Црна хроника
Кривична пријава за две лица од Прилеп, ја злоупотребиле службената положба

Денеска Единицата за финансиски криминал во секторот за криминалистички истраги при одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал поднесе кривична пријава до Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција за П.Р.(45) и И.Ј.(66), двајцата од Прилеп. Истите се сомничат дека сториле кривично дело злоупотреба на службената положба и овластување казниво по Кривичниот законик, информира полицијата.
Првопријавениот П.Р. кривичното дело го сторил како службено лице во ЈЗУ Општа болница „Борка Талески“ во период од 02.10.2015 до 04.08.2017 година, злоупотребувајќи ја својата службена положба и постапувајќи спротивно на Законот за јавни набавки, при што во име на јавната установа од економски оператор, без да спроведе постапка за јавна набавка, набавил мазут во вкупна количина од 190.425 кг. со вкупен износ во вредност од 5.483.198.00 денари.
Второпријавениот И.Ј., во својство на службено лице во ЈЗУ Општа болница „Борка Талески“ во периодот од 07.08.2017 до 14.11.2017, злоупотребувајќи ја својата службена положба постапил спротивно на одредбите од Законот за јавни набавки и во текот на ноември 2017 година набавил мазут од 6.020 кг. повеќе и исплатил износ во вредност од 257.428.00 денари повеќе од предвидената количина и вредност во Договорот на економски оператор, иако согласно своите должности и овластувања по исполнување на предвидената количина и вредност во договорот требало да донесе нова Одлука за спроведување постапка за јавна набавка.
Со вака преземените дејствија, прво и второпријавениoт во корист на правно лице од Прилеп му овозможиле да се стекне со противправна имотна корист во вредност од 5.740.626 денари, соопшти полицијата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Црна хроника
Обвинение за сопственик на угостителски објект, сексуално вознемирувал Македонка и Русинка

Надлежен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција поднесе обвинителен акт против едно лице, кое, според опишаните дејства, сторило кривично дело трговија со луѓе, предвидено и казниво по член 418-а став 1 од Кривичниот законик.
Обвинетиот во период од јули до октомври минатата година во својот угостителски објект во Гостиварско, употребувајќи сила и закана за употреба на сила и применувајќи психолошко насилство, сексуално и трудово, експлоатирал Македонка и Русинка.
Девојките работеле во угостителскиот објект, едната на шанк и била келнерка, а другата танчарка.
„Искористувајќи ја состојбата на ранливост, на дваесет и двегодишната Македонка ѝ понудил заштита и привремено засолнување од лице што наводно нудело пари за нејзино пронаоѓање, ја сместил во просториите на својот угостителски објект и ѝ понудил работа. По одредено време, обвинетиот побарал за неговата услуга за заштита девојката да прави сè што ќе ѝ каже бидејќи сметал дека таа е ‘негова сопственост и со неа ќе прави што сака’. И покрај противењето на девојката, обвинетиот не само што лично сексуално ја злоупотребувал туку ја присилувал и да дава сексуални услуги и на други лица, од кои наплаќал од 50 до 100 евра. За да може подолго да работи, ја принудувал да користи кокаин. Девојката добивала по 1.500 денари на две недели за извршувањето на работите во угостителскиот објект, кои обвинетиот веднаш ѝ ги земал. Воедно, тој насилно ѝ ја одзел и платежната картичка, од која без нејзина согласност ја подигнал целата сума во износ од 18.000 евра, а исто така успеал противправно да ја пренесе сопственоста од ПМВ, сопственост на девојката, на син му, кој по десетина дена го продал на трето лице“, стои во извештајот на ОЈО.
Од Обвинителство информираат дека Русинката, по претходна комуникација со познајнички, пристигнала во нашата земја кон крајот на август 2021 година. Иако, според првичниот договор, таа требало да биде танчарка, обвинетиот, покрај танцувањето, барал и дополнителни услуги од неа, односно да му дава сексуални услуги на обвинетиот, неговите пријатели и на гости во објектот за што наплаќал од 3.000 до 8.000 денари, а девојката не добивала ништо за возврат.
Не можејќи да го издржи физичкото, психолошкото и сексуалното малтретирање, девојката искористила погоден момент и го напуштила угостителскиот објект.
Обвинител предложил на обвинетиот да му ја продолжат веќе изречената мерка притвор.
За ова кривичното дело следува казна затвор во траење од најмалку 4 години.
Црна хроника
Во затворот во Штип пронајдени ножеви, мобилни телефони, пари, психотропни супстанции

Денеска во периодот од 06.00 до 09.00 часот, полициски службеници од СВР Штип, Единицата за брзо распоредување при Одделот за специјални полициски операции, Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал и Одделот за криминалистичка полиција – Сектор за недозволена трговија со дрога, оружје и опасни материи во содејство со Затворската полиција, спроведе координирана полициска акција на подрачјето на Штип.
По добиена судска наредба од Основен суд Штип извршени биле претреси во 11 ќелии во различни одделенија во КПД Штип кај 39 осудени лица кои се на издржување казна затвор. При претресите биле пронајдени и одземени: грутчеста материја, предмети со остатоци од прашкаста материја, мобилни телефони, поголема сума на парични средства од законски дозволените кои осудените лица можат да ги поседуваат, ножеви и повеќе други остри предмети, метални шипки и други тврди предмети, соопшти полицијата.
Дел од пронајдените предмети, како што додадоа надлежните, се одземени за понатамошна постапка од страна на СВР Штип, додека останатите предмети се предадени на затворска служба за понатамошна постапка.
Притоа, биле извршени претреси во Казнено поправниот дом Штип, со цел пронаоѓање недозволиви или забранети предмети кај лица осуденици кои се на издржување казна затвор, во насока на превентивно делување и спречување на вршење на кривични дела во казнено-поправните установи.
Црна хроника
Превентивна активност на СВР Скопје за заштита од пожари

Вчера, на Природно-математичкиот факултет во Скопје, во организација на Одделението за превенција во СВР Скопје, беше одржана трибина на тема „Значењето на превенцијата за справување со пожари на отворено во летниот период“.
Основна цел на овие превентивни активности се заштита и зачувување на шумските и други површини од пожари, заштита на земјоделско земјиште, ливади, пасишта од пожари, подигање на свеста на граѓаните, како и зајакнување на довербата и соработката помеѓу полицијата и граѓаните и градење партнерство.
На трибината присуствуваа претставници на ЈП „Национални шуми“, претседателот на Противпожарниот сојуз на Македонија, претставници на Шумската полиција, претставници од Противпожарната бригада на Град Скопје, професори и студенти на Шумарскиот и Природно-математички факултет. Тие зедоа активно учество на трибината со свое видување за значењето на превенцијата на пожари и можноста на нејзино кординирано применување на сите институци со вклучување на заедницата.
Оваа трибина е дел од активностите на Одделението за превенција на СВР Скопје, кои ќе продолжат во текот на летниот период на локации на излезите на магистралните и регионалните патишта како места со голема фрекфенција на возила и луѓе на подрачјето на СВР Скопје.