Црна хроника
Велешкото обвинителство побара притвор за дилер на дрога

Основното јавно обвнителство во Велес донесе наредба за спроведување истражна постапка против едно лице од Велес на возраст од 40 години за кривично дело неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори од член 215 став 1 од Кривичниот законик.
При извршен претрес во домот на осомничениот, на 26 јануари 2021 година, службените лица пронашле наркотична дрога марихуана во вкупна количина од 584,34 грама, наркотична дрога хашиш во вкупна количина од 4, 75 грама и психотропна супстанција – амфетамин во количина од 20,36 грама. Осомничениот неовластено заради продажба, ја чувал дрогата во повеќе различни пакувања на различни места во домот. Покрај дрогата, во станот на осомничениот е пронајдена и електронска мини вага за мерење.
Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Велес поднесе предлог за определување на мерката притвор за осомничениот до судијата на претходна постапка при Основниот суд во Велес. Предлогот е прифатен и на осомничениот му е определен притвор во траење од 30 дена.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Црна хроника
Кривични пријави против директори и главна медицинска сестра во болницата во Битола

Полицијата поднесе кривична пријава против поранешен в.д директор, против раководител-директор за економско финансиско работење и против главна медицинска сестра во болницата во Битола за злоупотреба на службената положба и овластување,.
Според информациите на МВР, поднесени се кривични пријави против З.Л.(67) од Битола, поранешен в.д. медицински директор на ЈЗУ Клиничка болница Битола за злоупотреба на службената положба и овластување и против лицето Ј.Ј.(63) од Битола, управител на правно лице од Битола и против правно лице од Битола поради постоење на основи на сомнение за фалсификување исправа.
Првопријавениот во својство на службено лице на 15.8.2018 година, потпишал спогодба за деловна техничка соработка со ФК „Пелистер“ АД Битола за давање повратни парични средства, без претходна одлука на Управен орган, по што на сметката на ФК Пелистер биле префрлени средства во износ од 600.000 денари, оштетувајќи ја Клиничка болница Битола за наведениот износ.
Првопријавениот, исто така на 7.4.2020 година одобрил исплата на парични средства кон правно лице спротивно на договорите за јавни набавки во вкупен износ од 292.816 денари, со што ја надминал вкупната вредност на набавката спротивно на договорот.
Второпријавениот како одговорно лице во правно лице изготвил лажни фактури, со цел лажно прикажување на состојба дека извршил угостителски услуги, ставил свој потпис и печат од правното лице чиј управител е и покрај фактот што знаел дека угостителските услуги се извршени од неколку други субјекти во Битола.
Полицијата поднесе и две кривични пријави, една против Н.И.(50) од Битола, раководител-директор за економско финансиско работење во ЈЗУ Клиничка болница Битола, поради основано сомнение за злоупотреба на службената положба и овластување. Според информациите на МВР, пријавената во својство на службено лице по барање на тогашниот директор на Клиничка болница Битола, З.Л.(67) на 22.1.2020 година изготвила налог и извршила исплата на надомест за неискористен одмор во висина од 162.762 денари, без содветна одлука на Управен одбор.
Исто така, поднесена е кривична пријава против Р.Б.(52) од Битола, вработена како главна медицинска сестра во ЈЗУ Клиничка болница Битола и уште една пријава против Н.И.(50) од Битола, раководител – директор за економско финансиско работење во ЈЗУ Клиничка болница Битола, поради постоење основано сомнение за сторено кривично дело злоупотреба на службената положба и овластување.
Пријавените, во периодот од 2018 до 2020 година, без одлуки на Управен одбор, реализирале повеќе службени патувања во странство, за што од сметката на ЈЗУ Клиничка болница Битола за сместување, превоз и дневници биле исплатени 654.388 денари.
Црна хроника
Ослободен осомничениот за пукањето во Ѓорче Петров

По наредба на јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје, извршена е анализа на биолошки материјал – ДНК-траги, кои беа пронајдени во возилото, од кое постои сомнение дека билo пуканo, при што беше повредено едно лице во населбата Ѓорче Петров.
Настанот се случи на 1.3.2021 година, околу 16 часот, на улицата Борис Сарафов во Скопје, кога од патничко моторно возило „голф 5“, без регистарски таблички, беше пукано со огнено оружје кон автомобил „мерцедес“ со скопски регистарски таблички, управувано од лице од с. Горно Свиларе, при што возачот на „мерцедесот“ доби прострелна рана во левата натколеница.
„Денеска, во Обвинителството пристигна извештајот од извршената анализа на биолошкиот материјал од Институтот за судска медицина, криминалистика и медицинска деонтологија. Во согласност со доставената анализа, биолошките траги пронајдени во возилото ‘голф 5; не одговараат на ДНК-профилот на лицето спрема кое беше определена мерка краткотраен притвор во траење од 48 часа. Истовремено, обвинителството презеде и процесно дејство – препознавање, при што оштетениот не го препозна притвореното лице како лице сторител на кривично дело што испукало проектили кон него.
При вака утврдени факти Обвинителството утврди дека не постои основано сомнение дека лицето спрема кое беше определена мерка краткотраен притвор е сторител на кривично дело, па од тие причини нема да отвори истражна постапка против него. Воедно, надлежниот обвинител го извести судијата на претходна постапка при надлежниот суд и побара лицето веднаш да биде пуштено од краткотрајниот притвор“, соопшти Обвинителството.
За истиот настан беше приведено уште едно лице, но тоа е пуштено бидејќи од МВР не беа обезбедени и приложени докази за негова инволвираност.
Обвинителството издаде повеќе наредби и насоки на Министерството за внатрешни работи во насока на утврдување на идентитетот на сторителот на конкретното кривично дело. Откако МВР ќе го утврди идентитетот на сторителот и ќе обезбеди докази во поглед на кривичното дело, ќе поднесе кривична пријава по која Обвинителството ќе постапува во согласност со надлежноста.
Црна хроника
Гостиварецот кој со секира ја уби сопругата ќе одговара за свирепо убиство

По спроведена истражна постапка, Основното јавно обвинителство Гостивар поднесе обвинителен акт против гостиварецот кој со секира ја уби својата сопруга. Тој ќе одговара за свирепо убиство со умирла.
„На 9.9.2020 година, обвинетиот 67-годишник, при вршење семејно насилство во својот дом во Гостивар, на свиреп начин со умисла ја лишил од живот својата сопруга. Двајцата сопружници подолг период имале меѓусебни расправии, а на критичниот ден тој со секира во рацете влегол во дневната соба, каде што седела сопругата, и ѝ задал неколку удари со сечилото во пределот на главата. Потоа го зел ножот од кујната, па се вратил и ѝ задал неколку убоди во стомакот. Веднаш потоа обвинетиот излегол од куќата и со велосипед го напуштил местото“ се наведува во соопштението на Обвинителството.
Јавниот обвинител до Основниот суд Гостивар достави и предлог за продолжување на претходно определената мерка притвор за обвинетото лице имајќи ги предвид околностите што упатуваат на опасност од бегство и можност тој да ја попречува кривичната постапка со влијание врз сведоците и вештаците.
- Книги3 месеци
Македонски лекар ја објави последната исповед на Јосип Броз Тито
- Македонија3 месеци
МЖСПП: Мечкиното грозје важен ресурс, кој треба грижливо да го собираме
- Македонија3 месеци
(Видео) Отстранети два нелегално изградени објекта во општина Центар
- Македонија2 месеци
Возачот на „бентлито“ што „влета“ на плоштад казнет со 45 евра, објавена фотографија од записникот
- Регион2 месеци
(Видео) Прекината прес-конференција на градоначалникот на Бања Лука: „Луѓе ова е сериозен земјотрес“
- Регион2 месеци
(Видео) Снимен моментот на потресот во Петриња – луѓе не можат да се задржат на земјата
- Европа1 недела
Планот за отклучување на Германија протече во медиумите, Меркел: Имаме трет бран
- Свет1 месец
Поради примање мито во Кина погубен поранешен државен функционер