Топ
Еден возач осомничен дека ја предизвикал сообраќајката на „Првомајска“ во која загинаа две лица, престигнувал на полна линија

Судот му определи мерки на претпазливост на еден од возачите учесници во тешката сообраќајка што се случи завчера на булеварот Борис Трајковски, поранешна „Првомајска“. Тој е осомничен дека ја предизвикал сообраќајката во која загинаа две лица, а беа повредени седум лица, од кои едногодишно бебе се здобило со тешки повреди.
Според првичните сознанија на обвинителството, осомничениот, 25-годишен жител на село Батинци, скопско, со „хундаи акцент“ возел по левата сообраќајна лента од улицата Борис Трајковски. Кога пристигнал пред крстосница, не почитувајќи ги надолжните ознаки на коловозот (удвоена бела полна линија), почнал да врши престигнување од левата страна на возило „фиат пунто“ кое се движело пред него.
Осомничениот со престигнувањето го попречил сообраќајот од спротивната насока и при тоа се судрил со „мерцедес Е-200“ . Од ударот, возилото на осомничениот се придвижило кон десно и удрило во „фиатот“ што се обидел претходно да го престигнува.
Возилото „мерцедес Е-200“ од ударот се придвижило и отишло на коловозна лента наменета за сообраќај на возилата од спротивната насока, по што бил удрен од два автомобила „фолсфаген пасат“ и „фолсфаген шаран“ и завршило со движењето удирајќи во метална ограда на блискиот тротоар.
Од незгодата со телесни повреди се здобиле шест лица, а со тешки телесни повреди се здобило едногодишно дете.
Во сообраќајната незгода, поради тежината на здобиените повреди, на самото место животот го загубиле две лица, 28-годишен скопјанец – возачот на „мерцедесот“ и жител на село Студеничани на возраст од 50 години, кој управувал со возилото „фолсваген пасат“.
Основното јавно обвинителство Скопје поведе постапка против осомничениот возач поради основано сомнение дека го сторил кривичното дело тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот.
До надлежниот суд, обвинителството поднесе предлог за определување мерки на претпазливост против осомничениот, и тоа: забрана за напуштање на живеалиштето, односно престојувалиштето, обврска на осомничениот да се јавува повремено на определено службено лице, привремено одземање на патна или друга исправа за преминување на државната граница и забрана за нејзино издавање и привремено одземање на возачката дозвола и забрана за издавање нова возачка дозвола. Основниот кривичен суд Скопје ги определи предложените мерки на претпазливост на осомничениот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
(Видео) САД го собори кинескиот шпионски балон

Американската војска го собори кинескиот шпионски балон кој леташе над Атлантскиот Океан, пренесува „Фокс њуз“.
Овој балон леташе над територијата на САД неколку дена.
Претходно денеска американскиот претседател Џо Бајден рече дека Вашингтон ќе се погрижи за кинескиот шпионски балон.
Пентагон во четвртокот соопшти дека американската војска открила кинески балон за набљудување на голема височина над континенталниот дел на САД. Висок воен претставник рече дека американската влада размислувала да го собори балонот, но одлучила да не употреби воена сила поради потенцијалните ризици.
Портпаролот на кинеското Министерство за надворешни работи вчера изјави дека балонот бил цивилен и се користи за метеоролошки и други научни цели и дека непланирано отстапил од предвидениот курс.
Регион
Бугарско МНР: РСМ со денешните постапки им задава сериозен удар на билатералните односи

Неприфатливо е однесувањето на властите во Република Македонија кон бугарските граѓани на денешниот 4 февруари, тие сериозно го нарушија процесот на враќање на довербата меѓу двете земји, се наведува во ставот на бугарското МНР.
Оттаму велат дела Република Бугарија во периодот по 1991 година, постојано демонстрирала искрена желба за развивање добрососедски односи со Македонија. Како и дека по потпишувањето на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка во 2017 година, се воспостави практика за заедничко славење на историските личности од нашата заедничка историја, како што е Георги (Гоце) Николов Делчев.
„За жал, прославата на 151-годишнината од неговото раѓање не придонесе за надградба на билатералните односи меѓу Софија и Скопје. Со длабоко жалење забележуваме дека 4 февруари 2023 година ќе влезе во историјата како датум кога властите во Северна Македонија од крајно неубедливи причини и кршејќи ги претходно дадените гаранции не им дозволија на бугарските граѓани да му оддадат почит на Делчев. Министерството за надворешни работи денешниот однос на властите во Северна Македонија го дефинира како понижувачки и неприфатлив кон бугарскиот народ и Република Бугарија“, нагласуваат од бугарското МНР.
Македонија
Тројцата Бугари меѓу кои и пратеник се изведени пред судија, можат да добијат и забрана за влез во Македонија

Тројцата Бугари кои навредуваа полицајци на граничниот премин „Деве Баир“ се изведени пред судија на претходна постапка, во судот во Крива Паланка. „Макфакс“ дознава дека тие се гонат за сторен прекршок, односно нарушување на јавен ред и мир. Меѓу нив е и пратеникот на „Вазраждане“ Ангел Георгиев.
Од тројцата се бара да одговараат за нарушување на јавниот ред и мир. Засега не е познато дали ќе се бара одговорност и за навредите упатени кон полициските службеници.
Од претходни искуства, извори за „Макфакс“ велат дека тие покрај тоа што можат да добијат казна до 150 евра, не се исклучува можноста да добијат и забрана за влез во државата и до година дена.
За потсетување, полицајци уапсија три лица поради тоа што повеќе часови додека чекаа на границата упатуваа навреди кон нив.
„Околу 12.45 часот на Граничниот премин Деве Баир дошло до нарушување на јавниот ред и мир од страна на Г.З (35),А.Х(50)и Р.Х(54) бугарски државјани кои најпрво вербално, дрско и недолично со најпогрдни зборови се однесувале а потоа се обиделе и физички да ги нападнат полициски службеници кои преземале службени дејства,при што се приведени и се работи на целосно расчистување на случајот“, соопшти МВР.