Црна хроника
Им се заканувал на сопругата и ќерките дека ќе ги убие и запали: откриено автоматско оружје по пријава за семејно насилство во Скопје
Основното јавно обвинителство Скопје донесе Наредба за спроведување истражна постапка против едно лице за кривично дело – Неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје или експлозивни материи од член 396 став 5 во врска со став 3 и став 1 од Кривичниот законик.
Осомничениот, на 13 јануари, во својот дом во Чучер Сандево, неовластено држел автомат STEN MKII кое на граѓаните им е целосно забрането, како и 71 куршум муниција со калибар 9 mm Para соодветна за испалување од тоа автоматско оружје.
Оружјето и муницијата биле пронајдени во домот на осомничениот, откако неговата сопруга за тоа ги известила полициските службеници кои дошле во домот по пријава дека осомничениот и се заканувал нејзе и на нивните две ќерки родени 2006 и 2010 година дека ќе ги убие.
Најпрво закани упатувал кон жената дека ќе ја запали, а потоа ја искршил покуќнината и со нож им се заканил и на ќерките. Поради ваквите дејствија со кои предизвикал чувство на загрозување и страв кај оштетените, тој е осомничен и за кривично дело – Загрозување на сигурноста од член 144 став 3 во врска со став 1 од Кривичниот законик.
Поради опасност од бегство и можност да го повтори делото, јавниот обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје достави предлог за определување мерка притвор за осомничениот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Црна хроника
Вработен во фабрика за медицински канабис во Охрид фатен со дрога
СВР Охрид поднесе кривична пријава против Ј.П.(42) од Струга поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурзори“.
Според информациите на МВР, при излез од фабрика за производство на медицински канабис во Охрид, полициски службеници извршиле преглед на пријавениот, при што кај него бил пронајден и одземен хашиш.
Црна хроника
Ограбено финансиско друштво во Гази Баба, разбојникот ја скршил влезната врата
Разбојник ја скршил влезната врата на финансиско друштво во Скопје, влегол внатре и украл пари.
Вчера околу 05:00 часот во СВР Скопје е пријавено дека во периодот од 19:00 часот на 09.02.2026 до 04:40 часот на 10.02.2026 со употреба на сила и подесен алат е скршено стакло од влезна врата на објект на финансиско друштво на подрачјето на Гази Баба во Скопје, по што е влезено внатре и се одземени пари.
Се преземаат мерки за расчистување на случајот.
Црна хроника
Возач удри жена на улица во Скопје и побегна, МВР го пронајде
Вчера нешто пред 17 часот, на улицата Његошева во Скопје се случи сообраќајна несреќа во која 69-годишната В.Д. заврши со телесни повреди.
Возилото што ја удрило било „рено“ со скопски регистарски таблички, а зад воланот бил 46-годишниот А.С. Наместо да застане и да ѝ помогне, возачот – според пријавата во СВР Скопје – побегнал од местото на настанот.
Повредената жена била пренесена во Комплексот клиники „Мајка Тереза“, каде што лекарите ѝ констатирале телесни повреди. Полицијата веднаш презела мерки за лоцирање на возачот, кој бил пронајден и со него бил извршен службен разговор.
Според информациите од СВР Скопје, за случајот е известен јавен обвинител, а по целосно документирање на настанот ќе биде поднесена соодветна пријава.

