Топ
Сообраќајна расправија причина за бодењата со нож во Чаир, повредени тројца меѓу кои и малолетник

Скопското обвинителство победе постапка против 18-годишно момче за инцидентот што се случи синоќа во Чаир.
Од тука информираа дека постапка ќе се води и против едно дете, согласно Законот за правда за децата, а се работи за момче на 14-годишна возраст.
Оружениот инцидент што завршил со боксови и нож, почнал со вербална сообраќајна расправија, меѓу 18-годишникот и неговиот татко од една страна и 14-годишникот од другата страна.
Од прибраните докази постои сомневање дека расправијата прераснала во физичка пресметка, во која таткото и синот со употреба на физичка сила, клоци и тупаници го нападнале малолетното дете. Во тој момент детето извадило нож со кој им нанело повеќе убодни рани по телото на осомничениот и неговиот татко. Осомничениот успеал да му го земе ножот на детето и го прободел во градниот кош.
Тројцата се повредени, при што малолетникот и таткото се хоспитализирани со тешки телесни повреди. Полесни се повредите кај сега осомничениот 18-годишник, за кого јавниот обвинител веќе побара да се определат мерки на претпазливост – забрана за напуштање на живеалиштето, обврска да се јавува повремено на определено службено лице во Основниот кривичен суд Скопје, привремено одземање на патна исправа за преминување на државната граница односно забрана за нејзино издавање и забрана за приближување или воспоставување, односно одржување контакти со малолетното дете кое го повредил.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Напредок во преговорите за пругата која се гради еден и пол век: тунелот да биде заеднички проект со Бугарија, а да го плати ЕУ

Вчерашната средба во Брисел за пругата кон Бугарија која се гради повеќе од еден и пол век, премиерот Христијан Мицкоски ја оцени како исклучително успешна. Од ваквите средби тој очекува не само договор за продолжување на пругата која е дел од Коридорот 8, туку и финансиска поддршка од ЕУ.
„Очекувам ние да ја завршиме пругата од Коридорот 8 од Крива Паланка до влезот во тунелот. Од излезот на тунелот до приклучувањето со постојната пруга, тоа се некои два-три километри, треба да се направи проект и тоа да го реализира Бугарија како држава, вклучително и модернизација на целокупната пруга од Ѓуешево до Софија, а тунелот да биде заеднички проект кој ќе биде финансиран од страна на Европската Унија. Ова се отприлика концептите кон кои треба да конвергира решението. Јас сум задоволен што покажуваме дека можеме да изградиме консензус кога станува збор за заедничкиот интерес“, рече денес премиерот Христијан Мицкоски одговарајќи на новинарски прашања во Владата.
По осуммесечна пауза вчера во Брисел продолжија преговорите за железничкиот Коридор 8, а утрово Министерството за транспорт извести дека ги договориле чекорите за следните месеци и ги идентиикувале приоритетите меѓу кои е и повторно објавување на тендерот за работите на железничкиот дел помеѓу Крива Паланка и влезот на прекуграничниот тунел до крајот на 2025 година.
На состанокот беа државниот секретар во Министерството за транспорт на Македонија, Стефан Волкановски, директорот на ЈП „Железници –инратсруктура“, Синиша Ивановски, заменик-министерот за транспорт и врски на Бугарија, Љубен Нанов, а состанокот го организираше Валентина Суперти, директорка за Западен Балкан во Директоратот за проширување и Источно соседство.
Македонската и бугарската страна се договориле да формираат работни групи кои до крајот на овој месец ќе го финализираат текстот на меѓувладиниот договор со цел да се утврдат конкретните обврски на двете страни за техничките, финансиските, градежните и оперативните аспекти.
Од Министерството за транспорт и врски соопштија дека очекуваат договорот да биде потпишан оваа есен, градежните работи да почнат на почетокот на 2026 година, а тунелот да се гради по техничкиот проект поднесен од нашата земја.
За една година значително се смени ставот на Владата предводена од Христијан Мицкоски за изградбата на железничката пруга кон Бугарија. Лани, веднаш по доаѓањето на власт премиерот Мицкоски и министерот за транспорт и врски, Александар Николоски, ја уверуваа јавноста дека парите наменети за изградба на железничката пруга треба да се пренаменат за реализација на некој друг проект оти „би било лудо да се сложиме како Влада на проект којшто завршува на пола тунел во слепа улица и да потрошиме половина милијарда евра народни пари“.
Македонија
Уапсен еден од убијците на припадникот на АРМ во Батинци, обвинителството поведе истрага за двајца соизвршители

Основното јавно обвинителство Скопје денеска поведе истрага против две лица за кои постои основано сомнение дека како соизвршители сториле кривично дело – Убиство согласно член 123 став 2 точка 3 во врска со член 22 од Кривичниот законик.
На 11 јули во селото Батинци, осомничените заедно и по претходен договор, со умисла го лишиле од живот сега починатиот Агим Муареми, а притоа го довеле во опасност и животот на неговата ќерка.
На наведеното место пристигнале со автомобил “Опел астра” со кој управувал вториот осомничен, додека првиот осомничен и уште две за сега непознати лица биле сопатници. Со возилото го пресекле патот на автомобилот „КИА соренто“ во кој биле оштетените.
Првоосомничениот со огнено одружје – пиштол испукал пет куршуми кон сега починатиот и неговата ќерќа, притоа нанесувајќи му на оштетениот две огненострелни рани во градниот кош и заканувајќи се дека ќе им го убие целото семејство.
Жртвата успеала да излезе од возилото со цел да спречи убивање или грабнување на неговата ќерка и тргнал кон напаѓачите, на што тие веднаш влегле во нивниот автомобил и избегале. Ќерката повикала роднини кои го пренеле таткото во болница, но тој таму им подлегнал на здобиените повреди.
„Наредбите издадени од јавниот обвинител до овој момент резултираа со идентификување на лицето сопственик и возач на автомобилот во кој биле сторителите. Тој е лишен од слобода и денеска беше изведен пред судија на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје, каде јавниот обвинител предложи да му биде определена мерка притвор.
Потрагата за првиот осомничен продолжува, а јавниот обвинител издава наредби за идентификација и на другите за сега непознати лица инволвирани во настанот“, соопшти обвинителството.
Македонија
Продолжен рокот за ангажирање на 400 пожарникари: „Има силен инетерес“

Владата соопшти дека рокот за пријавување на јавниот повик за ангажирање 400 пожарникари низ државата е продолжен до 23 јули (среда), поради силниот интерес и позитивниот одзив на граѓаните.
Одлуката е донесена со цел да се овозможи на што поголем број заинтересирани лица да аплицираат, како дел од мерките за засилување на системот за заштита и спасување во пресрет на сезоната на пожари.
Оваа мерка е дел од Планот за вработување 2025 и претставува прво масовно ангажирање пожарникари по повеќе од една деценија. Повикот е отворен за сите квалификувани лица, а сите информации се достапни на веб-страниците на општините.
Лицата кои ќе бидат ангажирани, ќе добијат месечен паричен надомест од 24.000 денари, по што постои можност за професионално ангажирање на најдобрите. Единствен документ што им треба да пријавување е потврда од матичен лекар дека се здрави, а треба да ја достават во локалните центри за вработување.