Топ
Скопјанец украл паричници од факултет и приватна болница, па со картичките пазарел во маркети
Скопското Обвинителство поднесе обвинение против 40-годишен скопјанец кој крадел паричници, а потоа правел трансакции во маркети.
Како што јавија од Обвинителството, на 13 јануари, од една од канцелариите на Факултетот за ветеринарна медицина одзел машки паричник во кој имало 16.000 денари, две кредитни картички, лични документи и други предмети. Истиот ден тој употребил една од противправно стекнатите кредитни картички во маркет и направил трансакција од 666 денари.
На 15 јануари обвинетиот влегол во просториите на ПЗУ Ремедика и со употреба на физичка сила ја скршил бравата од шкаф за чување лични работи на еден од лекарите вработени во оваа здравствена установа. Од шкафчето тој одзел паричник во кој имало 4.000 денари, три платежни картички и други документи. Истиот ден, во рок од половина час, со картичките направил седум трансакции во различни маркети во вкупен износ од 4.325 денари.
Надлежниот јавен обвинител до Основниот кривичен суд Скопје достави предлог за продолжување на претходно определената мерка притвор за обвинетиот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Песков: Путин лично му даде азил на Асад
Сирискиот претседател Башар ал Асад и неговото семејство добија азил во Русија, јавуваат руските државни медиуми.
Портпаролот на Кремљ Дмитриј Песков во своето секојдневно обраќање рече дека претседателот Владимир Путин лично ја донел одлуката за давање азил, но одбил да потврди каде се наоѓа моментално Асад, пренесува Фена, а пренесува Дневни аваз.
Песков исто така не кажа кога последен пат се сретнале Путин и Асад и додаде дека не планираат да се сретнат во блиска иднина, јавува Би-Би-Си.
Песков нагласи дека Русија е подготвена да одржува контакти „со оние кои ќе бидат на власт во Сирија“.
Топ
(Видео) Уапсен е напаѓачот кај Транспортен за кој се пишуваше на социјалните мрежи
Вчера во 06.15 часот во с.Кучевиште, скопско, полициски службеници од Единицата за интерветна полиција при СВР Скопје го лишиле од слобода Д.П.(26) од с.Кучевиште, скопско.
Тој се сомничи дека во текот на 2024 година во околината на Транспортен центар во Скопје извршил повеќе кривични дела дела „разбојништво“ и „тешка краба“ на дрзок начин и за него на социјални мрежи пишуваа граѓаните.
Тој бил задржан во Полициската станица Аеродром и во консултација со јавен обвинител против е него е поднесена кривична пријава по брза постапка.
Судија на претходна постапка му определил мерка притвор од 30 дена, по што бил спроведен во Казнено – поправната установа Затвор Куманово за издржување на мерката.
Регион
Успешно опериран Милорад Додик, од операционата сала е префрлен на одделението за интензивна нега
Претседателот на Република Српска, Милорад Додик, денеска е успешно опериран во Белград, соопштија од Кабинетот на претседателот на Република Српска.
По неколкучасовна комплицирана операција, која започна во 8 часот, претседателот Додик беше сместен на Одделот за интензивна нега.
Во соопштението се додава дека претседателот на Српска им се заблагодарил на странските државници и на сите жители на Република Српска за пораките за поддршка и желби за брзо закрепнување што ги доби синоќа и денеска.
– Јавноста ќе биде навремено информирана за здравствената состојба на претседателот на Република Српска, се вели во соопштението од Кабинетот на претседателот на Српска.
Додик вчера беше итно хоспитализиран поради акутни болки. Во болницата го посети и српскиот претседател Александар Вучиќ и му посака брзо закрепнување.
„Го посетив претседателот Милорад Додик пред утрешната интервенција и му посакав брзо закрепнување и добро здравје. Очекувам продолжување на соработката и нови средби со раководството на Српска. Ни претстои многу заедничка работа“, рече Вучиќ.
„Според првата дијагноза, по потребните подготовки, ќе има операција на хранопроводот и желудникот на претседателот Додик. Јавноста ќе биде навремено информирана за здравствената состојба на претседателот на Република Српска“, изјавија вчера од кабинетот на Додик.