Црна хроника
За време на празничните денови над 20 сообраќајки во Скопје

Во текот на изминатите денови (4, 5, 6 и 7.01.2019 година) во Скопје се случиле вкупно 23 сообраќајни незгоди од кои две со тешки телесни повреди, 11 сообраќaјни незгоди со телесни повреди и 10 со материјална штета.
Во сообраќајните незгоди две лица се здобиле со тешки телесни повреди и 17 лица се здобиле со телесни повреди. Од преземените мерки и активности констатирано е дека 139 возачи управувале возила со брзина поголема од дозволената. Од сообраќај се исклучени 69 возачи од кои: 23 возачи затоа што управувале возила под дејство на алкохол, 35 возачи управувале возила без да се стекнат со право за управување моторно возило и 11 возачи затоа што биле возачи почетници. Исто така, исклучени од сообраќај се и 35 возила бидејќи 34 биле нерегистрирани, а едно возило било технички неисправно.
Санкционирани се 15 возачи поради поминување крстосница на црвено светло, девет возачи поради недавање првенство на минување на пешаци, седум поради неправилно престројување, тројца возачи поради неправилно престигнување, еден возач поради недавање првенство на минување на возила во зона на крстосница, 16 поради непоседување пропишана зимска опрема, тројца поради неносење сигурносен појас за време на управување на моторно возило и 21 возач поради користење мобилен телефон при управување на возило.
Во однос на пешаците санкциониран е еден пешак поради поминување коловоз надвор од пешачки премин и пет пешаци затоа што поминале коловоз на црвено светло. Издадени се 211 мандатни платни налози и 130 возила се подигнати со специјално возило „пајак”.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Притвор за осомничените за продажба на парцели за “ЕВН електрани”

Основното јавно обвинителство Скопје донесе Наредба за спроведување истражна постапка против седум лица, од кои за двајца постои основано сомнение дека како соизвршители сториле кривично дело – Измама во службата од член 355 став 4 во врска со став 3 во врска со став 1 и во врска со член 22 од Кривичниот законик, додека останатите се осомничени за помагање при извршување на кривичното дело.
Во текот на 2021 година, првоосомничениот и второосомничениот, во својство на управители – одговорни лица во правно лице, заеднички, со намера за друг да прибават противправна имотна корист, ги довеле во заблуда членовите на управниот одбор на оштетено правно лице, а потоа и овластеното лице во правното лице да извршат незаконита исплата.
Во постапка за купување на недвижен имот – земјиште со намена за изградба на фотонапонски волтаици, двајцата осомничени не ги почитувале и ги заобиколиле интерните постапки и не ги извршиле неопходните претходни проверки кои што биле должни да ги извршат.
Притоа намерно исклучиле дел од вработените лица кои поради нивната стручност било задолжително да бидат вклучени во постапката, а на дел од вработените им дале директни наредби и насоки за изготвување на cost benefit анализи за исплатливоста на инвестицијата, вметнувајќи невистинити податоци и прикривајќи ја реалната состојба.
Врз основа на лажните податоци од анализите за исплатливост, изготвени по наредба на двајцата осомничени, купопродажбата била оценета како погодна, па на 15.09.2021 година надзорниот одбор на правното лице донел одлука – Одобрение за купување на недвижниот имот.
Со таквите дејствија првоосомничениот и второосомничениот влијаеле да бидат одобрени изготвените невистинити анализи од страна на доминатниот акционер во компанијата и да се реализира инвестицијата за купување на недвижен имот – вкупно 48 катастарски парцели во КО Делчево, КО Ветрен, КО Габрово и КО Берово од кои биле 29 во сопственост на останатите осомничени.
Осомничените првично ги стекнале парцелите со формални договори за дар, кои во суштина се договори за купопродажба бидејќи за трансакцијата им биле исплаќани парични средства. Со тоа незаконски била избегната обврската за достава на писмена понуда или објава на јавен оглас за земјиштето.
Дел од наведените катастарски парцели не ги исполнувале критериумите за пренамена од земјоделско во градежно земјиште согласно Законот за урбанизација, дел од катастарските парцели не исполниле услов согласно објавените критериуми предвидени во јавниот објавен оглас за доделување на право на користење премии за електрична енергија произведена од фотонапонски електроцентрали објавен од страна на
Министерството за економија, иако согласно одлуките на Надзорниот одбор и Управниот одбор на правното лице парцелите биле купувани токму со таа намена.
Купопродажбата се реализирала со склучување на купопродажни договори помеѓу правното лице од една страна во својство на купувач и четвртоосомничениот, петоосомничениот, шестооосмничената и седмоосомничениот од друга страна во својство на продавачи.
Третоосомничениот, пак, бил во постојан контакт со осомничените и помагал околу лоцирање на недвижностите.
Правното лице, врз основа на склучените договори, за недвижност – земјоделско земјиште од 5, 6, 7 и 8 класа, со вкупна проценета пазарна вредност од 2.146.723 денари, на продавачите им исплатило парични средства во вкупен износ од 99.431.060 денари.
Разликата помеѓу исплатената сума и реалната вредност на парцелите изнесува околу 97.284.337 денари и претставува значителна имотна корист што ја оствариле осомничените.
Оценувајќи дека постои опасност за влијание врз сведоци, вештаци, соучесници и прикривачи, јавниот обвинител до судијата на претходна постапка достави предлог за определување мерка притвор за шестмина осомничени, додека за една осомничена се предложени мерки на претпазливост – забрана за напуштање на местото на живеење, обврска на осомниченaтa да се јавува повремено на определено службено лице, привремено одземање на патна исправа за преминување на државна граница односно забрана за нејзино издавање и забрана за приближување или воспоставување, односно одржување контакти или врски со одредени лица.
Црна хроника
Четворица повредени во сообраќајна несреќа на патот Скопје – Тетово

Четири лица се повредени во сообраќајна несреќа што се случила синоќа на регионалниот пат Скопје – Тетово меѓу „фолксваген голф“, со скопски регистарски ознаки, управувано од М. П. (44) од с. Ласкарци, Скопско, и „сузуки свифт“, со косовски национални ознаки, управувано од М. З. (37) од с. Ласкарци.
Во несреќата тешки телесни повреди добил М. П., констатирани во Градската општа болница „Св. Наум Охридски“ во Скопје, како и сопатничка во патничкото моторно возило „сузики свифт“, С. М. (31) од Швајцарија, констатирани во комплексот клиники „Мајка Тереза“ Скопје.
Телесни повреди во несреќата добиле возачот на возилото „сузуки свифт“ и сопатничката Л. Ш. П. (29) од Швајцарија, констатирани во Градскатаопшта болница „Св. Наум Охридски“ во Скопје. Увид на местото извршила екипа од СВР Скопје.
Црна хроника
Загина пешак во Струшко по удар од автомобил

Педесет и четиригодишен стружанец почина кога го удрил автомобил синоќа на регионалниот пат во с. Враништа, Струшко.
Според информациите, „фолксваген пасат“, со струшки регистарски ознаки, управувано од А. Р. (18) од Струга, удрило во Н. П. (54) од Струга.
Во несреќата тешки телесни повреди добил пешакот и бил пренесен во болницата „Св. Еразмо“ во Охрид, каде што подоцна починал. Увид на местото извршила екипа на ОВР Струга.