Црна хроника
Насилно исечени цевки за медицински гас во болницата за нефрологија во Струга

Анестезиолог, вработен во болницата за нефрологија во Струга, вчера пријавил дека на 17. март годинава во временски период од 17 часот до моментот на пријавување, непознат сторител со употреба на предмет насилно ги оштетил цевките на централниот довод за гасови до салата за операција во болницата.
Според пријавата, прво била оштетена надворешната обвивка, потоа во внатрешноста од цевката насилно биле исечени бакарните цевки кои произведувале медицински гас до операционата сала во зградата, по што злосторникот го напуштил местото.
Извршен бил увид од екипа на полициската станица Струга, од каде преземаат мерки за расчистување на случајот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Црна хроника
Пронајдено телото на 27-годишниот работник кој падна во канал за наводнување

Синоќа во близина на кочанското село Бање, во канал за наводнување бил пронајден починат 27-годишниот работник од Кавадарци, по кого се трагаше. На 23 мај во 17 часот и 10 минути беше пријавено дека најверојатно паднал во каналот додека извршувал работни задачи на објект во кочанското село Тркање.
Лекар од Итна медицинска помош констатирал смрт без видливи траги на насилство. Увид на местото извршила екипа од ОВР Кочани, а по наредба на Јавен oбвинител телото на починатиот било предадено за обдукција.
Црна хроника
Малолетник со мотор удрил полицаец, тешко повредени двајцата

Малолетник од Штип со мотор удрил полицаец, додека вршел службена дејност на улицата Маршал Тито во Штип.
Според информациите, несреќата се случила вчера, а двајцата со тешки повреди биле пренесени во Клиничката болница Штип.
Увид на местото извршила екипа на СВР Штип.
Црна хроника
Истрага за напад врз полициски службеник во Чаир

Скопското Обвинителство донесе наредба за спроведување истражна постапка против едно лице поради неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје или распрскувачки материи.
„Осомничениот 28-годишник, на 23 мај, пред угостителски објект на улицата Македонско-косовска бригада во Скопје, нападнал и телесно повредил полициски службеник – началник на ЕВР Чаир, кој постапувал и вршел контрола на службите на терен во врска со кампањата ‘Безбедна матурска прослава’. Осомничениот најпрвин вербално му се заканил на полицискиот службеник, а потоа и физички го нападнал удирајќи го со бокс во пределот на раката. Осомничениот извадил и огнено оружје – пиштол „сиг сауер“ во калибар 9 мм, со 10 куршуми во рамката, кој го поседувал без дозвола, го репетирал и го вперил кон оштетениот. Еден од другите присутни полициски службеници му ја оттурнал раката, при што осомничениот испукал еден проектил во воздухот, а веднаш потоа бил совладан од присутните полицајци“, информираат од Обвинителството.
Надлежниот јавен обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје достави предлог за определување мерка притвор за осомничениот оценувајќи дека постои опасност да се даде во бегство, да влијае врз сведоците или да го повтори делото.