Црна хроника
Повредени малолетничка и тинејџер, со автомобил излетале од патот
Денеска во 00.30 часот во СВР Куманово било пријавено дека на регионалниот пат Куманово – Свети Николе, кај надвозникот кај с.Проевце, кумановско, патничко возило „мерцедес“ со скопски регистарски ознаки, управувано од П.М.(18) од Куманово, излетало надвор од коловозот.
Во несреќата со тешки телесни повреди се здобила неговата малолетна сопатничка од село Кучкарево, кумановско, а со телесни повреди се здобил возачот на возилото, констатирани во Општата болница Куманово. Извршен бил увид од увидна екипа од СВР Куманово.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Црна хроника
Пензионер во својот дом во Козле неовластено држел муниција и експлозив, поведена истрага
Основното јавно обвинителство Скопје донесе Наредба за спроведување истражна постапка против едно лице за кое постои основано сомнение дека сторило кривично дело – Неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје или експлозивни материи од член 396 став 5 во врска со став 3 и став 1 од Кривичниот законик.
Осомничениот 66-годишен пензионер, во својот дом во Козле, неовластено држел муниција и експлозивна материја кои на граѓаните им се забранети – една рачна бомба полнета со 100 гр. ТНТ експлозив и запалка, 181 куршуми боева муниција со различен калибар наменети за автоматски пушки и тешки митралези, шест тегли со сачми со различна големина на оловни проектили со вкупна маса од околу 2.800 грама, четири најлонски ќеси со барут и два алати за изработка на ловна муниција.
Поради опасност од бегство и можност да го повтори делото, јавниот обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје достави предлог за определување мерка куќен притвор за осомничениот.
Црна хроника
Постапка против 29-годишник за полово вознемирување дете во Тетово
Основното јавно обвинителство Тетово поведе постапка против 29-годишник од селото Церово кој е осомничен дека спрема малолетничка родена 2007 година сторил кривично дело – Злоупотреба на лични податоци од член 144 став 2, како и Полово вознемирување според член 190-а став 1 од Кривичниот законик.
Осомничениот во повеќе наврати, преку една социјална мрежа, ја контактирал оштетената, објавувал нејзини фотографии придружени со текст со вулгарна и недолична содржина, упатувал непристојни пораки со што ја нарушувал нејзината чест и углед и предизвикувал чувство на непријатност, навреденост, понижување и страв.
По предлог на јавниот обвинител, судијата на претходна постапка од Основниот суд во Тетово на осомничениот му определи мерка притвор во траење од осум дена.
Црна хроника
Фатен бегалец од КПУ „Затвор Куманово“
Вчеравечер, околу 22.30 часот, во Скопје полициски службеници од Оперативниот тим потраги при СВР Скопје го лишија од слобода 26-годишниот А. А. од Скопје, кој по наредба од Основниот кривичен суд Скопје бил баран поради бегство од КПУ „Затвор Куманово“, а бил осуден на казна затвор од четири години и седум месеци во врска со чл. 215 ст. 3 за сторено кривично дело неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори, извести МВР.
Исто така, А. А. бил баран и во врска со кривично дело по чл. 259 (изнуда). Лицето ќе биде предадено на надлежната казнено-поправна установа.