Топ
Разбиена криминална група од Струмица, продавале хероин за 1.500 денари за грам

Одделот за специјални полициски операции и Одделот за сузбивање организиран и сериозен криминал разбија криминална група од Струмица, која се занимавала со продажба на наркотична дрога хероин.
Како што наведува МВР, организатор на криминалната група е В. С. (45) од Струмица, лице со криминално минато, осудуван за тешки кривични дела, како и за недозволена трговија со дрога. Тој, според информациите, организирал набавка на наркотична дрога хероин во количини од половина килограм, која потоа ја препакувал во помали пакувања (од еден до пет грама) и ја продавал за цена од 1.300 и 1.500 денари за еден грам на уживатели и дилери од Струмица и Штип.
Во продажбата на дрогата бил инволвиран и Т. К. (49) од с. Добрејци, Струмица, кој по добиени насоки од организаторот, од својот дом во с. Добрејци хероинот им го продавал на уживатели и дилери.
„Во почетокот на октомври 2019 година, во Штип, од страна на полициски службеници уапсен е В. М. (33) од Штип кај кого при личен претрес пронајдена е наркотична дрога хероин, која ја купил од В. С. од Струмица поради што СВР Штип против В. М. поднесе кривична пријава за неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори.
На 25 и 26.10.2019 година во Струмица лишени од слобода се шест лица од Струмица за кои во истрагата е утврдено дека купувале наркотична дрога хероин од В. С. и Т. К.. При претреси на седум локации во Струмица, кај пет лица, меѓу кои и станот што го користел В. С. во Струмица, пронајдени се речиси половина килограм наркотична дрога хероин, спакувана во неколку кеси, и смеса за мешање, 45.000 денари, 325 евра, а запленети се две патнички возила, кои биле користени за продажба на хероинот“, соопшти МВР.
По завршување на истрагата, СВР Струмица поднесе кривична пријава против В. С. и Т. К. за сторено кривично дело неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори и против П. С. (42) од Струмица за сторено кривично дело помагање во неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори.
Од страна на судија на претходна постапка на В. С. и Т.К. одреден им е притвор во траење од 30 дена. Во рамките на стратешкиот приоритет за 2019 година на Министерството за внатрешни работи борба против недозволената трговија со дрога и оружје, МВР ќе продолжи со интензивни активности, со посебен акцент на сузбивање на уличната продажба на наркотични дроги.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Европа
Чешка ќе бара Русија да плати отштета за експлозијата во магацинот за оружје

Долниот дом на чешкиот парламент усвои документ со кој се повикува владата да побара обештетување од Русија за експлозијата од 2014 година, во складиштето за муниција во чешкото село Врбетице, објави денеска чешкиот весник „Днес“.
Пратениците исто така ја повикуваат владата да го намали бројот на руски дипломати во Чешка и ја поддржаа одлуката на владата да протера 18 вработени од руската амбасада, кои ја напуштија Прага во понеделникот, пренесува руската новинска агенција ТАСС.
Долниот дом на чешкиот парламент исто така ги повика министрите да се спротивстават на акциите што му штетат на суверенитетот на Чешката Република.
Според документот, на руските компании не смее да им се дозволи да учествуваат во стратешки важни инфраструктурни проекти на територијата на Чешка, како што е изградбата на нуклеарни централи.
Претходно, чешкиот премиер Андреј Бабиш изјави дека Министерството за финансии подготвува тужба за отштета против оние кои стојат зад експлозијата во складиштето за муниција во селото Врбетице.
„Нанесена е огромна штета. Министерството за финансии подготвува тужба со барање за обештетување“, најави Бабиш.
Бабиш во саботата вечерта (17 април) соопшти дека руската воена тајна служба ГРУ била одговорна за двете големи експлозии во магацинот со оружје во јужна Чешка, при што загинаа две лица.
Во чешката јавност сè погласни се обвинувањата за „руски државен тероризам“ и земјата е исправена пред промена на својата досегашна надворешна политика кон Русија.
Владата во Москва реагираше веднаш и прилично остро. Министерството за надворешни работи ги нарече обвинувањата „апсурдни“ и од своја страна протера дваесет чешки дипломати од Русија, односно речиси целиот персонал во амбасадата на Чешка.
Свет
Израел подготвува нова рунда на вакцинација, сега и на децата

Израел планира нова рунда на вакцинација против коронавирус за шест месеци, во која ќе се вакцинираат и деца, најави премиерот Бенјамин Нетанјаху.
Тој им рече на Израелците на прес-конференција синоќа да се подготват за нов круг на вакцинација.
Израелските медиуми објавија дека станува збор за набавка на 18 милиони дози, со можност за последователна набавка на дополнителни вакцини.
Пред два дена Израел склучи нови договори за набавка на вакцини со компаниите „Фајзер“ и „Модерна“.
Свет
(Видео) Дерек Човин прогласен за виновен за убиството на Џорџ Флојд, ова е моментот на изрекување на пресудата

Поротата синоќа донесе пресуда во врска со убиството на Афроамериканецот Џорџ Флојд. Полицаецот Дерек Човин е виновен по сите точки на обвинението.
Поротата донесе одлука по три недели и сведочење на 45 сведоци, вклучително и случајни минувачи, полицајци и медицински експерти. Состанокот на поротата започна во понеделникот и траеше нешто повеќе од 10 часа.
Дванаесет поротници го прогласија поранешниот полицаец за виновен по три точки. Максималната казна за првата точка не може да надмине 40 години затвор, за втората не повеќе од 25 години, а максималната казна за третата точка од обвинението е 10 години и/или 20 илјади американски долари.
Пред зградата на судот се собрала толпа од неколку стотици луѓе кои со извици на одобрување ја дочекале веста за пресудата.
Обвинителството побарало укинување на кауцијата, а Човин со лисици на рацете беше изнесен од судницата.
Според судијата Питер Кејхил, пресудата би можела да биде изречена за осум недели.
Со изрекувањето на пресудата на Човин за смртта на Џорџ Флојд, обвинителите ќе започнат да го вртат вниманието кон постапката против тројцата други вклучени во апсењето.
Ту Тао, Џеј Александер Куенг и Томас Лејн, сите отпуштени од должноста и уапсени неколку дена откако Флојд почина лани во мај, на судењето на 23 август ќе се соочат со обвиненија за помагање при убиството на Флојд.
Џорџ Флојд почина при брутално полициско апсење во Минеаполис на 25 мај минатата година. Снимките од белиот полицаец кој со колено го притиска вратот на Афроамериканецот, кој потоа почина, предизвикаа протести против расизмот ширум светот.
Нивниот слоган беше „Не можам да дишам“, фраза која ја повторуваше Флојд додека полицаецот Човин со коленото речиси осум минути го притискаше неговиот врат.
- Свет3 месеци
Поради примање мито во Кина погубен поранешен државен функционер
- Европа2 месеци
Планот за отклучување на Германија протече во медиумите, Меркел: Имаме трет бран
- Економија2 месеци
Сите брендови на Индитекс доаѓаат во „Ист гејт мол“
- Свет1 месец
(Видео) Полиција собори маж на земја пред неговото мало дете зашто немал маска
- Регион5 дена
„Фајзер“, „спутник В“ или „Синофарм“ – истражување во Србија покажа која вакцина штити најбргу
- Економија3 недели
„Оштетени штедачи“: Фирма на Игор Џамбазов зела неповратен кредит од Еуростандард банка
- Црна хроника3 месеци
Брат и сестра нападнати на Широк сокак
- Регион2 месеци
Вучиќ за ковид-пасошите: Кои сте вие да го ограничите движењето на некој што не сака да се вакцинира?