Топ
Британци преку компјутерска измама оштетиле фирма за над 425 илјади евра

Полицијата поднесе кривична пријава против Ј.Т.С.(21) од Велика Британија, правно лице од Велика Британија и A.A.A.(44) од Велика Британија, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „компјутерска измама“.
Имено, првопријавениот, одговорно лице во правното лице и третопријавениот извршиле промена на компјутерски податоци, со што предизвикале невистинит резултат при пренос на податоци.
Преку електронска порака, до оштетеното правно лице од Пробиштип, испратиле лажни банкарски инструкции за меѓународно плаќање, врз основа на кои оштетеното правно лице извршило плаќање во износ од 425.653 евра кон банкарската сметка на второпријавениот, наместо на вистинскиот добавувач.
На тој начин тие причиниле вкупна материјална штета од 425.653 евра на правното лице од Пробиштип, соопшти полицијата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
(Видео) Пензионерката која го искара премиерот во маркет е активистка на ВМРО-ДПМНЕ

Пензионерката која го искара премиерот Димитар Ковачевски за високите замрзнати цени е Ацка Станишева, активистка на ВМРО-ДПМНЕ. Таа денес го застана премиерот додека пред камери пазаруваше и ги проверуваше цените и го праша кој може да преживее со 12.000 денари со цени како денешните.
Дека станува збор за активистика на ВМРО-ДПМНЕ укажуваат низата фотографии објавени на профилите на опозициската партија, а кои се однесуваат на Општина Карпош. Учествувала на партиски состаноци, како и на протести. Пензионерката, фотографија има и со претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски. Таа доби јавна поддршка. „Макфакс“ се обиде да исконтактира со неа, но таа не одговори на нашите пораки.
Од јавно објавените фотографии, може да се види дека Станишева била вклучена во кампањата на ВМРО-ДПМНЕ за локалните избори во 2021 година. На тоа укажуваат објавите на Оливер Зафировски, кој се тркаше да стане градоначалник на Карпош како кандидат на ВМРО-ДПМНЕ. Таа одела од врата на врата и делела промотивен материјал со слоганот „Создади нова иднина“ и „За модерно Скопје“.

Фотографии со ликот на пензионерката објавени на фејсбук страницата на кандидатот Зафировски од ВМРО-ДПМНЕ

Фотографии со ликот на пензионерката објавени на фејсбук страницата на кандидатот Зафировски од ВМРО-ДПМНЕ
На социјалните мрежи, осамна и фотографија од Станишева и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, а фотографирани пред ЕУ инфо центарот.
Доколку името на пензионерката се впише на „Фејсбук“ и таму излегуваат фотографии со нејзиниот лик, а зад неа, знамиња од ВМРО-ДПМНЕ. На профилот има и споделени фотографии од митинзи на опозициската партија.
„Макфакс“ побара став од Станишева, дали на ист начин и со исти прашања кои ги имаше за Ковачевски, би пристапила ако на негово место беше Христијан Мицкоски или Никола Груевски. Дополнително прашавме, Дали навистина ја мачела проблематиката за која зборуваше или поради политички причини застанала да дебатира со Ковачевски. До моментот на објавување не добивме одговор.
Македонија
(Видео) Детали од пазарењето на премиерот, сдсмовка го чекаше кај брашното со вклучена камера

Со петнаесетина камери, премиерот Димитар Ковачевски беше пречекан во локален маркет во скопско Тафталиџе. Пред да почне со пазарење ги поздрави медиумите и присутните, но заборави да земе корпа за складирање на продуктите, која подоцна му ја донесе вработена за протокол од Владата. Впечатливо беше што премиерот во маркетот влезе озвучен со микрофон, откако претходно беше пристигнат фотограф и снимател.
Ковачевски, посетата на маркетот пред медиумите ја претстави како обично пазарење, а не ПР. Меѓу рафтовите пак, наиде на неколку познаници, меѓу кои беше и пазарџија од кој 15 години купувал зеленчук и овошје, а кој се шеташе во маркетот.
„15 години само кај него овошје и зеленчук пазарувам“, рече премиерот, на што пазарџијата му врати: „Ама немој да ме заборавиш сега кога си премиер“.
Неколку моменти пред да пристигне Ковачевски кај брашното, жена со корпа и телефон со вклучена камера стоеше меѓу рафтовите. Прашана од екипа на „Макфакс“ дали спремна чека да направи селфи со премиерот, таа одговори: „Не, јас за општинска си правам… За Карпош, за СДСМ“. Кога снимателите дојдоа кај рафтовите, таа остана зад нив, за што искоментира: „Ме истуркавте“, се обиде да стигне поблиску до Ковачевски, но не успеа ниту да го фотографира од далеку на што рече: „Леле“ и се повлече.
Откако на каса ги плати производите, а торбата ја остави надвор од маркетот, Ковачевски повторно влезе внатре и почна со прес-конференција. Со оглед на низата прашања, се обиде да им помогне и на новинарите кои држеа и по неколку микрофони.
На Ковачевски му се обрати и пензионерка. Се пожали од висината на пензиите, но и цените.
Свет
Убиените деца имале 9 години, напаѓачката била талентиран уметник и добар ученик

Вчера, три деца и тројца возрасни беа убиени во пукање во приватно основно христијанско училиште во Нешвил, на југот на САД. Нападот го извршила 28-годишна жена идентификувана како Одри Елизабет Хејл, поранешна ученичка во училиштето, која била убиена од полицијата на местото на настанот.
Полицијата ги објави имињата и возраста на жртвите. Сите убиени деца (Евелин Дикхаус, Хали Скругс и Вилијам Кини) имале девет години. Трите возрасни жртви се Синтија Пик (61), Кетрин Кунсе (60) и Мајк Хил (61), пишува Би-би-си.
Џон Дрејк, началникот на полицијата во Нешвил, му се обратил на напаѓачот со женска заменка, но на прашањето на новинарите тој прецизирал дека Одри Елизабет Хејл се изјаснила како трансродова личност. Сè уште не е јасно дали напаѓачот е официјално идентификуван како жена или маж.
Полицијата во Нешвил објави видео на кое се гледа како напаѓачот влегува во училиштето. На снимката, која се чини дека е од надзорните камери во зградата, се гледа како Одри Хејл пука во влезната врата и потоа се качува низ скршеното стакло за да влезе.
Hale fired a number of rounds inside the Covenant Church/School building. She was armed with these 3 guns and significant ammunition. pic.twitter.com/3LYOU2r0sh
— Metro Nashville PD (@MNPDNashville) March 28, 2023
Напаѓачот носел црвена капа, маскирни панталони и нешто што личело на заштитен елек и автоматска пушка во едната рака. По влегувањето во училиштето, на видеото се гледа како таа талка по напуштените ходници на училиштето.
„Таа беше талентиран уметник и добар ученик“
Еден сосед на семејството изјави за „Еј-би-си њуз“ дека Одри Хејл живеела во семејната куќа со родителите, кои ги опишал како многу религиозни. Хејл дипломирала на колеџот за уметност и дизајн во Нешвил во 2022 година, потврди претседателот и извршен директор на училиштето, Сајрус Ватандост, за „Еј-би-си њуз“.
„Додека беше во нашето училиште, таа беше талентиран уметник и добар ученик“, рече Ватандост за Хејл. „Нашите мисли и молитви се со нејзиното семејство, жртвите и нивните семејства и со нашиот град. Објавата на фејсбук-страницата на училиштето, која во меѓувреме е отстранета, покажа дека Хејл заработила најмалку една награда за добри академски перформанси.
„Покрај уметноста, уживам во играње игри, гледање филмови и спортување“, напишала Хејл на својата лична веб-страница.