Македонија
Распишана меѓународна потерница за 28-годишниот Анџело Ѓорѓиевски за убиството на ракометарот Тот

Министерството за внатрешни работи објави дека е распишана меѓународна потерница за осомничениот Анџело Ѓорѓиевски за убиството на ракометарот Денис Тот.
„Анџело Ѓорѓиевски род.13.1.1994 год. во Скопје, каде и живее на ул.’9′ бр.5, с. Волково. Се бара по наредба КО. бр. 1211/22 од 12.04.2022 год. на ОЈО Скопје, поради основано сомневање за сторено кривично дело убиство по чл. 123 од Кривичниот законик на РСМ“, е напишано во објавата на полицијата.
Инаку, како што беше претходно соопштено осомничени за убиството се и 22-годишниот А.К. и 19-годишната К.Л. Двајцата веќе се во притвор.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Николоски за предлогот на Макрон: Mестото на Македонија е во ЕУ, а не во втора лига

Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски, денес присуствуваше на настан посветен на одбележувањето на Денот на Европа, кој се одржа под насловот ,,Демократијата во Европа – 30 години по Мастришкиот договор” и посочи дека нашата држава е силно проевропски ориентирана.
Николоски говореше на тема за која рече дека некако се избегнува во Македонија, а која, како што кажа, не треба да се сфаќа несериозно.
„Имено, претседателот на Франција Емануел Макрон после последната победа на претседателските избори, мислам дека излезе досега со најјасен негов концепт за скицата на идниот европски модел. Како што гледаме, тој концепт од некои земји членки на ЕУ дури беше и поддржан, а вчера претседателот на Европскиот совет најави дека ќе свика еден собир на кој ќе се разговараа за оваа идеја. Накратко кажано, скицата е многу едноставна, ЕУ на постојните членки плус некоја нова земја доколку ги исполни економските, правни и системски критериуми на ЕУ, сите останати кои не сакаат да се дел од ЕУ која е една мала група од веројатно Велика Британија, Швајцарија и Норвешка и оние кои не ги исполнуваат критериумите за членство во ЕУ, секако тоа една далеку поголема група, тука се Балканските земји и земјите од Истокот на ЕУ да бидат дел од т.н. Европска политичка заедница“, посочи Николоски.
Според потпретседателот на ВМРО-ДПНЕ, таа Европска политичка заедница би била лабава форма на сојузување, без цврста хиерархија, без извршна економска моќ, некоја напредна форма, на Советот на Европа или ОБСЕ.
„Во превод, далеку од европскиот сон кој го сонуваат генерации и генерации Македонци. Оттука, за мене збунува игнорантноста на македонската владејачка структура како и на општествената елита за овој предлог. Воопшто не се отвора дебатата, а дури одредени структури се огласија и мислат дека е добра идеја. Јас лично, мислам дека за Македонија, членството во ЕУ нема и не смее да има алтернатива“, рече Николоски.
Македонија
Мицкоски: Ако се прифати барањето на Радев за преговарачка рамка, тоа ќе значи комплетна капитулација

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ при неговата посета на Општина Аеродром, одговарајќи на новинарско прашање за став околу барањето на бугарскиот претседател Румен Радев кој побарал писмени гаранции од Макрон, Македонија дека ќе го испочитува договореното кон Бугарија, истакна дека барањето на Радев се базира на декларацијата од бугарскиот парламент од ноември 2019 и доколку Владата прифати тоа да влезе во преговарачката рамка би значело комплетна капитулација.
„Да бидеме по прецизни. Тој бара сето тоа кое што е барање на Софија, а тоа барање се темели на декларацијата од бугарскиот парламент од ноември 2019 да биде содржано во преговарачката рамка, најверојатно како поглавје 35. Тоа е тоа што го бара Радев и вели, додека ова не се исполни јас не можам да дозволам да имаме прва меѓувладина и не можам да дозволам почеток на преговори. Тоа е суштината, тие се тие гаранции. Кога станува збор за гаранции морам да кажам дека јас бев тој првиот кој што во Македонија почна да зборува за гаранции и тогаш бев осуден, односно бев нападнат од страна на владата на СДСМ и на ДУИ, но гледаме дека таа работа во таа насока се свижи и секој паметен човек и човек патриот кој што си ја сака својата држава и граѓаните без разлика на нивната припадност, нормално е да има зрела меѓународна политика за разлика од нашата „домат дипломатија“ која што гледаме дека има сериозни осцилации“, истакна Мицкоски.
Тој исто така додаде дека доколку таквото барање влезе во преговарачката рамка ќе значи комплетна капитулација, или во превод асимилација и европска иднина, или никогаш нема да имаме европска иднина и дека ВМРО-ДПМНЕ не ни помислува да поддржи такво нешто во Парламентот.
„Така што ако тоа го прифати оваа влада, тоа значи комплетна капитулација. Да преведам, или асимилација и европска иднина, или никогаш нема да имаме европска иднина. Тоа е изборот, немаме трета опција. Да влезе тоа во преговарачката рамка подразбира, ќе повторам, асимилација и бугаризација сега кога практично и јасно станува дека преку Охридската Архиепископија имаме многувековна различност во однос на бугарскиот и останатите балкански народи, некој сега повторно да не враќа неколку чекори назад и повторно да прави ново предавство и нови отстапки. Тоа ВМРО-ДПМНЕ во Парламентот доколку дојде да се гласа, доколку се потребни две третини, нема намера ниту да помисли да го прифати а камоли за нешто друго. Инаку, Ковачевски и Османи може да си стават потпис на било што они мислат да си стават потпис. Јас го разбирам Османи, но не можам да го разберам Ковачевски“, потенцираше Мицкоски.
Македонија
(Видео) Мицкоски: Православните верници да се обединат околу архиепископот Стефан и Синодот

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, на денешната посета во скопската општина Аеродром даде свое мислење за односите помеѓу МПЦ и СПЦ.
Тој истакна дека архиепископот Стефан ја има неговата недвосмислена поддршка за секој чекор што го презема, исто како и останатите владици во Синодот.
„Сигурно и архиепископот Стефан и владиците во Синодот знаат што е најдобро за македонскиот народ и православните верници и затоа повикувам на единство. Ја користам оваа пригода и да ја поздравам и одлуката на вселенскиот патријарх, кога практично се тргна и шизмата, кога МПЦ-ОА влезе во канонско единство со што јасно се покажува нашата разлика од останатите балкански православни народи и јасно се става до знаење дека тоа е она кое што е вистинската патека и очекувам набргу, во периодот што следи и формално да се добие томосот и конечно да се добие автокефалност“, рече лидерот на опозициската партија.
Тој упати порака до сите православни верници да се обединат околу МПЦ-ОА.
„Јас сум свесен, како многу пати во минатото и вековите наназад дека ќе имаме луѓе кои ќе сакаат да направат поделба, кои ќе шират скептицизам, недоверба, свесен сум дека тие луѓе се под жестоко влијание на оние сили на коишто не им одговара македонско единство, кои не им одговара обединување околу Синодот на МПЦ. Ние мораме како народ да се обединиме овој пат, ние мораме да бидеме паметни, не смееме да дозволиме надворешни фактори да нè разделуваат“, нагласи Мицкоски.