Топ
Едно лице загина во сообраќајна несреќа меѓу мотор и машина за сечење дрва во Ченто

Едно лице загина во сообраќајна несреќа што се случила вчеравечер во скопската населба Ченто. Според информациите на МВР, во несреќата учествувале мотор и машина за сечење дрва.
„Во 19.20 часот било пријавено дека на крстосница од улица Алија Авдовиќ и улица Христофер Жефаровиќ во Скопје се случила сообраќајна незгода, во која учествувале работна машина за сечење дрва, управувана од С. С. (65) од Скопје, и мотоцикл ‘бмв’, со швајцарски национални ознаки, управуван од Р. Ш. (29) од Скопје. На местото на незгодата починал С. С., а тешки телесни повреди добил мотоциклистот, констатирани во комплексот клиники „Мајка Тереза“, соопшти МВР.
Телесни повреди добил 16-годишен сопатник од работната машина, констатирани во Градската општа болница „Св. Наум Охридски“. Извршен бил увид на местото на незгодата од јавен обвинител и екипа на СВР Скопје.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
(Видео) Ковачевски: Не можам да кажам дека има напредок со Бугарија во однос на заемно прифатлив документ

Во моментов не можам да кажам дека постои напредок во преговорите, во однос на постигнување на заедно прифатив документ со Бугарија, рече премиерот Димитар Ковачевски по средбата со бугарскиот премиер Кирил Петков во Рим.
На состанокот, како што истакна Ковачевски, присуствувале и министрите за надворешни работи од двете земји, Бујар Османи и Теодора Генчовска, кои ги информирале премиерите за текот на преговорите на министерско ниво.
„Разговорите продолжуваат со цел да се дојде до документ којшто би бил прифатлив за двете држави и ќе претставува основа за решение. Не разговаравме за нови услови од бугарска страна. Станува збор за оние прашања кои беа отворени и претходно, за нив веќе постои т.н. португалски предлог, којшто уште е основа за разговори помеѓу министерствата за надворешни работи и во овој момент не можам да кажам за напредок во однос на постигнување на заемно прифатлив документ, со оглед на тоа што додека не се дојде до таков документ не можеме да зборуваме за напредок“, изјави Ковачевски.
Генералната оценка на Ковачевски е дека средбата поминала во конструктивна атмосфера.
Претходно, бугарскиот премиер Кирил Петков рече дека со Ковачевски си ветиле оти конструктивниот дијалог ќе продолжи. Првиот човек на бугарската Влада нагласи дека дека двете земји не поставиле рокови и повика да не се подлегнува на провокации од различни групи кои се обидуваат да ги ескалираат тензиите.
Македонија
Петков по средбата со Ковачевски: Си ветивме дека конструктивниот дијалог ќе продолжи

Најважно за двете влади е да имаат конструктивен дијалог и тој да продолжи. Ова го изјави бугарскиот премиер Кирил Петков по средбата со неговиот македонски колега, Димитар Ковачевски во Рим.
Петков повика да не се подлегнува на провокациите од различни групи кои се обидуваат да ги ескалираат тензиите и рече дека Бугарија и Северна Македонија можат да го продолжат правецот на добрососедство само преку конструктивен дијалог, пренесе бугарската „Нова“.
Петков рече и дека двете земји не поставиле рокови, туку меѓусебно си ветиле дека ќе продолжат со добриот тон и уште еднаш го повика бугарскиот претседател, Румен Радев да го свика Советот за национална безбедност, каде темата ќе продолжи.
Свет
Италија развила план за мир во Украина, Москва го разгледува

Италија разви план за постигнување мир во Украина, изјави италијанскиот министер за надворешни работи Луиџи Ди Мајо.
Првата цел е прекин на борбите во некои области, потоа прекин на огнот, преговори за неутралност и, конечно, мировен договор.
„Сега ни треба дипломатска контраофанзива“, изјави Ди Мајо за La Stampa, нагласувајќи ја потребата од координирани меѓународни напори.
Планот, развиен од дипломати и италијанската влада, беше претставен пред преговарачите од групација Г7, рече Ди Мајо. Тој разговараше и со генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш.
Ди Мајо, сепак, е песимист за преговорите со Русија. „Не сакам да испаднам дека сум злобен пророк, но не гледам дека се водат никакви преговори“, рече тој.
Рускиот заменик министер за надворешни работи Андреј Руденко изјави дека Москва го разгледува предлогот за италијански мировен план за ставање крај на конфликтот во Украина.
„Неодамна го добивме и го проучуваме“, рече тој. Нагласи дека немало разговори меѓу Русија и Италија, додавајќи дека Русија подоцна ќе го коментира планот.