Топ
Веднаш откако бил осуден за семејно насилство, скопјанец ја нападнал поранешната сопруга во близина на судот

На паркинг во близина на кривичниот суд, скопјанец физички ја нападнал неговата поранешна вонбрачна сопруга веднаш откако бил осуден за семејно насилство.
Против него е поведена нова постапка за телесна повреда, присилба и неизвршување на судска одлука, информираа од Обвинителството.
И покрај тоа што со претходно правосилно судско решение му биле изречени мерки за забрана за приближување на оштетената, тој ја пресретнал на паркинг простор во близина на Судот, започнал да ја влече за рацете, ја фатил за вратот и започнал да ја дави, нанесувајќи и видливи повреди. Потоа ја навредувал и и се заканил дека со себе носи нож, со што ја присилил да влезе во нејзиниот автомобил.
Жената исплашена и испаничена во тој момент, влегла во автомобилот, а осомничениот веднаш по неа влегол и седнал на задните седишта. Тој и наредил да го стартува автомобилот и да вози кон неговото живеалиште, заканувајќи и се дека таму ќе ја силува. И ги зел нејзините мобилни телефони и нејзината чанта, за таа да не повика полиција, па ја влечел за косата, упатувајќи и закани по животот.
Јавниот обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје поднесе предлог за определување мерка притвор против осомничениот, бидејќи постојат околности што укажуваат на можност за бегство, како и опасност тој да го повтори кривичното дело или да го изврши кривичното дело со кое се заканува. Судијата го прифати предлогот на обвинителот и на осомничениот му определи притвор.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Маричиќ: Би можеле да ги завршиме преговорите до крајот на оваа деценија, шансата е сега

Вицепремиерот Бојан Маричиќ е убеден дека Македонија може да влезе во ЕУ ако го прифати францускиот предлог и ги почне веднаш преговорите.
„И Србија и Црна Гора имаат слични преговарачки рамки. Тие преговараат повеќе од пет години и јас мислам дека би можеле и ние да ја завршиме домашната задача до крајот на оваа деценија. Шансата е тука и не треба да ја пропуштиме“, рече вицепремиерот за европски прашања, Бојан Маричиќ, по денешната средба на партиските работни групи во Клубот на пратениците, посветена на разгледување на последниот француски предлог.
Маричиќ посочи дека на состанокот ги изнеле своите позиции, а ВМРО-ДПМНЕ изнела и други идеи поврзани со евентуални промени на преговарачката рамка.
„Беше добра почетна средба со овие позиции и мислам дека во наредните денови треба да продолжиме да разговараме, односно постои желба да се разговара на оваа тема“, изјави Маричиќ.
Вицепремиерот посочи оти ги објасниле механизмите за заштита на нашиот национален идентитет пред пратеничките групи.
„ВМРО-ДПМНЕ изнесе ставови што ние веќе сме ги разговарале и во преговарачкиот процес, мислам ако продолжиме со разговори, може да се надеваме на некакво поместување. Самиот факт што сме тука и ги отворивме ставовите, имаше и предлози од Павле Трајанов, имавме активно учество и од ДУИ и од Алијансата за Албанците како опозициска албанска партија и мислам од сите актери имаше атмосфера во која треба да се продолжат разговорите“, додаде тој.
Регион
Генчовска: Имаме џентлменски договор со Османи дека протоколите се прецизирани, нема да ги отвораме текстовите

Бугарија ќе преземе мерки против говорот на омраза што деновиве се случува Македонија, како што секогаш правиме, изјави бугарската министерката за надворешни работи во оставка, Теодора Генчовска.
Генчовска рече дека ќе биде врачена нота, пренесе „Бгнес“.
На прашањето дали се прецизирани протоколите и кога бугарското општество може да се запознае со нив, Генчовска одговори: „Имаме џентлменски договор со министерот за надворешни работи на РСМ, Бујар Османи, дека протоколите се затворени. Се надевам дека ќе се придржува до тоа, јас се придржувам до тоа. Нема да ги отвораме текстовите. Бидете сигурни дека тие целосно го гарантираат националниот интерес и целосно ги почитуваат одлуките на Народното собрание“, нагласи таа.
Генчовска изјави дека Скопје е заинтересирано работите да се случуваат многу брзгу бидејќи многу земји членки на ЕУ веќе зборуваат за одвојување на Северна Македонија од Албанија. „Топката е директно во теренот на PCM“, рече таа. На прашањето дали Бугарија е заинтересирана за одвојување на двете земји на нивниот пат кон ЕУ, шефицата на бугарската дипломатија рече дека процесот се базира на конкретни резултати.
„Ја поддржуваме Албанија и покрај изјавите што ги гледаме од албанските власти во последно време. На крајот ќе одлучат земјите членки“, рече Генчовска.
Македонија
(Видео) Митрески: Ќе дадеме наши предлог-заклучоци кои ќе се однесуваат на стратешките определби за членството во ЕУ

„Зборуваме за заклучоци коишто би се донеле евентуално по информацијата што ќе ја достави Владата до Собранието по која ние ќе разговараме. Не станува збор за промена на европскиот предлог, туку зборуваме за заклучоци кои ние како Собрание ќе ги донесеме за да ја задолжиме и обврземе Владата како да се однесува во следниот период. Јас денес очекувам одговорност од сите партии и пратенички групи бидејќи станува збор за сериозен процес во државата, бидејќи се работи за иднината на државата и нивните граѓани“, изјави меѓу другото координаторот на пратеничката група на СДСМ, Јован Митрески пред денешната работна група во Клубот на пратеници.
Митрески рече дека како пратеничка група „ќе дадеме наши предлог-заклучоци коишто ќе се однесуваат на нашите стратешки определби за членството во ЕУ со исклучување на билатералните – историски и образовни прашања. Ќе дадеме предлози и заклучоци коишто ќе значат безусловно почитување на определбата за посебните историски, јазични и културни посебности на македонскиот народ“.
Митрески по новинарско прашање рече дека „како Собрание уште еднаш ќе потврдиме дека билатералните прашања ќе бидат исклучени од рамката и ќе ја задолжиме Владата, затоа што овие заклучоци се обврзувачки за Владата, да се исклучат билатералните прашања од аспект на историјата и образованието“.