Црна хроника
Државјанки на Бугарија осомничени за кражба на банкарски картички и паричници во Скопје
Основното јавно обвинителство Скопје поведе постапка против две државјанки на Република Бугарија за кои постои основано сомнение дека вршеле повеќе кривични дела – Кражба од член 235 став 1 од Кривичниот законик.
Првата осомничена во пет наврати, од кои последниот пат заедно со второосомничената, од различни лица крадела паричници, во кои покрај парични средства имало и банкарски картички од кои потоа се обидувале да повлечат и дополнителни износи.
Така на 04.04.2025 година, во автобус бр.7 на ЈСП-Скопје, на релација од поликлиника Букурешт до Рекорд, осомничената украла паричник во кој имало 2.600 денари, банкарска картичка и други документи, а кога оштетениот се јавил да ја блокира сметката од банка му кажале дека од банкомат веќе му биле подигнати 30.000 денари.
Во текот на август 2025, во трговски центар во Скопје, три пати вршела кражби на паричници во кои имало документи, картички, пари и други вредни предмети со што првично прибавила противправна имотна корист од 39.000 денари. Потоа од картичките се обидувала да извлече уште пари, што кај една оштетена и успеало и од банкомат на два пати и повлекла од сметката вкупно 60.000 денари.
Последниот пат на 04.01.2026 година двете осомничени заедно, повторно во продажен објект на трговски центар, украле паричник од оштетена и други предмети во вкупна вредност од 3.000 денари, а потоа два пати неуспешно се обидувале од банкомат да повлечат пари од сметката на оштетената.
Бидејќи во конкретниот случај постојат индиции дека осомничените во двата успешни обиди за повлекување пари од украдените картички користеле ПИН кодови кои жртвите, повозрасни лица, ги чувале запишани во своите паричници, јавниот обвинител презема дејствија за да испита дали осомничените исполниле и елементи на кривично дело – Оштетување и неовластено навлегување во компјутерски систем. За осомничените странски државјанки предложена е мерка притвор.
Фото: unsplash
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Црна хроника
Уапсен маж од струмичко, со ловечка пушка усмртил куче
Вчера во 17:00 часот во с.Куклиш, струмичко, полициски службеници од СВР Струмица го лишија од слобода Д.Б.(50) од истото село, соопшти МВР.
Тој се сомничи дека околу 14:00 часот испукал еден истрел од ловечка пушка, при што усмртил куче, сопственост на М.Ѓ. од с.Куклиш.
Извршен е увид од увидна екипа на СВР Струмица и ветеринарен лекар. Од Д.Б. е одземена пушката и по документирање на случајот против него ќе биде поднесена соодветна пријава.
Црна хроника
Нуркачи спасиле двајца верници кои се фрлиле по крстот во Вардар во Скопје
Нуркачите спасија двајца верници кои вчера се фрлаа по крстот во водите на реката Вардар во Скопје.
Според информациите на МВР, вчера околу 12:30 часот на кеј на реката Вардар во Скопје, при одржување на верска манифестација по повод празникот Водици, П.А.(20) од с.Визбегово, скопско и Х.П.(27) од с.Сопиште, скопско, кои учествувале на манифестацијата и влегле во водата, почнале да се дават, по што од нуркачки тимови биле извадени надвор од водата.
Двајцата со возила на Итна медицинска помош биле пренесени во Градската општа болница „8 Септември“ во Скопје.
Црна хроника
Уапсен водич на навивачка група во Тетово
Вчера во 20:10 часот во населба Дреновец во Тетово, полициски службеници од СВР Тетово го лишија од слобода Р.Е.(23) од Тетово, водач на навивачка група.
Тој се сомничи дека околу 19:20 часот на улица „Иво Лола Рибар“ во Тетово заедно со неколку лица со маски на главите физички ги нападнале А.Ј.(22) и Д.П.(22), двајцата од Скопје, при што употребиле и тврди предмети и му нанеле повреди на А.Ј. и го оштетиле нивното возило „мазда 3“.
Тој е задржан во полициска станица, извршен е увид и по целосно расчистување и документирање на случајот ќе биде поднесена соодветна пријава, велат од МВР.

