Топ
(Видео) Откриена криминална група што шверцувала мигранти, приведени 10 лица
Полицијата открила организирала криминална група што шверцувала мигранти, при што се приведени 10 лица. Акцијата била спроведена од страна на Одделот за сузбивање организиран и сериозен криминал, Сектор за криминалистички истраги, Националната единица за сузбивање шверц на мигранти и трговија со луѓе, во содејство со Одделот за специјални и посебни операции, СВР Струмица и регионалните центри за гранични работи „Југ“ и „Исток“, во координација со јавен обвинител од ОЈО за гонење организиран криминал и корупција.
„Криминалистичката истрага над организираната 12-члена криминална група, која подолг временски период дејствуваше во земјата, се спроведуваше во изминатите десетина месеци од страна на Националната единица за сузбивање шверц на мигранти и трговија со луѓе во периодот од декември 2019 година досега. Организаторите на криминалната група – М. С., неговиот син С. С. од Богданци, А. А. од Скопје и А. М. од с. Лојане, општина Липково, во соработка со лица од Грција – организирале криминална група со која на територијата на земјава, во временски период од декември 2019 година досега, организирале шверц на 100-тина илегални мигранти, при што стекнале значителна противправна имотна корист. Најголем број од мигрантите биле по потекло од Aвганистан, Пакистан, Сирија, Иран, Египет и други земји од Блискиот и Средниот Исток, кои претходно престојувале на територијата на Грција“, информира на денешната прес-конференција портпаролот на МВР, Тони Ангеловски.
Врз основа на претходен договор меѓу организаторите на криминалната група, мигрантите биле пренесувани од Грција во земјата преку илегални премини на т.н. зелена граница во околината на Гевгелија и Дојран, од каде што потоа со помош на водичи т.н. качаци, биле доведувани на претходно утврдени и договорени локации по што членовите на организираната криминална група ги прифаќале и со возила ги превезувале до одредени локации во Кумановско-липковскиот Регион. Организаторот на криминалната група од Кумановско-липковскиот Регион го организирал нивното прифаќање и привремено сместување во објекти на членови, криминални соработници и помагачи на криминалната група, а кога ќе се створеле услови, мигрантите биле шверцувани преку границата со Србија, а оттаму кон државите од Европската Унија. Цената на транспорт од лице изнесува од 500 до 700 евра.
„Извршени се претреси во вкупно 10 објекти лоцирани на подрачјето на Гевгелија, Скопје, Штип и на Куманово, лишени од слобода беа 10 лица, а еден веќе издржува мерка притвор за претходно сторено кривично дело шверцување мигранти, соопшти Ангеловски.
ОСОСК до ОЈО за ГОКК поднесе кривична пријава против 12 лица, и тоа против М. С. (49) од Богданци, неговиот син С. С. (23) од Богданци, А. А. (42) од Скопје и А. М. (47) од с. Лојане, општина Липково, Б. Ј. (22), М. М. (21) и Д. С. (29) од Богданци, Т. К. Ц. (53) од Штип, Ј. К. (23) од Богданци и Т. М. (36) од Валандово, Д. Љ. (39) од Скопје и Ф. А. (26) од Скопје за организирање група и поттикнување за извршување на делата трговија со луѓе, трговија со дете и шверцување мигранти и шверцување мигранти. Министерството за внатрешни работи и во наредниот период продолжува со интензивни мерки и активности со цел сузбивање на шверцувањето мигранти, како и на сите други видови криминал, соопшти полицијата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
(Видео) Силно невреме со поплави во Грција, Волос без струја
Силно невреме ја зафати Грција, поточно Лариса, каде обилните дождови доведоа до излевање на канализацијата, која ги поплави улиците, а во Волос е забележан и прекин на струја.
Врз основа на податоците од метеоролошката станица на Националната опсерваторија во Атина, измерени се просечни 100 милиметри дожд или максимални 312 милиметри на час, поради што полицијата мораше да го прекине сообраќајот бидејќи улиците беа поплавени.
Во градот Волос во текот на ноќта имало проблеми со струјата, но како што пренесуваат грчките медиуми, се е брзо ставено под контрола.
Министерот за цивилна заштита и климатска криза Василис Кикилијас од вчера е во Тесалија за внимателно да го следи развојот на невремето.
– Имаше оправдана загриженост на граѓаните овде во Тесалија бидејќи сеќавањата за катастрофата се свежи, затоа бевме сите овде, координирани и организирани. Драго ми е затоа што досега овој напор се исплатеше. Само со заедничка и координирана работа можеме да добиеме многу добри резултати – најави тој.
Силен дожд и невреме го зафати јужниот дел на Пелион, а како што јавуваат медиумите паднал и град. Овој регион во септември минатата година беше соочен со разорни поплави.
Ненадејна промена на времето се случи и на големите височини во централна и северна Грција, каде падна снег.
„Снежно невреме е забележано во ски-центарот на Василица“, се наведува.
Во меѓувреме, населението е најмногу загрижено за земјиштето околу езерото Карла на границата на Магнезија и Лариса, кои беа поплавени во септември минатата година. Полињата, па дури и воените инсталации во Стефановики се под тони вода.
Свет
Десетгодишно дете призна дека убило човек пред две години, полицијата во Тексас во шок
Десетгодишно дете од американската сојузна држава Тексас, кое било испрашувано поради наводна закана дека ќе го убие својот соученик, им кажало на инспекторите дека убил човекот пред две години без никаква причина, соопштија органите на редот.
Според законите во Тексас, детето не може да биде обвинето за злосторството бидејќи во моментот на убиството имало помалку од 10 години, пренесува CBS News.
Момчето им кажало на училишните службеници дека пукало и убило човек во 2022 година, соопшти канцеларијата на шерифот на округот Гонзалес.
Како што е наведено, момчето им дало на истражителите информации за убиството на 32-годишниот Брендон О’Квин Резбери на 18 јануари 2022 година во Никсон, Тексас.
Тој рече дека тој ден бил кај својот дедо на гости во паркот за кампери во близина на местото каде што живеел Резбери, и дека извадил пиштол од кабината на камионот на неговиот дедо, влегол во комбето на Резбери, пукал во него и го убил.
Тој исто така изјавил дека никогаш претходно не го видел Расбери и дека убиениот не направил ништо за да го налути.
На 12 април, инспекторите го пронајдоа пиштолот користен за убиството на Разбери во заложна продавница во блискиот град, но бидејќи детето имало помалку од 10 години кога го извршило злосторството, не може да биде обвинет за убиството во 2022 година.
Детето е обвинето во врска со заканата упатена кон соученик и се наоѓа во малолетнички притвор, каде го чека почетокот на судењето.
Македонија
Изет Меџити од Берлин: Дијаспората ја совлада Југославија, ќе го совладат и ДУИ
Лидерот на Демократското Движење, истовремено и носител во изборната единица број еден, Изет Меџити, учествуваше во голем собир со дијаспората во Берлин на Коалицијата ВЛЕН (ВРЕДИ).
Меџити од овој собир на дијаспората и се обрати со зборови каде им ја даде убавата вест дека на 8 мај пристигнува победата, но и за вредноста на учеството на дијаспората во овие избори кои многу добро знаат да казнуваат режими и тие кои го мразат Курти и Косово.
„Првите политички движења се отпочнати од дијаспората, како за совладување на Југославија, така и за независноста на Косово, а токму од ова дијаспора ќе пристигне и казната за ДУИ која се спротиставува на Косово и кокетира со Вучиќ”.
Тој, исто така, додаде дека сега е историскиот момент за промени во албанската политичка сцена после децении, со обединетата опозиција и со Самоопределување.