногу сурово.

Европа вети крај на националистичкото размислување, па дури и крај на државите-нации во одреден момент во иднината. Во стварноста, континентот минува низ процес на ренационализација. Малкумина уште веруваат во високите цели, а државите се фокусирани на нивните сопствени интереси.

Европа вети помирување со сопствената историја. Но, наместо тоа, историјата се претвори во оружје, при што Грција бара Германија да им плати репарациите за Втората светска војна. Во меѓувреме, слики од германската канцеларка Ангела меркел со мустаќи како на Хитлер стана редовен украс на сите протести против штедењето ширум Европа.

Германија ги надвладеа своите партнери

Европа вети политичка еднаквост. Намерата беше Франција и Германија да го водат континентот, но истовремено да ги имаат предвид и потребите помалите земји-членки. Но, во кризата Германија ги надвладеа своите партнери и стана доминантна сила во ЕУ.

Европа вети Европа на луѓето. Наместо тоа, оние институции кои се најдалеку од гласачите имаат најголема моќ: Европската централна банка, Меѓународниот монетарен фонд и егзекутивата. Од друга страна, парламентите, кои имаат најголем демократски легитимитет, се присилени по кратка постапка да ги одобруваат одлуките донесени во Брисел.

Европа се заложи за вечен мир. За среќа, се уште никој не посегнал по оружјето. Но, расположението не е мирољубиво. Некои медиуми известуваат на невообичаено агресивен начин, а се врати и атмосферата на шовинизам.

Исто така, беше ветено дека Европската унија ќе има силна улога во светот, како политичка и економска сила и како модел за мирна фузија на континентот по две светски војни. Наместо тоа, Европа се претвори во едно од светските проблематични деца, па дури и во мета за потсмев. Не може ниту да се спомене некакво значајно влијание.

Во една реченица: Европа не само што е уморна, таа е исто така и едно огромно разочарување. Ова исто така значи и исчезнување на еден многу симпатичен вид: Европјаните. Во 1970-те и 1980-те години, многу луѓе во Германија повеќе се чувствуваа како Европјани, отколку како Германци. Сега тоа ретко може да се чуе, што е навистина тажно.

Време е за алтернативи

Нештата не може да останат вакви какви што се. Не смее да се дозволи грчаката криза да ја уништи восхитувачката идеја за обединет континент. А постојат многу алтернативи на оваа политика на истоштување, колку и да се ризични. Сепак се подобри од она што се случува сега.

Една е „грекзитот“, што предвидува Грција да ја напушти еврозоната и да се обиде да се снајде со своја сопствена валута. Втората би била кратење на долгот, што значи дека Грција не би морала да врати дел од својот долг. И двете алтернативи би поттикнале огромни потреси, но исто така би понудиле можност за нов почеток и крај на кризата.

Оние кои се уште се сметаат себе си за Европјани во срцето ќе сезалгаат за втората алтернатива, за посилна контрола во замена за великодушна помош и, конечно, обврзувачки буџетски политики за сите. Тоа си има своја цена, но нуди и можност еден ден навистина да ја добиеме онаа Европа која ни беше ветена.

 

Кристијан Рикенс: Цената на петте години кукавичлак Си го бараше, Европо, и тоа како!Одлуката на грчката влада да одржи референдум за реформските мерки кои ги бараат доверителите се заканува – во рок од само неколку дена – да ги уништи сите илузии од петте години на политики насочени кон зачувување на еврото. Најлесно е вината да се префрли на Алексис Ципрас и на неговата влада.

По повеќе месеци на преговори и непосредно пред истекот на крајниот рок, Грчката влада реши дека не е во состојба самата да ја преземе одговорноста за едно јасно„да“ или „не“за резултатите од преговорите. Зошто Грците уште пред неколку недели не кажаа дека сакаат преговорите да ги стават на гласање? Тоа би бил демократскиот начин на справување со ситуацијата. Во најдобар случај, премислувањето на Ципрас во врска со референдумот е популистички потег (ако се претпостави дека одлуката воопшто била донесена врз база на некакви политички пресметки). Во најлош, тоа е кукавички потег (ако шефот на владата се исплашил од тешката одлука).

Но, „постојаниот кукавичлак“ е одговор и на едно друго прашање: имено, како остатокот од членките на еврозоната, над сите Германија, можеле да дозволат ситуацијата да се развие дотаму што неспособни лидери на една економски безначајна земја со население од само 11 милиони луѓе да можат да ја доведат валутната унија на раб на пропаст?

Продолжување на проблемите

Во изминативе пет години, политичарите од еврозоната, под неофицијалното водство на германската канцеларка Ангела Меркел, одбегнаа повеќе болни одлуки кои можеа да помогнат да се реши должничката криза во Грција. Последица од тоа е што проблемите само се продолжија, наместо да бидат решени.

Овој тренд започна со првата програма за спас на Грција во 2010 година. Со цел да се спречи грчкиот банкрот, членките на еврозоната и ги доделија на Атина своите први кредитни гаранции. За да го сторат тоа, тие се послушија со трикови за да ги заобиколат клаузулите од европскиот законик кои го забрануваат токму ваквото споделување на одговорноста во рамките на валутната унија. Дури и тогаш, многу похрабар потег ќе беше да се присилат приватните доверители на Грција самите да си ги поднесат загубите. Според тоа сценарио, дури и банките да западнеа во финансиски потешкотии, ќе мкожеа да се употребат парите од даноците или за делумна национализација на тие банки или за нивно рефинансирање со свеж капитал. Велика Британија во текот на финансиската криза многу прецизно покажа како треба тоа да се направи.

Кукавичлакот продолжи со кратењето на долговите на Грција во 2012 година. Тогаш на функционерите од еврозоната им недостасуваше храброст да ги присилат приватните доверители да ја преземат целата загуба. На крајот тие преземаа само половина од загубите. Дури и тогаш веќе беше совршено јасно дека грчкиот должнички товар и натаму ќе остане неодржлив, и покрај кратењата од 50 отсто. Но, политичарите ги игнорираа непријатните бројки и наместо тоа и препишаа на Атина нереалистични штедачки и реформски цели. Тие, исто така, ја форсираа комотната илузија дека една шака функционери на „тројката“ некако ќе ја спаси Грција од нејзината ноторна неефикасност.

Со вие сурови политики, земјите-доверители значително придонесоа кон фактот дека Грците на почетојкот на 2015 година се одлучија на власт да донесат нова, левичарска влада. Начинот на кој, пак, ја третираа оваа влада е приказ за третиот случај на кукавичлак. Европските политичари одбија дури и да преговараат за ново кратење на долговите на што Атина упорно инсистираше. Причината е јасна: се плашат од нивните сопствени гласачи, на кои ќе мораа да им признаат дека милијардите кои истекоа во Грција се засекогаш исчезнати.

Според сета веројатност, токму тоа и се случи. Повеќе гласачи и онака веќе некое време ја претпоставуваа ваквата разрешница. /крај/мф/сс

Извор: Макфакс



©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Анализи

Силјановска vs Пендаровски: Кој добива, а кој губи во битката на социјалните мрежи и медиумите?

Објавено пред

Претседателските кандидати Стево Пендаровски и Гордана Силјановска-Давкова најмногу се спомнуваат во медиумите, а најмалку се популарни меѓу твитерџиите. Во негативен контекст почесто е споменувана Силјановска на социјалните мрежи „Феjсбук“ и „Твитер“, но и во медиумите.

dobivaj vesti na viber

Ова го покажа првата сентимент-анализа на истражувачкиот центар на „Макфакс“, која се изработуваше во периодот од 1 до 9 април годинава. Процесот на изработка на анализата е базиран на компјутерски алгоритми и има задача да одреди во каков контекст (многу негативен, негативен, неутрален, позитивен или многу позитивен) е напишан одреден текст или дел од текстот.

Преку системот беа анализирани 220 медиуми, како и објавите и коментарите на над еден милион корисници на „Фејсбук“ и твитовите од 300 илјади профили. Тестирањата на платформата покажaа дека користените технологии даваат резултат со точност поголема од 80 проценти.

Според анализата, имињата на Силјановска-Давкова и на Пендаровски почесто се споменуваат во медиумите отколку на социјалните мрежи „Твитер“ и „Фејсбук“. Во првите девет дена од месецот тие биле споменати вкупно 3.515 пати. На „Фејсбук“ биле споменати речиси двојно помалку, а најмалку биле споменувани на „Твитер“.

Силјановска, според оваа анализа, најмногу била спомената на веб-порталите „Република“, „Курир“, „Инфомакс“ и на „Прес 24“, а Пендаровски на „Прес 24“, „Макпрес“, „24 инфо“ и на „Вечер“. Од инфографикот може да се види комплетната слика за тоа во кој медиум биле најмногу застапени двајцата претседателски кандидати.

Во однос на контекстот на споменување во медиумите може да се заклучи дека постои тесна разлика меѓу Силјановска и Пендаровски, иако кандидатката зад која стои опозициската ВМРО-ДПМНЕ предничи со негативните коментари.

Па, така, во многу негативен контекст Силјановска била спомената 201 пат, а Пендаровски 136 пати. Ако таа била спомната 914 пати во негативен контекст, Пендаровски во истиот контекст бил спомнат 778 пати. Тој предничи и во однос на неутралните спомнувања во медиумите, а Силјановска предничи во однос на позитивните споменувања. Тесна е разликата меѓу многу позитивните конотации, во кои биле ставени двајцата претседателски кандидати на кои се однесува анализата, во која за 8 споменувања предност има Пендаровски.

Според податоците од аналитичкиот центар на „Макфакс“, претседателскиот кандидат Пендаровски е попопуларен од Силјановска во однос на бројот на споменувања. Во многу позитивен или позитивен контекст меѓу твитерџиите тој е споменат 231 пат, а Силјановска 201. Во однос на тоа дали кандидатите се споменати во негативен или многу негативен контекст за нијанса води Силјановска, која е спомената 401 пат, а Пендаровски 389.

Слична ситуација може да се види и на „Фејсбук“, каде што Пендаровски има предност во однос на бројот на споменувања. Ако Силјановска била спомената 481 пат во многу негативен или во негативен контекст, Пендаровски е споменат 429 пати. Кај претседателскиот кандидат зад кој стои СДСМ поголем е бројот на позитивни или многу позитивни споменувања на социјалната мрежа „Фејсбук“.

Според сето ова, Силјановска има поголема вредност на вкупниот сентимент во негативен контекст на социјалните мрежи и во медиумите од Пендаровски. Важно е да се потенцира дека не станува збор за анкета што ги мери гласовите за кандидатите, туку за начинот на кој тие се прикажани и коментирани во интернет-просторот. Истражувачкиот центар на „Макфакс“ на почетокот на кампањата за претседателските кандидати спроведе анкета.

Целосната методологија за начинот на изработката на сентимент-анализите на истражувачкиот центар на „Макфакс“ е достапна на следниот линк.

Прикажи повеќе...

Анализи

СЈО со детали: Како Камчев и Мијалков ги переле парите градејќи империја

Објавено пред

Злосторничко здружение, кое функционирало повеќе од 8 години, од 2009 година, кога биле отворани и затворани фирми, перени милиони и милиони евра, биле менувани сопственици, бил купуван огромен имот, отворани фирми на офшор-дестинации за еднократна употреба, префрлувани пари преку кипарски банки, а потоа овие испрани пари влегуваат како основачки влогови за да формираат македонски фирми.

dobivaj vesti na viber

Вака накусо може да се опише случајот „Империја“ на специјалното јавно обвинителство (СЈО), каде што, меѓу другите, осомничени се едни од највлијателните луѓе во земјата, бизнисменот Орце Камчев и поранешниот директор на УБК, Сашо Мијалков.

Три месеци по почнувањето на истрагата, обвинителството излезе со детали за еден од најобемните предмети за кој засега е утврдено дека се испрани речиси 11 милиони евра.

Истрагата е проширена за „Графички центар“ и за „Медија принт Македонија“ (МПМ), извршени се претреси во фирмите, осомничените се испрашани и собрани се докази.

Соработката меѓу Македонија и Кипар е воспоставена, па сега, конечно, на виделина излегуваат и имињата на оние што се криеле зад офшор-фирмите преку кои се переле пари.

Од крајот на јуни до крајот на октомври 2018 година некои од осомничените од „Империја“ биле под посебни истражни мерки.

„Мијалков не беше под посебни истражни мерки, Камчев многу внимателно зборуваше по телефон, но не и другите осомничени“, велат од СЈО.

Без разлика како ќе се одвива понатаму истрагата за „Империја“, со оглед на тоа што статусот и истрагите на СЈО сè уште се неизвесни, оттаму велат дека собрани се речиси 90 отсто од доказите за случајот да може да продолжи понатаму.

Злосторничкото здружение се распаѓа кон крајот на 2017 и почетокот на 2018 година кога осомничените почнуваат да земаат кредити за да се раздолжат, но тоа не значи дека тука завршуваат и нивните поединечни активности.

Под лупа на СЈО е и фирмата поврзана со семејството Мијалкови, „Бест веј инвестмент“, формирана веднаш по обеледонувањето на таканаречените бомби во 2015 година, чиј сопственик е синот на Сашо Мијалков, Јордан. СЈО истражува како се ширел бизнисот и како оваа фирма успева да заработи огромни суми и да стекне голем имот само за три години работа. „Бест веј инвестмент“, ако во 2016 година имала приходи од 816 илјади евра, во 2017 година веќе приходите ѝ растат на 9,6 милиони евра, што само покажува дека независно кој е на власт, бизнисите на Мијалков работат со полна пареа.

Краен сопственик на мистериозната „Ексико“ бил Камчев

Натписот на поштенското сандаче на улицата Иван Милутиновиќ во Скопје сведочи за постоењето на „Ексико“, чие сопствеништво е скриено

Центарот на истрагата за „Империја“ се познатата офшор-фирма „Ексико“ и бизнисменот Орце Камчев.

Истрагата утврдила дека зад првата фирма-мајка на „Ексико“, „Делта инвестмент“ од Белизе, всушност се крие таткото на Орце Камчев, Илија. Од оваа фирма, која поседуваше акции во големи акционерски друштва, а се јавуваше и како еден од сопствениците на атрактивните плацови на Водно, досега сите креваа раце и демантираа дека стојат зад неа.

Истрагата на СЈО утврдила дека по Илија Камчев, набргу како краен сопственик фигурирал и поранешниот директор на македонски „Телеком“, Жарко Луковски, а кога сопствеништвото на фирмата се сели во Америка, односно сопственик станува извесна „Калвус ЛЛЦ“ (Calvus LLC) од САД, крајниот сопственик е всушност Орце Камчев.

Од оваа американска фирма кон „Ексико“ се влеваат 1,6 милион евра како прилив, а дел од овие пари завршува на личната сметка на Камчев, додека со дел се купувани имот и земјиште во Гевгелија, на кое понатаму е предвидено да се градат казина.

Подоцна, а и до ден-денеска, сопственик на „Ексико“ е фирмата со швајцарски капитал „Т&МЈ инвестмент“ од Лугано, Швајцарија, фирма зад која оперативните сознанија покажале дека краен сопственик е член на семејството Мијалкови. Од швајцарската фирма кон македонската „Ексико“ немало никаков прилив или одлив на пари.

„Ексико“ не е единствената фирма преку која функционирало ова злосторничко здружение. Колку за пример, во истатата 2009 година офшор-компанијата „Хоспитал менаџмент груп ЛЛЦ’ од Кипар ја основа клиничката болница „Систина“. Понатаму, оваа компанија го продава имотот на друга офшор-компанија од Панама. „Орка холдинг“ го купува уделот од панамската, па повторно ѝ го продава на „Систина“, со што фактички Камчев внесува удел од „Хоспитал менаџмент“ од Кипар во Македонија.

Сомнежи за перење пари преку кипарски банки

Преку кипарски банки парите влегуваат во земјата

Значаен дел од истрагата на СЈО за „Империја“ има и фирмата „Финзи“ – истата фирма за која во таканаречените бомби можеше да се слушне дека одела набавката за опрема за следење интернет-комуникации за МВР. Министерството, додека на чело на УБК беше Мијалков, наместо директно да ја набави изреалската опрема за прислушување, тоа го правела преку „Финзи“. Во текот на истрагата за случајот самоубиство изврши директорот на „Финзи“, Коста Крпач, во април 2016 година.

Сега истрагата за „Империја“ повторно допира до „Финзи“, фирма основана од „Финзи ЛЛЦ“ во САД. Краен сопственик на оваа компанија, според СЈО, повторно е Орце Камчев.

Во неколку наврати од „Финзи ЛЛЦ“ преку кипарска банка кон македонската „Финзи“ биле исплатувани 650.000 евра. Во тоа време, односно во 2009 година, директор на „Финзи“ во Македонија е Владислав Стајковиќ, брат на Небојша Стајковиќ, поранешен помошник-министер за информатичка технологија во МВР.

Овие пари понатаму влегуваат како основачки влог во „Систина кардиологија“, фирма што подоцна е преименувана во „Си-Фи-Кар“ („Систина“, „Финзи“, “Кара“). Во 2012 година, според СЈО, кога парите веќе се испрани, американската мајка-фирма се затвора и се отвора нова фирма, во која Крпач влегува како директор, а на истата сметка легнуваат парите од израелската донација за опрема за прислушување.

„Не купуваат компании за да работат со нив, туку за да извлечат што можат“

Орце Камчев и Сашо Мијалков, клучните играчи во „Империја“

Многу компании, офшор, стотици папки со документи и изјави од сведоци содржи еден од најобемните предмети на СЈО – „Империја“. Од она што беше претставено пред новинарските екипи, неизбежен е заклучокот дека од досегашната истрага и собраните докази станува збор за класични примери за сомнежи за перење пари пред кои надлежните институции со години молчеле или се откажувале од гонење поради немање докази.

Дел од истрагата е отстапен и на купувањето на „Бетон Штип“ од страна на ТИМ ДОО, „Орка холдинг“, „Езимит“ ДООЕЛ и „Ексико“.

„Кога тие купуваат компанија, не ја купуваат за да ја работат, туку да извлечат што може од имотот на компанијата“, велат од СЈО.

Па, така, и овој пат сознанијата говорат дека од „Бетон Штип“ се извлечени 4 милиони евра, односно газдите ги тераат акционерите со парите да купуваат имот, а понатаму како што се извлекуваат парите, така се инвестираат во други зделки за што патем говорат и последните информации дека речиси 250 работници веќе ги напуштаат работните места од „Бетон Штип“ и истовремено преку суд си ги бараат неисплатените плати за последните четири месеци.

Дел од истрагата го опфаќа и „Фершпед“, односно од моментот кога Кираца Трајковска, која беше еден од мнозинските акционери во “Фершпед“, поради долг во Еуростандард банка, преку посредник побарала кредит од Стопанска банка АД Битола. Камчев, кој е дел од Управниот одбор на банката, наместо кредит, според СЈО, на Трајковска ѝ понудил преку физички лица да ѝ бидат префрлени парите по што биле ослободени нејзините акции од „Фершпед“.

За да им ги продаде акциите на странски инвеститори, таа го ангажирала брокерот Јованче Тасковски. Но, за нејзината намера дознал Штерјо Наков, кој побарал помош од Мијалков, со цел тој да ги купи акциите. Мијалков се договора со Камчев да ја изиграат, па без нејзино знаење, според СЈО, Ненад Јосифовиќ ги продава акциите на физички и правни лица поврзани со Наков за 4 милиони евра повисока цена од реалната. Парите од зделката завршуваат во фирма чии сопственици се „Ексико“, „Орка холдинг“ и „Тимох“.

Во делот од истрагата за „Империја“ влегуваат и стари случаи, кои претходно во обвинителствата завршувале со откажување од гонење поради немање доволно докази. Таков пример е истрагата за „пропаѓањето“ на „Орка спорт“, „Орка текстил“ и други фирми во сопственост на сега покојниот Илија Камчев. Данокот се избегнувал да се плаќа преку лажни стечаи, обезвреднување на имотот и формирање офшор-компании, а потоа парите „чисти“ биле внесувани во земјата, односно целиот имот бил пренесуван на новоформирани компании.

На овој начин, впрочем, и се градела целата империја – преку лојални соработници, изигрување на законитe и формирање компании за еднократна употреба.

Како ќе заврши истрагата и дали случајот ќе добие епилог останува неизвесно. Засега Орце Камчев и Сашо Мијалков се во домашен притвор, а конечниот збор ќе го каже Врховниот суд.

Освен Камчев и Мијалков, осомничени во случајот „Империја“ се и Ратка Куноска-Камчева, мајка на Камчев и неизвршен член на Одборот на директори на „Орка ходинг“, Кристина Камчева-Стојческа, сестра на Камчев и неизвршен член на Одборот на директори на „Жито полог Тетово“, Лилјана Гајдоска, правник во фирмите на Камчев, неизвршен член на Одборот на директори на ЗК „Пелагонија“, Тодор Мирчевски, директор на „Ексико“, Владислав Стајковиќ, сопственик на НВСП, доскорешен директор на „Мобико“ и поранешен директор на „Финзи“, Ванче Мијалчев, извршен директор на „Бетон Штип“, Јованче Тасковски, брокер, и Дејан Јанев од „О.Т.Е. инвест“.

Прикажи повеќе...

Анализи

Политиката го подели СЈО на табори

Објавено пред

„Чарлиевите ангели“ ги нема. Катица Јанева, Ленче Ристоска и Фатиме Фетаи речиси една година не се појавуваат на заеднички прес-конференции. Во јавноста и на социјалните мрежи сè погласни се критиките за работата на специјалното јавно обвинителство и ослабената доверба во оваа институција.

dobivaj vesti na viber

Три и пол години по формирањето, целосен судски епилог има само за два случаја а сè погласни се шпекулациите дека во СЈО владее поделеност на обвинителите на табори, кои меѓусебно не се согласуваат за дејствувањето на ова обвинителство, па тие разлики во мислењата лесно се забележливи и во јавноста.

Трите жени, кои беа симбол за СЈО, ретко може се видат заедно во јавноста, а речиси една година Ленче Ристоска и Фатиме Фетаи не даваат заеднички изјави. Според нашите извори, со слични ставови на една страна биле обвинителките Катица Јанева и Лиле Стефанова, а на друга Ленче Ристоска и Фатиме Фетаи.

Од друга страна, сè поприсутна во јавноста е главната специјална обвинителка Катица Јанева, која, според најавите, во вторник ќе се појави на „1ТВ“, каде што заедно со обвинителите Лиле Стефанова и Трајче Пеливанов треба да одговараат и на прашања од гледачите. Токму во фирмата сопственик на „1ТВ“, „БМЈ медиа груп“, работи синот на Јанева, младиот гевгеличанец Лазар Јанев, за кого веќе беше објавено дека пред вработените бил претставен како директор на правна служба. Пред точно два месеца Јанева беше гостинка на „1ТВ“ и се фотографира со сопственикот на телевизијата, Бојан Јовановски, со назнака дека станува збор за работен состанок.

Во СЈО во последната година во целост се смени практиката на комуникација со јавноста. Последната прес-конференција СЈО ја одржа на 21 март минатата година.

Повеќе нема брифинзи со новинари, а на обвинителките Ристоска и Фетаи не им е дозволено да даваат интервјуа и изјави. Целосна затвореност владее и во однос на истрагите. Случајот „Империја“, во кој, меѓу другите, се осомничени и бизнисменот Јордан Камчев и ексдиректорот на УБК, Сашо Мијалков, беше отворен пред повеќе од 2 месеца, а од СЈО нема дополнителни информации, освен дека истрагата е сложена.

Сите обиди на „Макфакс“ да обезбедат брифинг за случајот беа залудни. Новинарите меѓу себе коментираат дека ова обвинителство, кое наметна транспарентно работење, последнава година се затворило, иако обвинителите поминале серија обуки за комуникација со јавноста. Тоа остава простор за шпекулации во постапувањето по предметите на обвинителството. Од друга страна, во редовното Обвинителство се спроведува тренинг за односи со јавноста на обвинителите.

Според нашите информации, во специјалното јавно обвинителство меѓу некои од вработените владее незадоволство од начинот на работа, особено по последните политички случувања, амнестии и повици за помирување, кои во голем дел влијаат и врз актуелните предмети што се во судска постапка, но и на оние што се во истрага и предистрага, а во кои, меѓу другите, се вклучени и Сашо Мијалков, Елизабета Канческа-Милевска, Али Ахмети, Бујар Османи.

Ексминистерката за култура, КанческаМилевска, е инволвирана во предистрагата за предметот „Скопје 2014“, кој е еден од најобемните предмети на СЈО, за Мијалков се водат повеќе судски постапки, а предметот за агенцијата за обезбедување СГС е во предистрага.

Во процесот на помирувањето наголемо се споменуваа и измените во Кривичниот законик, односно член 353, став 5, кој ја регулира злоупотребата на службената положба преку јавните набавки. Доколку дојде до промена на овој член, како што беше најавувано, помали казни или ослободување од одговорност ќе добијат голем број обвинети во случаите на СЈО, меѓу кои и Мијалков.

Уставниот суд сè уште не расправал по иницијативата на адвокатот Еленко Миланов, кој бара судиите да се произнесат за овој член од Кривичниот законик.

Сите овие политички инволвирања, кои допираат и до СЈО, според нашите извори, довеле до голем раздор во работата на институцијата, која има годишен буџет од 3,7 милиони евра. Некои од обвинителите се разочарани од фактот што нивните предмети и нивната работа зависат исклучително од тековната политичка ситуација, па токму затоа во последниот период и не се работи на нови предистраги бидејќи се чека исходот од тоа што ќе се случува со институцијата и дали евентуално одредени функционери од претходната, но и од актуелната власт, ќе избегнат одговорност.

Прикажи повеќе...

Најново

Македонија7 часа

Врз основа на кој проект е продолжена реконструкцијата на Универзалната сала, праша Арсовска

Градоначалничката на град Скопје, Данела Арсовска, праша врз основа на кој проект е продолжена реконструкцијата на Универзалната сала, како и...

Македонија10 часа

Намален е бројот на ученици во училиштата во државата

Намален е бројот на ученици во основните и средните училишта, во учебната 2022/2023 година, укажуваат податоците во извештајот на Државниот...

Македонија10 часа

Со нова систематизација Синдикатот на „Македонска пошта“ сам ќе ги укине вработените што не доаѓаат на работа оти Владата и Управниот одбор молчат

Синдикатот на „Македонска пошта“, во соработка со вработените и со ангажирање експерти, ќе подготви нова систематизација, која ќе ја достави...

Македонија10 часа

„Немам партиска книшка, само крводарителска“ – приватните специјализанти реагираат на изјавата на Демири за политичка заднина на штрајкот

Штрајкот на приватните специјализанти продолжи и денес и како што најавуваат ќе трае додека не добијат на писмено од Владата...

Свет11 часа

Израел: Мораме да го запреме Иран пред да биде предоцна, воведете му санкции

Министерот за надворешни работи на Израел, Израел Кац, денеска ги повика земјите да воведат санкции за ракетната програма на Иран...

Свет11 часа

Иран: Следниот напад ќе биде во рок од неколку секунди

Се’ повеќе високи ирански претставници ги предупредуваат и Израел и Западот за последиците од можната израелска одмазда. Така, иранскиот воен...

Македонија12 часа

ВМРО-ДПМНЕ: Во ЕУ не се оди со политичари како Пендаровски

Во ЕУ не се оди со политичари како Пендаровски. Во ЕУ се почитуваат основните човекови права и се унапредуваат, а...

Македонија12 часа

Стојаноска во Тетово: угостителите сезонски се селат во други држави, не се задоволни од актуелната власт

Вчерашниот ден Дафина Стојаноска – членка на ИК на ВМРО-ДПМНЕ го искористи и за средба со Здружението на угостители од...

Регион13 часа

Го искористи правото да не сведочи: заврши сослушувањето на мајката на осомничениот за убиството на Данка Илиќ

Светлана Драгијевиќ, мајката на Дејан Драгијевиќ, кој е осомничен за убиството на двегодишната Данка Илиќ го искористи законското право да...

Свет13 часа

Полицијата нападот во црквата во Сиднеј го карактеризира како терористички чин, напаѓачот уапсен

Австралиската полиција го прогласи прободувањето со нож во црква во Сиднеј за верски мотивиран „терористички чин“. Момче (15) е уапсено...

Свет14 часа

Иран зад себе има незамислива сила, која е закана за целиот свет: група од најбруталните терористи подготвени да интервенираат

Иранскиот напад врз Израел го отвори патот за нова ескалација на Блискиот Исток. Директен конфликт меѓу овие две земји ќе...

Регион14 часа

Земјотрес ја погоди Грција

Земјотрес со јачина од 3,5 степени според Рихтеровата скала утрово ја погоди Грција. Епицентарот на земјотресот бил на Крит на...

Македонија23 часа

Силјановска -Давкова: Ќе се залагам АРМ секогаш да ги исполнува НАТО стандардите и да вклучва повеќе жени

„Претседателот е врховен командант на вооружените сили. А вооружените сили се бранителот на територијалната независност и интегритет на Македонија. Во...

Македонија24 часа

(Видео) „Ако го интересира Мицкоски кој од неговите најблиски соработници биле кај мене, ќе му кажам“, рече Пендаровски

Вечерва претседателскиот кандидат Стево Пендаровски беше меѓу жителите на Гази Баба и одговараше на нивните прашања. Граѓаните побараа одговор дали...

Македонија1 ден

Протестите на специјализантите имаат политичка заднина, колкав притисок и да прават, решение е можно по изборите, вели Демири

Министерот за здравство ги поддржува барањата за поголеми плати и платени придонеси на приватните специјализанти, но нема мерки што би...

Македонија1 ден

Демири: Ќе предложам невакцинирани да не може да се вработат во јавното здравство

Министерот за здравство во техничката Влада, Илир Демири, ќе побара законски измени со кои ќе биде забрането во јавното здравство...

Македонија1 ден

Деветвалентната ХПВ-вакцина, која спречува 80 отсто од аналниот карцином и 70 отсто од карциномот на грлото на матката, достапна кај нас од следниот месец

За еден месец сите вакцинални пунктови ќе ја добијат деветвалентната ХПВ-вакцина, која од оваа година, покрај девојчињата на возраст од...

Македонија1 ден

Припадници на затворската полиција се сомничат дека му овозможиле на осуденикот да побегне од Идризово – може да добијат и до 10 години затвор

Седумнаесет полицајци се приведени по повеќемесечна предистражна постапка за бегството на затвореникот од Идризово, кое се случи во октомври минатата година....

Македонија1 ден

Османи со порака до Израел: Воздржете се од возвраќање, спиралата на конфликти може да се влоши

Министерот за надворешни работи Бујар Османи порача до Израел да не возраќа на нападот на Иран бидејќи состојбата може да...

Uncategorized1 ден

Укината социјалната помош на 1.134 лица оти имале возило и за 18 месеци ја оштетиле државата за над 2,5 милиона евра

Министерството за труд изготвило 1.134 решенија за прекин на гарантирана минимална помош и социјална пензија на лица што 18 месеци...