Топ
Кривични против вработени во Министерството за земјоделство за несовесно работење

Единицата за финансиски криминал при Секторот за криминалистички истраги во Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал, до Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција поднесе кривична пријава против А.Д.(45) од Скопје и Л.И.(40) од тетовско, со престој во Скопје, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „несовесно работење во службата“, казниво по член 353-в од Кривичниот законик.
„Првопријавениот А.Д. и второпријавената Л.И., двајцата вработени во Министерство за земјоделие, шумарство и водостопанство, од јули 2021 година биле именувани за членови во Комисија за давање под закуп на земјоделско земјиште во државна сопственост. По доставени понуди за површини до три хектари по јавен повик, на 25.11.2021 постапиле спротивно на одредбите од Правилникот за начинот на работа на комисијата во постапките по распишани јавни огласи и постапките со прибирање на понуди за давање под закуп на земјоделско земјиште во државна сопственост“. Имено, пријавените без потребниот кворум започнале со јавно отворање на понудите, со што оневозможиле вклучување на останатите членови на комисијата и продолжување на постапката на законит начин“, соопшти МВР.
На 06.01.2022, членовите на комисијата, кои не учествувале на јавното отворање на понудите, дале предлог за поништување на постапката за давање под закуп на земјоделско земјиште во државна сопственост, кој бил прифатен од заменик министер во министерството и јавниот повик со решение бил поништен. На тој начин, пријавените предизвикале штета на буџетот во вкупен износ од 294.448 денари, се додава во соопштението на МВР.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
(Видео) Лефков: Структури од СДС делуваат со бугарската антимакедонска пропаганда

До нас стигнаа информации кои укажуваат на јасна поврзаност на бугарската антимакедонска пропаганда и политички структури поврзани до и од СДС, кажа денеска на прес-конференција, Миле Лефков, пратеник и член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ.
Лефков истакна дека „според тие сознанија, постои целосна поврзаност и соработка кон негирање на македонскиот идентитет и јазик, и напад на ВМРО-ДПМНЕ и премиерот Христијан Мицкоски, кои се единствена брана за македонските интереси“.
„Информациите говорат дека одредени кругови во СДС и блиски до нив, се целосно финансирани од бугарски фондови, а до цел оркестрирано измислување и ширење на лаги и конструкции за политичари од ВМРО-ДПМНЕ и државниот врв. Ова што го зборуваме, многу јасно се гледа и од брзината со која фабрикациите за ВМРО-ДПМНЕ и премиерот Мицкоски од бугарските медиуми, се шират во македонскиот етер од структури блиски до СДС. Како поткрепа на оваа антимакедонска пропаганда, стои Венко Филипче и неговата скриена за јавноста позиција, дека ќе прифати внесување на Бугарите во Уставот, без било какви барања“, кажа Лефков.
Според него, „целта на целиот напад и акцијата е да се нанесе штета на ВМРО-ДПМНЕ, а во игра се и пари“.
„СДС се обидува да се наметне како фактор во целиот процес, од кој подоцна би зависела надворешната политика на државата. Ваквата пропаганда покажува само едно, а тоа е дека СДС нема намера да се наметне со програма на избори, туку својата безидејност ја заменува со распродажба на македонските интереси, обидувајќи се да одигра на страната на Бугарија“, рече пратеникот Лефков.
Македонија
(Видео) Кузеска: Тошковски кога ќе порасне сака да биде како Груевски – со партиска милиција под своја контрола

Очигледно министерот Панче Тошковски оди по стапките на својот идол – Никола Груевски и делува како негов партиски клон, рече денеска на прес-конференција, Богданка Кузеска, портпаролка на СДСМ.
Според неа, „со предлог законските измени кои Тошковски ги предлага во Законот за полиција, тој готви партиска милиција на ВМРО-ДПМНЕ под негова контрола“.
„Наместо модерна, професионална, европска полиција – Тошковски го претвора Министерството за внатрешни работи во пара-полициски апарат на ВМРО-ДПМНЕ. Ова не е реформа, ова е отворање на вратите за криминалци, послушници и партиски војници.
Ова е рецепт за полициска држава! Законот за измени на Законот за полиција што го предлага Тошковски е опасен за целиот безбедносен систем, антиевропски и длабоко корумпиран обид за партизација на полицијата, елиминација на кариерниот систем и уривање на безбедносниот поредок“, вели Кузеска.
Таа рече дека „наместо полиција што штити граѓани, Тошковски прави партиска милиција што штити криминалци“.
„Бараме итно повлекување на законот, прекин на узурпацијата на МВР и отворање јавна дебата за департизација на полицијата. Полицијата мора да биде сервис на граѓаните, не оружје во рацете на партиската мафија. Ова не е политичка борба – ова е борба за безбедност, за државата и за правото! Македонија не смее да си дозволи нова верзија на режимот на Груевски, со Тошковски во улога на негов партиски клон“, кажа Кузеска.
Економија
(Видео) Мицевски: Обезбедени се средства од двата повици на Владата за Крива Паланка, ВМРО-ДПМНЕ се грижи за сите општини и сите граѓани

Координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски, денеска од Крива Паланка изјави дека преку двата повици на Владата, за општината се обезбедени вкупно 3,3 милиони евра. Тој истакна дека токму тоа е доказ дека новата влада се грижи подеднакво за сите општини и сите граѓани.
„Во последната година, со централна власт од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата, обезбедени се 800 илјади евра од првиот повик за општините и уште 2,5 милиони евра од вториот повик – само за Крива Паланка“, рече Мицевски.
Тој ја критикуваше актуелната локална самоуправа, посочувајќи дека во изминатите три години биле реализирани капитални инвестиции од само 3 милиони евра, што, според него, е резултат на „безидејноста“ на градоначалникот.
„Денеска разговараме со граѓаните за сите проблеми, нереализирани проекти и лажни ветувања кои ги добиваа со години“, изјави Мицевски.
Во својата изјава тој потенцираше дека „Крива Паланка има потреба од промени“ и најави дека ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата ќе понудат ново раководство кое ќе одговори на потребите на граѓаните.