Топ
Почина пожарникар во Скопје, му се слошило додека гасел пожар

Пожарникар кој учествувал во гасење пожар во близина на транзитниот центар за странци во Скопје починал неколку часа по интервенцијата. Од МВР соопштуваат дека на пожарникарот му се слошило додадека го гасел пожарот и бил пренесен во болница, каде што починал.
Според информациите од полицијата, вчера околу 16:30 часот во Скопје, во непосредна близина на транзитниот центар за странци се запалила поголема површина на сува трева и неколку дрвени куќички, напуштени гулабарници, додека во делот на транзитниот центар горела помала површина на сува трева.
При гасењето на пожарот на пожарникарот Г.Ј.(47) од Скопје му се слошило и со возило на Итна медицинска помош бил пренесен во комплекс клиники „Мајка Тереза“, каде што починал во 18:30 часот. Со наредба на Јавен обвинител, телото на починатиот е предадено на обдукција за да се утврдат точните причини за смртта.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Крвав четврток
Игор Југ: За да си ги спасат своите задници и банкарски сметки, наместија невини луѓе да спијат во затвор

Политичките елити што беа директни и индиректни творци на 27 април се осмелија да одредуваат за вината на обвинетите во случајот. Во протестите ме нервираше една работа, а тоа е – оние што најмногу повикуваа на протести, ниту еднаш не излегоа. Ние ги избиравме за да нè водат, а не да се кријат зад нас. Но, по сè изгледа, не беше така, рече обвинетиот Игор Југ во своите завршни зборови на денешното рочиште за крвавиот четврток.
„За да си ги спасат своите задници и банкарски сметки, наместија невини луѓе да спијат во затвор, а оние што ги отворија вратите добија амнестија за да не кажат кој им рече да го сторат тоа. Покрај отворачите на портите, во амнестијата се протнаа и ликовите од Готам сити, предводниците на револуцијата, која дебело ја наплатија“, рече Југ.
Според Југ, неговиот физички изглед бил пресуден да се најде помеѓу обвинетите, ќелав, тетовиран, висок и со над 100 килограми, а дополнителен фактор била маицата ХОС, која ја носел.
Тој рече дека во Собранието не сторил никакво кривично дело, но со изгледот и гардеробата направил бум.
Југ потенцира дека немал задача да го убие премиерот Зоран Заев, а доколку сакал да го стори тоа, можел да го направи без проблем.
„Ако сум имал задача да го убијам Заев, зошто не сум го сторил тоа. Да сакав, таму можев кого било да задавам со рацете, не ми требаше оружје. Јас не се ни обидов да му пријдам на Заев. Ако бев атентатор, ќе носев маска и долги ракави за да си ги прикријам тетоважите. Кој би најмил ветеринар да го убие премиерот. Тоа го прават професионалци. Кој калибар сум јас за да ми дадат задача да го убијам премиерот. Имам шеќер од кој ми е расипан видот. За ладнокрвно убиство треба способен човек и професионалец“, рече Југ.
Судењето за 27 април продолжува со завршните зборови на обвинетите. На денешното рочиште завршен збор дадоа разузнавачот Мунир Пепиќ, Јане Ченто, Игор Дурловски, Горанчо Анѓеловски-Ќосето и Игор Југ.
Останува свој завршен збор да дадат обвинетите Влатко Трајковски, Вилијам Михајловски, Никола Митровски-Кољо и Александар Василевски. По завршување на завршните зборови, следува пресуда за крвавиот четврток.
Македонија
Ставот на Адеми појак од оној на Заев: Ќе се преиспитуваат само одбиените проекти од скандалозниот конкурс за култура

По обелоденувањето на скандалозниот конкурс на Министерството за култура, каде што бројни проекти кои со години наназад ја обележувале македонската културна сцена беа одбиени, а на сметка на тоа пари за проекти добија анонимни лица и новоотворени фирми, премиерот Зоран Заев и министерот за култура, Асаф Адеми, одржаа средба, откако претходно излегоа со различни ставови. Заев тврдеше дека целиот конкурс ќе биде поништен, додека Адеми рече дека ќе се приспитуваат само одбиените пријави.
Според соопштението што беше испратено од Министерството за култура, очигледно ставот на Адеми бил поцврст.
„На средбата беше усогласен ставот комисиите по дејности да ги преиспитаат одбиените пријави и, во согласност со Законот за општата управна постапка, на субјектите кои доставиле пријави да им се даде можност во соодветен рок да достават дополнителни појаснувања и документација за пријавите кои имале формални недостатоци. Дополнително појаснување на доставената пријава може да се побара само за проектите за кои стручната комисија оценила дека се во функција на развој, афирмација и промоција на културата во Република Северна Македонија и кои имаат предуслови да бидат избрани за проекти од национален интерес во културата за 2019 година“, стои во соопштението.
Ова значи дека конкурсот нема да биде поништен, односно нема да бидат ревидирани проектите кои се веќе одобрени.
„Министерот Адеми ги поканува сите апликанти кои имаа забелешки на состаноци во Mинистерството со цел да се дефинираат чекори со кои во иднина би се избегнале недоразбирања или недостатоци при јавните конкурси. Исто така, министерот останува отворен за укажувањата и потребите на националните установи со чии раководители е во постојан контакт и за кои, според Законот за културата, се можни промени во финансирањето во текот на целата година“, се вели во соопштението.
Според Министерството, со новиот закон за остварување на јавниот интерес во културата ќе се унапредат начините на поддршка на проектите во културата, за што и Министерството и сите чинители во оваа сфера се согласни дека актуелната норматива не ги задоволува потребите на современото време.
„Со донесување на новиот закон, чиј предлог-текст е сè уште отворен за сугестии од сите засегнати страни, уверуваме дека ресорот култура во иднина ќе ги добие потребните системски решенија за кои се залага голем дел од јавноста во културата“, велат од Министерството.
Резултатите од скандалозниот конкурс беа објавени пред десетина дена. Скопскиот џез-фестивал и фестивалот „Оффест“ беа отфрлени на конкурсот, исто како и сите предложени проекти на „Авалон продукција“. Реакциите од јавноста беа жестоки, оставка од Советот за култура даде театарскиот режисер Зоја Бузалковска, а актерот Оливер Митковски, еден од членовите на комисиите, даде издвоено мислење во кое го критикува изборот.
„Макфакс“ веќе објави дека на шест пријавени фирми на скандалозниот конкурс за проекти од национален интерес во културата за 2019 година, во делот за музичко-сценска дејност една како по правило е од Тетово, а некои од фирмите биле формирани непосредно пред објавувањето на конкурсот.
Македонија
Мијалков: Секој ден сме на судење

Несогласување и високи тонови помеѓу обвинетите и обвинителите на СЈО за тоа дали денеска да продолжи судењето на случајот „Титаник 2“.
Откако по паузата, пред судот говореа адвокатите Боро Тасевски, Димитар Дангов и обвинетиот Влатко Сајковски, судијата Огнен Ставрев рече дека обвинетиот Мендух Тачи имал неодложни обврски до 17 часот и подвлече дека судењето ќе продолжи во 17:15 часот.
На ова изреагира обвинетата Анета Стефановска, која рече дека доаѓа од Битола и дека доколу судењето продолжи утре, ќе треба повторно да патува, а за тоа има проблеми од работа.
На ова се надоврза Љупчо Шврговски, адвокат на ексдиректорот на УБК, Сашо Мијалков, кој рече дека имаат и други судења и им треба време за подготовка за утрешните рочишта. Во дискусијата се приклучи и Мијалков, кој рече: „Сeкој ден сме на суд, и денеска, и утре и задутре“. По ова, со коментари се вмешаа и останатите адвокати на обвинетите.
Обвинителката Фатиме Фетаи посочи дека веќе еднаш направиле отстапка за усогласување на термините со цел денешното рочиште да се заврши со завршните зборови на сите обвинети. Судијата Огнен Ставрев даде пауза до 17:15 часот, кога треба да продолжи изнесувањето на завршните зборови на Анета Стефановска и Сашо Мијалков и нивните адвокати.
Во случајот „Титаник 2“, за кривичното дело „злоупотреба на службената положба и овластување“ се обвинети лидерот на ДПА, Мендух Тачи, и поранешните членови на ДИК: Бедредин Ибраими, Анета Стефановска, Влатко Сајковски и Сашо Срцев. Ексдиректорот на УБК, Сашо Мијалков, е обвинет за кривичното дело примање награда за противзаконито влијание. Според обвинението на СЈО, Мијалков и Тачи се испазариле и успеале незаконски да биде поништено гласањето на локалните избори во Струмица во 2013 година. Во предметот беа обвинети и 5 управни судии, но Апелацискиот суд ги спаси од кривичен прогон.
- Истражувања3 месеци
(ВИДЕОИСТРАЖУВАЊЕ) Како Груевски го купуваше имотот на ВМРО-ДПМНЕ
- Истражувања3 месеци
Во дворот на МЗТ ќе се гради фабрика за преработка на медицински отпад, паника кај околните фирми
- Истражувања1 месец
(ВИДЕО) Градоначалничката на Арачиново со службени пари купувала суџук, мирисливи свеќи, пилешки гради и дрвени лажици
- Проверка со факти3 месеци
Заев прифаќа амнестија за 27 април, а тврдеше дека нема да има
- Истражувања2 месеци
Фондот за иновации прво одобрил грант од 200 илјади евра на сопругот, па ја вработил сопругата
- Проверка со факти2 месеци
(Видео) Шекеринска: Нема да се пазариме со амнестија
- Проверка со факти2 месеци
(Видео) Макрадули: Популизмот не помага при решавање со загадувањето
- Македонија2 недели
Скандалозна распределба на пари во култура – има за тетовски, нема за скопски џез-фестивал