Топ
(Видео) Објавена снимка од моментот на експлозијата во дворот на Раде Штекли
Порталот 4News објави видео-снимка од безбедносна камера на која, како што се наведува, е прикажан момент од детонацијата на експлозивната направа пред домот на Раде Трајковски-Штекли.
На објавената снимка, може да се види како лицето се движи во дворот од куќата со своето куче, во моментот кога излегува од портата се гледа чад, датумот на снимката е 14.11.2024 г., а времето што е прикажано е 9:16 часот наутро.
Пред неколку дена во утринските часови била фрлена бомба во двор во скопската населба Ќерамидница, е повреден беше Раде Трајковски – Штекли.
Во 2021 година Штекли беше уапсен во Белград поради тогашното поврзување со убиство извршено во Македонија. За него имаше распишано и меѓународна потерница. Кон Штекли лани во април во трговскиот центар Ист гејт мол, беа регистрирани два обид за негова ликвидација. Можно е ова да е нов обид за негово ликвидирање, но се работи на случајот и детали засега не се откриваат.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Израелската амбасадорка ја поздрави реакцијата на властите по обидот за палење на синагогата
Израелската амбасадорка во земјава, Вивијан Аисен, ја поздрави реакцијата на македонските власти по обидот за опожарување на објект на Еврејската заедница и синагогата во Скопје.
„Ви благодарам, министре. Брзите и решителни акции на македонските власти за истрага и повикување на одговорност на одговорните за овој гнасен антисемитски чин се од суштинско значење за спречување на потенцијални идни инциденти“, напиша Аисен на „Икс“.
Thank you, Minister. The swift and decisive actions of the Macedonian authorities to investigate and hold accountable those responsible for this despicable antisemitic act are essential to preventing potential future incidents. https://t.co/WSwTrDr9IU
— Vivian Aisen 🇮🇱 (@VivianAisen) April 13, 2026
Претходно, министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски го осуди обидот за палење, оценувајќи го како „апсолутно неприфатлив“.
„Нема место за вакви дела во Македонија“, порача Муцунски, додавајќи дека е во тек истрага и дека сторителите ќе сносат одговорност.
Од Министерство за внатрешни работи информираа дека на улицата „Апостол Гусларот“ биле пронајдени канистер за гориво и траги од горење во двор од верски објект, по што полицијата презема мерки за расчистување на случајот.
Еврејска заедница во Македонија го осуди инцидентот, оценувајќи го како напад врз темелните вредности на општеството и предупреди на зголемен говор на омраза и нетолеранција.
Од заедницата апелираа за целосно расветлување на случајот и обединета осуда од институциите, верските лидери и граѓаните.
Македонија
Унгарија не смее да биде прибежиште за криминалци, рече Маѓар и го спомена и Груевски кој таму доби азил
Новоизбраниот премиер на Унгарија, Петер Маѓар, ја критикуваше одлуката на владата на Виктор Орбан да им одобри азил на полските политичари Збигњев Жиобро и Марцин Романовски, кои се товарат за злоупотреба на службената должност.
Тој порача дека Унгарија не смее да биде прибежиште за лица обвинети или осудени за криминал, при што го спомена и поранешниот македонски премиер Никола Груевски.
„И тоа не важи само за нив, туку и за г. Никола Груевски, поранешниот премиер на Северна Македонија“, изјави Маѓар.
Економија
Нафтата над 102 долари: стравот од блокадата врз Иран го тресе пазарот
Цените на нафтата денеска пораснаа на меѓународните пазари и се приближија до 102 долари по барел, поради стравувањата на инвеститорите дека американската поморска блокада врз Иран дополнително ќе ги намали испораките од регионот на Персискиот Залив.
На лондонскиот пазар цената на барелот попладне достигна 101,85 долари, што е зголемување од 6,65 долари во однос на затворањето на крајот од минатата недела. На американскиот пазар, барелот поскапе за 6,07 долари и достигна цена од 102,64 долари.
Пазарите на почетокот на неделата беа потресени од најавата на американскиот претседател Доналд Трамп за воведување поморска блокада на Иран, поради незадоволството од позицијата на Техеран во преговорите во Исламабад.
САД се залагаа за итно отворање на Ормуски теснец, но Иран инсистирал на прекин на огнот на сите фронтови, вклучително и во Либан, како и на одмрзнување на својот имот.
По објавата на примирјето меѓу САД и Иран во средината на минатата недела, Израел повторно изведе воздушни напади врз Либан, при што загинаа повеќе од 300 луѓе.
По заминувањето на американските преговарачи од Исламабад, предводени од потпретседателот Џејмс Дејвид Венс, Трамп најави блокада на влезот во Ормускиот теснец, додавајќи дека американската морнарица ќе ги запира сите бродови што платиле транзитна такса на иранските власти.
Американската морнарица за Ројтерс појасни дека блокадата ќе биде воспоставена во Оманскиот Залив и во Арапското Море, источно од теснецот, при што првично беше наведено дека ќе се запираат сите бродови, а подоцна дека ќе се блокираат само оние со ирански пратки.
Вашингтон на тој начин сигнализира дополнителна ескалација на конфликтот, кој веќе сериозно ги намали испораките на нафта од регионот.
Техеран возврати дека американската блокада претставува „пиратство“ и предупреди дека, доколку иранските пристаништа бидат загрозени, нема да бидат безбедни ниту пристаништата во Персискиот и Оманскиот Залив.
Од почетокот на март, Иран извезол околу 58,75 милиони барели нафта, според податоците на порталот Windward.
Одделни пресметки на ОПЕК покажуваат дека цената на барелот од кошницата на нејзините членки во петокот изнесувала 105,28 долари, што е намалување за два долари.
