Црна хроника
Охриѓанец пренесувал 86 килограми марихуана по патот Прилеп – Градско

Основното јавно обвинителство Прилеп донесе наредба за спроведување истражна постапка против едно лице, за кое постои основано сомнение дека сторило кривично дело неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори од член 215 став 1, како и спречување на службено лице во вршење службено дејствие од член 382 став 3 во врска со став 2 и став 1 од Кривичниот законик.
„На 31 мај, осомничениот 24-годишник од Охрид, по магистралниот пат Прилеп – Градско пренесувал 86,11 килограми наркотична дрога марихуана, наменета за натамошна продажба. Дрогата ја сместил во четири патни торби, на задното седиште од автомобилот, па во близина на бензинска пумпа на излезот од Прилеп бил сопрен од полициски службеници. Кога се обиделе да извршат контрола, со употреба на сила, тој ги спречил службените лица. На даден знак, тој најпрвин го запрел возилото, а кога полициските службеници се доближиле да го проверат неговиот идентитет и сообраќајните документи, нагло со големо забрзување се дал во бегство, возејќи во правец кон полицајците. За да го избегнат ударот, тие скокнале на страна, а осомничениот со автомобилот удрил во службеното полициско возило и во уште еден автомобил во близина. Потоа продолжил да вози кон Градско и кога пристигнал кај местото викано Ленишки мост, запрел и започнал од автомобилот да ги исфрла торбиците со дрога. Полициските службеници го забележале, го совладале и го лишиле од слобода“, се наведува во соопштението од Обвинителството.
Надлежниот јавен обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот суд во Прилеп доставил предлог за определување мерка притвор, оценувајќи дека постои опасност осомничениот да се даде во бегство и да се обиде да ги прикрие трагите од извршеното дело. Судијата на претходна постапка го прифати предлогот и на осомничениот му определи притвор во траење од 30 дена.
*Фотографијата е илустрација, а не од конкретниот настан
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Црна хроника
Казнети 66 возачи во Ченто, одземени едно возило и еден мотоцикл

Денеска (26.06.2022) во периодот од 10.00 до 16.00 часот Одделението за безбедност на сообраќајот на патиштата спроведе засилена акциска контрола во делот на сообраќајот на територијата на Општина Гази Баба, односно населба Ченто.
При контролата санкционирани се вкупно 66 возачи, од кои 15 за возење без возачка дозвола, четири за нерегистрирани возила, три санкции за возач почетник, две мерки за користење мобилен телефон, седум возачи на мотоцикли поради неносење заштитна кацига… Едно патничко моторно возило е одземено и еден мотоцикл поради истечена сообраќајна дозвола и предизвикување голема бучава.
МВР апелира до граѓаните да ги почитуваме сообраќајните правила и прописи за да ја зголемат безбедноста во сообраќајот и заедно да придонесат за посигурни патишта.
Црна хроника
98 казни за брзо возење на автопат Куманово – Скопје – Велес

Денеска (26.06.2022) во периодот од 09.00 до 15.00 часот Мобилната единица за безбедност на сообраќајот на патиштата спроведе засилена акциска контрола на автопатот Куманово – Скопје – Велес за санкционирање на возила кои се движат со брзина поголема од дозволената, при што санкционирани се 98 возачи. Од нив, 18 возила се движеле со брзина над 50 километри на час повеќе од дозволеното, а три возила се движеле со дури над 70 километри на час повеќе од дозволената брзина.
МВР апелира до сите учесници во сообраќајот да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи и заеднички да придонесат за побезбедни патишта.
Црна хроника
Притвор за пазарџијата кој со комбе се обиде да прегази инспектори и полицаец во Прилеп

Ресенчанецот кој вчера со комбе се обиде да прегази инспектори и полициски службеник откако бил отстранет од Градскиот пазар Припел каде продавал производи, се здоби со мерка притвор во КПУ Затвор Битола.
СВР Битола-ОВР Прилеп до Основното јавно обвинителство Прилеп поднесе кривична пријава против Н.К.(53), поради постоење на основи на сомнение за сторено кривично дело „загрозување на сигурноста” и две кривични дела „напад врз службено лице при вршење работи на безбедноста”.
Од МВР информираат дека полицискиот службеник испукал со пиштол во гумите на возилото.